Глупавоста е поопасен непријател на добрината од злото. Со злото можеме да се бориме – пред глупавите сме немоќни. Ништо не можеме кај нив да постигнеме ни со протести, ни со сила, кај нив не вредат ни аргументите, Оттука, мораме да бидеме многу повнимателни со еден глупак, отколку со злобен човек – Дитрих Бонхефер
Една од најголемите интелектуалки на минатиот век, Хана Арент во 1961 кога го следи судењето на Адолф Ајхман во Ерусалим ја развива веројатно својата најпозната теза – онаа за баналноста на злото. Арент, самата Еврејка, оди во Ерусалим и наместо да види монструм, чудовиште, олицетворение на злото, таа во Ајхман гледа нешто уште пострашно – бирократ!
Гледа човек кој постојано повторува дека „само си ги извршувал наредбите“, почитувајќи ја тогашната законска власт на Хитлер. Така Арент доаѓа до својот заклучок – најголемите злосторства не се прават само од садисти или од психопати, туку мора да има цел ланец на „сосема обични луѓе“ кои се всушност и најголемата опасност – оти тие одбиваат да мислат критички и морално. Во првиот момент кога човек ќе престане да се прашува „Дали е ова исправно“? и ќе се сведе себеси на механичко спроведување на наредби од горе – злото станува неминовност.
Затоа Арент зборува за баналност на злото – не затоа што самите злосторства се банални (тие се ужасни!), туку затоа што нивните извршители се обични, досадни бирократи, кои не размислуваат за последици и кои „само следат наредби“.
Тоа е точно она што ни се случи во Гостивар!
Директорката на јавното претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, заедно со уште двајца се во притвор осомничени дека нелегално поставиле пумпи на Вардар и сакајќи да го зголемат притисокот, ја загадиле водата за пиење со фекални бактерии (педесет пати над дозволеното). Кога сфатиле што направиле, наместо веднаш да алармираат и граѓани и институции, тие се обиделе да ја поправат работата со хлорирање на водата далеку над безбедните граници, дозволувајќи цели 22 дена граѓаните да пијат вода преполна со фекалии и хлор. Ова, се разбира, резултираше со катастрофа – 3500 затруени граѓани кои побараа лекарска помош, десетици илјади болни кои се лекуваат дома и колапс на целиот град. Водата не само што не смее да се користи за пиење, туку ни за миење на раце, туширање, подготвување на храна итн… со што Гостивар ги живее своите најтешки денови во мирнодопски времиња.
Нема да навлегувам тука во дополнителни детали од кои се крева коса на глава – како само неколку денови пред ужасот да биде откриен ИЈЗ Тетово вели дека водата е супер, како не им се давало пристап на надлежните да земат мостри, како се обидоа да лажат дека болните се затруле со храна, како градоначалникот од којшто чекаме кривична не чувствува ни морална одговорност, како партиски пудлици на локалната власт под палка на ДУИ пред камери велат дека ова сето било пропаганда – водата си била петка (ама никој не се осмели пред камери и да се напие – ха!), како други пудлици маскирани во аналитичари (ха ха ха) побрзаа да кажат да не сме политизирале, имало и пострашни работи што другите партии ги направиле (сигурно да, ама со фекалии никој досега не наранил народ… буквално!), како ЈО се думаше и тактизираше кога и колку да открие од тоа што го имаат најдено, како почнаа партиски препукувања за тоа кој е крив, како партии се потепаа да се сликаат како доставуваат бесплатна вода до граѓаните, ама на ланец си го држеа членството да не излезе да протестира, како пред пет години големи пари се истуриле за „модернизација на водоводната мрежа“ што никогаш не се случила… конечно, како на сите ни е јасно дека наредбата за тие пумпи да се инсталираат сигурно не дошла од Артана, иако обвинение за некој над неа (засега) нема.
Во ништо од ова сега нема да навлезам, оти сето ова што го наредив е толку страшно и големо што си заслужува башка колумна. Но, ќе се задржам на последното, на она што е суштина и што е сепак најголемиот проблем – тоа се сите наши „Артани“… Тоа се сите наши Ајхмани, тоа се сите наши – глупаци. И тие драги мои – се најголемата наша закана. Оти за да го направиш тоа во Гостивар, не треба да си само поткупен – треба да си опасно глуп!
