По најтешкиот пораз на Ердоган во 20 години: Се наѕира  ли конечно нов претседател во Турција?

Актуелниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, го победи кандидатот на Ердоган со повеќе од еден милион гласови разлика на локалните избори, наметнувајќи се како иден лидер на турската опозиција и противкандидат на „султанот“ Ердоган на следните претседателски избори во 2028 година.

Главната турска опозициска партија ја задржа контролата врз клучните градови и оствари огромни придобивки на други места на локалните избори во неделата, што предизвика големо разочарување  кај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој имаше за цел повторно да ја преземе контролата врз тие места.

Актуелниот градоначалник на Истанбул од Републиканската народна партија, Екрем Имамоглу, ја задржа функцијата со повеќе од еден милион гласови разлика по пребројани преку 90% од гласачките ливчиња.

Севкупно, Републиканската народна партија освои општини во 36 од 81 провинции во Турција, пренесе државната агенција Анадолу, со што навлегла во многу упоришта на партијата на Ердоган. Доби 37 отсто од гласовите на национално ниво, во споредба со 36 отсто за партијата на претседателот, што ја означи најголемата изборна победа на Републиканската народна партија откако Ердоган дојде на власт пред две децении.

Како што велат аналитичарите, не е само загубата на три града – Истанбул, Анкара и Измир тоа што го боли Ердоган најмногу, туку и тоа што по првпат од 1977 година на национално ниво доминира опозициската Републиканска народна партија на Мансур Јавас, сегашниот и очигледно идниот градоначалник на Анкара.

Поддржувачите на опозициската Републиканска народна партија (CHP), којашто пак на локално ниво го држи Истанбул, ја прославуваат повторната победа на својот кандидат Екрем Имамоглу, 31 март, 2004. Фото: AP/Khalil Hamra

Ердоган го призна изборниот неуспех во говорот одржан од балконот на претседателската палата, од каде рече дека народот испрати „порака“ што неговата партија ќе ја „анализира“ со вклучување на „храбра“ самокритика, рече тој.

„За жал, девет месеци по нашата победа на изборите на 28 мај, не можевме да го добиеме резултатот што го сакавме за локалните избори“, додаде Ердоган. „Ќе ги исправиме нашите грешки и ќе ги поправиме нашите недостатоци“.

Тој рече дека ќе продолжи со економската програма воведена минатата година, која има за цел да се бори против инфлацијата.

„Ако сме направиле грешка, ќе ја поправиме во годините кои идат. Ако нешто сме пропуштиле, ќе го завршиме успешно“, рече Ердоган кому верна му остана централна Турција, а големи победи освои и во градовите кои беа погодени со катастрофалниот земјотрес лани во февруари.

Аурата на непобедливост начната уште во 2019-та

Гласањето се сметаше за барометар на популарноста на Ердоган, бидејќи тој се обиде да ја врати контролата врз клучните урбани области што ги загуби од опозицијата на изборите пред пет години. Победата на Републиканската народна партија во Анкара и Истанбул во 2019 година ја уништи аурата на непобедливост на Ердоган.

Главната изворна битка за 70-годишниот турски претседател беше Истанбул, град со 16 милиони жители каде што тој е роден и израснат и каде ја започна својата политичка кариера како градоначалник во 1994 година.

Резултатот дојде како поттик за опозицијата, која остана поделена и деморализирана по поразот од Ердоган и неговата владејачка Партија на правдата и развојот, ориентирана кон исламот, на минатогодишните претседателски и парламентарни избори.

„Гласачите одлучија да воспостават нов политички поредок во Турција“, рече лидерот на Републиканската народна партија, Озгур Озел пред поддржувачите. „Денес гласачите одлучија да ја сменат 22-годишната слика во Турција и да ја отворат вратата за нова политичка клима во нашата земја.

