Министерот, уставните судии, националноста и национализмот

Една „брилијантна“ идеја на министерот за правда го доби светлото на денот, а тоа беше во изводите од матичните книги на родените да се впишува и националноста, односно етничкото потекло. И таа идеја би била и повеќе од брилијантна доколку нашата идеја, односно идејата на младиот човек од Македонија беше да живее во етнички гета во кои најбитно ќе беше дали некој од нас е Македонец или Албанец, но за жал на министерот, а за наша среќа, не е така.

Автор:
Ѓорѓи Рајчиноски, магистер по правни науки

Секогаш скокотливо е кога се отвораат прашања кои задираат во националноста, народноста, идентитетот. Тоа е сега дополнително засилено со бугарските напади и нашите несоодветни одговори на истите.

Една „брилијантна“ идеја на министерот за правда го доби светлото на денот, а тоа беше во изводите од матичните книги на родените да се впишува и националноста, односно етничкото потекло.

И таа идеја би била и повеќе од брилијантна доколку нашата идеја, односно идејата на младиот човек од Македонија беше да живее во етнички гета во кои најбитно ќе беше дали некој од нас е Македонец  или Албанец, но за жал на министерот, а за наша среќа, не е така.

Веќе е излишно и да се зборува за иселувањето и за тоа колку Македонци станаа Бугари за да можат да работат по светот, колку нелегално го прават тоа, бегајќи од забеганоста на општеството во кое што живееме. Бидејќи мотивацијата повеќе не е само финансиската, ами и нормалноста.

Патем речено чудно е како министерот за правда, асли Албанец, се фали со нешто што ни е остаток од Југославија (таа мрачна федерација што се распадна пред 30 и кусур години), при што и терминологијата е југословенска. Министерот како правник со долгогодишно искуство би требало да знае дека поимот националност веќе е несоодветен и тоа што во Југословенскиот систем значело националност, кај нас треба да е етничка припадност, а националноста да се поврзува со државјанството (анг. Nationality – државјанство).

Освен овие кратки логички претпоставки, би направил една кратка правна анализа на самиот Закон за матичната евиденција, како и меѓународните стандарди кои се дел од нашиот правен систем, а кои се применливи за ова прашање.

Што велат Законот за матична евиденција и Законот за заштита на личните податоци?

Имено, Законот за матична евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020 и 129/2023), предвидува во матичната книга на родените да се води податок за националност на родителите (а не и на самото дете), додека воматичните книги на венчаните и умрените да се води и податок за националност.

Законот го предвидува издавањето на изводи од матичните книги, но недостаток на самиот закон е тоа што не ги определува категориите на лични податоци кои ќе бидат содржани во изводите.

Членот 30-а од овој Закон утврдува дека Министерот за правда ќе го пропише начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење на постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги.

Првото упатство за примена на законот е донесено во 2010 година и со него е предвидено во матичната книга да се води графа за националност, но во образецот за извод од матичната книга не е предвидена оваа графа. Со тоа законот е испочитуван, без во изводот да бидат впишани посебни категории на лични податоци (чувствителни податоци), како што е националноста, како заштитен механизам од споделување на ваков вид на податоци пред поширок круг на луѓе, каде би се користел изводот.

Имајќи предвид дека заштитата на личните податоци и правото на приватност во врска со обработката на личните податоци се уредуваат со Законот за заштита на личните податоци (ЗЗЛП) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020 и 294/2021) , мора истиот да биде земен предвид за конкретниот предмет.

При анализата на ЗЗЛП, тргнувајќи од дефинициите утврдени во член 4 се констатира следното:

1. „Личен податок“ е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува (субјект на лични податоци), а физичко лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на идентификатор како што се име и презиме, матичен број на граѓанинот, податоци за локација, идентификатор преку интернет, или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, генетски, ментален, економски, културен или социјален идентитет на тоа физичко лице;

2. „Обработка на личните податоци“ е секоја операција или збир на операции кои се извршуваат врз личните податоци, или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување;

13. „Посебни категории на лични податоци“ се лични податоци кои откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, верски или филозофски убедувања или членство во синдикални организации, како и генетски податоци, биометриски податоци, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот или сексуалната ориентација на физичкото лице;

Имајќи предвид дека согласно цитираниот член 4, став (1), точка 13 од ЗЗЛП, податоците за етничкото потекло, односно националноста на едно лице претставуваат посебни категории на лични податоци, мора да се земе предвид членот 13 од истиот закон, кој ја регулира обработката на посебните категории на лични податоци.

