На нов панел утрово посветен на предизвиците во процесот на проширување на ЕУ, претседателот на “Солуција”, Никола Димитров, заедно со министерот за надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа упатија порака до земјите членки дека време е Унијата да си го одржи зборот даден уште на Самитот во Солун 2003.
“Мораме многу повеќе да работиме за нашата цел во земјите членки на ЕУ, да убедуваме и да сме активни. Немаме луксуз да нѐ нема”, порача утрово во Делфи претседателот на “Солуција”, Никола Димитров, осврнувајќи се на важноста од европската интеграција на целиот регион:
“Прашањето на проширување е прашање на безбедност, прашање е на консолидација на границите. Кога ставате блокади и ги засилувате границите, храните политички сили кои го злоупотребуваат наративот на поделби и на големи држави – повикуваме опасни демони назад.

Самата актуелна Европска комисија беше промовирана како геополитичка, ама ако вие не можете да испорачате локално, таму каде имате најголемо влијание, како може да се надевате да испорачате на други места во светот? Ветувањата треба да се одржат”, истакна тој.
Димитров зборуваше и за предизвикот со имиџот на регионот и предрасудите што понекогаш ЕУ ги има:
“Треба да престанеме да се преправаме. Сите зборуваме са мерит базиран процес, ама тоа не е точно. Врз основа на вкупно постигнатиот напредок мојата земја е веднаш зад Црна Гора, ама тоа не е важно, оти сѐ уште сме заглавени со билатерални прашања што се испреплетени во процесот. Во многу земји членки кога се зборува за регионот веднаш се мисли на реформски застој. Но, во некои области стоиме подобро и од некои земји членки. Северна Македонија, на пример, во медиумските слободи. Но, ова малку се знае.
Ни треба поддршка од група членки поддржувачи на проширувањето, како што тоа го прави пријателска Австрија, на пример, а ние мораме што повеќе да зборуваме во еден глас, не само ние од регионот туку и заедно со Украина и Молдавија. Мораме да се поддржуваме и да помагаме – Црна Гора да успее, Албанија да ја туркаме, оти ако пак нема резултати од ЕУ, тоа ќе биде погубно за европскиот дух насекаде”.
Министерот Хоџа зборуваше дека цената за ЕУ да не го интегрира регионот е многу поголема од таа да ги отвори своите врати и исто порача дека важно е ЕУ да биде фер кога ги тестира земјите и кога ги цени постигнатите реформи, како и да биде доследна во почитување на “бесата” што ја има дадено кон целиот регион.
“Немаме план Б, ние ќе работиме, ќе бидеме ентузијасти и чекаме ферски да бидеме ценети, тоа ми е пораката до земјите членки.”
Заедно со Димитров и Хоџа, на овој панел беа и грчкиот професор Јанис Армаколас од Елиамеп, поранешниот американски амбасадор во Белград, Кристофер Хил, поранешниот вицепремиер на Косово и актуелен пратеник Енвер Хоџај, амбасадорката на Австрија во Бугарија, Андреа Бем и германскиот амбасадор во Приштина, Рајнер Рудолф.








