Европски избори 2024: Вртење десно, ептен десно

Европејците досега беа навикнати традиционалните левичарски и централно – десничарски политички сили коишто ја изградија Европската унија, после секои избори за Европскиот парламент да прават коалиции што ќе ги држат подалеку радикалните десни партии. Но, аналитичарите на Европскиот совет за надворешни односи и на Политико велат дека сега не може да се „спие на тоа уво.“

Изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат годинава во јуни,  според досегашните анкети и истражувања на јавното мислење, ќе бидат одбележани со големо свртување кон десно во многу членки на ЕУ. Популистичките радикални десничарски партии добиваат сѐ повеќе гласови и места во националните парламенти низ целата Унија, додека централно – левичарските  и зелените партии губат гласови и парламентарни столчиња.

Најнова потврда во оваа насока е победата на кандидатот на националистичката левица во Словачка, Петер Пелегрини, на претседателските избори одржани  на 6 април. Неговата партија е дел од владејачката коалиција на премиерот Роберт Фицо, којшто победи на парламентарните избори во земјата во октомври 2023 и е познат како изразен проруски популист. Иако Пелегрини се смета за поумерен од Фицо, сепак, аналитичарите се загрижени дека словачката влада допрва ќе има уште поголема поддршка за остварување на нејзините цели, меѓу кои е и стопирањето на испраќање воена помош за Украина, но и проблематичните реформи на внатрешен план,  што предвидуваат ублажување на казните за корупција, на пример.

Како што покажува анализата на Европскиот совет за надворешни односи (European Council of Foreign Relations – ECFR), евроскептичните популисти многу извесно дека ќе освојат најмногу гласови во девет земји членки на ЕУ на претстојните избори за Европскиот парламент (ЕП) во јуни (Австрија, Белгија, Чешка, Франција, Унгарија, Италија, Холандија, Полска и Словачка), додека втори или трети ќе бидат во уште девет други земји (Бугарија, Естонија, Финска, Германија, Латвија, Португалија, Романија, Шпанија и Шведска).

За да покажат од ECFR какво значење има оваа промена на европската политичка сцена и ефектите од неа врз идните политики на ЕУ, како и на националните влади, ги опфатиле најсвежите анкетни резултати во секоја земја членка на ЕУ и го примениле статистичкиот модел за перформансите на партиите од секоја земја на претходните избори за ЕП, односно во 2009, 2014 и 2019 година.

Иако ЕП можеби не најбитната институција на ЕУ кога е во прашање надворешната политика, начинот на којшто политичките групи се приближуваат по изборите, и влијанието што овие избори го имаат врз националните дебати во земјите членки, ќе имаат широки импликации врз способноста на Европската комисија (ЕК) и Европскиот совет (ЕС) да донесуваат надворешно-политички одлуки, од коишто меѓу најклучните се оние поврзани со следната фаза на Европскиот зелен договор.

Моделот на ECFR го предвидува процентот на гласови што секоја партија во земјите на ЕУ би го освоила на изборите за ЕП во јуни, и од тие бројки се пресметува колку парламентарни столчиња потоа би им припаднале на партиите. На графиконите што следат може да го видите актуелниот распоред на силите во ЕП, како и оној проектираниот за после изборите во јуни, имајќи предвид дека после овогодишниот изборен циклус ЕП ќе има 720 пратеници наместо 705 како во актуелниот состав.

Најголемите ќе продолжат да паѓаат

Анализата покажува дека двете главни политички групи во ЕП – Европската народна партија (European People’s Party – ЕРР) и Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи (Progressive Alliance of Socialists and Democrats – S&D) – многу веројатно ќе продолжат да губат парламентарни места, како што тоа се случи во последните два изборни циклуси. Ова го рефлектира падот на поддршката за мејнстрим партиите што се случува веќе подолго време, а растечката поддршка за екстремистите и помалите партии низ Европа, што на крајот пак, резултира со зголемена фрагментација на европските партиски системи, како на национално, така и на ниво на ЕУ.

