Европските конзервативци се во екстаза. Европската народна партија (ЕНП) извојува голема победа на изборите за Европскиот парламент во неделата на 9 јуни, иако екстремно десничарските групи постигнаа уште поголеми придобивки ширум Европската унија.
Силите на десниот центар најверојатно ќе имаат 184 пратеници, што е четвртина од 720-члениот парламент, според прелиминарните бројки. Тоа е единствената партија на центарот што порасна на овие избори – Социјалдемократите (СиД) останаа стабилни, додека либералната група Renew Europe (Да ја обновиме Европа) беше десеткувана, пишува Политико.
Од својата позиција на моќ, ЕНП е во најдобра позиција да ја одреди политиката на ЕУ со наклонетост кон десно. „Ние сме партија на индустријата, ние сме партија на руралните области, ние сме партија на земјоделците во Европа“, рече неодамна Манфред Вебер, шеф на пратеничката група на ЕНП во Европскиот парламент.
Додека ЕНП би можела повторно да се приклучи на големата коалиција со социјалистите и либералите, таа исто така би можела да преговара за некои прашања со партиите кои се подесно – ако може да го стори тоа без да ги отуѓи своите центристички сојузници.
Голем пробив на екстремната десница
Како што предвидуваа анкетите, екстремно десничарските сили постигнаа големи успеси низ ЕУ. Во Франција, Националниот фронт на Мари Ле Пен освои речиси една третина од гласовите, со што се етаблира како водечка ултранационалистичка група во следниот парламентарен состав. „Браќата на Италија“ на италијанската премиерка Џорџија Мелони постигнаа сличен успех со поддршка на повеќе од една четвртина од гласачите.
Две групи во Европскиот парламент од крајниот десен дел на спектарот, европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) и групата Идентитет и демократија (ИД), ќе имаат 131 место. И тоа не сметајќи ги 15-те германски претставници на крајно десната Алтернатива за Германија, 10 претставници на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, шестмина претставници на полската партија Конфедерација и тројца членови на бугарската про-руска партија Препород.
Успехот на Мелони во Италија ја поткопа Лигата; некогашната водечка партија во рамките на групата „Идентитет и демократија“ загуби две третини од своите места во неделата.

Во Шпанија, партијата Вокс беше на сличен начин поткопана од Se Acabó La Fiesta (Забавата заврши), нова партија предводена од ултрадесничарската интернет-фигура Алвисe Перез. Таа нова група обезбеди три места кои можеше да му припаднат на Вокс, кој ја удвои својата застапеност и во следниот мандат ќе има шест претставници во Брисел.
Кога екстремната десница би формирала единствена група, таа би била втората по големина сила во парламентот, зад традиционално доминантната Европска народна партија. Ривалствата и несогласувањата во нејзините редови го прават тоа сценарио малку веројатно, но нејзината бројност сепак ќе има влијание врз политиката на ЕУ.
Тесниот пат на Фон дер Лајен до победата
Резултатите од неделата покажуваат дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен има добри шанси да остане на функцијата, но не и сто отсто сигурни. Доколку ја добие поддршката од националните лидери на ЕУ, ќе мора да го натера Европскиот парламент да ја потврди нејзината кандидатура. Во 2019 година, таа беше избрана со гласовите на ЕНП, СиД и Обновете ја Европа. Истата коалиција во принцип би можела да ѝ обезбеди уште едно мнозинство.
Таа ќе мора внимателно да ги анализира бројките бидејќи гласањето за нејзината кандидатура е тајно. Последен пат кога ја побара поддршката од парламентот, пред пет години, теоретски можеше да смета на поддршката од 440 пратеници од три центристички групи, но доби само 383 гласа.
Овој пат трите групи имаат околу 400 од 720 претставници. Тоа треба да биде доволно ако сите нивни членови гласаат за Фон дер Лајен, но не е сигурно дека тоа ќе се случи – дури и некои партии од ЕНП рекоа дека нема да ја поддржат.
Шлаканица за европските зелени
По пет години, за време на кои Зелениот договор (Green Deal) стана главно прашање во Брисел, гласачите се свртеа против еколошки ориентирани партии и ги исфрлија нивните претставници од парламентот.
Зелените претрпеа најзначајни загуби во делегациите од Франција и Германија, кои сочинуваа половина од силата на ова движење во парламентот. И покрај малиот напредок во земјите како Холандија и Данска, Зелените ќе загубат повеќе од десетина пратеници и ќе паднат од четврто на шесто место според бројноста во парламентот.
„Обновувањето“ не успеа да се обнови
Групата Renew Europe (Да ја обновиме Европа) – третиот столб на големата коалиција која доминираше во парламентот во последните пет години – вчера доживеа удар.
