Мојата инфлација е поголема од твојата

Народната изрека “сиромавиот секогаш плаќа поскапо” буквално е реалност во земјава во ера на висока инфлација – кај најсиромашните граѓани трошоците за живот пораснале за 5 процентни поени над националниот просек, оти главно трошеле за храна и сметки за комуналии каде што цените всушност најмногу се зголемија. Семејниот буџет на побогатите, пак, останал прилично заштитен, а трошоците за живот кај оние што имаат најмногу, дури биле 2 процентни поени пониски од просекот во земјава. Така што, личната инфлација на најсиромашните им била дури 7 процентни поени повисока отколку на богатите.

Илустрација: Лука Блажев

Да се издржува цело едно семејство со 13 илјади денари месечно колку што се приходите на 20% од најсиромашните домаќинства во земјава, е исклучително тежок предизвик сам по себе. Но во период на висока инфлација, којашто дојде како афтершок по пандемијата, прекините во синџирите на снабдување, а потоа и војната во Украина, проблемот со поскапувањето главно на енергијата и храната, за многу граѓани стана неподнослив и дополнително турна уште повеќе луѓе под прагот на сиромаштија.

До толку повеќе што растот на цените којшто кај нас достигна максимални 19,8% во октомври лани, многу повеќе го почувствувале токму најсиромашните граѓани, во чија што потрошувачка доминантно преовладува храната, која беше и се уште е носач на инфлаторната спирала, која сега веќе од месец во месец почнува да забавува.

Всушност, стапката на лична инфлација е многу повисока кај посиромашните групи на граѓани, додека пак кај побогатите, инфлацијата е дури и пониска од националниот просек. 

Пресметките што ги направивме според податоците што ни ги обезбеди Државниот завод за статистика, покажуваат дека најсиромашните категории на луѓе, во екот на големата ценовна криза, купувале за 7 процентни поени поскапи производи и услуги отколку најбогатите граѓани.

Ваквите класни разлики пресликани и кај трошоците, произлегуваат од структурата на потрошувачката кошница во која кај најсиромашните граѓани, дури 85% од сите трошоци биле за храна, додека пак овој удел кај најбогатите е 35,5%. Од друга страна, пак, кај побогатите граѓани поголем дел, односно 13,3% од трошоците им се за сметки за струја, вода и гас, каде што исто така забележавме значителен пораст на цените, додека пак кај сиромашните овој удел е незначителен, од само 0,5%. Меѓутоа, дури и со тоа, се уште постои голема разлика во ударот од инфлацијата по категории на граѓани според нивните приходи.

Калкулатор за лична инфлација

Ваквиот дисбаланс во зголемувањето на трошоците довел до дополнително продлабочување на јазот меѓу богатите и сиромашните. Па така Џини коефициентот којшто ја одразува разликата меѓу најбогатите и најсиромашните граѓани во општеството, според најновите пресметки на Светската банка прилагодени за стапката на инфлација, од 31,4 пораснал до вредност од 34,5 лани.

Во недостиг на официјални податоци за стапката на сиромаштија, една студија на Институтот за економски истражувања и политики, Finance Think, открива дека поради кризата со храна и енергија, дополнително 13 илјади граѓани паднале под прагот на сиромаштија, влошувајќи ја просечната стапка за 0,7 процентни поени, на 19,9%. 

Очигледно пазарните сили во услови на двоцифрен раст на трошоците за живот, дополнително создале несовршености и резултирале со поголема сиромаштија и нееднаквост во распределбата на доходот, доведувајќи ја уште еднаш во прашање парадигмата на капитализмот како економски систем.  

Божем повеќе шушки, а сепак шипки

Растот на цените изминатиот период беше следен и од тренд на постојан пораст на платите и приходите на граѓаните, но сепак во оваа трка победија трошоците за живот.

Иако според последните податоци, номиналната плата исплатена во февруари е за 13% повисока отколку истиот месец лани, реално на годишно ниво, овие пари вредат 3,1% помалку бидејќи за толку поголем е порастот на цените.

Според Државниот завод за статистика, најголемо зголемување на платите над прагот на инфлацијата е евидентирано во секторите градежништво и тоа за 21,3%; информации и комуникации за 18,5%; и објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 16,5%.

Минатата година минималната плата се зголеми од 15 илјади на 18 илјади денари почнувајќи од март, додека пак годинава истиот месец дополнително порасна на 20.175 денари.

Сепак, и со порастот на минималните плати, анализите покажуваат сека се уште се потребни најмалку две такви за да се покријат основните потреби на едно четиричлено семејство, според пресметките на Сојузот на синдикати, односно минималната синдикална потрошувачка кошница.

Што се однесува до јавниот сектор, како последица на штрајкови а со образложение за усогласување со порастот на минималната плата, Владата донесе одлука за зголемување на платите во образованието за 15% лани, а се преговара и за зголемување на платите во здравствениот сектор.

Но, она што предизвика најголемо внимание е одлуката за зголемување на функционерските плати за дури 78%. Освен бурните реакции од јавноста, забелешки стигнаа и од Светска банка од каде што оценија дека „ваквиот потег во услови на висока инфлација прво е неочекуван, а второ покажува дека нема координација  во политиките меѓу монетарната и централната власт за борба со инфлацијата“.

