Конзервативната партија ЦДУ/ЦСУ победи на вчера одржаните избори во Германија, но сепак во партиското седиште немаше големо славје, затоа што очекувањата беа поголеми, но и затоа што проблемите со коишто идниот канцелар Фридрих Мерц треба да се зафати се уште поголеми. Прво, треба да состави влада, затоа што околу 30-те проценти освоени гласови не се доволни за самостојно владеење, па конзервативците мора да бараат коалициски партнери.
Според распределбата на мандатите, како можен партнер се јавува крајно-десничарската „Алтернатива за Германија – АфД“, која со 20 проценти од гласовите е на второ место. Меѓутоа, Мерц неколку пати досега категорично ја отфрлаше можноста за коалицирање со АфД бидејќи, како што вели, „имаат фундаментално различни позиции, на пример, во надворешната и безбедносната политика, но и за прашањата на ЕУ, НАТО и еврото“. АфД пак, се закани, дека како најголема опозициска сила ќе врши притисок врз владата. „Ќе ги гониме цело време за да водат разумна политика за нашата татковина“ порача лидерката на АфД, Алис Вајдел. АфД го освои секој петти глас на германските избори, затоа што покрај слабата економија, клучна тема на нивната предизборна кампања беше и политиката на азил, слично како и кај сегашните победници ЦДУ/ЦСУ.
Германците имаат чувство на несигурност, и гласачите не се сигурни дека ЦДУ/ЦСУ навистина ќе ги спроведат своите ветувања, па многумина решиле да гласаат за екстремната десница, велат аналитичарите во Германија. Како потенцијални коалициски партнери доаѓаат предвид Социјалдемократската партија (СПД) и Зелените, но тие прво мора да се соочат со сопствените големи загуби на изборите. Најголемиот удар го претрпе СПД, која го постигна својот најлош резултат од 1890 година со освојување на само 16 проценти од гласовите „Ова е горчлив исход за Социјалдемократската партија“, призна актуелниот канцелар Олаф Шолц, оценувајќи го исходот од изборите како „поразувачки и катастрофален”.
Тектонско поместување
Колку и да бидат компликувани преговорите за идната владина коалиција, Мерц и неговиот кабинет ќе го чекаат огромни предизвици и проблеми за решавање.
Тој и не ги дочека конечните изборни резултати во неговата земја за да објави нова ера во Европа. Тврдејќи дека САД се рамнодушни кон судбината на европскиот континент, Мерц ја доведе во прашање иднината на НАТО и повика Европа да ја зајакне сопствената одбрана што е можно поскоро.
Овој тон на блискиот сојузник на САД, и тоа Фридрих Мерц, кој е познат како страстен поборник за соработка меѓу Европа и Америка, беше незамислив пред само неколку месеци.
Се работи за тектонско поместување. Можеби звучи како претерување, но она што во моментов го доживуваме во трансатлантските односи е без преседан во последните 80 години, од крајот на Втората светска војна, наведува Би-Би-Си во анализата на пораките на Мерц.
Големите европски сили се шокирани од политиката на администрацијата на Трамп, која сугерираше можности за укинување на безбедносните гаранции за Европа кои се во сила од 1945 година. На Минхенската безбедносна конференција (MSC), новиот американски потпретседател Џеј Ди Венс најави дека Европа мора да ги сноси трошоците за сопствената одбрана и да преземе одговорност. Во таа прилика, тогаш потенцијално новиот германски канцелар Мерц во едно интервју изрази збунетост: „Овде имаме историски датум: американските безбедносни гаранции се доведуваат во прашање, а Американците ги доведуваат во прашање демократските институции. И сето тоа со неверојатна брзина“.

Експертот за надворешна политика на пратеничката група на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Родерих Кизеветер, смета дека Германија е на пресвртница. Таа мора да разбере дека нејзината демократска и правна структура е сѐ повеќе под закана. Кина, на пример, во моментов прави сѐ што може за да го прошири своето влијание и да ја зголеми зависноста на демократските држави како Германија.
Во интервју за „Дојче Веле“, Кизеветер се залага за политика која во центарот ги става сопствените национални и економски интереси: „Во спротивно, економските последици ќе бидат огромни, а НАТО ќе ја загуби моќта на одвраќање. За да се постигне ова, потребна е јасна стратешка и политичка реорганизација на надворешната и безбедносната политика. Стариот начин на размислување за попуштање и наивност кон Кина не се вклопува во тоа, но е контрапродуктивен“.
„Никогаш не мислев дека ќе морам да кажам нешто вакво во телевизиска емисија, но, по изјавите на Доналд Трамп минатата недела… јасно е дека неговата администрација не се грижи премногу за судбината на Европа“, рече Фридрих Мерц вчера веднаш по изборите.
„Мој апсолутен приоритет ќе биде да ја зајакнеме Европа што е можно поскоро за да можеме, чекор по чекор, навистина да постигнеме независност од САД“, додаде тој.
Мерц посочи дека овој потфат е толку итен што не е сигурен дали лидерите на трансатлантската алијанса на самитот во јуни „сѐ уште ќе зборуваат за НАТО во неговата сегашна форма или ќе мора многу побрзо да воспоставиме независна европска одбранбена способност“.
Значајно е што идниот канцелар всушност ја поставува Америка на Доналд Трамп на исто ниво со Русија – што во поширок контекст овде се гледа како закана за европската безбедност. „Ние сме под толку голем притисок од две страни што мојот апсолутен приоритет сега е да создадеме единство во Европа“, рече Мерц.
Британскиот премиер во четврток се упатува кон Вашингтон, откако денеска таму е францускиот претседател Емануел Макрон.
