Сосема спротивно на владината мантра за време на премиерот Зоран Заев дека рудници нема да има, притоа еднострано раскинувајќи ги договорите за концесии за рудниците Казандол и Иловица, Владата предводена од истата партија, СДСМ, на чело со премиерот Димитар Ковачевски има став дека „рудник, не само во Иловица, туку и на која било друга локација ќе има поддршка доколку работните процеси во еден таков индустриски капацитет се согласно највисоките стандарди за заштита на животната средина и здравјето на луѓето“.
Од Владата објаснуваат дека иако економскиот развој е еден од врвните приоритети, сепак „оваа цел не смее да биде постигната по цена на загрозување на безбедноста и здравјето на луѓето. Заштита на животната средина и здравјето на луѓето се повисок приоритет од економскиот развој“, пишува во одговорот од Владата.
Дополнително, властите велат дека пред да донесат каква било понатамошна одлука, имаат намера да ги консултираат локалните жители и да го имаат предвид нивното мислење, кое, патем, граѓаните од југоисточниот регион своеволно организирајќи референдуми, веќе еднаш го искажаа и гласаа против отворање на рудници во Гевгелија, Валандово и струмичко.

(Зоран Заев, 2 јули, 2020)
Но, дека власта планира да го развива рударството како гранка класифицирана во тешка загадувачка индустрија, зборува и фактот што Министерството за економија уште пред една година нарачало да се изработи дваесетгодишна Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини, од страна на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ).
Според информациите од МАНУ, првата нацрт верзија на Стратегијата ќе биде презентирана овој месец, додека пак таа целосно би требало да биде готова следната година. Веќе од јули годинава, ќе се вклучеле и словенечки експерти коишто требало да ја хармонизираат стратегијата со европските стандарди.
Академик Блажо Боев, којшто е координатор на работната група во МАНУ што ја изработува Стратегијата, вели дека основна цел на документот ќе биде „да се испитаат можностите и ризиците за одржливо искористување на минералните суровини“, меѓутоа, како што нагласи неколку пати, „не по секоја цена“, алудирајќи на негативните влијанија од рударството врз животната средина.
Професорот Тодор Серафимовски, пак, смета дека економијата на земјава може да „воскресне со експлоатација на минералните суровини“, притоа зборувајќи за периодот меѓу шеесеттите и деведесеттите години од минатиот век како златна доба кога се отворени најголем дел од рудниците за метали во земјава и според него “малите неразвиени градови и села доживеале процут претворајќи се во рударски центри“.
Според Серафимовски, дури и Европа направила грешка што “претерано“ се фокусирала на животната средина а во исто време отфрлила експлоатација на одредени суровини кои сега, особено по избувнувањето на воениот конфликт во Украина, се покажале како критично потребни.
Серафимовски вели дека иако цените на металите прилично варираат, повеќедецениска анализа на податоците покажува дека несомнено има профит во експлоатирањето на овие минерални суровини. Професорот истакна дека земјава сега може да биде лидер по експлоатација на бакар, кој што според него го има во количини до милијарда тони и тоа најмногу во Боров Дол, Кадиица, Плавица и токму двата рудника за кои властите ги раскинаа концесиите по барање на локалното население, Казандол и Иловица.
Инаку, бакарот заедно со арсенот, хелиумот, манганот и никелот од годинава се на листата критични суровини за ЕУ за коишто има голема побарувачка.
Рудниците шират токсини во радиус до 25 километри
И покрај сите напори на експертите геолози ангажирани од МАНУ да ги истакнат придобивките од експлоатирањето на минералните суровини во изработката на Стратегијата, за тоа колку е безбедно здравјето на граѓаните од работењето на рудниците, свои наоди сподели професорот Трајче Стафилов, хемичар чија специјалност е токму анализа на траги од елементи особено во животната средина.
Тој сподели шокантни податоци за негативните последици од некои рудници во земјава, што и ден денес ги има во радиус дури и до 25 километри, преку ветерот во воздухот и водите од реките, што делуваат како освестувачка шлаканица на секоја идеја за повторно заживување на рударската индустрија.
