Иронија никогаш не ни фалела: првата антикорупционерка била корумпирана?!

Институцијата што Димитровска ја наследи од нејзината претходничка Ивановска беше своевидна светла точка во борбата против корупцијата. Сега сѐ треба да се гради од почеток, откако актуелната шефица на ДКСК е осомничена во предметот „Адитив“ дека оддавала службени тајни.

Фото: СДК.мк

Иронија никогаш не недостасувала во македонскиот политички и јавен живот, па во таа традиција е и шокантната вест дека првата антикорупционерка во државава е осомничена за можна корупција. Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 24 април беше изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје како осомничена во случајот „Адитив“. Обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) побара и мерки за претпазливост, односно ѝ беше одземен и цивилниот и дипломатскиот пасош.

Димитровска беше приведена затоа што истрагата за набавката на скапо платениот адитив за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј открила неочекуван детаљ –  дел од криминалната мрежа наводно била и актуелната шефица на ДКСК заедно со уште две други лица на коишто се проширува истрагата. Таа комуницирала со претходно обвинетиот Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино и споделувала со него информации од доверлив карактер коишто не смеела да ги споделува. Димитровска е третоосомничена во оваа најнова истрага и допрва ќе се истражува кој бил нејзиниот мотив за извршеното кривично дело, односно дали имало коруптивни елементи.

Фаворит на партиите, но оспорувана од граѓанскиот сектор

Приведувањето на Димитровска предизвика силни реакции во јавноста, особено поради фактот што таа беше избрана на позицијата во ДКСК како фаворит и на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Кога собраниската Комисија за селекција на крајот од 2023 година ги утврди кандидатите како предлог за нов состав на ДКСК, Димитровска доби 532 бода, односно највисок просек (76 од максимални 100). Таа доби по 100 поени од сите пратеници членови на Комисијата, но само по 20 поени од двајцата членови од граѓанскиот сектор – Снежана Камиловска – Трповска и Никола Додов.

„Врз основа на дадените одговори, Комисијата за селекција оцени дека кандидатот има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси, и има јасна визија за работата на ДКСК и план за нејзината работа. Даде одлични одговори за поставените општи и посебни прашања“, напиша Комисијата за селекција во оценката за Димитровска.

Но, Снежана Камиловска – Трповска тогаш објави издвоено мислење, во кое рече дека изненадува како другите претставници на Комисијата „изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл“.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција, пак,  тогаш целосно го поддржа издвоеното мислење на Снежана Камиловска- Трповска, за необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови на Комисијата.

Актуелниот состав на ДКСК со претседателката Димитровска, мандатот го почна на 8-ми февруари 2024 година. Според наводите на ОЈО ГОКК, делото за кое се сомничи го вршела од мај до декември 2024 година, односно го почнала само три месеци по нејзиниот избор на таа позиција.

Разочарување и горчина кај фелата

Актуелни и поранешни колеги на Димитровска немаат дилема дека таа многу добро ги знае споменатите одредби од законот. Но, и пред да стане претседателка на ДКСК, таа 19 години работела во Државниот завод за ревизија (ДЗР), од кои во последните две години и како помошник на главниот ревизор.

Димитровска веќе работела во институција која има усвоена јасна Политика на интегритет. Тоа подразбира законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работи со кои службените лица го чуваат својот и угледот на институцијата, односно ги елиминираат ризиците за можноста од настанување и развој на корупција, со што обезбедуваат доверба на граѓаните во вршењето на јавните функции.

Нејзиното приведување предизвика разочарување и горчина кај претставниците на фелата, од којшто еден за Дојче Веле изјави: „Се гради нешто напорно, тула по тула – и одеднаш доаѓа вакво нешто. Многу непријатна и тешка ситуација за ДКСК“.

Поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска вели дека случајот предизвикал многу непријатно чувство. „Не знам и не можам да коментирам во која насока се одвива истрагата. Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина, не сакам ништо да прејудицирам“, рече Ивановска во гостувањето на ТВ Телма.

Според неа, Собранието е институцијата која ги избира членовите во Државната комисија за спречување корупција, и очигледно тоа треба да спроведува поголем надзор врз овие независни тела. 

Реакции дојдоа и од граѓанскиот сектор. Поранешниот министер  и актуелен претседател на невладината организација „Солуција“, Никола Димитров вели дека ДКСК беше синоним за надеж, интегритет, светла точка и остров на интегритет.