Фридрих Мерц индиректно го признава т.н. чувството на Fomo (fear of missing out – страв да не се пропушти нешто). По некоја логика, Германија треба да биде таму оваа недела, вели тој. Берлин е една од трите големи европски сили, заедно со Франција и Велика Британија.
Сега, додека САД и Русија разговараат за Украина билатерално, но не и со неа, светот се чини дека се враќа на политиката на големите сили.
Приоритет: враќање на Германија на меѓународната сцена
Меѓутоа, Германија извесно време отсуствува од европската и светската сцена. Владата во заминување беше ослабена и попречувана со внатрешни конфликти, фрустрирајќи ги германските гласачи – кои сакаа итен фокус на економијата и миграцијата – како и европските сојузници, кои бараа акција во врска со Русија, безбедноста и одбраната.
Мерц вели дека главен приоритет на Германија е повторно да се вклучи на меѓународната сцена. Германија е веќе вториот најголем донатор на воена помош за Украина, веднаш по САД.
Мерц сака да ја продолжи таа поддршка, но за разлика од Франција и Велика Британија, воздржан е кон идејата за праќање војници во Украина за да поддржи евентуален прекин на огнот.

Имајќи го предвид минатото искуство на Германија – која се колебаше во секоја фаза од поддршката на Украина, но сепак на крајот обезбеди поголема помош од која било друга европска земја – сегашното „не“ не мора нужно да значи и трајно „не“ кога станува збор за испраќање војници или учество на какви било европски „безбедносни сили“ во Украина.
Засега, војниците за кои најмногу се загрижени Германците се 35.000 американски војници стационирани во нивната земја, кои им обезбедуваат чувство на сигурност.
Исклучително е невообичаено надворешната политика да биде клучно прашање за гласачите за време на избори. Но, во Германија викендов, покрај економијата и миграцијата, гласачите изразија загриженост за мирот во Европа и се чувствуваа многу несигурни.
Германското Министерство за внатрешни работи уште во ноември лани објави дека составува список на бункери кои би можеле да обезбедат засолниште за цивили во случај на вонредна состојба.
Иако Украина е далеку, Германците се чувствуваат многу загрозени од Русија од две причини.
Зошто Германците се плашат од Русија?
Првата е големата количина на воена опрема што Германија ја испрати во Украина. Десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), со својот слоган „Германија на прво место“, водеше кампања за прекин на поддршката за Киев и обновување на односите со Русија – стратегија слична на онаа на Доналд Трамп, како што честопати нагласува партијата.
Втората причина е што многумина во Германија мислат дека ако Русија навистина сака да ја дестабилизира Европа, може да биде во искушение да нападне една од трите големи сили со проектил со долг дострел. Франција и Велика Британија се нуклеарни сили. Германија не е. Дури и нејзината конвенционална војска е сериозно недоволно способна и недоволно опремена, што ги иритира нејзините европски партнери, а Германија стравува дека е мека мета. Особено ако претседателот Трамп ги повлече своите војници од Германија, а Трамп најави дека може да го намали присуството на американски војници во Европа.
Чувството на длабока домашна несигурност го поттикна Фридрих Мерц да предложи минатата недела да се бара европски нуклеарен чадор од Франција и Британија за да ги замени американските нуклеарни гаранции.
Тоа е идеја што е лесно да се изнесе во изборна кампања, но во реалноста е многу сложена – вклучува прашања за способност, посветеност и контрола. Реалноста е дека на Мерц ќе му требаат многу пари за неговите планови за осигурување за Германија и Европа, а германската економија моментално е во депресија.
Тој, исто така, треба да постигне договор со коалициските партнери со кои ќе формира нова германска влада – како и со други европски земји како Обединетото Кралство. А тие земји можеби не сакаат да заземат толку остар тон против САД.
Овие избори би можеле да навестат посилно лидерство од Германија. Прашањето е – дали остатокот од Европа е подготвен за тоа?
Трамп: Одличен ден за Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп ги коментираше резултатите од изборите во Германија. „Се чини дека конзервативната партија во Германија победи на многу важни и долго очекувани избори. Слично како и во САД, на народот на Германија му е преку глава од политиката без здрав разум, особено во однос на енергијата и имиграцијата, кои преовладуваат со години. Ова е одличен ден за Германија и за Соединетите Американски Држави под водство на г-дин Доналд Џ. Трамп.“ Честитки за сите, следуваат уште многу победи“, рече Трамп.
Инаку, Мерц во едно интервју неодамна кажа дека доколку стане канцелар на Германија, ќе има сериозен разговор со Трамп, а причината е Илон Маск, десната рака на Трамп којшто го постави за прв човек на новиот владин оддел за ефикасност.
„Мислам дека не е добра идеја некој толку близок на Трамп да се обиде да влијае врз изборите во Германија на толку директен начин“, кажа Мерц, откако претходно Маск јавно кажа преку социјалната мрежа Х, којашто е во негова сопственост, дека е фан на АфД, а имаше и разговор во живо со претседателката на партијата, Алис Вајдел. Најбогатиот човек на светот исто така беше поврзан со лансирањето на предизборната кампања на АфД, а неговите критичари го обвинија дека се обидува да влијае врз изборните резултати користејќи ја својата огромна финансиска и медиумска моќ.
Пред да патува во САД, Мерц како што најави ќе се координира со останатите шефови на ЕУ членките. „Нема да прифатиме царини што се воведени од политички причини. Исто така, ние ќе мораме да се одбраниме со наши царини кон САД, доколку тие воведат кон ЕУ. Меѓутоа, единствениот став на ЕУ кон САД е круцијален за такво нешто“.