Трамп победи. Како Европа може да ќари од тоа?

Трамп победи затоа што им го зборуваше на гласачите тоа што сакаа да го слушнат: повторно враќање на економската супериорност на САД и повеќе пари во нивните џебови, за разлика од демократите коишто ги одбиваа избирачите со својата салонска реторика и претерана политичка коректност. Читајте што би можело да следи сега и како Европа може дури и да има корист од триумфалното враќање на Трамп во Белата куќа.

„It’s the economy, stupid” (Сѐ е во економијата, глупчо) е славната изјава на Џејмс Карвил, политичкиот стратег на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, којшто во 1992 година вака објаснуваше што им е најважно на гласачите на претседателските избори.

На Американците на коишто им беше грижа за економијата повеќе одошто за другите прашања – а повеќе од половина од нив имаат изјавено во анкети дека финансиски стојат полошо одошто пред четири години – изборот за претседател беше јасен: тоа е републиканецот Доналд Трамп.

Трамп денеска излезе како победник на изборите, избран на бранот од незадоволство од економијата, главната причина за неговата победа над демократската кандидатка, актуелната потпретседателка на државата, Камала Харис.

Околу 31 отсто од бирачите рекле дека економијата е за нив најважното прашање, зад 35% за коишто приоритет е состојбата на демократијата, покажуваат податоците на агенцијата „Едисон Рисрч“ (Edison Research).

Оние коишто за главна преокупација ја издвоиле економијата, убедливо повеќе гласале за Трамп, 79 отсто од нив, во однос на 21% за Харис. Високата инфлација изминативе години и нејзиното влијание на животниот стандард исто така ги сврти бирачите кон Трамп. Повеќе од половината рекле дека инфлацијата минатата година умерено им го отежнала животот, а речиси една четвртина рекле дека им предизвикала значителни проблеми.

Податоците на „Едисон“ покажуваат дека 45 отсто од гласачите на национално ниво велат дека нивната ситуација е полоша денес отколку пред четири години, во споредба со 20 отсто кои се чувствувале така во 2020 година. Тие гласачи го фаворизирале Трамп, со 80 отсто наспроти 17 за Харис.

Овие резултати се во согласност со истражувањето кое покажа дека потрошувачите веруваат дека економијата е во лоша состојба и покрај историски ниската невработеност, економскиот раст и високата потрошувачка. Индексот на задоволството на потрошувачите, кој го составува Универзитетот во Мичиген двапати месечно, беше на најниско ниво во летото 2022 година, кога инфлацијата беше 9,1 отсто, што е највисока од почетокот на 1980-тите.

Иако инфлацијата се намали во следните две години, погледот на гласачите за состојбата на економијата е сè уште многу полош отколку што беше за време на првиот мандат на Трамп, од 2017 до 2021 година, што се одрази и на гласачките места во вторникот на 6 ноември.

Каде погрешија демократите?

Демократите се бесни во моментов, барајќи го виновникот за поразот. Сега се прават анализи за тоа каде погреши таборот на Харис изминативе неколку месеци во кампањата, за да таа доживее пораз, што може да се каже дека е и убедлив, иако прогнозите до пред самиот ден на изборите беа за многу тесна разлика помеѓу двајцата кандидати. Но, Трамп според последните бројки во моментот на пишување на овој текст, има освоено 292 електорски гласови наспроти 224 за Харис, а за победа му требаа 270. Тоа е спецификата на американскиот изборен модел, каде што за разлика од повеќето други земји со претседателски систем, САД не го избираат својот лидер врз основа на резултатите од народното гласање. Наместо тоа, победникот се одредува според исходот на поединечните избори во секоја сојузна држава. Тоа се практично 50 посебни избори од 50-те држави, плус округот Колумбија. Секоја држава ги доделува сите електорски гласови на кандидатот кој освоил најмногу гласови во таа држава. Секоја држава добива ист број на електори колку што има конгресмени и сенатори – колку е поголема државата, толку повеќе електори има. Победникот од гласањето на Пенсилванија, на пример, ги добива своите 19 гласови од електорите. На кандидатот му требаат 270 од 538 електорски гласови за да ја добие претседателската функција.