Сепак, од ECFR очекуваат EPP да остане и понатаму најголема политичка група во ЕП, следствено и да го задржи поголемиот дел од моќта за одредување на политичката агенда, вклучително и околу изборот на следниот претседател на Комисијата.

Понатаму, прогнозата е дека центристичката група Обновете ја Европа (Renew Europe – RE)  и Зелените/Европска слободна алијанса (Greens/European Free Alliance – G/EFA) исто така ќе загубат парламентарни места, паѓајќи од 101 на 86 и од 71 на 61, респективно. Во меѓувреме, Левичарската група (Left) треба да го зголеми своето парламентарно членство од 38 на 44 места. Исто така, доколку Движењето Пет ѕвезди во Италија, за коешто ECFR предвидува 13 места, реши да не седи покрај независните парламентарци, поточно оние што не се придружени на ниедна парламентарна група (Non  Inscrits – NI), може да избере да им се придружи или на G/EFA или на Left, што ќе го покачи бројот на пратеници што седат на левата страна од S&D.

График 1: Моментален распоред на силите во Европскиот парламент

График 2: Проекција на EFCR за распоредот на силите во Европскиот парламент по изборите во јуни 2024

Меѓутоа, како што вели анализата, главните победници на изборите ќе бидат популистичките десничари. Најголем победник ќе биде радикално десната група Идентитет и демократија (ID), која се очекува да  освои 40 нови парламентарни места и со речиси 100 пратеници да прерасне во трета најголема група во новиот парламент, од сегашната шеста позиција.

ECFR исто така предвидува дека Европските конзервативци и реформисти (European Conservatives and Reformists – ECR) ќе освојат нови 18 места. И доколку Фидес на Виктор Орбан во Унгарија одлучи попрво да им се придружи на ECR во група, одошто да седи покрај NI, тогаш оваа група ќе ги надмине по бројност RE  и ID , и ќе биде трета најголема во парламентот. Аналитичарите очекуваат ECR и ID групите заедно да имаат околу 25% од парламентарните места, и повеќе места одошто EPP или S&D за првпат во историјата.

Моделот предвидува значајни загуби на пратенички места за EPP во Германија, Италија, Романија и Ирска, но затоа пак повеќе пратеници во Шпанија од претходно. Прогнозата пак, за S&D, е многу помалку места во Германија и Холандија, а најмногу ново добиени во Полска.

Коалициски математики

Овие промени ќе влијаат врз обемот на потенцијалните коалиции меѓу политичките групи во ЕП, од што според аналитичарите на ECFR, најмногу ќе искористат десните партии.

“Големата коалиција“ помеѓу EPP и S&D, која го загуби мнозинството во парламентот за првпат во 2019 година, се предвидува да загуби пратенички места, и да држи 42% од вкупниот број, споредено со актуелните 45%. Дури и со групата на RE, „супер големата коалиција“ на трите центристички групи ќе држи само 54% од парламентарните места, споредено со сегашните 60%. Со просечното ниво на гласачка кохезија во рамки на групите во ЕП – што значи дека секоја група не може секогаш да гарантира дека сите нејзини членови пратеници ќе ги следи инструкциите за гласање на групата – 54% од седиштата би можело да не е доволно за овие три групи да имаат гарантирано мнозинство кога гласаат заедно.

Лево-десниот баланс во ЕП драматично ќе се помести кон десно. Според овој модел, коалицијата на лево настроените партии составена од S&D, G/EFA  и Left ќе изгуби седишта, и ќе држи 33% од целиот парламент, наместо сегашните 35%. И, левата коалиција дури и да обезбеди поддршка од RE – што се случуваше при гласање за еколошки и социјални прашања во тековниот мандат – би држеле само 45% од местата, споредено со 50% во актуелниот парламентарен состав.

