Генералната состојба со човековите права во Македонија минатата година била практично иста како и во 2022 година, што значи дека не била воопшто добра, а во некои области и дополнително се влошила, според најновиот Извештај на американскиот Стејт департмент.
Американската администрација нотирала сериозни ограничувања на слободата на изразување и медиумските слободи, вклучително и насилство и закани кон новинарите. Исто така, забележана е и сериозна корупција во Владата, како и криминални дела што подразбираат насилство и закани кон припадниците на ЛГБТИ заедницата. На Владата ѝ се забележува дека не презела доволно чекори да ги идентификува и казни државните службеници што извршиле кршење на човековите права.
Слободата на говор поткопана од повеќе фактори
Во однос на слободата на изразување, во Извештајот се вели дека иако Владата генерално го почитувала уставно гарантираното право за слобода на говорот, според медиумите и граѓанските организации, слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и од самоцензурата.
Наведен е примерот со документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија, кој го истражува пожарот во модуларната болница во Тетово COVID-19 во 2020 година, во кој загинаа 14 лица, а во кој била истакната долготрајната истрага на ОЈО, вклучително и за наводно изманипулиран тендер за несоодветната болница. Се нотира дека ИРЛ добила закани од бизнисмен и поранешен владин функционер поврзан со градежната компанија и одредени владини и правосудни органи и дека Здружението за новинари, Советот за етика во медиумите, Самостојниот медиумски синдикат и Македонскиот институт за медиуми најостро ги осудиле тие закани.

Извештајот се осврнува и на регулативата која може да ја влоши медиумската корупција.
„Независните медиумски здруженија изразија стравување во врска со предложените измени на Законот за аудио и аудио-визуелни услуги, кои би можеле да дозволат владини кампањи од ‘висок јавен интерес’ да се рекламираат преку комерцијалните радиодифузери. Критичарите тврдеа дека ова може да ја влоши медиумската корупција и уредувачкото мешање. Медиумскиот синдикат извести за случаи на притисоци и закани врз членовите поради спротивставување на овие амандмани“, се наведува во Извештајот.
Корупцијата генерално се влошила
Во однос на корупцијата, во Извештајот се наведува дека законот предвидува кривични казни за корупција од страна на функционери, но оти владата не го спровела ефективно.
„Во септември, владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата создава широки можности за корупција“, се наведува во Извештајот.
Во него се нотира и дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) забележала дека корупцијата генерално се влошила.

Во освртот на состојбите во судството, Извештајот нотира дека лани имало значителни одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери.
Извештајот прави осврт и на ланските случувања во Судскиот совет, унапредувања во судството и обвинителството под политичко влијание, без заслуга или транспарентност, и на недовербата на граѓаните во таквиот систем.
Кусо се нотира и дека ОЈО Скопје покренало истрага за наводите дека персоналот на Државната клиника за онкологија крадел лекови против канцер и ги продавал на црниот пазар, случај поради кој граѓаните во многу наврати протестираа поради тие наводи.
Спомнат е и случајот со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, за кој Комисијата назначена од ОЈО утврдила дека од 2006 година, од приближно 30 случаи во кои бил вклучен Мерко и биле поднесени пред обвинителите, половина биле отфрлени или застарени по различни основи.
Семејното насилство продолжува да е сериозен општествен проблем
Во деловите што ги покриваат правата на жените, ЛГБТИ заедницата, децата, лицата со посебни потреби и останатите ранливи категории, генералниот заклучок е дека човековите права на овие категории граѓани константно се кршат, и дека институционално не се прави доволно за да се санкционираат прекршителите, а овие лица да се заштитат.
Така, на пример, во делот на заштита на правата на жените, Извештајот забележува дека домашното насилство, иако казниво, и понатаму продолжува да е сериозен општествен проблем. Народниот правобранител ги оценил казните за сторителите на семејно насилство како преблаги и додал дека тие казни ниту придонеле за намалување или елиминирање на тешки форми на домашно насилство, ниту обезбедиле доволна заштита на жртвите.
Заклучно со септември 2023, Министерството за внатрешни работи регистрирало 517 случаи на семејно насилство, со 526 осомничени извршители. Властите пријавиле најмалку 6 случаи на фемицид, извршен од актуелни или поранешни партнери на жртвите, брачни партнери или блиски членови на семејството.
Исто така, насилството кон ЛГБТИ припадниците е нотирано како проблем. Граѓанските организации имаат пријавено дека во повеќе наврати надлежните неадекватно спровеле истрага и процесирале случаи на насилство кон ЛГБТИ припадниците. Граѓанските организации пријавиле и пораст на случаите на говор на омраза кон трансродовите лица и хомосексуалците. ЛГБТИ лицата биле маргинализирани, а активистите што ги поддржуваат нивните права биле жртви на бројни инциденти на општествени предрасуди кон нив.