Актуелната потпретседателка на САД, Камала Харис, којашто влета во претседателската трка како замена на Џо Бајден, не успеа да ги убеди мнозинството Американци во својата програма.

Според аналитичарите, демократите погрешиле во следниве фундаментални работи.

Прво, предоцна го тргнаа Бајден како кандидат, второ – ја воведоа Камала Харис затоа што беа во дефанзива (заменски кандидат).

„Беше премногу ризично да се тргне во кампања со жена која не е од белата раса, туку од мешано индиско-црнечко потекло. Тие претставија кандидатка против којашто републиканците знаеја да водат кампања. Некој нов би имал поголема шанса против Трамп, вака не успеаја. Трамп го повтори она што го направи против Хилари Клинтон во 2016 година. Во кампањата се претставуваше како борец, борец за народот, човек на народот. За него тоа значи неретко простачки, вулгарни настапи, она што обичниот човек го разбира лесно. Својата кампања ја водеше во смисла на борба против естаблишментот, богатите елити итн.“, за Индекс.хр вели хрватскиот политички аналитичар Жарко Пуховски. Тој смета дека демократите мора да се вратат кон рационалноста за нешто да се промени.


„Мора да се вратат кон рационалноста како модел, да се откажат од хистеријата на официјалниот говор наспроти секојдневната реторика. Трамп им вели на гласачите: јас говорам како вие во локалните биртии, а не како некои господа во салоните. Официјалната политичка коректност мора да биде радикално редуцирана, затоа што обичниот човек се губи во таквиот дискурс. А, тогаш ја губи и вербата во таквата политичка опција, во кандидатот и се врти кон другиот, што е антипод на сето тоа.“

Што може да се очекува од Трамп во вториот мандат?

За време на неговата претседателска кампања, Доналд Трамп даде големи ветувања за тоа што се очекува доколку се врати во Белата куќа.

„Со ваша поддршка, ќе ја вратиме силата, доминацијата, просперитетот и гордоста на нашата нација. Ова ќе биде новото златно доба на Америка“, рече Трамп две недели пред денот на изборите. Сега кога Трамп освои втор мандат како претседател, што може да се очекува од неговата претстојна администрација?

Одговорот на тоа прашање многу зависи од тоа кого прашувате, како што пишува Радио Слободна Европа. Поддржувачите на Доналд Трамп веруваат дека тој ќе ја направи Америка повторно голема, дома и во странство. Неговите противници предупредија дека Трамп ќе ја поткопа демократијата во САД.

Трамп често ги критикуваше своите политички противници, нарекувајќи ги „непријател одвнатре“ и сугерирајќи дека војската може „многу лесно да се справи“ со нив во случај на постизборен хаос.

Фото: AP

Коментарите ја наведоа потпретседателката во заминување Камала Харис, која се кандидираше и загуби од Трамп, непосредно пред гласањето да каже дека Трамп е „опседнат со одмазда, обземен од поплаки и бара неконтролирана моќ“.

Дома, американскиот судски систем е една област каде што се очекува Трамп „да ја исчисти куќата“, во голема мера поради повеќе кривични случаи поврзани со неговиот прв мандат, вклучително и во врска со наводното мешање во изборите и обидите да се попречи трансферот на власта по неговата загуба на изборите во 2020 година.

Трамп, исто така, рече дека „апсолутно“ ќе ги помилува неговите поддржувачи затворени за нивната улога во упадот во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 во неуспешниот обид да се наруши потврдата за победата на Џо Бајден.

Гледано во поширок контекст, многумина предвидуваат дека Трамп ќе го користи „Проектот 2025“- иницијатива замислена од десничарскиот тинк-тенк на Фондацијата Херитиџ во Вашингтон за „да се урне длабоката држава“ – како образец за неговите политики.