Од другата страна пак, обемот на коалициите на десницата ќе продолжи да расте. Центристичко – десната коалиција на EPP, RE  и ECR веројатно ќе загуби нешто од пратеничките места, држејќи 48% наместо сегашните 49%. Меѓутоа, “популистичката десна коалиција“ составена од EPP, ECR  и ID, ќе го зголеми својот удел од 43% на 49%. Моделот на ECFR прогнозира и дека „ЕУ скептичните“ сили на страната на радикалната десница и радикалната левица драматично ќе зајакнат стигнувајќи до 37% од пратеничките места, споредено со сегашните 30%. Накусо, се очекува популистичкиот наратив, особено од страна на радикалната десница, да биде многу погласен по јунските избори одошто било кога досега, односно од 1979 година кога Европскиот парламент за првпат бил избран со директно гласање од страна на граѓаните.

Како може екстремната десница да биде победник и без да победи?

Промените во политичките групи и коалиции ќе имаат последици врз агендата на политиката на ЕУ и насоката на идното законодавство на ЕУ. Коалициите околу политичките прашања во ЕП обично не се резултат на формални договори. Наместо тоа, политичките групи одлучуваат како да гласаат прашање по прашање.

Висок функционер на најголемата група во парламентот, централно-десничарската Европска народна партија (EPP), во овој контекст за Политико (Politico) изјави:
 „Дури и ако го имате сегашното мнозинство во следниот парламент, мислам дека динамиката е драматично изменета во однос на целата парламентарна работа што треба да се заврши, но и во однос на највисоките функции во ЕУ“.

На пример, зголемувањето на застапеноста на десницата може да го направи потежок процесот на парламентарно гласање за реизбор на актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, којашто доаѓа од редовите на германската Демохристијанска унија (CDU), односно нејзината политичка група во Европскиот парламент, EPP и наводно пројавува амбиции за уште еден мандат.

Уште минатиот  декември, Политико објави дека во речиси десетина европски земји, вклучително и Франција и Германија, тврдокорните анти – имиграциски партии, некои од нив поекстремни и од онаа на холандскиот ултра-десничар  Герт Вилдерс, моментално биле на врвот на анкетите или веднаш на  второто место.

AfD во Германија е една од партиите на радикалната десница во ЕУ која што „се вози“ на бранот на национализмот и популизмот. Релативно млада партија, формирана во 2013 година, успеа да влезе во федералниот парламент во 2017 година и моментално ужива доверба кај речиси една четвртина од германските граѓани. Фото: Omer Messinger/Getty Images

Неколку децении веќе, гласачите ги напуштаат пополека мејнстрим партиите ширум Европа, поради нивниот релативен неуспех  во борбата со  економските кризи, инфлацијата, милионите бегалци кои ги преминаа источните и јужните граници на ЕУ, терористичките напади во големите градови и енергетските ценовни шокови во услови на војна во Украина на којашто не ѝ се гледа крајот. И сепак, тие беа во можност да ја сузбијат некако заканата од радикалната десница на секои досегашни избори.

Ханс Кундани, истражувач и автор на книгата наречена „Eurowhiteness“, кој пишува за можноста за екстремно десничарска ЕУ, вели: „Екстремната десница може да победи всушност и без да победи буквално, доколку  десниот центар ја преземе целата нивна реторика и нивните политики, особено околу прашањата за идентитетот, имиграцијата и Исламот“.

Што ќе значи свртувањето кон екстремно десно за европските политики?

Какви позначајни промени може да се случат со новиот распоред на силите во идниот Европски парламент? Со оглед на евроскептицизмот на ECR и ID, и на некои национални партии во EPP, би можеле да видиме мнозинства во следниот парламент за поддршка на поголема економска, фискална и регулаторна слобода за земјите – членки. Овој блок најверојатно ќе гласа против предлозите на Kомисијата за спроведување на заеднички правила и наместо тоа ќе застане на страната на растечката група на национални влади – како што се оние во Унгарија, Италија, Словачка и Шведска – кои се залагаат за помало мешање од Брисел во националните економски, фискални и регулаторни политики.