Според него а врз основа на сите истражувања, негативните последици од рударската дејност се несомнено поизразени отколку позитивните ефекти и тоа пред се’ директно врз здравјето на луѓето преку загадување на животната средина – контаминација на почвите, водите, емисија на прашина што содржи токсини, уништување на шумите.
„Влијанијата на металите врз животната средина се поврзани најмногу со фазите на ископување, екстракција и преработка на рудата, при што се ослободуваат огромни количества на јаловина. Металите не се разградливи и откако ќе се најдат во околината, тие се акумулираат во почвите и седиментите, и имаат токсично влијание дури и врз храната“, вели професорот Стафилов.

Според последните проценки, рударството создава околу 17 милиони тони отпад, од кој четвртина се смета за опасен.
Врз основа на податоците за распределеноста на овој опасен отпад и неговата токсичност, во 2005 година направена е листа на 16 таканаречени жешки точки, меѓу кои дури 4 се активни рудници и тоа, Бучим, Саса, Злетово и Тораница, а на листата е и Лојане којшто е затворен, но јаловината што содржи арсен и ден денес ја загадува околината во Куманово.
Професорот Стафилов наведе неколку примери што покажуваат дека токсични елементи неколкукратно над дозволеното се присутни во водите, почвите и воздухот во близина на рудниците.
На пример, во регионот на Пробиштип каде што е лоциран рудникот Злетово, во почвите има токсичен арсен од 20 милиграми во килограм, што е двојно повеќе од просекот во земјава, односно три пати над просекот во Европа. Слична е состојбата со присуството на кадмиум, олово и исклучително опасниот индиум.
Освен во почвата, со овие елементи се контаминира и воздухот преку прашина, така што податоците покажуваат неколкукратно поголемо присуство на истите опасни метали како арсен, олово и кадмиум околу рудниците Злетово, Саса и Тораница, односно во Пробиштип и Македонска Каменица.
Кај рудникот Тораница, се утврдило дека почвата и воздухот се минимално контаминирани само до вториот километар, главно поради планинско – кањонскиот терен, но, на пример во водите на Крива река која што тече во близина на рудникот, седиментите имаат присуство на олово, цинк и кадмиум далеку над интервентни вредности дури до 25 километри.
„Тоа е толку алармантно што во почвите со такви вредности, како што се на пример сите почви околу Велес, не смее да има никакви земјоделски активности“, истакнува професорот Стафилов.
Загрижувачки се и наодите од истражувањата на потенцијално токсични супстанци во храната направени лани, по земање на 50 примероци од зеленчуци и житарици по течението на Злетовска и Киселичка река во Пробиштип.
„Во сите примероци содржините на олово се меѓу пет и десет пати над максимално дозволените. Половина од примероците имаат присуство на кадмиум над дозволеното“, предупредува Стафилов.
Тој потсетува дека затворањето на рудникот Лојане во кумановско треба да служи како лош пример како не треба да се напушти рудник. Затворен во 1979 година, зад себе остави контаминирано подрачје од 10 километри квадратни со 450 илјади тони јаловина “збогатена“ со арсен и антимон, и депонија од 15 илјади тони арсенски концентрат, произведен и непродаден оставен врз старата јаловина. Одредено количество од тој концентрат има оставено и кај старата железничка станица кај Табановце и се уште стои таму.
„Арсенски концентрат со присуство на 30% до 50% арсен, доведува до интензивно контаминирање на површинските и подземните води, почвите, храната, воздухот. Во бунарите за вода за пиење што до неодамна ги користеа мештаните, наместо дозволени 10 микрограми на литар, концентрацијата се движи меѓу 100 и 200. Ова е лош пример и ова не смее да се повтори“, предупредува Стафилов.
Еколошки рудник – реалност или утопија
Ректорот на Штипскиот Унивезритет, Дејан Мираковски, истражувајќи ги најновите методи на ископување на рудните богатства, го прашал популарниот четбот што функционира врз база на вештачка интелигенција, Chat GPT, дали е возможна безбедна и еколошка експлоатација на минерали.