Трамп се огради од „Проектот 2025“ за време на неговата кампања, тврдејќи дека не знае кој стои зад него, но истрагата покажа дека се вклучени најмалку 140 луѓе кои работеле во претходната администрација на Трамп.

„Трамп сака да зборува строго, но ретко го прави тоа. Секоја одмазда ќе биде случајна и од членовите на персоналот. Мислам дека ќе има многу промени во Министерството за правда“, рече Кит Натон, ко-основач на американската фирма за јавни односи „Стратегии на тивко мнозинство“.

Веројатно ќе се промени и начинот на кој САД го вршат своето влијание низ светот.

Трамп изјави дека може да стави крај на руската војна во Украина „за 24 часа“.

Со оглед на тоа што Израел е вклучен во војна на два фронта на Блискиот исток против вооружените групи поддржани од Иран, Трамп го повика Израел „да ја заврши работата“.

Питер Скери, професор по политички науки на Бостонскиот колеџ, очекува Трамп да „притиска за некаков вид спогодба“ меѓу Москва и Киев, предвидувајќи дека тоа „ќе значи големи отстапки од страна на Украина“.

Што ќе направи Трамп во врска со Израел е многу помалку јасно, смета Скери, но додава дека „тој ќе покаже поддршка за Израел“, а во исто време ќе се обидува да го оживее Абрахамскиот договор што има за цел арапско-израелска нормализација.

Кина, со која Трамп започна трговска војна за време на неговиот прв мандат, е џокер (вајлд карта).

Трамп вети дека ќе воведе построги царини за производите произведени во Кина, доколку Пекинг „влезе во Тајван“. Тој претходно изјави дека нема да мора да користи американска воена сила за да спречи можна кинеска блокада на Тајван поради неговиот однос со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Во неговите четири години како претседател, Трамп се залагаше за членките на НАТО да ги исполнат потребните нивоа на трошоци за одбрана, цели што повеќето од нив ги исполнија.

Трамп, исто така, го надгледуваше повлекувањето на САД од УНЕСКО, Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ) со Русија, иранскиот нуклеарен договор постигнат со светските сили, Парискиот договор за ублажување на ефектите од климатските промени и прекинатото финансирање за Светската здравствена организација поради нејзиниот одговор на појавата на коронавирус.

Политико: Европа може да ќари од победата на Трамп

Што може да донесе мандатот на Трамп за Европа? Угледниот „Политико“ (Politico) имаше интересна опсервација непосредно пред изборите, тврдејќи дека Европа би требало да се надева на победа на Трамп. Што сега веќе, значи дека треба да се радува за неа. Зошто? Затоа што, „длабоко чувство на малаксаност ја има зафатено ЕУ“. Политиката во двете најголеми земји-членки на блокот, Франција и Германија, е длабоко скршена – како и односот меѓу нив, смета „Политико“. Во меѓувреме, слабите лидери, понискиот раст и големите фискални предизвици и предизвиците поврзани со миграцијата резултираа со акутно чувство на бесцелност низ континентот.

Но, колку и да звучи изненадувачки, повторното седнување на Трамп во Белата куќа, може да го врати повторно чувството на раздвиженост низ Европа.

Како што е сега, Франција и Германија станаа најголеми контрибутори за сегашната малаксаност на ЕУ. Коцкањето на предвремените избори на Макрон резултираше во многу помалку стабилна и предвидлива политичка средина, при што спиралниот фискален дефицит на земјата го оцрнува неговото економско наследство – а со тоа и неговиот кредибилитет во ЕУ. Во меѓувреме, во Германија, слабата и девастирана коалиција можеби нема ни да го истера својот мандат до крај.

Проблемите на блокот, се разбира, не се само француско-германски. Предизвиците со кои членките сега се борат најмногу – безбедноста, одбраната, миграцијата и фискалната политика – се најмалку подложни на колективните активности ширум ЕУ, токму затоа што се суштински за националните држави: границите, даноците и националната безбедност. Сепак, со ограничен апетит за здружување на суверенитетот во овие области, лидерите на ЕУ ќе се борат ефикасно да ги решат грижите на своето население, дополнително поттикнувајќи го популизмот и политичката фрагментација.