Македонија денес не е нападната само од корумпирани и безмилосни криминалци – нападната е од глупаци! Не како навреда, туку како реален опис. Глупави! Не само што немаат соодветно образование, не само што немаат знаење и вештини, туку тие се просто – (не само злобни) глупави!
А глупавоста е поопасен непријател на добрината од злото, вели Дитрих Бонхефер:
„Со злото можеме да се бориме – пред глупавите сме немоќни. Ништо не можеме кај нив да постигнеме ни со протести, ни со сила, кај нив не вредат ни аргументите, Оттука, мораме да бидеме многу повнимателни со еден глупак, отколку со злобен човек. Глупавоста не е отсуство на интелект, туку на човештина, на душа. Глупакот е инструмент, заробен од слогани и пароли и како таков инструмент, тој е способен да направи зло, без да разбере дека направил зло“ вели тој и тука се допира токму со Арент – најголемото зло се прави од човечиња кои слепо следат наредби.
И се по дефиниција – глупави!
Такви се и оние кои тие наредби ги даваат, оти и тие следат пароли и слогани, следат партиски интерес. Па зарем има поголема глупост од тезата дека не е важно да е стручен, важно е да е наш!?
А токму со оваа теза се владее 35 години! Низ сите структури, низ сите системи, на сите нивоа!
Да се изберат најнеспособните, најпослушните, најлојалните, оние кои немо ќе спроведуваат наредби и нема ни да прашуваат, оние кои немаат ни карактер, ни став, оние кои нема да пркосат… Таквите ќе ги избереме да ни бидат раководители, шефови, директори, пратеници, наследници за премиер, кандидати за претседател… Тие се вечно наши! И туѓите не се толку страшни, тие биле нечии, можеме да ги придобиеме, им припаѓале ним, ќе ги земеме кај нас, тие се навикнати се да припаѓаат…
Туку што да правиме со оние кои мислат, истражуваат, критикуваат, менуваат став соочени со аргументи, учат, растат, созреваат, гласни се и се борат… оние кои се ничии! И кои не се глупави! Е со нив нема како – тие мора да се држат подалеку од каква било функција! Без разлика дали е во партијата, институцијата, државата – системот е поставен така да овие луѓе бидат исфрлени!
И заменети, се разбира – со глупаци!
Ако ова не го разбереме – ништо не сме разбрале! И ниедна реформа, ниедни избори, ниедна власт, ни оваа ни нова – никогаш нема ништо длабински да реши! Оти – вриеме глупаци!
Политиката никаде во светот одамна не е битка на идеали, да не бидеме наивни. Одамна е далеку од замислата на антиката дека со неа ќе се занимаваат најблагородните души и умови, дека главната цел ќе биде јавниот интерес и општото добро, а со општествата ќе владеат најчесните, најспособните и најумните. Но, кога ќе го разјадете системот и неговите главни клетки – политичките партии до тој степен за и во ресорите што се столбови на државата без око да ви трепне, ноншалантно назначувате глупаци (само оти се ваши!), тогаш веќе сериозно сте ја преминале црвената линија – вие сте самите идиоти, а целата кула од клиентелизам, незнаење, простотија и послушност ќе се урне порано или подоцна и на вашата глава.
Бонхефер вели дека на битката со глупавоста мора да се пристапи многу сериозно и дека дури и образованието само по себе не е доволно:
„Глупавоста нема да ја победиме со подучување и учење, туку единствено преку ослободување, помирени со фактот дека и внатрешното ослободување најчесто е можно само преку она големото и општо“ вели тој.
Токму тука треба да го бараме и нашиот излез – нам ни треба нов бран на просветителство, не само на лидерство. Ако кој било во политиката, но – и во бизнис и академската заедница денес навистина си ја сака Македонија, ова ќе го разбере во суштина и ова ќе го примени. Нема поголем патриотизам од туркањето на најдобрите напред, дечки! Пораснете! Издигнете се над суетите и тесните интереси! Подадете рака! Препознајте! Признајте! Бегајте од глупаците. Ако се ваши! Немате од нив аир ни вие! Бидете големи! Отворете се! Ослободете го просторот за целиот способен, умен, убав свет… Македонија плаче за ова!
Оти, и Петре наш рекол одамна – никаде да не одиш со грд човек!
А со глупак – ни таму!








