Родителите и останатите блиски на настраданите млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“ денеска за првпат дојдоа на протестен марш и во Скопје. Со фотографии од загубените синови, ќерки, другари во рацете и транспаренти тие тргнаа од пред Јавното обвинителство и преку плоштадот „Македонија“ дојдоа до Собранието.
Голема болка, очај, но и гнев поради неправдите и системските пропусти што доведоа до пожарот, искажаа блиските на загинатите и повредените, прозивајќи ги и политичарите, и обвинителите, и пратениците, и сите за коишто сметаат дека се директно или индиректно виновни за трагедијата.
„Селективна одговорност е неодговорност“, „Каде да фатиме врски за да ги вратиме другарите“ , „Системот убива – институциите молчат“, „Дали ви тежат џебовите со детски животи?“, беа само дел од транспарентите на присутните граѓани.
„Ова не е државна институција. Државата сме ние! Ни ги зедовте децата, ни го убивте животот во нас!“, порача со солзи и револт таткото на едно од загинатите деца во пожарот.
Тој јавно ги посочи институциите и одговорните за трагедијата, обвинувајќи ги за криминал, неказнивост и директна одговорност за смртта на младите. Особено се осврна на Јавното обвинителство, кое, според него, ниту еднаш не реагирало на допрен глас ниту презело конкретни чекори. Во говорот беа посочени и низа поранешни и актуелни функционери, меѓу кои и министри за внатрешни работи, за економија и претставници на инспекциските служби, за кои родителите тврдат дека се директно одговорни за системските пропусти и трагичниот настан.
Дел од родителите влегоа и во зградата на Обвинителството, од каде што вчера упатија покана да дојдат и да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка.

Од тимот на државниот обвинител Љупчо Коцевски ги убедуваа дека продолжуваат интензивно да преземаат дејства на распити и вештачења, од коишто најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена. Обвинителите рекоа дека во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области.
По средбата со родителите, Јавното обвинителство објави отворен повик за информации, докази и лични сведоштва.
На веб-страницата на обвинителството (jorm.gov.mk) е поставен формулар кој како што соопштија од таму, граѓаните можат да го пополнат и да го испратат на електронската адреса istragakochani@jorm.mk.
„Врз основа на релевантноста на податоците, подносителите ќе бидат контактирани од страна на истражниот тим“, наведуваат од Обвинителството.
Семејствата на настраданите ги прими и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, којшто ги уверуваше дека правда за овој случај мора да има ако сакаме да имаме нормална држава, посочувајќи дека во интерес на истрагата не може да изнесе повеќе детали во овој момент.
„Не сакам политика да правам од ова. Не сметам дека овие деца го заслужуваат ова. Верувајте. Истрагата е се уште во тек. 70 луѓе се досега осомничени. Ова што го говорите го разбирам и го разбирам гневот“, изјави Тошковски. Тој, меѓу другото, посочи дека за случајот досега осомничен е и актуелен министер, актуелен директор на ДЗС и актуелен градоначалник. Средбата на Тошковски со семејствата на настраданите продолжи без присуство на медиумите.
Семејствата на настраданите пред Собранието, пак, побараа оставка од него, а пратениците ги повикаа да излезат и да им дадат одговори на нивните прашања. „Имате ли вие деца? Што чекате? Излезете“, повикаа тие. „Дали сега кога ќе дојдат избори ќе имаат храброст да дојдат. Дали мислите дека некој од Кочани ќе излезе на гласање за некоја од партиите”, рече една мајка.
Пред Собранието граѓаните имаа средба и со некои од пратениците. Најпрво излегоа оние на Левица, Борис Крмов и Јована Мојсоска, по што и пратениците од СДСМ, по што имаа разговор и со лидерот на опозицијата Венко Филипче.