Реквием за еден сон

Во 2015 -та Љубчо Георгиевски обидувајќи се да ја протурка тезата за колективна амнестија праша - ако влеземе во круг на апсење поради кражба на народни пари, каде ќе нѐ одведе тоа? Денес, кога амнестијата, што порано се служеше срамежливо, ни е дрско сервирана - битката за нов одговор на неговото прашање се чини поважна од кога било. А одговорот е, драги мои, многу прост - нас во саглам држава, нив во затвор!

„Тешко е да се прости, но ако влеземе во круг на апсење поради кражба на народни пари, каде ќе нѐ одведе тоа?“ – Љубчо Георгиевски, поранешен премиер, активен политичар, богат колку просечен македонски бизнисмен…

Кога во 2015 година, поранешниот премиер Георгиевски излезе со идеја да има една колективна амнестија, многумина, а особено луѓето кои и со срцето и со умот беа столбот на Шарената револуција останаа згрозени. Георгиевски, својот предлог го аргументираше со тезата (ќе си земам слобода тука да го парафразирам, оти овие тези ги изнесувал и во интервјуа што јас сум ги правела, па му ги знам точно размислувањата)  –  дека македонската политика е криминално дувло, дека сите партии се полни со безрбетници на кои главна цел им е вработување и/или лични бенефиции и дека нема сериозна политичка сила што навистина сака да стави крај на злоупотребата на јавни пари и на системот на неказнивост.

2015, се разбира, беа други времиња. Падот на криминалната власт на Груевски беше извесен, победата на силите кои се бореа за и ветуваа правда, па мир – на дланка. Власта во доаѓање, предводена од СДСМ, категорично одби каква било дискусија на тема амнестија. Прошката во таа фаза ќе значеше дека СДСМ сепак има цел само да ја преземе власта, да владее, но не и да испорача владеење на правото. Затоа, овој маневар на новата власт мудро се остави за подоцна, сосема оправдано сметајќи на молкот и поддршката на, горе – долу, најсериозното граѓанско општество и најкредибилните медиуми, кои веројатно до скоро беа уверени дека секогаш ќе е неспоредливо подобро да се прогледа низ прсти, отколку „Груевски да се врати“.

Дека планот бил оставен за понатаму дознавме набрзо.

Во 2018 се случи незамисливото – лицето на режимот, човекот кој ја изгради киднапираната држава, кој газеше по човековите права и слободи, кој создаде систем што ја згази приватноста на над дваесет илјади граѓани, преку скандалот со прислушкувањето  – Никола Груевски лично – одлучи дека подобро ќе му биде во Будимпешта, отколку во затвор, па ја напушти земјата. Власта тоа елегантно заминување сѐ уште го нарекува бегство, но и на врапчињата им е јасно дека криминалец од тој профил, против кого во моментот се водеа милион судски процеси, не може едноставно да ѝ се изгуби од вид на една држава, макар била таа и Македонија. За неговото „бегство“ до ден денешен никој не презема одговорност.

Смрдливиот план

Тогаш се почувствува првата реа од смрдливиот план на новата власт – амнестија. Во тоа време, тие сѐ уште тој план нагалено го имаа крстено „национално помирување“, демек треба да се гушнеме и да си простиме со уништувачите на нашите судбини (и пари) цели 11 години во името на некое поголемо добро.

Тогаш тоа добро се продаваше спакувано во уставните измени за Преспанскиот договор, но дури откако тој помина се покажа дека не ќе да било баш така. Оти, и крајни политички неспособници би знаеле дека кога веќе се пазарат со светата правда и им подаруваат слобода на разни „крстовци“ тоа белким не може да важи за една употреба. Набрзо се покажаа потребни и низа други компромиси, кои се однесуваа на бандата опфатена во случаите на
СЈО, со што неминовно стана прашањето – колкупати треба да ја продаваме најважната од сите визии – визијата за праведна земја, за кои сѐ каузи или интереси, само за да може Груевски, со тајфата што ужива во затворскиот туризам да биде спокојна во својата подлост, а властите задоволни дека плановите им врват?

Македонија живее година на една тешка политичка агонија обременета со неможноста да се плати сметката без крчмар, стокмена од нашиве дипломатски аналфабети, продадена на странските пријатели како ситница, а наречена уставни измени, овој пат за атер на Бугарија. Таа приказна е трагична (иако има и комични примеси) и пропагандата за „затвореното прашање со соседот“ никој не ја купува. Но, фактот што во обидот да се продаде повторно на маса е ставена токму правдата е нешто преку кое не може да помине човек со интегритет, макар бил и партиски глушец. Не може правдата во Македонија да биде постојано влогот! Така никогаш, ама никогаш нема да создадеме држава, уште помалку европска и секој кој ви кажува поинакви гачки да знаете дека најдрско ве лаже.

Затоа, кога завчера одекна веста дека по брза постапка, злоупотребувајќи го европското знаме, Владата поднела измени на Кривичниот законик со кои се предлага намалување на затворските казни за злоупотреба на должност и перење пари, се овозможува побрзо застарување на делата, а злоупотребата на јавните набавки практично се легализира, граѓаните со право се запрашаа дали ова е повторно нов пазар!? Дали е дел од договорот на власта со ВМРО – ДПМНЕ само за да поминат измените – ново quid pro quo.

