Северна Македонија напредна за два индексни поени и девет позиции на најновата листа на Транспаренси интернешнл (Transparency International), меѓународна организација која што го оценува напредокот на земјата во борбата против корупцијата. Според Индексот на перцепција на корупција за 2023 година, Северна Македонија се наоѓа на 76 место со 42 индексни поени, споредно со 2022 година кога беше на 85 место со 40 индексни поени.
И покрај малиот напредок, Македонија и понатаму е во друштво на Унгарија, Молдавија, Тринидад и Тобаго и Буркина Фасо. Од регионот, подобро рангирани од Македонија се Словенија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Бугарија, додека Косово, Албанија, Србија и БиХ се со послаби резултати во борбата против корупцијата.
Измените во Кривичниот законик се наведуваат како главна забелешка за слабиот напредок во земјата во борбата против корупцијата. Но, тие се и причина за загриженост, како и „политички мотивираните назначувања и разрешувања на судии“.
„Само што почнаа да се појавуваат некои мали знаци на напредок, судскиот систем во Северна Македонија (42) беше значително „нарушен“ со недемократски направените измени на Кривичниот законик“, се наведува во извештајот.
Во него се наведува дека одлуката да се намалат казните за злоупотреба на службената положба за лична корист и скратените рокови за покренувањето на правна постапка за сомнителни случаи на корупција е голема услуга за корумпираните луѓе.
„Се проценува дека 200 случаи ќе бидат отфрлени, вклучително и оние против поранешни високи функционери. Политички мотивираните назначувања и разрешувања на судии предизвикуваат дополнителна загриженост за способноста на судството ефикасно да се бори против корупцијата“, се посочува во извештајот.
„Судството и јавното обвинителство кои треба да бидат водечки ентитети во борбата против корупцијата повторно согласно анкетите кои се водеа, а поврзани со довербата на граѓаните со нивното работење покажаа загрижувачки ниски проценти. И онака нискиот процент на доверба од 4 % падна на 1 % што е реален показател на тоа дека главните институции кои треба да ги применуваат законите и да одредат што е во согласност со правото, а што не, треба да имаат огромно подобрување во нивната работа“, посочи претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија, Благоја Пандовски.
Како пример е наведена изјавата на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми дека постојат политички притисоци врз највисокиот суд, што е скандалозно и поразително и сериозна индиција за нарушување на независноста на судството. Потоа работата на Судскиот совет, за која ЕУ даде 40 препораки, како и последиците од измените на Кривичниот законик.

Никаков напредок во борбата против корупцијата и на светско ниво
Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година, кој што меѓународната организација Транспаренси интернешнел го објави денеска, посочува дека повеќето земји постигнале мал или воопшто не постигнале никаков напредок во справувањето со корупцијата во јавниот сектор.
Данска (90) е на врвот на индексот шеста година по ред, а по неа следуваат Финска и Нов Зеланд. На дното на листата се Сомалија, Венецуела, Сирија, Јужен Судан и Јемен.
Во извештајот се заклучува дека има глобален пад на правдата и владеењето на правото од 2016 година. Подемот на авторитаризмот во некои земји придонесува за овој тренд, па дури и во демократски контекст, механизмите кои ги држат владите под контрола се ослабени. Владите ширум политичкиот спектар ги поткопаа правосудните системи, ги ограничија граѓанските слободи и се потпираа на недемократски стратегии за справување со неодамнешните предизвици, вклучително и со пандемијата.
Овогодинешниот Индекс на перцепција на корупцијата (ИПК) покажува дека само 28 од 180 земји измерени со овој индекс го подобриле нивото на корупција во последните дванаесет години, а 34 земји значително се влошиле. И покрај напредокот постигнат низ целата планета во криминализирањето на корупцијата и формирањето специјализирани институции за справување со неа, нивото на корупција стагнира на глобално ниво.








