Каков мир замислува Трамп

Отсуството на војна не секогаш значи дека некој живее во мир. Студената војна не беше мир, како што ни руската чизма врз источна Европа или американските интервенции низ светот не беа мир, туку прокси-војни на еден студен конфликт помеѓу две империи.

Автор: Ивор Мицковски
новинар и активист на „Солуција“ и „Замисли“

Една од главните пораки на новиот американски претседател и еден од најкористените аргументи на голем број луѓе за тоа зошто го поддржуваат, е затоа што ќе донел мир и ќе завршеле војните.

Во овој момент само два конфликти, кревкото примирје на Блискиот Исток и војната во Украина се во расчекор и контратенденција со новиот светски поредок и добронамерните и пацифистички идеи на Доналд Трамп. Оттука, треба да завршат овие конфликти со цел да се реализира трамповата мировна идеја, но внимавајте, не мировна идеја која се постигнува во име на некоја супериорна вредност, туку како цел преку која ќе се реализира и трамповата идеја за американска доминација и во овој век.

Преговори за мир во Украина после три година агресија и крвопролевања, за затворање на еден конфликт во срцето на Европа, секако се добра вест за целиот свет и ќе бидат огромен успех за Трамп, особено што ќе го повратат кредибилитетот и авторитетот на првиот полицаец после срамното повлекување од Авганистан и ќе докажат дека Америка се уште има капацитет да влијае во средување на туѓите конфликти.

Но, секој мир не е еднаков и како што добро знаеме не постои еден мир засекогаш или мир кој би ги запрел сите идни војни. Квалитетот на мирот и неговото траење зависат од условите во кои тој се постигнува, како и од моралните и цивилизациски основи според кои актот на помирување успева да постигне правда над грешките и резоните за самата војна. Проблемот настанува кога актерите кои го санкционираат мирот не се објективни и неутрални, како што не се неутрални ниту трампизмот, ниту путинизмот, ниту пак нивните иницијативи се неутрални, како што можеме да видиме од навестувањата и првите чекори на новиот американски претседател. И ако за Путин е логично дека мирот ќе сака да го претстави како своја победа, истото го посакува и Трамп, па оттука, проблемот е што овој пат мирот се посакува како победа за себе, а не како победа на правдата. Таквите победи и таквите мирови, најчесто не се долгорочни.

Сепак, крај на конфликтот, па макар и едно примирје, би биле одличен резултат и би спасиле илјадници животи, нешто што само по себе има силен морален императив. Поинаку кажано, секое решение, макар и лошото, кое ќе го запре крвопролевањето во овој момент е добредојдено.

Проблемот е што мирот во Украина, дента кога ќе дојде, нема само да стави печат врз последната голема војна на Стариот континент, туку ќе отвори и нова рамнотежа на силите и нов безбедносен поредок во Европа, а можеби и светот. Односно, затворајќи едно горчливо прашање, ќе се отворат серија на други горки проблеми.

Европа во оваа војна влезе на страната на Украина во име на принципите и вредностите, особено во име на суверенитот на државите, нивната независност, нивната автономија, што значи во име на слободата. Поточно, во име и на државниот и на граѓанскиот интегритет и слобода, почнувајќи од нивните граници како заштитници на нивниот интегритет и слобода. Исто така влегоа во име на правдата и правото, како универзален кодекс на цивилизираното постоење и на државите и на поединците, како заштита на нивните права и нивното достоинство, па оттука и на нивната слобода.

Ова се конститутивните елементи на европската демократија, особено онаа поствоената и го дефинираат тоа што сакаме да бидеме или кон што аспирираме, ги објаснуваат нашите институции и нашите Устави, ја дефинираат нашата милениумска историја, цивилизација и култура.

Ниеден од овие концепти, вредности и принципи, институции и мемории не постојат кај Трамп и тој со право не ги ни спомена во својот инаугуративен говор. Напротив, Трамп во мирнодопски услови и помеѓу сојузници или врз држави со кои Америка има специјални односи, го наметнува националистичкиот и империјалистички концепт на Путин, кога опсесивно зборува за купување на Гренланд, одземање на Панамскиот канал или припојување на Канада. Трамп дури и го нема безбедносниот аргумент на Путин, затоа што води земја која е огромна и заштитена од сите страни, дали од океани или пријателски и неспособни земји, каде Америка е еден вид на неосвоива тврдина. Трамп ова го прави од чиста волја за моќ, од националистички и себични пориви, надвор од сите принципи и вредности на меѓународните институции, надвор од сојузништвата, надвор од правото и од почитта кон географијата создадена низ историјата. 

Станува збор за аспирации кои го потврдуваат американскиот изолационизам, кои се националистички, империјални, па дури и колонијалистички, додека луѓето аплаудираат на таквиот концепт на мир. Тоа не е мир, односно, отсуството на војна не секогаш значи дека некој живее во мир. Студената војна не беше мир, како што ни руската чизма врз источна Европа или американските интервенции низ светот не беа мир, туку прокси-војни на еден студен конфликт помеѓу две империи.

Настрана што со ваквите резони Трамп директно му прави услуга на Путин и ја афирмира неговата доктрина на бафер-зони, на неутрални држави со ограничен суверенитет кои би служеле како заштитна зона за Русија, нешто што оригинално не му ни припаѓа на Путин, туку станува збор за старата доктрина на Сталин од пред 80 години во Јалта. Одеднаш, претензијата на Путин за освојување или анектирање на дел од Украина не е некаков исклучок, не е агресија, не е политика на сила, туку нормална империјална и националистичка политика на големите сили кои овие свои аспирации можат да ги реализираат на преговарачка маса. Светот одеднаш се врати во 19-ти век, а векот кој го почнавме како демократски, одеднаш се претвори во пост-демократски.

Не треба да не чуди што Путин е отворен за договор, тој радо ќе прифати ваков мир, кој ги наградува неговите агресивни, насилни и националистички проекти. И бидете сигурни дека во преговорите што следуваат нема да учествува или нема да и се дозволи да учествува Европа, која со своите демократски и универзални принципи и вредности, не треба ни да припари до преговарачка маса и со нив да го загади империјалниот договор. Трамп со Путин, империјалист со империјалист, договор во четири очи, како во старите добри времиња на империи и колонии. 

На Путин му требаше војна за да дојде до своето, Трамп од друга страна со мир ќе го санкционира и надоградува тоа што Путин го започна.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here