Ужасна администрација: ДЗР открива еден куп неправилности во работењето на Фондот за пензиско

Именување директор без согласност на Владата, ангажирање лица со договор за дело за кои нема евиденција дали воопшто доаѓале на работа, стари и нерешени предмети со години...се само дел од неправилностите што државните ревизори ги откриле во работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2023 година.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) открива дузина неправилности во работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (Фондот) и со извршената ревизија за 2023 година изразува неповолно мислење за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности.

Ревизорите утврдиле дека:

  • не е извршено евидентирање на имотот во деловните книги на постојаните средства добиени по основ на стечајни постапки за кое Фондот има сопственост или пренесено право на користење;
    • пописот на средствата и обврските не е целосно спроведен;
    • за отпишаните движни ствари извршено е бришење од сметководствената евиденцијата, без одлука на Влада и без спроведување на постапка за нивно уништување или отуѓување;
    • Фондот не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акцизи и целосноста на наплатените приходите по овој основ;
    • на сметката за уплата и распределба на придонеси, на крајот на секоја година остануваат парични средства за кои дел се неидентификувани уплати на придонес и за истите не се создадени можности да се користат за исплата на пензии;
    • склучен е договор за закуп на деловен простор на 20 години без спроведена соодветна постапка;
    • слабости во спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки;
    • слабости во начинот на доделување и исполнетоста на условите за сместување во становите при домовите за живеење на корисниците на пензија со кои стопанисува Фондот;
    • слабости во безбедноста и сигурноста на ИТ системот.

Назначен директор без согласност од Владата

Управниот одбор на Фондот дури избрал и директор на институцијата без одобрение на Владата, односно во јуни 2022 година по спроведен јавен конкурс и постапка, со одлука на УО именуван е директор за кого што Владата не дала согласност, што е во спротивност со законот за ПИО и влијае на начинот на извршениот избор. Па така, Дритан Беџети, кадар на Алтернатива на Африм Гаши, директорувал во Фондот до март 2023, кога на Владата „ѝ текнало“ да не даде согласност на неговиот избор и бил поставен нов директор.

Во текот на 2023 година, спроведенa била  набавкa за тековно одржување и изведување на градежно занаетчиски работи на деловни објекти на Фондот во централата, филијалите, деловниците и пензионерските домови за кои склучени се договори и анекси кон договорите во вкупен износ од 583 илјади евра  за коja ревизорите утврдиле слабости  во нејзиното спроведување и реализација. Имено, за  позициите за кои била понудена минимална цена, во текот на реализација на договорот не се извршени нарачки. Договорот се реализирал за само неколку работни позиции кои во споредба на понудите на останатите економски оператори кои биле оценети како неприфатливи, кои за истите позиции имале од 2 (два) до 22 (дваесет и два) пати пониски цени.

Исто така, Фондот во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, подрачните единици, во Секторот за ИТ и во одделението за внатрешна ревизија, што значително влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето  на Фондот.


Ангажирани 206 лица за коишто не се знае дали оделе на работа

ДЗИР утврдил и дека во текот на 2003 година во Фондот биле ангажирани 206 лица со договор на дело за период од 2 до 12 месеци, за кои Фондот обезбедил согласности од Министерството за финансии, за коишто биле исплатени 820 илјади евра. Ревизорите  укажуваат дека не постои  евиденција за присуство на ангажираните лица поради што постои можност од исплата на парични средства на лица кои не биле присутни на работните места и не ги извршувале работните обврски. Во договорите не е предвидена обврска ангажираните лица да доставуваат извештаи за извршената работа, што не обезбедува уверување во однос на исполнувањето на нивните работни задачи и обврски за кои се ангажирани при што поголем дел од договорите  не се потпишани од страна на извршителите.

Кај делот кој се однесува на внатрешните контроли во подрачните единици (ПЕ) ревизорите утврдиле состојби кои влијаат на квалитетното извршување на работните обврски на Фондот:

  • не ажурност во работењето и постоење на стари и не решени предмети од пред повеќе години;
  • не функционалност на системот за евиденција на работното време;
  • не соодветна распределба на работните обврски помеѓу вработените и лицата по договор за дело, поголем обем на работа кај одредени ПЕ и потреба од нови вработувања;
  • речиси кај сите ПЕ е утврдена состојба на не соодветни хигиенски услови за работа во деловните простории и уништени натписни табли на Фондот, потреба од реконструкции на објектите кои во најголем дел се користат заедно со ФЗО;
  • предметите се чуваат во несоодветни услови и постојат можности за нивно оштетување од кражба, влага и поплави и уништени предмети;
  • слаба комуникација и координација на ПЕ со Централата во Скопје.

Исто така ревизорите утврдиле слабости во делот на функционирањето на воспоставените внатрешни контроли во процесот на обработка на пензиските досиеја и исплата на пензиските примања, кој се одвива преку воспоставениот електронски систем што влијае на  навременоста и точноста на постапката на пресметка и исплата на пензиските примања.

Дополнително покрај состојбите опишани во основот за неповолно мислење за финансиските извештаи, ревизорите го идентификувале клучнотo ревизорско прашање кое се однесува  на дефицитот на средства со кој се соочува Фондот во континуитет.

Приходите од наплатен придонес од плата за пензиско и инвалидско осигурување  во 2023 година се зголемени за 13%  во однос на претходната 2022 година и изнесуваат 63.340.987 илјади денари (околу една милијарда евра) со учество од 65,74% во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2023 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така секоја година бележат раст.

Структура на приходите во Фондот остварени во 2023 година

Трендот на движење на учеството на трансферираните средства од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупните приходи во периодот од  2013 до 2023 година е прикажан на следниот графиконот:

Учество на трансферирани средства од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупните приходи

Графиконот покажува дека процентот на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемува, од 2019 година бележи тренд на намалување. Во 2023 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 32,6%.

Однос вработени пензиониери 1,7:1

Во декември 2023 година бројот на осигурениците изнесува 573.372 лица додека бројот на пензионери изнесува 337.814 лица односно соодносот пензионери/осигуреници изнесува 1:1,70 и истиот бележи мало намалување во однос на 2022 година кога изнесувал 1:1,71.

Во делот на останати прашања ревизорите исто така ја истакнуваат состојбата во врска со донесениот Закон за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани во декември 2023 година со кој е извршена исплата и тоа на: корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои се евидентирани на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари.

Не оспорувајќи ги заложбите за доделување на финансиска помош на оваа категорија на граѓани, ревизорите истакнуваат дека донесувањето на овој закон кога е извесно дека ќе се спроведат редовните избори за избор на претседател на Република Северна Македонија закажани на 24.04.2024 година, распишани со Решение на Собранието на 14.02.2024 година, како и избор на пратеници во Собранието, распишани на истиот датум и закажани избори на 08.05.2024 година, за кои се исплатени средства на корисниците на пензија во предизборниот период од месец февруари до април 2024 година во вкупен износ од 1.243.322 илјади денари е во колизија со барањата на член 8-а од Изборниот законик согласно кој не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати.

Ревизорите укажуваат дека согласно одредбите од членот 8-а од Изборниот законик, исплатата на финансиската поддршка на социјално ранливите категории по распишувањето на изборите на 14.02.2024 година требало  да престане да се исплатува се до завршување на изборот на претседател на Република Северна Македонија и избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Исплатата на средствата се вршела преку разделите на МТСП, Фондот и МОН од кои по денот на распишувањето на изборите спротивно на барањета на член 8-а од Изборниот законик исплатени се средства во износ од 1.750.549 илјади денари.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here