Димитров со апел до Загреб и Подгорица: Вашиот договор ќе ја врати надежта во целиот регион

Нека Хрватска биде земја што со сопствен пример ќе постави нов стандард на добрососедство во регион толку жеден за лидерство и визија. Нека покаже како може да се заштитат сопствените интереси и да се решат отворените прашања така што соседите ќе станат поблиски, а нивната европска иднина ќе биде посигурна. Црна Гора може да придонесе за ова со конкретни одлуки што ќе изградат доверба. Би сакал таквата Хрватска со својата ширина да ја инспирира и Бугарија да ни помогне да го отвориме патот кон членство, почитувајќи го она што е најскапоцено за секој народ - неговото достоинство и идентитет. За жал, ние Македонците сè уште не можеме да се радуваме на сопствениот успех, но од срце би се радувале на заедничкиот успех на Црна Гора и Хрватска.

Претседателот на „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи Никола Димитров напиша отворено и искрено писмо до владите на Хрватска и Црна Гора, апелирајќи да ги решат спорните меѓусебни прашања и со тоа да се отвори патот на Црна Гора кон членството во ЕУ, а на останатите земји-кандидатки од Западен Балкан да им се врати надеждта дека членството е сепак можно.

„За успехот на Хрватска и Црна Гора навистина ми е драго, и би сакал нашето искуство некому да помогне да најде подобар и покус пат“, вели меѓу другото Димитров во своето обраќање, коешто ексклузивно го пренесе и хрватскиот „Вечерњи лист“.

Писмото на Димитров до хрватските и црногорските власти, насловено „До пријателите во Загреб и Подгорица, од европската чекалница“, го објавуваме овде во целост:

Кога Андреј Пленковиќ деновиве потсети на годините што Северна Македонија ги загуби пред европската врата, ми беше драго што некој разбира колку чекањето може да боли. Зад тие години стојат луѓе кои пораснаа со ветувањето за членство, родители кои го пренесуваа на своите деца и млади луѓе кои на крајот одлучија да одат и да живеат во Европската унија, наместо да чекаат нивната земја да стане дел од неа.

Поминав дел од мојот живот обидувајќи се да ја отворам таа врата. Преговарав и го потпишав Преспанскиот договор со Грција. Знам колку е тешко да се постигне компромис што ги допира најчувствителните прашања, а потоа да се брани пред сопствените граѓани. Во истиот град, понекогаш во ист ден, за едни сте човек кој постигнал чудо со зачувување на она што е најважно – македонскиот идентитет – а за други некој што отишол предалеку.

Сепак, денес сè уште верувам дека постигнавме добар договор за двете земји. Компромисот мораше да одговори на најважните грижи на двете страни. Секоја страна прифати нешто што ѝ беше тешко. Со тоа, им овозможивме на луѓето постепено да почнат да се гледаат едни со други како соседи кои можат да соработуваат.

Но, по Преспа, очекуваниот напредок кон Европската унија не следеше, иако ни беше ветен. Станавме членка на НАТО, додека европскиот пат повторно заглави. Бугарија посегна кон вето, отворајќи ги прашањата за нашиот јазик, историја и идентитет.

Ефектот врз граѓаните беше особено болен: по тешкиот компромис, моравме повторно да објаснуваме кои сме и на кој јазик зборуваме. Таквото разочарување со текот на времето го нагризува и она што е постигнато. Луѓето почнуваат да се прашуваат дали погрешиле што верувале во договорот. Просторот за политичарите кои се залагаат за соработка се стеснува, а за оние кои тврдат дека секоја отстапка е залудна се шири.

Ова не нè ослободува од одговорноста за сопствените реформи. Одговорноста за корупцијата, слабостите во судството и лошото управување остануваат кај нас. Но, дури и нашите пропусти не можат да го оправдаат бесконечното поместување на европската цел.

Со тоа искуство им се обраќам лично на моите пријатели во Загреб и Подгорица.  Го познавам Андреј, како и црногорските лидери. Искрено ми е драго за успехот на нивните земји. Би сакал нашето искуство да помогне некому да најде пократок и подобар пат. Отворените прашања помеѓу Хрватска и Црна Гора имаат своја историја и тежина. Знам дека овие прашања се различни по својата природа од споровите со коишто ние се соочувавме. Семејствата на исчезнатите имаат право на одговори. Поранешните затвореници од Морињ заслужуваат правда и отштета, а жртвите трајно и достоинствено сеќавање. Правосилните пресуди мора да се спроведат.

