„Како се пикнале во грамофонот сите тие луѓе што пеат и свират таму?“ Она што го копкало Веселин Теохаров кога бил 4-5 годишно детенце таму некаде во раните 1980-ти е всушност почетокот на една приказна што ќе се развие во голема љубов, вистинска пасија кон музиката и аудио опремата.
Неколку децении подоцна Теохаров е меѓу првите, а веројатно и единствен производител на врвни, high-end аудио компоненти во Македонија, коишто веќе се извезуваат и на странски пазари. Она што е плод на огромен ентузијазам, акумулирано знаење, љубопитност, усовршување и се разбира, бескрајни непроспиени ноќи поминати во аудио лабораторијата, од пред неколку години добива своја препознатливост и јавна свесност под брендот Теохаров (името е заштитетна трговска марка), со јасно дефинирана развојна, производна и маркетинг стратегија.
Разговаравме со Веселин во просториите на Аудио Култура, изложбениот салон каде што може да се види и слушне широка палета на производи со потпис Теохаров, но и опремата којашто неговата компанија ја увезува и продава, а е од врвни европски и светски брендови, како Focal, Rega, Arcam, Naim и др.

„Слушам музика буквално откако знам за себе. Го памтам и првиот албум, првата грамофонска плоча која што сум ја слушнал, ми се појавува пред очи како вчера да било – Communique од Dire Straits, кај нашите соседи. Оттогаш просто се заразив со музиката, ги слушав сите касети што можев да ги најдам, на касетофонот што го поседуваа моите родители. Но, тоа не ми беше доволно, па го расклопував касетофонот, менував делчиња, правев звучни кутии од картон… Татко ми беше инженер во МРТВ, одговорен за предаватели, а во слободно време сервисираше различна ТВ и радио опрема, па и оттаму се наоѓаше по некое мало звучниче што мене ќе ми завршеше работа. Подоцна почнав да правам звучни кутии од масивно дрво. Првите звучници се направени во Берово, каде го поминував целото лето. Дека музиката уште одамна е влезена во мојот живот и е поврзана со пасијата за добар звук е и фактот што за време на тие летни одмори во Берово првите лично заработени пари се од пуштање музика, но истите тие заработени пари од музика беа потрошени за набавка на материјали за изработка на првите звучници. “, се сеќава Веселин на своите пионерски обиди во креирањето аудио компоненти.
Во потрага по перфекција
Електрониката и телекомуникациите се едукативниот пат кој Веселин го поминува почнувајќи од електротехничкото училиште Орце Николов, каде како матурска тема констриура засилувач, до електротехничкиот факултет, за во 2007/08 да запише магистерски студии по насока електроника. Учењето, истражувањето и развој на производи го олеснува и фактот што во тој период фамилијарната фирма која тој ја води има базична инфраструктура и сопствена лабараторија која му овозможува постојано истражување и експериментирање.


“Нашата компанија чија основна дејност е инсталација и одржување на базни станици и опрема за телекомуникации располагаше со квалитетна опрема и сопствена лабараторија во која имав можност деноноќно да истражувам и експериментирам. Како резултат на основната дејност на компанијата во тоа време имав прилика да работам на голем број различни ФМ и ТВ засилувачи, како и да тестирам голем број комерцијлани засилувачи и звучници од светски брендови, но незадоволен од перформансите и квалитетот на опремата, цело време имав порив да сменам нешто во нив, бев убеден дека може да се постигне нешто подобро од тоа што можеше да се најде на пазарот. Потрагата по совршен звук е почната многу одамна, а со сигурност ќе трае уште многу, бидејќи совршеноста е недостижна” – вели нашиот соговорник
Првите засилувачи и звучници комплетно креирани и конструирани од него се појавуваат некаде на почетокот на 2000-те години како прототипи, кои во тоа време сеуште не ја носеа денешната ознака.. Со потписот „Теохаров“ почнуваат да излегуваат компоненти од неговата лабораторија дури десетина години подоцна. На почетокот изработувал опрема претежно по нарачка, или custom made како што се вели. Основниот начин за комуникација и маркетинг во тоа време бил добриот глас пренесен од човек на човек, процес низ кој веројатно мора да поминат сите компании во таа фаза. Развојот и зголемената побарувачка, како и поттикот од неговиот брат Михаил, сега задолжен за маркетинг стратегијата и финансиското работење на „Теохаров“, брендот в во 2019 се појавува поинтензивно на пазарот, со јасно дефинирани цели и стратегија за позиционирање најпрво на домашниот пазар, а со долгорочни планови и за проширување на странските пазари. Веројатно во иднина, овој период ќе може да се обележи како преод на Теохаров кон поширокиот пазарен сегмент, каде целна група која сакаме да знае за Теохаров веќе не се само постоечките “аудиофили”, напротив, сакаме да креираме нови љубители на добриот звук и да внесеме што поголем број на млади луѓе во светот на музиката.
Ваквата поставеност и позицонираност на Теохаров е во согласност со долгорочните цели кои веруваме дека ќе донесат бенефит за компанијата, но тоа се и цели кои не излегуваат од насоката и основните постулати на Теохаров, а тоа се врвен квалитет, многу наука инкорпорирана во секој производ со ознака Теохаров, доверливост и транспаретност. За остварување на овие цели силно сме фокусирани на правилно комплетирање на нашата палета на производи, стандардизација и сертификација на квалитетот на секој производ, како и креирање на максимална вредност и задоволство на нашите купувачи.
Откако „Теохаров“ добива поширока препознатливост во јавноста со својот маркетиншки пристап, почнува да расте и интересот за нивните аудио компоненти, и дома, но и на пазарите во регионот, па и пошироко. Компанијата неколку години досега изложува на саеми во Белград, Загреб и други места, предизвикува голем интерес кај публиката, добива понуди од локални дистрибутери за соработка и е рамо до рамо со брендовите што се број еден во светот во high end сегментот на аудио опрема.