Член 13, ЗЗЛП:

(1) Забранета е обработка на посебните категории на лични податоци определени во членот 4 став (1) точка 13 од овој закон.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, обработка на посебните категории на лични податоци може да се врши ако:    
1) субјектот на лични податоци дал изречна согласност за обработка на тие лични податоци за една или повеќе конкретни цели, освен кога со закон е предвидено дека забраната од ставот (1) на овој член за обработка на такви податоци не може да се отповика од субјектот на личните податоци;     
2) обработката е неопходна за целите на извршување на обврските и остварувањето на посебните права на контролорот или на субјектот на личните податоци во областа на вработувањето и социјалната сигурност и во прописите за социјална заштита, доколку тоа е дозволено со закон или колективен договор, во кои се предвидуваат соодветни мерки за заштита на фундаменталните права и интереси на субјектот на лични податоци;
3) обработката е неопходна за заштита на суштинските интереси на субјектот на личните податоци или на друго физичко лице, кога субјектот на личните податоци физички или правно не е во можност да ја даде својата согласност;       
4) обработката се извршува во рамките на легитимните активности со соодветни заштитни мерки од одредена фондација, здружение или некоја друга непрофитна организација со политичка, филозофска, религиозна или синдикална цел и под услов обработката да се однесува само на членови на овие организации или на нивни поранешни членови или на лица кои имаат редовни контакти со нив во врска со нивните цели и под услов личните податоци да не се откриваат надвор од таа организација без согласност на субјектите на личните податоци;             
5) обработката се однесува на лични податоци, кои очигледно се објавени јавно од субјектот на личните податоци;       
6) обработката е неопходна за воспоставување, практикување или одбрана на правни барања или секогаш кога судовите дејствуваат во рамките на нивните надлежности;
7) обработката е неопходна поради причини од јавен интерес врз основа на закон пропорционално на целта и почитување на суштината на правото на заштита на личните податоци, како и обезбедување соодветни и конкретни мерки за заштита на фундаменталните права и интереси на субјектот на личните податоци;
8) обработката е неопходна за целите на превентивна или трудова медицина, за проценка на работоспособноста на вработениот, медицинска дијагноза, обезбедување на здравствена или социјална нега или третман или за целите на управување со услугите и системите за здравствена или социјална заштита, врз основа на закон или во согласност со договор со здравствениот работник во кој предмет се условите и заштитните мерки наведени во ставот (3) на овој член;          
9) обработката е неопходна за целите од јавен интерес во областа на јавното здравство, како што се заштита против сериозни прекугранични закани за здравјето или обезбедување на високи стандарди за квалитет и безбедност на здравствената заштита и лековите или медицинските помагала, врз основа на закон, во кој се предвидени соодветни и конкретни мерки за заштита на правата и слободите на субјектот на личните податоци, особено заштита на деловна тајна;     
10) обработката е неопходна за целите на архивирање од јавен интерес, за целите на научни и историски истражувања или статистички цели во согласност со членот 86 став (1) од овој закон, врз основа на закон, што е пропорционално на целта во согласност со почитување на суштината на правото на заштита на личните податоци и обезбедување соодветни и конкретни мерки за заштита на основните права и интереси на субјектот на личните податоци.

(3) Личните податоци наведени во ставот (1) на овој член, можат да бидат обработени за целите наведени во ставот (2) точка 8) на овој член, кога овие податоци се обработуваат од страна на, или под одговорност на стручно лице кое подлежи на обврска за чување на деловна тајна во согласност со закон или со правилата утврдени од надлежни тела во Република Северна Македонија или од друго лице кое исто така подлежи на обврска за чување на деловна тајна во согласност со закон или правилата утврдени од надлежни тела во Република Северна Македонија.