Од пријателите во  Подгорица очекувам решително да пристапат кон овие обврски, вклучително и одлуките што носат домашна политичка цена. Луѓето кои со години чекаат правда заслужуваат конкретен напредок, без оглед на роковите за членство во Европската унија. Црна Гора може, преку своите постапки, да ѝ помогне на Хрватска да биде уште посилен застапник за неа во Европа.

Би сакал да упатам подеднакво искрен апел и до моите пријатели во Загреб: помогнете во решавањето на овие прашања за да се отвори патот за членство. За секое прашање, потребно е да се договори што треба да се направи, кој е одговорен и како ќе се утврди напредокот. Доколку не може да се постигне договор за границата или сукцесијата преку директни преговори, двете држави можат да бараат спогодбено решение пред меѓународно судско или арбитражно тело. Им должиме на луѓето излез од споровите коишто траат со децении.

Хрватска веќе го искажа овој принцип. Во декларацијата од 2011 година, Саборот зазеде став дека отворените билатерални прашања, вклучително и граничните прашања, не смеат да го попречат пристапувањето на земјите-кандидатки во Европската унија. Денес, таа порака може да добие нова сила преку конкретен договор со Црна Гора. Успехот на Црна Гора би имал значење и многу подалеку од нејзините граници. Хрватска се приклучи на Унијата на 1 јули 2013 година и е сè уште е нејзин најнов член. Тринаесет години подоцна, цела генерација во остатокот од регионот го познава проширувањето главно преку ветувања, извештаи и нови услови. Црна Гора има можност да покаже дека тој процес сè уште може да заврши со членство.

Кога мојата земја доби статус на кандидат за членство во Европската унија, Црна Гора сè уште не беше независна држава. Таа споредба кажува колку долго чекавме. Но, токму затоа знам колку би ни значел нејзиниот успех: би ја вратило надежта дека членството е навистина достижно. Тоа би била одлична вест за нас во Скопје, како и за луѓето во Сараево, Белград, Тирана и Приштина. Секоја земја сè уште би морала да ги исполни своите обврски. Но, сите конечно би имале нов доказ дека напорната работа може да донесе резултати и дека европската врата останува отворена. За оние кои работат на реформи и се залагаат за тешки договори, таков доказ би значел повеќе од само уште еден охрабрувачки говор.

Хрватска во тој успех би можела да препознае и продолжување на сопствениот. Нејзиното искуство, знаење и позиција во рамките на Унијата можат да помогнат во проширувањето на европскиот простор на безбедност и соработка кон нејзиното непосредно соседство. Членството на Црна Гора би било причина за прослава и во Хрватска.

Во времето на прогласувањето на македонската независност, штотуку влегував во периодот на зрелоста во животот. Распадот на заедничката држава остави длабоки рани, но носиме и убави спомени од нашиот заеднички живот. Она што остана беа пријателства и чувство на блискост што сè уште нè врзува денес. Имаме можност да градиме односи како независни држави кои се почитуваат меѓусебно и сакаат да делат европска иднина. Би сакал денес да нѐ поврзува и сигурноста дека на соседот може да се потпреме кога е најважно.

Во таа заедничка држава, македонскиот беше рамноправен јазик, а македонскиот идентитет беше дел од нашето заедничко секојдневие. Пријателите во Хрватска и Словенија го знаат ова добро од сопственото искуство. Затоа се надевам дека токму Загреб и Љубљана ќе бидат уште погласни застапници на европската иднина за мојата земја. Од пријателите со кои нè поврзува толку многу заеднички живот, природно очекуваме посебна солидарност во тешки моменти. Би ни значело многу ако јасно наведат во европските дискусии дека патот до членството треба да се води преку реформи, со целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет.

Нека Хрватска биде земја што со сопствен пример ќе постави нов стандард на добрососедство во регион толку жеден за лидерство и визија. Нека покаже како може да се заштитат сопствените интереси и да се решат отворените прашања така што соседите ќе станат поблиски, а нивната европска иднина ќе биде посигурна. Црна Гора може да придонесе за ова со конкретни одлуки што ќе изградат доверба. Би сакал таквата Хрватска со својата ширина да ја инспирира и Бугарија да ни помогне да го отвориме патот кон членство, почитувајќи го она што е најскапоцено за секој народ – неговото достоинство и идентитет. За жал, ние Македонците сè уште не можеме да се радуваме на сопствениот успех, но од срце би се радувале на заедничкиот успех на Црна Гора и Хрватска.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here