Европа е подзаспана, а враќањето на Трамп може да ги разбуди европските лидери и да ги мобилизира околу опасностите што ги носат очекуваните одлуки и политики на новиот американски претседател, смета „Политико“. Фото: Geert Vanden Wijngaert/AP/dpa

Токму тука Трамп може да „помогне“, вели „Политико“.

Повеќето лидери на ЕУ – освен унгарскиот премиер Виктор Орбан и веројатно словачкиот премиер Роберт Фицо и италијанската премиерка Џорџија Мелони – се молеа потпретседателката Камала Харис да победи на изборите. Нивните стравови имаат четирикратна основа: можното повлекување на Трамп од НАТО и крај на посветеноста на Америка да го одржува Континентот безбеден; еднострано наметнување на прекин на огнот и мировен договор меѓу Русија и Украина во спротивставување на интересите на Киев и Брисел; штетна трговска војна; и влијанието на Трамп врз екстремната десница на ЕУ.

Сите овие се легитимни грижи. Сепак, тие се краткорочни и кратковиди и го игнорираат ефектот што може да го има шокот од второто претседателство на Трамп.

Победата на Трамп веднаш ќе ги оживее плановите за повеќе заеднички долг на ЕУ за потребите на безбедноста и одбраната на блокот. Таа идеја – првично поттикната од Макрон и поддржана од новата висока претставничка на ЕУ Каја Калас – ја доби дури и премолчената поддршка од штедливата Северна Европа, но таа го загуби моментумот по изборниот гамбит на францускиот претседател. Шокот од вториот мандат на Трамп несомнено повторно би го оживеал овој моментум, не само затоа што Германија – земјата која најмногу не сака да ги поддржи идеите на Макрон – е исто така земјата која најмногу се плаши од губење на американската гаранција за безбедност.

Истото би било точно за мрачните економски изгледи на континентот. Дијагнозата на поранешниот претседател на Централната банка Марио Драги за инвестициска празнина од 800 милијарди евра годишно, може да се пополни само со поголемо заедничко финансирање. Исто така, потребен е поинаков пристап кон индустриската и фискалната политика ширум ЕУ, која, повторно, ќе започне во Германија и ќе се прелее во остатокот од ЕУ – нешто што трговската војна со Трамп може да помогне да се отклучи.

Имајќи го Трамп повторно на чело може да има уште два корисни ефекти за Европа: Прво, тоа би додало тежина на обидот на Европската комисија целосно да го промени буџетот на ЕУ и да го направи посоодветен за целта – трошењето приближно две третини од финансиите на блокот на земјоделските субвенции и кохезионите фондови веројатно нема да бидат одржливи кога ќе се соочат со егзистенцијалните ризици што ги претставува Трамп. Второ, тоа би го поттикнало веќе закоченото ресетирање меѓу Велика Британија и ЕУ, бидејќи високите функционери од двете страни веќе веруваат дека неговото враќање ќе ги поттикне да најдат покреативни начини да ги надминат нивните респективни црвени линии.

Се разбира, постои ризик дека претседателството на Трамп ќе ги промовира центрифугалните инстинкти на ЕУ наместо нејзините интегративни. Неговите обиди да ја подели ЕУ преку билатерализација на односите со земјите-членки може да се покажат успешни, особено ако се поврзат прашањата на трговијата и одбраната. Покрај тоа, делумно, или можеби целосно, напуштање на НАТО може да предизвика паника меѓу Европејците, што ќе доведе до одговор „секој за себе“.

Нема сомнение дека претседателството на Трамп ќе ја тестира американската демократска култура и мултилатералните институции на светот – веројатно до нивните точки на прекин. Не е нешто лесно да му се посака на светот. Но, тоа може да биде и само шок потребен за да се спречи ЕУ да падне во долг, а можеби и терминален пад, заклучува на крајот „Политико“.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here