Во Франција, партијата на претседателот Емануел Макрон доживеа фијаско затоа што гласачите ја изразија својата фрустрација од националната влада гласајќи за екстремната десница. Шпанскиот огранок на оваа група, Ciudadanos, целосно исчезна – седумте места што ги имаше во парламентот се апсорбирани во централно-десничарската Народна партија. Загуби се забележани и меѓу сродните групи во Романија, Данска и Естонија.
Со околу 14 отсто од пратеничките места, Renew го помина најголемиот дел од претходниот мандат како јазик во билансот. Ренју веројатно нема да продолжи да држи толку моќ, што е лоша вест за лидерите како Макрон, кои се надеваа дека ќе ја искористат за да ја промовираат својата визија за Европа во Брисел.
Како гласаа клучните земји и што значи тоа?
Составот на новиот Европски парламент, законодавното тело на Европската Унија (ЕУ), извесно е дека ќе стане покомплициран откако парламентарните избори донесоа измешана слика на целиот континент.
Како што и се очекуваше, партиите од популистичката крајна десница остварија големи придобивки во освоени гласови во многу земји, додека во други партиите од десниот центар ја задржаа доминацијата, а во дел од земјите членки на ЕУ изненадувачки добри резултати постигнаа левичарските партии.
Еве што вели анализата на „Гардијан“ врз основа на прелиминарните резултати во неколку клучни земји членки на Унијата.
Австрија
Австрискиот канцелар Карл Нехамер вели дека ја слушнал пораката од гласачите и оти ќе се обиде да ги реши нивните грижи пред националните избори закажани подоцна оваа година, вклучително и оние што се однесуваат на прашањата за сузбивање на илегалната миграција. Нехамер говореше кратко пред објавувањето на конечните прелиминарни резултати кои покажаа дека прва на изборите за европскиот парламент во ЕУ е екстремно десничарската партија ФПО со 25,7 отсто освоени гласови, додека веднаш зад неа е владејачката конзервативна Народна партија (ОеВП) со 24,7 отсто.
На трето место се Социјалдемократите со 23,2 отсто, а четврти со двојно заостанување се Зелените кои се дел од актуелното владино мнозинство во Австрија, како помали партнери на конзервативците. Имено, Зелените на европските избори освоија 10,7 отсто од гласовите или за 14 отсто помалку во споредба со поддршката што ја добија на претходните избори за во 2019 година, забележува „Гардијан“.

Лидерот на антиимигрантската крајно десничарска партија, Херберт Кикл, рече дека австриските гласачи испишале историја и отвориле нова ера во политиката во Австрија и во Европа. Неговата партија се очекува да ги повтори резултатите и на националните избори што се очекува да се одржат во септември, но она што е под знак прашалник е дали ќе успее да најде партнери за да формира владино мнозинство.
Белгија
Вчера во Белгија се одржаа тројни избори на кои граѓаните на земјата, покрај за претставници во Европскиот парламент, гласаа и на општи и регионални избори во земјата.
Местата на земјата во Европскиот парламент беа поделени меѓу екстремно десничарската популистичка партија Вламс Беланг (Vlaams Belang), либералното Движење реформатор од француско говорно подрачје и националистичката Н-ВА (Нова фламанска алијанса), кои сите собраа приближно 13 отсто од гласовите.
Иако Вламс Беланг успеа тесно да исплива на врвот, потврдувајќи ги резултатите од претходните изборни циклуси, сепак, екстремно десничарската партија не успеа да ги исполни очекувањата од анкетите.
Данска
Исклучок од севкупниот тренд на изборите за Европскиот парламент, беа нордиските земји, каде што левичарските и зелените партии забележаа победи, за разлика од екстремно десничарските партии кои наидоа на намалена поддршка.
Данска забележа изненадувачки пораст на поддршката за Социјалистичката народна партија (СФ), која стана најсилна партија со 17,4 отсто од гласовите, што е за 4,2 процентни поени повеќе во споредба со резултатот од 2019 година – со сите преброени гласови. Владејачките социјалдемократи загубија 5,9 процентни поени освојувајќи 15,6 отсто од гласовите.
Премиерката Мете Фредериксен рече дека СФ е политички најблиска партија до нејзините социјалдемократи и дека е среќна што гледа дека левичарските партии добиваат на сила.

Франција
Можеби најизненадувачкиот одговор на порастот на поддршката за популистичките партии беше од претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој распиша предвремени парламентарни избори по катастрофалниот пораз од екстремно десничарскиот Национален фронт на Марин Ле Пен.
Нејзината партија освои околу 32 проценти од француските гласови, повеќе од двојно од 15 проценти колку што освои центристичкиот блок на Макрон.
