ЕК: Нема напредок во судството и борбата против корупцијата

Никаков напредок во областа на судството и во борбата против корупцијата, злоупотреба на „европското знаменце“ во носењето закони, отсуство на реформа во јавната администрација, страшна состојба во затворите, голем број напади, закани и застрашувачко однесување кон новинарите, забележува Европската комисија во својот извештај за напредокот на земјава.

Политичката ситуацијата во Северна Македонија остана поларизирана што влијаеше врз правилно функционирање на демократските институции. Нема напредок во судството и борбата против корупцијата. Во голем мера влијание имале и измените на Кривичниот законик, што беа изгласани во брза собраниска процедура. 

Ова се само дел од прашањата за кои Европската комисијата (ЕК) изразува сериозна загриженост во извештајот за напредокот на земјава во 2023 година.

Она што нас како држава треба да нѐ загрижи се овие негативни оценки на ЕК во областите од коишто зависат преговорите на земјава со Европската унија (ЕУ), сметаат експертите. Во нашиот случај добар напредок ЕК утврдила само во поглавјата статистика, слободно движење на капитал  и заедничката надворешна политика на ЕУ.

Корупцијата останува распространета во многу области

Во однос на правосудството, во извештајот на Комисијата се вели дека тоа се наоѓа помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка.

„Нема напредок во судството во текот на извештајниот период. Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет предизвика загриженост околу политичкото влијание. Доцни усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството, чија цел е подобрување на работата на институциите. Напредокот во спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството беше ограничен. Повеќето унапредувања за повисоките судови се соочија со дополнителни одложувања.“, се вели во извештајот на Комисијата.

Што се однесува на корупцијата, ЕК нотира дека таа останува распространета во многу области и предизвикува загриженост.

„Кривичниот законик е изменет по забрзана собраниска постапка. Максималните законски казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што влијаеше, односно прекина голем број случаи на корупција на високо ниво, вклучително и предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство. Измените на КЗ исто така ќе ги попречуваат надлежните да ги истражуваат и гонат ваквите случаи во иднина“, се вели во Извештајот.

На ДКСК и ЈО да им се дадат повеќе пари и човечки ресурси

Европската комисија ја пофали работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, која што била проактивна обезбедувајќи им на државните институции насоки за политиките за спречување на корупцијата, но нејзините препораки треба да се следат.

„Треба да продолжат напорите за подобро функционирање на ДКСК, особено преку доделување на дополнителни средства за ангажирање на потребниот стручен персонал. Дополнителни човечки и финансиски ресурси му се потребни и на Државното јавно обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот задолжени за истрага на корупцијата.“, препорачува ЕК.

 Одредено ниво на подготовка и напредок, според Европската комисија, земјава постигнала во борбата против организираниот криминал, а оти земјата одржува добро ниво на соработка со земјите членки на ЕУ, земјите од регионот, Европол и Еуроџастис.

Сепак, се посочува дека државата треба повеќе да направи за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал.

Дополнително се нотира дека е потребно подобрување на Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал, а оти координацијата останува клучна за сите засегнати страни вклучени во организираната борба против криминал, вклучително и меѓу обвинителите и полицијата.

“Европското знаменце“ се користи и кај треба и кај не треба

Комисијата ја критикува несоодветната употреба на „европското знаменце“.

„Се забележува прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на брзите процедури во носењето закони и на процедурата за ‘европското знаменце’, во некои случаи поради недостиг на консултации и лошо планирање на законодавниот календар. ‘Знамето на ЕУ’ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојувањето закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не да се скрати јавната дебата за важни прашања“, посочува Европската комисија.

Таа препорачува да се зголеми транспарентноста на финансирањето на политичките партии, а парламентот да обезбеди навремено разгледување на законските извештаи што му ги испраќаат државните агенции и органи.

Генерално, граѓанските организации (ГО) во Северна Македонија продолжуваат да работат во поволна средина. Сепак, владата треба да ги зголеми своите напори за вклучување на граѓанското општество во приоритетните области и консултативни активности. Граѓанските организации треба да играат важна улога во реформскиот процес и да бидат вклучени во процесите на донесување одлуки, се наведува во Извештајот.

„Постојните законски и финансиски рамки сè уште треба да бидат изменети и имплементирани во пракса, особено за да се обезбедат конзистентни механизми за доделување јавно финансирање на ГО. Потребно е Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество да ги продолжи своите активности“, се додава во него.