Овие сомнежи ги поттикна однесувањето на опозициската партија, која со своето присуство во салата практично овозможи кворум, па тие се правдаа дека и да не влегле нивните, секако власта си имала на располагање свои пратеници, па ова повторно се претвори во уште еден силен, а сепак безличен судир на пропагандните кујни на двете страни, со обвинувања чија идеја биле овие контроверзни измени и чиј криминалец најмногу ќе се офајди од нив.

Црвен килим за арамиите

Но, во меѓувреме додека јавноста е во очекување на некое опсежно обраќање на Груевски на социјалните мрежи, од каде обично комуницира со илјадниците свои (за мене никогаш неразбрани) поддржувачи, а во кое би ги искоментирал шпекулациите, нам како да ни бега од вид главниот проблем содржан во простото прашање –  што ни е гајле за мотивот?

Овие законски измени сите релевантни невладини организации и кредибилни правници ги опишаа како еклатантен обид за спас на корумпираните политичари. Казните што со измените се предвидуваат за најцрните дела во една демократија – злоупотреба на функцијата од оние на кои луѓето им ја дале довербата и крадењето (па уште здружено) на заедничките пари, се сведени на нешто повисоки од тие за обичен арамилак од продавница. Во држава во која главна болка е неказнивост, корупција, клиентелизам и распаднато правосудство, овие измени ќе значат слобода за сите арамии што можат да ви паднат на памет, а кои се или во затвор или во бегство или се среде судски процеси – поранешни владини секретари, министри, функционери, директори… сите овие никогаш нема да одговараат. И сите идни!

Овие законски измени, со молскавична брзина ги поминаа сите филтри на демократијата, стокмени, поднесени и изгласани за 24 часа, а работната група составена од професори и експерти, што веќе одамна работи на текст за измени на Кривичниот законик воопшто не ги ни видела и остана затечена. Овие измени се толкав срам за правото и правдата, што самиот министер за правда Кренар Лога одби да ги брани и кажа дека не се никакво решение. Со помалку срам и достоинство од него се најде неговата заменичка Викторија Аврамовска Мадиќ, која беше тажно да се слуша какви небулози изнесува кога ги брани, а чие име замислете во самиот предлог поднесен до Собранието, во брзањето е и погрешно напишано. Замислете! Каква дрскост и какво понижување на народот.

Оттука, овој здружен масакр на правото, овој црвен килим послан пред сите бивши, сегашни и идни злосторници и криминалци, може да биде мотивиран од уставните измени, или од едноставен договор за меѓусебно чување на грбовите во налетот на граѓанскиот гнев, кој порано или подоцна се случува дури и во најслабите демократии. Но, мотивот верувајте е небитен, оти и двете улици водат до една иста бездна  – Македонија е денес земја на еден умрен сон.

Сон за држава!

За држава со закони кои важат еднакво за сите, држава што ја водат најдобрите и најспособните во сите области, земја со квалитетни и безбедни здравствени услуги, со солидно образование, со урбанистички решенија кои го облагородуваат и просторот и квалитетот на живот, со функционални институции каде корупцијата е проблем, а не правило…

Е овој сон денес е уништен. Овој сон стана кошмар. И никакви уставни измени тоа нема да го променат. Нема поправка за сонот па колку сакаат на него да работат и домашни и странски „невролози“. Спас нема.

Во оваа фаза има само будење.

И да – реалноста е грда. Погрда не била дури ни во 2015 кога ја цртал Георгиевски во своите предлози. Оти тогаш се чинела невозможна. Сме биле во заблуда.

Сега, после осум години, после сите бегства, исчезнувања и појавувања, после распадот на СЈО поради еден кауч, после „самокиднапираниот“ пратеник, после сите афери и скандали, после невидената системска нефункционалност што ни ги остава децата без книги, а болните без лекови, после сета корупција што стана закана за животот на луѓето – буквално, конечно – после владата во која се луѓе кои никој никогаш не ги гласал –  тешко е да му се лутиме на Љубчо.

Човекот личи дека сакал само да ни заштеди време и да нѐ заштити од разочарувања, од нашите луди надежи дека не се сите исти. Какви наивковци сме биле… Будење!

Кое сепак не треба да е крај. Оти, секое будење, колку и да е болно е здрава можност за нов обид. На граѓаните кои немаат резервна татковина, на граѓаните кои одбиваат да си одат, на граѓаните кои се докажале и умеат, на граѓаните кои си ја сакаат Македонија. Одново и одново. И пак да не успее, пак одново, па пак. Оти, држава не се гради преку ноќ, уште помалку со малодушност и откажување. Граѓаните се тие кои се суверени, колку и да мислат дека ја имаат изгубено силата. И од нив најмногу, а не од бандите зависи каков ќе биде следниот сон и поважно – во каква состојба следно ќе се разбудиме.

Немаме друга опција. Во време кога ви зборуваат за единствена алтернатива, нашата е таа, една –  ако сакаме здрава држава – со научени лекции, со нова сила и со визија за напред да дадеме конечно друг одговор на прашањето на Георгиевски – каде би не одвело апсењето на сите кои злоупотребиле народни пари?

Оти, одговорот е сепак драги мои многу лесен – нас во саглам држава, нив во затвор! За почеток…

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here