Во исто време, проблематично е и што порастот на платите не го следи пропорционално зголемување на продуктивноста на трудот. Напротив, според последните податоци, вкупниот фактор на продуктивност во 2020 година опаднал за 4,5 единици споредено со претходните 10 години. И овој пад колку и да е поврзан и со пандемијата, сепак е поголем од сите останати земји во регионот.

Инаку, во економската теорија секое зголемување на платите без притоа да нема зголемена продуктивност предизвикува инфлаторни притисоци. Според анализите на Министерство за финансии, во нашата економија коефициентот на корелација на платите и инфлацијата изнесува меѓу 0,37-0,44, односно се проценува дека  зголемување на платите за 1% ќе генерира инфлација од околу 0,4%.  

Мерките најпотребни за сиромашните,
еднакво искористени и од богатите

Во една економија, кога пазарот неизбежно креира пазарни несовршености, државата како коректор има задача истите да ги ублажува. Но, тоа подразбира таргетирани мерки, насочени кон оние коишто се најзагрозени од кризата.

Наспроти тоа, поголем дел од антикризните мерки на Владата, особено оние од првиот пакет во март лани, беа линеарни, и вклучуваа намалување на стапки на ДДВ за одредени основни производи, субвенционирање на струјата, замрзнување на маржи, коишто подеднакво важеа за сите граѓани на пазарот без оглед на нивните приходи.

Потоа во октомври, властите донесоа уште еден пакет со којшто вкупната вредност на сите мерки се проценува на 760 милиони евра, но овој пат потаргетирани како на пример, финансиска поддршка од 3 илјади денари за најзагрозените граѓани во период од 4 месеци, и поддршка за пензионерите од 3 илјади до 6 илјади денари.

Според студијата на Finance Think, којашто го оценува ефектот од мерките врз сиромаштијата, оние мерки што го таргетираат приходот на граѓаните спасиле околу 4.500 луѓе од сиромаштија, додека пак мерките што ги таргетираат цените, помогнале околу 12.100 луѓе да останат со “главата над вода“ кога е во прашање сиромаштијата.

Сепак, и во студијата се забележува што мерките на некој начин подеднакво или скоро подеднакво се однесуваат и на пониско доходовните и на повисоко доходовните домаќинства.

„Негативната страна е што најголем дел од мерките беа линеарни, што значи дека во услови на тесен фискален простор кој дополнително се стеснува, таа линеарна компонента мора дополнително да се намалува. Има потреба за понатамошни мерки, меѓутоа мерки кои што ќе бидат стриктно таргетирани“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески, еден од аналитичарите вклучени во студијата.

Во однос на препораките за наредниот период се посочува дека висината на субвенциите за најранливите домаќинства треба да се преиспита, односно да се зголеми, како што се зголемени цените на електричната енергија и имајќи ги предвид ризиците за натамошно поскапување на енергентите.

Фискалната политика што ја води Владата веќе ѝ задала главоболки на централната банка со неколку мерки за ублажување на кризата. Некои прелиминарни оценки на Народната банка, како што дознаваме, покажуваат сосема спротивен тренд, и наместо да делуваат кон намалување на трошоците за живот, мерките дополнително поттикнале инфлација за што монетарната политика морало дополнително да се прилагодува.

НБМ и Владата како „Којотот и брзата птица“

За да ја одржи ценовната стабилност која што е една од основните цели,  Народната банка во неколку наврати ја затегна монетарната политика главно преку зголемување на основната камата на сегашни 5,5%, со цел да влијае смирувачки врз очекувањата за идното движење на цените.

Од Народната банка велат дека засега побарувачката не притиска врз цените и покрај неколкуте зголемувања на платите и пензиите, а дури и да имало некој таков елемент, тој сигурно бил пресретнат со поскапувањето на потрошувачките кредити.

Но, фискалната политика што ја води Владата веќе ѝ задала главоболки на централната банка со неколку мерки за ублажување на кризата.

Некои прелиминарни оценки на Народната банка, како што дознаваме, покажуваат сосема спротивен тренд, и наместо да делуваат кон намалување на трошоците за живот, мерките дополнително поттикнале инфлација за што монетарната политика морало дополнително да се прилагодува.

Сепак, главен ризик на кој што предупредува централната банка се политичките избори кои би требало да се одржат следната година доколку бидат во редовниот термин, но тоа подразбира предизборна кампања многу порано и сите придружни популистички мерки вообичаени за предизборни периоди кои може да „додадат масло на огнот“.

Ова е особено важно бидејќи според сите проценки, инфлацијата и годинава ќе биде висока, и ќе достигне 9,2% на годишно ниво.

Блиското минато од последната голема економска криза од 2008 година исто така сведочи на “надмудрување“ меѓу фискалната и монетарната политика. Тогашната епизода на висока инфлација која исто така достигна двоцифрена стапка во еден период, не беше доволен мотив владата на Никола Груевски да ја заузди експанзивна фискална политика што ја водеше во тоа време, па така тогашниот гувернер Петар Гошев како контрамерка постојано ја зголемуваше основната камата дури до 9% за да ја придуши побарувачката и да ја смири инфлацијата.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here