Нема реформи во јавната администрација

Северна Македонија останува умерено подготвена во однос на реформите во јавната администрација. Ограничен напредок бил постигнат во периодот на известување со усвојувањето на новата стратегија за реформа на јавната администрација и придружниот акциски план во јули 2023 година, забележува ЕК.

„Откако го започна процесот пред пет години, земјата сè уште не ја усвои ревидираната законска рамка за управување со човечки ресурси, која ги вклучува ревидираниот Закон за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и новите законски одредби за управување на највисоко ниво. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси низ администрацијата и да помогне да се обезбедат вработувања, унапредувања и отпуштања врз основа на заслуги на сите нивоа, вклучително и високото раководство“, стои во Извештајот за напредокот на земјава.

Комисијата нагласува дека законодавството сè уште не ги прифатило препораките на ДКСК за непотизам, кронизам и политичко влијание при регрутирањето на вработените во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорни и управни одбори.

Голем број напади и закани кон новинарите

Северна Македонија е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во областа на слободата на изразување. Генерално, постигна ограничен напредок, оценува ЕК.

„Општиот контекст е поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко медиумско известување. Изменетиот Кривичен законик и Законот за граѓанска одговорност за клевета го подигнаа севкупното ниво на правна заштита на новинарите. Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашувачко однесување кон новинарите. Потребна е поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Потребна е реформа на јавниот радиодифузен сервис за да се зајакне неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост. Од декември 2018 година, парламентот го одложува назначувањето на програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и советот за регулација на медиумите. Условите за работа на новинарите остануваат предизвикувачки“, се наведува во Извештајот.

Лошата транспортна и енергетска инфраструктура, ниските инвестиции и слабото финансирање на иновации го ограничуваат економскиот раст

Во однос на економските критериуми, Северна Македонија постигна одреден напредок и е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, нотирано е во Извештајот. Во 2022 година, економијата беше тешко погодена од последиците од руската агресивна војна против Украина, што значително го забави нејзиното закрепнување по ковид-19. Владата ги поддржа домаќинствата и бизнисите преку големи енергетски субвенции, даночни намалувања и насочена директна поддршка на приходите.

Поради зголемувањето на даночните приходи поттикнати од инфлацијата и недоволното извршување на 7 категории расходи, дефицитот на општата влада остана под ревидираната цел. Капиталните расходи беа значително зголемени, но сепак не беа во однос на ревидираниот план. Соодносот на јавниот долг падна, но останува значително над нивото пред ковид-19, забележува ЕК.

„Пазарот на трудот покажа одредено подобрување, но структурно проблемите опстојуваат, вклучително и високата младинска и долгорочна невработеност и големиот родов јаз. Северна Македонија постигна одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ. Постигнат е дополнителен напредок во подобрувањето на стручното образование, но големиот недостиг на вештини и понатаму е во однос на потребите на пазарот на труд, што повлекува долга транзиција од училиште до работно место. Овие, заедно со големите празнини во транспортната и енергетската инфраструктура, ниските инвестиции и ниското финансирање за иновации, го ограничуваат потенцијалниот раст. Дигитализацијата на економијата напредува, но конкурентноста на домашните бизниси може да се подобри преку поширока понуда на јавноста на е-услуги“, забележува ЕК.

Треба широк консензус на големите политички партии за евроинтегративниот процес

Во однос на политичките критериуми, ЕК нотира дека земјава продолжила со напорите за зајакнување на демократијата, „додека во исто време се соочуваше со значителни предизвици во областа на владеењето на правото“. Според ЕК, правната рамка останува погодна за одржување демократски избори во Северна Македонија, но сепак се забележува дека не е постигнат напредок за решавање и имплементација на укажаните препораки од страна на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ и Венецијанската комисија.

ЕК забележува дека политичката поларизација во земјава дополнително се продлабочила, и укажува на неусвојувањето на уставните измени.

„Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација, која дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони. Преговорите за пристапување во ЕУ-процесот бара широк консензус на големите политички партии. Сите партии треба да почнат да се вклучуваат во конструктивна и инклузивна политичка дебата, за да се зајакне улогата на Собранието. Парламентот и Владата се обврзаа да започнат и да ги постигнат како приоритетно релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат надвор од границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите“, стои во Извештајот.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here