Една музичка легенда и една „Legendary“ серија на звучници
Изминатиов период „Теохаров“ предизвикува особено внимание во пошироката јавност со соработката со нашата музичка легенда Влатко Стефановски чијшто потпис стои на моделот наречен “Legendary” мулти-амплифициран систем со вграден нетворк плеер. Моделот е ексклузивна лимитирана серија кој ќе биде изработен само во 15 примероци, од кои еден ќе биде за Веселин и еден ќе биде за Влатко Стефановски.
Веселин растел со музиката на “Леб и сол“ меѓу другото, и Влатко е всушност еден од неговите музички идоли со години. И самиот Стефановски има кажано дека отсекогаш бил во потрага по совршен баланс во звукот, седејќи на обете страни од звучниците. Како гитарист, композитор, продуцент од една страна, и како фан на музиката, колекционер на плочи и голем љубител на хај-фај звукот, од друга страна.

„Имав привилегија лично да го запознам човекот чијашто музика ми беше инспирација и муза при претворањето на парчето дрво во уметност на звукот. Legendary се појави како своевидна фантазија базирана на звучникот C1 Reference, направен пред неколку години. Приказната за Legendary започнува брзо по првото запознавањето со Влатко, кој имавме желба да биде наш бренд амбасадор. Огромната почит која ја имавме кон Влатко како музичар стана уште поголема кога го запознавме како човек, па така процесот на соработка прерасна во процес на почит, дружба и мотивација да се создаде заеднички производ, производ кој најпрво ќе ги задоволи личните преференци на двајцата во поглед на дизајн, концепт, технологија и звук. Производ кој ќе биде спој на науката и инжинерингот кој го носи теохаров и музичкиот афинитет и боја на звук со кои Влатко живее. Така се создаде идејата за Legendary, а мотивот и поривод да се создаде производ кој ќе има и историско значење не натера да вложиме голема енергија и ентузијазам за создавање на истиот. Самиот производ е инжинерско и технолошко ремек дело, производството е многу комплексно и скапо, па затоа се одлучивме овој производ да има и колекционерска вредност, бидејќи истиот ќе биде произведен во лимитирана серија од само 15 примероци. Уште при изработката на макетата за производот, па потоа и самиот прототип за двајцата беше вистинска гордост, а веруваме дека Legendary ќе има и историско обележје кое ќе биде значајно и за нашата држава.


Во креирањето на Legendary Влатко има големо влијание, од дизајнот, геометријата, симболиките на гитара што се впечатливи, карактерот на звук итн. Иако и таа симболика не е само симболика, туку чиста физика што е претворена во нешто да личи на врат од гитара, а инаку е апсорбер на несакани вибрации. Кутијата е од композитен материјал со својства на гранит, геометријата е бескомпромисна, а се користат рачно изработени state of the art драјверски единици од еден од најеминентните брендови во светот. Во овој систем се употребени врвни материјали кои секако имаат многу висока пазарна вредност, но уште од самиот почеток тргнавме со девизата “без компромис”. Сега после 1,5 година од првиот Legendary, системот звучи “без компромис“.


Веселин вели дека е исклучително горд на серијата „Legendary”. Досега се продадени пет комплети, од којшто еден е нарачан од клиент од Хрватска.
„Со една жива легенда како Влатко направивме нешто во што има многу ентузијазам, пасија и љубов кон музиката, нешто што не прави двајцата горди и нешто што ќе остане запишано во нашата историја, го направивме Legendary. Сметам дека ова ќе остави една убава трага во светот на аудиофилството и колекционерството, бидејќи покрај двата примероци кои се за нас двајца, уште 13 луѓе ќе го имаат ова ретко дело со потпис на еден од најголемите светски музичари. Или, како што ми рече еден соработник и пријател, дистрибутер за врвна аудио опрема во неговата земја: “Да се договореа Ерик Клептон и McIntosh да направат нешто со потпис на Клептон, ќе се продадеше за два часа и ќе чинеше милион евра“.
„Ролс Ројс“ во аудиофилството
Го прашав Веселин што е тоа што прави еден звучник да чини 20, 50 или 100 илјади евра, а за екстремните примери од милион евра и да не зборуваме.
„Едноставно е, некои работи мора да бидат скапи, за да бидат добри. Подрачјето на High End подразбира употреба на врвни компоненти и материјали, врвен инжинеринг и рачна изработка за многу мал пазар. Се тоа влијае директно на цената. Конкретно во системот Legendary употребени се едни од најдобрите компоненти од реномирани светски производители, користена е технологија и електроника која е state of the art, кутијата и ногарките на звучникот се рачно изработени, при што за составување на целиот систем во просек се трошат помеѓу 45-60 дена рачна работа. Процесот на истражување и развој за овој производ, како и за останатите производи на Теохаров е долг и комплексен, додека мерните протоколи и тестирања се прават во лабараториски услови со мерна опрема која чини вистинско богатство. Многу луге би рекле дека се е приказна, можеби е така но во приказната за Legendary има многу љубов, ентузијазам, наука, технологија, истражување, тестирање, реткост и пред се квалитет.



