Додека се чека одлуката дали обвинителката Ленче Ристоска со својата јавна критика кон работата на Советот на јавни обвинители го прекршила Етичкиот кодекс, од Мисијата на ОБСЕ во Скопје со ексклузивна реакција за „Солуција.мк“ – велат дека на ниту еден орган не смее да му се даде право да ја ограничува слободата на говор на обвинителите.
„Извор на тргување со влијание“ – овие зборови на обвинителката Ленче Ристоска со којашто таа го опиша Советот на јавни обвинители изгледа ги разбркаа мувите на капите на повиканите – Советот веднаш се впушти во контра офанзива активирајќи го Етичкиот кодекс и обвинувајќи дека Ристоска го прекршила истиот.
Ристоска во својот говор објасни на што го должи ставот:
„Владее клиентелистички однос за такви што лобираат за нивниот избор и не може да одговори на предизвиците со корупцијата и високиот криминал. Јасно е дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание, и сметам дека треба да се реформира“ рече таа, додавајќи дека треба да се разгледа опцијата тоа да биде ад хок тело, кое ќе се состанува по потреба.
Претседателот на Советот, Антонио Јолевски во овие зборови не најде ни малку вистина, ниту пак мотив да ја разгледа работата на телото што го води. Напротив, тој и колегите ја нападнаа Ристоска дека изнесува паушални обвинувања и му штети на угледот на самото Обвинителство и обвинителите кои се избираат од овој Совет и дека за тоа треба да биде „проверена“ преку Етичкиот кодекс.
Но, токму овој Кодекс, за многумина познавачи на правото, ама и за дипломатските мисии во земјава е спорен и тоа од неколку аспекти – и во однос на неговата содржина и во однос на тоа како се (зло)употребува.
Да не заборавиме дека самиот член 10 став 6 од Кодексот кој забранува обвинителите да коментираат одлуки на Советот беше донесен лани откако токму Ристоска јавно ја коментираше одлуката на Советот да гласа против нејзиното унапредување. Неколку дена пред изборот на обвинители во јавноста веќе се знаеја и низ неколку медиуми се објавија имињата на тие кои ќе бидат избрани во Вишото обвинителство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Ристоска тогаш изјави дека ваквите одредби во Кодексот не може да придонесуваат за антикорупциските практики во едно општетсво и дека со ова се добива впечаток дека Кодексот е тука за да ја штити институцијата преку затвореност и нетранспарентност, а не ги штити човековите права и слободи и најважно – јавниот интерес. Таа кажа и дека за новиот Кодекс се планирани обуки во владината стратегија за антикорупција:
„Споменати се и обуки апропо кодексот, и ќе прашам во контекст на одредбите, како се обучува некој да молчи и никому ништо да не му соопштува, мене не ми е јасно,“ изјави таа.

Фото: СДК.мк
Оттука, низ круговите на правниците и експертите веќе се коментира дека ова се одредби во Кодексот инспирирани од и скроени за Ленче, но истовремено е и порака за сите кои во неа гледаат пример за интегритет и планираат да бидат гласни во посочувањето на аномалиите низ судскиот систем.
Кодексот бара обвинителите да молчат – Законот вели да бидат транспарентни
Ако се направи анализа на самата содржина на Кодексот веднаш се воочливи спорни одредби кои се проблематични и за експертите и правниците со кои разговаравме.
Во делот кај Етичкиот кодекс бара од обвинителите да бидат непристрасни пишува дека тие мораат да се воздржуваат од давање на изјави за јавноста, а особено не смеат да даваат коментари за предмети во кои постапуваат или би можеле да постапуваат.
Ова освен што е спорно од аспект на забрана на говор, спорно е оти е и во директна спротивност со член 8 од Законот за јавно обвинителство, кој на пример ја промовира токму транспарентноста како еден од основните стандарди и пропишува дека Јавното обвинителство треба да ја информира јавноста за одделни случаи по кои постапува, а кои се од значење за остварување на самата функција на ЈО или се од широк јавен интерес.
„Јавното обвинителство почитувајќи го принципот на презумпција на невиност, правото на приватен живот и достоинство, правото на информирање и слобода на медиумите, правото на правично судење, правото на одбрана, интегритетот, ефикасноста и доверливоста на истрагите, како и принципот на отвореност, ја информира јавноста, за одделни случаи по кои постапува, а кои предизвикуваат поширок интерес во јавноста или се од значење за остварување на неговата функција. (2) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вишиот јавен обвинител, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и основниот јавен обвинител или од нив овластени лица, на јавноста и на средствата за јавно информирање, им обезбедуваат пристап до информациите за состојбата на криминалитетот и други прашања од општо значење од работењето на јавното обвинителство“ пишува во Законот.
Во членот 10 Етичкиот кодекс им налага на обвинителите да се воздржат од давање на коментари или известувања за други обвинители, но и дека пред преземање на какви било работи надвор од ЈО, тие мораат да го известат за тоа својот претпоставен и да постапат како што тој ќе им каже.
Оваа одредба е повторно спротивна на самиот Закон за јавно обвинителство, поточно на членот 3 кој јасно предвидува дека принципот на хиерархија и субординација не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на својата должност.
Со овие елементи предвид, неминовно е прашањето – во чија служба е ставен самиот Кодекс кога Законот налага сосема поинаков пристап на јавните обвинители во вршењето на својата задача!?
ОБСЕ: Никој не смее да ги замолчува обвинителите
За Мисијата на ОБСЕ во Скопје нема дилема дека обвинителите, како и сите граѓани имаат право на слобода на говор.
Во реакцијата за „Солуција.мк“ тие велат дека интегритетот и етичкото однесување на сите судски актери, особено на судиите и обвинителите е клучен за почитување на принципите на владеењето на правото. Но:
„Тие одредби не може да го загрозуваат правото на говор и слободата на изразување.
Насоките на ООН за улогата на обвинителите, како и другите меѓународни стандарди признаваат дека обвинителите, како и сите други граѓани имаат право и на слобода на изразување, но и на здружување и собирање, имаат право да учествуваат во јавни дискусии за правни прашања, спроведување на правдата и промоција промоција и заштита на човековите права без притоа да бидат соочени со професионални ограничувања.
Ниту еден орган не треба да има простор за да го ограничи користењето на овие слободи или да наметне дисциплински или други последици“ се вели во реакцијата на ОБСЕ.
Од Мисијата на ЕУ исто така велат дека внимателно и одблиску го следат развојот на сите сегменти во судскиот систем, вклучително и Етичкиот кодекс донесен од Советот на јавни обвинители:
„Ги бележиме сите позиции и мислења на релевантните експерти и невладини организации во врска со Кодексот“ велат тие.