„Случувања со актуелната претседателка на ДКСК ме потсетија колку е точно кога велиме дека институциите се луѓето. Луѓето кои раководат и работат во нив. ДКСК беше синоним за надеж, светла точка и остров на интегритет.  Затоа, ако сакаме функционални институции, мора да туркаме напред личности со висок интегритет, способности, искуство и квалификации. Но, пред сѐ личности со висок интегритет. Оти, како што мудро вели еден поранешен сенатор: ‘Ако имаш интегритет ништо друго не е важно. Ако немаш интегритет ништо друго не е важно.’“, коментираше тој на социјалните мрежи. 

Досегашната работа на ДКСК под водство на Димитровска неретко беше критички опсервирано од јавноста и граѓанскиот сектор. Најконтроверзна можеби беше постапката кон крајот на 2024 година за утврдување дали кандидатот Бојан Христовски ги исполнува условите за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), каде што ДКСК утврди дека нема никаква законска пречка да биде именуван на функцијата, односно дека неговите дипломи за високо образование и јазичен сертификат се валидни. Меѓутоа, кога Цвета Ристовска, членка на Комисијата, којашто го водела предметот на Христовски побарала изземање во моментот кога пристигнала пријава за сомневање за валидноста на универзитетската диплома, колегиумот едногласно го одбил нејзиното барање.

Поранешната претседателка на ДКСК, Ивановска, коментираше во таа прилика дека барањето за изземање од постапување по предмет во ДКСК е лична одлука на членот, за што Комисијата нема потреба да одлучува понатаму.
„Тоа е лична оценка, став и чувство на членот. За изземање се поднесува изјава, која што потоа се доставува во Архивата на ДКСК и се известува комисијата на колегиум дека некој член се иззема. Така завршува таа постапка. Ако имало било какво барање за изземање, за тоа требаше да биде известена јавноста на јавна седница што во случајов изостана.“, рече Ивановска за Слободен печат.

Само неколку дена, пак,  пред нејзиното приведување, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата остро реагираше на препораките на ДКСК, презентирани на јавна седница, во рамки на антикорупциската проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Наместо да придонесе за поголема транспарентност, отчетност и борба против корупцијата, ДКСК, преку своите наводни укажувања за ‘регулаторни ризици’, испраќа сериозно загрижувачки сигнали за затворање на институциите и креира можности за ограничување на правото на јавноста да знае. Ваквите препораки не само што ја поткопуваат улогата на ДКСК како клучна институција за спречување на корупцијата, туку и директно отвораат простор за нови коруптивни злоупотреби, особено во сферата на јавните набавки.“, изјавија од Платформата.

За што се сомничи Димитровска?

„Третоосомничената со умисла, како службено лице претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на лице обвинето во предметот ‘Адитив’ му направила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, како и одлуки за тие предмети, како и податоци за проверка на неговиот и на имотот на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, изјавија од Обвинителството.

Првоосомничениот, пак, на управителите на обвинетите фирми во предметот „Адитив“ им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело, со што им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договори за јавни набавки.

„Во периодот од месец декември 2023 до ноември 2024 година, од правното лице во коешто бил вработен, во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања од значителен износ, средства кои правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство. Овие средства со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово“, наведува Обвинителството.

Уште една осомничена оддавала службена тајна. „Второосомничената во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот ‘Адитив’, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Имено, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата која се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од известувањето“, се наведува за второосомничената.

Инаку, акцијата за апсење во предметот „Адитив“ почна лани во ноември. Главен осомничен е поранешниот директор на електрани на северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски, кој е во бегство. Беа извршени 77 претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје. За овој предмет за кој се чека обвинение, беа уапсени 22 лица, од кои осуммина се во притвор.

Димитровска, која е под судски мерки на претпазливост, добила и мерка од Обвинителството за организиран криминал и корупција, за времено оддалечување од работното место, додека трае истрагата. Односно, осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети. Поради пресумпција на невиност загарантирана со Уставот, Димитровска која од 24 април е осомничена за оддавање службена тајна, останува членка на Државната комисија за спречување на корупција, па и претседателка, додека не се избере нова или нов претседател. Членството може да ѝ запре единствено со поднесување на оставка од функцијата. На 25 април  Димитровска не била дојдена на работа. Неа ќе ја заменува заменик-претседателот на ДКСК, кој се бира, односно ротира на шест месеци.

ДКСК соопшти дека во рамки на своите надлежности, продолжува да функционира редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. „Како институција остануваме транспарентни и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи“, соопшти ДКСК.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here