Државната ревизија откри многу слабости во работењето на пензискиот фонд

Меѓу другото, ПИОМ доцни и по осум месеци со уплата на придонесите за здравствено осигурување на пензионерите кон ФЗОМ, со што му должи преку 136 милиони евра.

Penzioneri PIOM

Иако приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) растат, тие не се доволни да ги покријат исплатите на сите пензии во Македонија, затоа што и расходите истовремено растат, покажува државната ревизија на работењето на ПИОМ во 2024 година. Државниот завод за ревизија (ДЗР) изразува неповолно мислење  за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики. 

Приходите од наплатен придонес за ПИО во 2024 година се зголемени за 14% во однос на претходната 2023 година и изнесуваат 71,4 милијарди денари (околу 1,16 милијарди евра) со учество од 61,74% во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2024 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90,2 милијарди денари (околу 1,47 милијарди евра), покажува ревизијата.

Процентот на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемува, за да од 2019 година бележи тренд на намалување. Во 2024 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 36,71% и бележи зголемување од 4,14 % во однос на 2023 година. Врз основа на податоците од матичната евиденција на Фондот со состојба декември 2024 година, бројот на осигурениците изнесува 556.294 лица додека бројот на пензионери изнесува 343.048 лица односно соодносот пензионери/осигуреници на крајот од 2024 година изнесува 1:1,63 и истиот бележи намалување во однос на 2023 година кога изнесувал 1:1,70. Поради лошата демографска слика на државата и континуираното иселување, овој сооднос во наредните години само може да се влошува.

Ревизијата укажува на слабости во начинот на пресметката и навремената уплата на придонесите за осигурениците во вториот пензиски столб. Иако Фондот ги изготвува пресметките и ги доставува до надлежното министерство во законски утврдениот рок, средствата не се трансферираат навремено, при што во 2024 година доцнењето изнесува во просек околу два месеца. Заклучно со 27.02.2026 година, утврден е долг од 2,59 милијарди денари (околу 42 милиони евра) по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва.

Ревизијата утврди дека Фондот не врши навремена уплата на придонесите и за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), иако има законска обврска за тоа. Во 2024 и 2025 година исплатите се вршени со задоцнување од неколку месеци, при што до 28.02.2026 година придонесите се исплатуваат со доцнење од осум месеци. Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 8,42 милијарди денари,  односно 136,4 милиони евра. Оваа состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено уплатени придонеси, што негативно влијае и врз ликвидноста на ФЗОМ.

Фондот за ПИОМ во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, подрачните единици, во Секторот за ИТ и во одделението за внатрешна ревизија, што значително влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Фондот.

Во делот на административното работење на Фондот утврдени се одредени надминувања на утврдените слабости од минатите години,  но во периодот предмет на ревизија, 2024 година, ревизијата утврди дека:

– не е извршено евидентирање на движниот и недвижен имот во деловните книги на постојаните средства добиени по основ на стечајни постапки за кои Фондот има сопственост или пренесено право на користење;

– пописот на земјиштето е нецелосно спроведен и не е воспоставена целосна сметководствена евиденција на истото;

-пописот на дел од побарувањата е извршен без утврдување на правниот основ и застареност;

-Фондот не располага со целосни податоци за вкупно наплатените средства од акцизи од Буџетот и за основот за повлекување на средства од сметката од страна на надлежното министерство што влијае на потврдување на точноста и целосноста на наплатените приходи по овој основ;

-одредени слабости во начинот на издавање на деловниот простор под закуп;

-на сметката за уплата и распределба на придонеси, на крајот на секоја година остануваат парични средства кои не се користат за исплата на пензии;

-слабости во спроведувањето на дел од постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки;

-слабости во начинот на доделување и исполнетоста на условите за сместување во становите при домовите за живеење на корисниците на пензија со кои стопанисува Фондот.

Во делот на останати прашања ДЗР известува за неусогласеноста на Законот за ПИО со Законот за административни службеници во начинот на пресметка на платите на вработените. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки по кои надлежните органи имаат обврска да постапат.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here