Екрем Имамоглу, 52-годишен поранешен бизнисмен, е градоначалник на Истанбул од 2019 година. Тој се обиде да се кандидира за претседател на општите избори во Турција во 2023 година, но владата на Ердоган му забрани да се кандидира. Имамоглу е популарна личност во Турција и се смета за најсериозен противкандидат на Ердоган за претседател на следните избори во 2028 година. Фото: AA / Cem Tekkeşinoğlu

Во меѓувреме, голема толпа се собра пред градското собрание на Анкара за да ја прослави победата на Јавас. „Анкара се гордее со вас!“, скандираа поддржувачите.

Синан Улген, директорот на Едам,  невладина организација со седиште во Истанбул, вели дека „изненадувачкиот исход“ се должи на гласачите кои сакаат да ја казнат владејачката партија поради „длабочината на економската слабост“, пренесува новинската агенција АП. Зголемената инфлација остави многу турски домаќинства да се борат за основни добра.

Поддржувачите на Партијата на правдата и развојот избраа да се држат настрана од гласачките места или гласаа за други партии, рече Улген.

„Излезноста беше релативно мала во споредба со минатите избори“, рече тој. „Имаше меѓупартиски поместувања во гласањето, што не се случи на националните избори поради посилните идеолошки приврзаности. Овој пат економијата преовлада над идентитетот“.

Градоначалникот на Истанбул можен противкандидат на Ердоган на следните претседателски избори

Околу 61 милион луѓе, вклучително и повеќе од еден милион луѓе кои првпат гласаа, имаа право на глас за сите општини на турските региони и провинции.

Според државната агенција Анадолу, излезноста била околу 76%, а минатата година таа била 87%. Околу 594 000  лица беа задолжени за безбедноста низ целата земја за да осигурат гласањето да помине непречено. Сепак, едно лице загинало, а 11 други се повредени во градот Дијарбекир, каде спорот околу изборот на администратор на една општина стана насилен, пренесе државната агенција Анадолу. Најмалку шест лица се повредени и во насилства во блиската провинција Шанлиурфа.

„Според податоците што ги добивме, се чини дека довербата на нашите граѓани се исплатеше“, рече Имамоглу.

Според Анадолу, Имамоглу освоил 50,6 отсто од гласовите во Истанбул, додека кандидатот на Партијата на правдата и развојот Мурат Курум, поранешен министер за урбанизација и животна средина, добил 40,5 отсто. Анкетите на јавното мислење укажале тесна трка меѓу овие двајца противкандидати.

Ердоган го призна изборниот неуспех велејќи дека народот испратил „порака“ што неговата партија ќе ја „анализира“ со вклучување на „храбра“ самокритика, рече тој. Фото: Adem Altan/AFP

Имамоглу, популарна личност која во Турција се смета како можен иден противкандидат на Ердоган за претседател, се кандидираше без поддршка од некои од партиите кои му помогнаа да победи во 2019 година. Шестпартискиот опозициски сојуз кој беше предводен од Републиканската народна партија се распадна откако не успеаја да го поразат Ердоган на минатогодишните избори.

Улген вели дека резултатот го става Имамоглу во улогата на можен опозициски лидер и да му биде противкандидат на Ердоган на претседателските избори во 2028 година.

„Овој исход секако беше пресврт за Имамоглу“, смета тој. „Тој ќе се појави како опозициски кандидат на следните претседателски избори.“

Имамоглу, 52-годишен поранешен бизнисмен, е градоначалник на Истанбул од 2019 година. Тој се обиде да се кандидира за претседател на општите избори во Турција во 2023 година, но владата на Ердоган му забрани да се кандидира, потег што поддржувачите на партијата на Имамоглу велат дека бил чисто политички. На тие избори, партијата на Ердоган извојува убедлива победа, оставајќи ја АКП на врвот на национално ниво.

Аналитичарите сметаат дека партијата на Ердоган би ја зацврстила неговата решителност да воведе нов устав – кој ќе ги одразува неговите конзервативни вредности и ќе му овозможи да владее по 2028 година, кога ќе му заврши актуелниот мандат. Ердоган, кој повеќе од две децении во Турција има висока функција –како премиер од 2003 година и како претседател од 2014 година – се залага за нов устав кој ќе ги стави семејните вредности на преден план.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here