На левата страна, француската Социјалистичка партија, која долго време беше маргинализирана, ја зголеми поддршката на 14 отсто од гласовите, со ветувања за поамбициозна климатска политика и заштита на европските бизниси и работници.
Германија
Непопуларната владина коалиција на канцеларот Олаф Шолц од левиот центар загуби од конзервативната опозиција. Конзервативниот блок, во кој доминира Христијанско-демократската унија (ЦДУ), ја задржа својата позиција како најсилна германска партија во Брисел со повеќе од 30 отсто од гласовите.
Проекциите покажаа поддршка за централно левичарските социјалдемократи на Шолц со 14 отсто, нивниот најлош резултат по Втората светска војна со гласање на национално ниво.
Екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) оствари добивка и покрај низата скандали околу нејзините најдобри двајца кандидати за законодавниот дом на ЕУ. Во меѓувреме, германските Зелени, кои имаат централно значење за глобално важната климатска политика на ЕУ, забележаа пад на поддршката.
Унгарија
Партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан доби најмногу гласови на европските избори, но нејзиниот настап беше најлош во изминатите години. Партијата на Орбан, според проценките, се очекуваше да освои 43 отсто од гласовите, но доби за 10 процентни поени помала поддршка во споредба со претходните избори за законодавниот дом на ЕУ во 2019 година.
Петер Маѓар, кој ја прекина соработката со партијата на Орбан во февруари, успеа да ја изгради најсилната опозициска партија во Унгарија за неколку месеци, со неговата партија Почит и слобода која се очекуваше да освои 31 отсто од гласовите.
Во говорот пред поддржувачите, Маѓар ги нарече изборите Ватерло на владата на Фидес и „почеток на крајот“.
Италија
Италијанската премиерка Џорџа Мелони им се заблагодари на гласачите по објавувањето на резултатите од излезните анкети кои покажаа дека нејзината ултра десничарска партија Браќа на Италија освоила околу 28 отсто од гласовите, пред нејзините ривали од левиот центар со околу 25 отсто.
Се предвидува дека партијата на Мелони ќе го удвои бројот на места во Европскиот парламент од последните избори, што ќе ѝ даде уште поголема поддршка отколку на последните национални избори во 2022 година.
Движењето Пет ѕвезди се најде на третото место со 10,5 отсто освоени гласови, што е најлош резултат на ниво на целата земја од неговото создавање во 2009 година.
Единственото разочарување за сите партии е излезеноста, која беше нешто под 50 отсто, сугерираат првичните податоци, што е рекордно ниско ниво во земја која има историски силна партиципација на гласачите на избори.
Холандија
Во Холандија екстремно десничарската партија на Герт Вилдерс беше втора зад сојузот Лево-Зелени не успевајќи да ги исполни предизборните очекувања.
Партијата Слобода освои 17 отсто од гласовите, додека сојузот Лево-зелени, предводен од поранешниот потпретседател на Европската комисија Франс Тимерманс, доби 21 отсто од гласовите.
Полска
Поранешниот претседател на Советот на ЕУ и актуелен полски премиер, Доналд Туск, тесно ја победи опозициската партија Право и правда, која управуваше со земјата од 2015 до 2023 година насочувајќи ја понатаму надесно.
Прелиминарните резултати покажуваат дека партијата на Туск победи со нешто повеќе од 37 отсто од гласовите, во споредба со 35 отсто колку што освоија неговите ривали.
Шпанија
Лидерот на шпанската конзервативна Народна партија (ПП) најави нов „политички циклус“ откако успеа да излезе прва пред владејачките социјалисти.
ПП синоќа освои 34,2 отсто од гласовите и 22 места, додека шпанската Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) освои 30,2 отсто и 20 места, а крајнодесничарската партија Вокс заврши на третото место со 9,6 отсто и шест места, за две повеќе од 2019 година. Другата екстремнодесничарска фракција Se Acabó la Fiesta имаше нагласено деби, освојувајќи три места, ист број како и коалициските партнери на ПСОЕ од левичарската платформа Сумар. Подемос, што некогаш се сметаше за партија што може да го засени ПСОЕ, забележа слаб резултат освојувајќи две од претходните шест места во Европскиот парламент. Ahora Repúblicas, коалицијата на регионални националистички партии, вклучувајќи групи од Каталонија и Баскија, освои три места.
Лидерот на ПП, Алберто Нуњез Феијо, кој се обиде да ги направи изборите референдум за владата на премиерот на ПСОЕ, Педро Санчез, ги поздрави резултатите и истакна дека неговата партија освоила 700 000 гласа повеќе од социјалистите.
Санчез и честиташе на ПП, но рече дека резултатите од неделата покажале дека неговата партија е единствената владејачка опција способна да се спротивстави на екстремно десничарскиот бран што ги зафаќа Европа и Шпанија.