Автор:
Ристе Костовски
магистер по економски науки

Агрегатните економски показатели во нивната структура и декомпонираност се поврзани со однесувањето на индивидуите како економски субјекти. Во таа насока, како економски субјекти (индивидуи) преференциите кои се појдовна точка при анализа на потрошувачката се разликуваат кај мажите и кај жените.
Имено, за димензионирање на било која мерка или економска политика со добар родов импакт или ефект врз жените, било тоа да е со цел намалување на ранливоста на економски шокови или некоја друга цел, неопходна е анализа на очекувањата кај жените, бидејќи очекувањата во голема мера влијаат врз ефектите на мерките. Понатаму, склоноста кон инвестиции или аверзијата на ризик, исто така се индикатори кои треба да се анализираат низ родова димензија особено при креирање на мерки за женско рурално претприемништво.
Во доменот на руралните политики особено е важна анализата на финансиската писменост кај жените во руралните средини како и финансиската независност. За добро креирана рурална политика за поддршка на жените, важен индикатор е и дигиталната писменост и инклузија со цел намалување на јазот како и можност за поголема конкурентност.
Еден од најзначајните фактори за економски раст и развој е претприемништвото.
Претприемништвото во основа претставува процес на идентификување на можностите на пазарот и нивно канализирање во бизнис идеи кои во крајна инстанца ќе се ефектуираат на пазарот преку соодветен производ или услуга.
Во основа, анализата на претприемништвото може да се прави во неколку сегменти: младинско претприемништво, женско претприемништво, социјално претприемништво или агрегирано низ сите димензии. Кога станува збор за претприемачкиот амбиент во нашата економија малку поспецифична е состојбата во делот на женското претприемништво. За развој на женското претприемништво неопходен е системски и интегриран пристап. Потребно е да се работи на јакнење на капацитетите за имплементирање на изготвената стратегија, бидејќи било каков дисконтинуитет негативно влијае на развојните процеси во областа на женското претприемништво.
Понатаму, потребно е јакнење на капацитетите за менторска поддршка на овој тип на бизниси како и креирање на потенцијал во истите за апсорпција на знаење. Пандемијата покажа дека важен фактор за опстанок и раст на бизнисите е дигитализацијата. Процесите на дигитализација се особено значајни во делот на женското претприемништво, покрај во делот на ефикасност на самите операции и во делот на подобрување на пазарниот потенцијал и раст на продажбата на производите и услугите.
Имајќи ја во предвид кохерентноста на нивоата на развој, потребен е интегриран пристап во развојот на женското претприемништво со руралното претприемништво. Во овој сегмент потребна е поголема вклученост на општините, особено руралните општини и во делот на имплементирање на проекти за развој на женското претприемништво во руралните средини и во делот на колку што е можно повеќе издвојување на финансиски ресурси за стимулирање и развој на женското претприемништво во руралните средини. На овој начин ќе се постави добра основа за развој на женското претприемништво, чии ефекти понатаму се мултиплицираат и на пазарот на труд, растот на продуктивноста и воопшто подобрата благосостојба.