И додека одговорот од интернет бил потврден, сепак Chat GPT потенцира дека „рударската индустрија е инхерентно ризична и бара постојани напори и подобрувања за да се обезбеди посакуваното ниво на безбедност и одржливост“. Професорот, сепак, не прашал колку е прифатливо да има експлоатација на метали во близина на населени места со оглед на високата ризичност на индустријата.
Мираковски истакнува дека денес тренд е паметното рударство, концепт кој користи софистицирани технологии за зголемување на безбедноста и продуктивноста и намалување на влијанието врз животната средина.
Меѓутоа, според него, овие паметни решенија се тешко достапни на пазарот бидејќи си ги развиваат самите компании од индустријата, цената на врвните технологии е енормно висока, а дополнително потребен и високо обучен кадар којшто би ги применувал овие решенија. Освен тоа, неопходни би биле и законски измени што ќе дозволат употреба на нови софистицирани технологии во оваа индустрија.
Меѓутоа, еден чекор напред што се однесува до легислативата во земјава, е усвојувањето на измените во Законот за минерални суровини кои стапија на сила од почетокот на 2019 година, а со кои се забранува употреба на цијанид и сулфурна киселинa во експлоатацијата на метали.
Но, согласно одредбите од Законот, овие измени не се однесуваат на постоечките рудници, туку само за новоотворените.
Друга работа што предизвикува загриженост кај граѓаните е слабата контрола при примената на законите и оттука недовербата кон институциите.
Во таа насока, последниот извештај на Државниот завод за ревизија во делот на искористување на минералните суровини, детектира низа пропусти.
„Со извршената проверка од страна на ангажирани надворешни експерти кај четири концесионери, тројца вршат ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат на вкупен простор од 25.546 м2. Кај еден концесионер забележано е мало флотациско искористување на цинк метал (околу 60%) а голем процент на истекување во хидројаловиштето“, предупреди Заводот за ревизија.
Дополнително, ревизијата констатира дека инспекцискиот надзор се врши без дефинирани критериуми, а годишните програми за работа не се реализирани во целост.
„Иако во периодот 2016 – 2020 година издадени се вкупно 126 решенија за отстранување на неправилности, не е извршен контролен надзор по 42 издадени решенија“, утврдила ревизијата и дополнително, „поради отсуство на независна акредитирана лабораторија, надлежниот Државен инспекторат за техничка инспекција, не е во можност да врши контрола на содржината на металичните и техногени минерални суровини во концентратите кои се добиваат, ниту на средствата со кои се врши незаконска експлоатација.“

Вкупно 17 концесионери на метални суровини што експлоатираат метали на површина од 90 километри квадратни, што е на пример два пати поголема од Дојранското езеро, лани оствариле приходи од продажба на националното богатство во вредност од 266,1 милиони евра. Од нив, 58,9 милиони евра им останале како профит. А во државната каса, уплатиле вкупна концесија од само 4,3 милиони евра.
За концесионерите “азно“, за државата “јаловина“
Дека минералните суровини се национално богатство на секоја земја е несомнено јасно, но податоците покажуваат дека “азното“ сепак завршува кај приватните концесионери, а за државата останува “јаловината“.
Според податоците што ги добивме од Централниот регистар, вкупно 17 концесионери на метални суровини што лани поднеле годишни сметки, оствариле приходи од продажба на националното богатство во вредност од 266,1 милиони евра. Профитот, пак, што им останал е 58,9 милиони евра.
За експлоатација на метали на површина од 90 километри квадратни, што е на пример два пати поголема од Дојранското езеро, тие во државната каса, уплатиле вкупна концесија од само 4,3 милиони евра.
Инаку, овие приходи во Буџетот се според новиот Тарифник за наплата на концесиски надоместоци по доделени концесии за минерални суровини, откако во 2021 година, се зголеми висината на сите видови на надоместоци за 30% од стариот износ.
Ревизијата исто така утврди дека „воспоставениот систем за наплата и евиденција на концесиските надоместоци не обезбедува целосност на приходите и не дава можност за проверка на пресметките. Концесионерите за експлоатација на металичните минерални суровини користат различни пресметки на надоместоците“, констатираше Заводот за ревизија.