Имајќи го предвид горенаведеното, се констатира дека обработката на посебните категории на лични податоци (во конкретниот случај: националност), не може да се заснова на предвиденост во подзаконски акт, односно за истото е потребен соодветен законски основ.

Спротивно на меѓународните стандарди што Македонија ги има прифатено

Дополнително, самата обработка на националноста, дури и во самите матични книги е спротивна на начелата поврзани со обработката на личните податоци и меѓународните стандарди кои Македонија ги има прифатено.

Имено, членот 9 од ЗЗЛП, во кој се уредени начелата поврзани со обработката на личните податоци, утврдува дека личните податоци се:   
– обработуваат согласно со закон, во доволна мера и на транспарентен начин во однос на субјектот на личните податоци („законитост, правичност и транспарентност“),       
– соодветни, релевантни и ограничени на она што е неопходно во однос на целите заради кои се обработуваат („минимален обем на податоци“)
    

Имајќи ја предвид природата и контекстот на обработката на личните податоци, може да се заклучи дека самата обработка на личниот податок – националност е преобемна, односно не е во согласност со начелата поврзани со обработката на личните податоци.

Кога станува збор за нашите преземени меѓународни обврски, мора да се напомене Законот за ратификација на рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (Службен весник бр. 11/1997), која што Конвенција е усвоена од Комитетот на министрите на Советот на Европа на 10 ноември 1994 година.

Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за национални малцинства, го критикува задолжителното назначување на етничката припадност (националност) во личните документи, или во внатрешните записи кои ги води администрацијата, вклучувајќи ја полицијата и здравствените власти, како спротивни на правото на самоидентификација.

Според уставните одредби, меѓународните договори што се ратификувани согласно со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон (уште помалку со упатство).

Балансерот не функционира

Оттука, имајќи ги предвид членот 8 од Уставот на Македонија (кој утврдува дека една од темелни вредности на уставниот поредок е владеењето на правото) како и членот 51 („Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.“), очекувано би  било надлежното министерство да предложи измена на Законот за матична евиденција, заради усогласување со Уставот, меѓународните договори и законите.

Како епилог на оваа постапка, потребно е Уставниот суд го поништи новото упатство, а го укине спорниот дел од законот, повикувајќи се на меѓународните акти кои ги имаме потпишано и ратификувано.

Тука дополнително зачудуваат ставовите на судиите Албанци, кои наместо судии па Албанци избраа да бидат Албанци, па судии.

Дополнително на ова, постојат практични аспекти на неприменливост на ваквото решение, и тоа:

  • Граѓанинот да не сака да се изјасни за својата етничка припадност, за што имавме пример на последниот попис (што претставува легитимен став на секој човек) и
  • бројни случаи на лица кои потекнуваат од етнички мешани бракови и кои можеби не би сакале обврзно да се определат како се чувствуваат по однос на нивната национална припадност, односно да избираат помеѓу двајцата родители.

Аргументот дека се злоупотребува балансерот и дека Македонци се декларираат како Албанци и обратно само за да добијат некоја работна позиција, укажува на нефункционалност на самиот балансер, неговата неправедност и неговата надминатост.

Дури и на припадниците на етничките малцинства во Македонија веќе треба да им е срам доколку добијат некоја позиција исклучиво поради тоа што се припадници на таа заедница.

Дополнително, нашата борба за граѓанска држава (особено борбата на македонските Албанци) не ќе да е баш во вистинската насока со вакви политики. Некако повеќе наликува на нешто друго, полошо и поопасно.

Можеби нашиот простор е презаситен од разни анализи и од нивното неземање предвид од страна на оние кои треба да носат одлуки, меѓутоа должност на секој граѓанин е да каже кога нешто не е во ред и да се бори истото да го исправи.

Барем нека стојат записи, кој на која страна бил!

*Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на порталот Солуција.мк или со ставовите на БЦКП „Солуција“ во целина.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here