Изработката на овие „ролс ројсови“ од засилувачи и звучници се случува делумно во лабораторијата на Теохаров којашто се наоѓа во состав на објектот каде што е изложбениот салон во Тафталиџе, којшто е истовремено и катче за релаксација со кафе и уживање во звукот на опремата „Теохаров Аудио“. Дел пак се изработува во погонот во населбата Аеродром. Веселин вели дека компанијата не е фабрика којашто се’ изработува инхаус, што се вели.
„Целокупниот дизајн, нацрти, шеми, како и науката што е имплементирана во производите е моја интелектуална сопственост. Впрочем за три групи на звучници индустрискиот дизајн е заштитен во меѓународната организација за интелектуална сопственост WIPO од Швајцарија. Како и многу други светски производители на аудио опрема, така и ние дел од материјалите, како драјвери за звучници или електроника ја набауваме од странство и тоа директно од најдобрите светски производители, кои се специјализирани за таа дејност и се најдобри во таа област, кои трошат стотици милиони долари за истражување и развој. Понатаму, самото составување и фарбање на звучните кутии или пак изработката на алуминиумски компоненти го даваме да го изработат македонски фирми специјализирани за таа намена, кои покажуваат желба, ентузијазам и љубов да бидат дел од нашата приказна. Особено сме благодарни и сакаме да соработуваме со овие компании бидејќи во фазата на развој во која се наоѓаме само партнери кои се флексибилни и кои имаат трпение и желба за работа може да се прилагодат на нашите индивидуални барања и промени кои може да бидат и доста чести во оваа фаза.
Веселин ни открива и дека во принцип избегнува да користи сопствени парчиња кога слуша музика, затоа што ќе престане да ужива во самото слушање и ќе им ги бара маните на звучниците или засилувачите.
Во оваа фаза и во нашата филозофија на работење, конкурентите не ни се нашиот основен фокус. Секако дека го следиме светскиот аудио пазар, ги посетуваме најголемите саеми на аудио опрема и сме запознаени со новитетите, но сепак нашата филозофија и цел е квалитетот и перформансите на Теохаров, т.е настојуваме да го добиеме максимумот од вградените компоненти, знаењето што го имаме, материјалите кои се користат, а се со цел да постигнеме највисока вредност за купувачите и со тоа задоволство и доверба. Се стремиме да бидеме максимално транспаретни и блиски до нашите купувачи, па за таа цел во склоп на Аудиокултура направивме и посебна соба за индивидуални презентации, каде потенцијалните купувачи може детално да се запознаат со производите на теохаров, начинот на изработка, вградените материјали, па дури да имаат можност да направат директна споредба на теохаров со производи од светски производители. Аудиокултура како малопродажен салон за аудио опрема е и овластен увозник на еден од најреномираните светски брендови за звучниици Focal од Франција, па со самото тоа на потенцијалните корисници им е овозможена директна споредба на двата бренда. Тоа овозможува потенцијалните купувачи да се уверат директно во квалитетот на Теохаров споредено со реномиран европски бренд. Еднаш месечно организираме јавни работилници за ваков тип на компарација и искрено сме многу горди кога слушаме дека повеќето од учесниците укажуваат на подобриот квалитет и перформанси на Теохаров.

Сега кога Македонија повеќе дозна за „Теохаров Аудио“, Веселин вели дека следно во план е пробив на странските пазари. Не дека и досега не дознале за Теохаров во регионов, но сега со комплетниот брендинг се планира поамбициозно претставување пред аудиофилите на Балканот и пошироко.
„Мислам дека ‘Теохаров’ е многу почитуван во земјава, што беше и основната наша цел, т.е прво да ја поставиме основата, довербата и препознатливоста дома, а потоа да се насочиме и продолжиме кон странските пазари. Сметам дека прво треба да те засакаат дома, па да одиш надвор. Сме имале многу примери од различни сфери, каде што квалитетот прво ти го признаваат надвор, па потоа локално. Но, јас не сакам да ги придобијам нашите љубители на добриот звук затоа што некој Хрват или Англичанец рекол дека ‘Теохаров’ e исклучително парче опрема. Сатисфакцијата е многу поголема кога ќе добиеш поддршка затоа што производот ти е реално добар, а не затоа што некој надвор рекол дека е добар.“