Второ, помалиот број на европратеници од левата опција во однос на десницата значи дека во неколку области на политиката во кои левицата има тенденција да победи со мала разлика, десничарското мнозинство сега ќе има поголема веројатност да победи отколку левичарското мнозинство.  Ова веројатно ќе биде особено видливо во две области – граѓански слободи, правда и внатрешни работи, како и животна средина – каде тесните централно-левичарски мнозинства може да бидат заменети со нова популистичка победничка коалиција на десницата (на EPP + ECR + ID + повеќето неврзани европратеници).

Во однос на граѓанските слободи, правдата и внатрешните работи, ова може да има големи импликации за миграциските и азилантските политики на ЕУ, каде што веројатно ќе има мнозинство во Европскиот парламент што поддржува многу порестриктивни политики за имиграција и ќе се обиде да ја поттикне Комисијата да ја реформира ЕУ рамката за азилантски политики со цел да се овозможи поголема дискреција за земјите – членки и да се ограничи секое споделување на алоцирање на бегалците.

Ова ново победничко мнозинство во делот на  граѓанските слободи, правдата и внатрешните работи, исто така, може да има импликации и врз напорите на ЕУ да го спроведе владеењето на правото. Во сегашниот парламент имаше тесно мнозинство за ЕУ да воведе санкции (како задржување на буџетските плаќања) кон земјите – членки во кои владеењето на правото назадува – особено во Унгарија и Полска. Но, по јуни 2024 година, веројатно ќе биде потешко за центристичките и централно-левичарските европратеници (во RE, S&D, G/EFA, Left и делови од EPP) да ја задржат линијата против континуираната ерозија на демократијата, владеењето на правото и граѓанските слободи во Унгарија и која било друга земја-членка која би можела да се упати во таа насока.

Но, најголемите политички импликации од изборите за Европскиот парламент во 2024 година веројатно ќе се однесуваат на политиката за животната средина. Во сегашниот парламент, коалицијата на левиот центар (на S&D, RE, G/EFA и Left) имаше тенденција да надгласува  околу политиките за животна средина, но многу од овие победи беа извојувани со многу мала разлика. Значајното поместување надесно во новиот парламент ќе значи дека најверојатно ќе доминира коалицијата „акција за анти-климатска политика“. Ова значително би ја поткопало Рамката на Зелениот договор на ЕУ и усвојувањето и спроведувањето на заедничките политики за исполнување на целите за нето-нула емисија до 2050 година.

Следниот Европски парламент може да се очекува да го блокира законодавството неопходно за спроведување на политички тешката следна фаза од Зелениот договор – што ќе влијае на климатскиот суверенитет на ЕУ – и ќе се заложи за поцврста линија за клучните прашања за другите области на суверенитетот на ЕУ, вклучително миграцијата, проширувањето и поддршка за Украина.

Аларм за будење

„Резултатите од нашата анализа треба да послужат како аларм за будење за европските креатори на политики за тоа што е загрозено на изборите за Европскиот парламент во 2024 година“, велат од Европскиот совет за надворешни односи.

Импликациите од ова гласање се далекусежни за геополитичката насока на Европскиот совет и Европската комисија од 2024 година натаму. Следниот Европски парламент може да се очекува да го блокира законодавството неопходно за спроведување на политички тешката следна фаза од Зелениот договор – што ќе влијае на климатскиот суверенитет на ЕУ – и ќе се заложи за поцврста линија за клучните прашања за другите области на суверенитетот на ЕУ, вклучително миграцијата, проширувањето и поддршка за Украина.

Националните влади ќе се чувствуваат притиснати од начинот на кој овие избори ги обликуваат домашните дебати, што ќе влијае на позициите што тие можат да ги заземат во Европскиот совет. Ова веројатно ќе ја зајакне растечката оска на владите околу масата на Европскиот совет кои се обидуваат да го ограничат влијанието на ЕУ одвнатре – оние на Унгарија, Италија, Словачка, Шведска и веројатно владата предводена од PVV во Холандија.

Овие наоди, исто така, треба да укажат дека без разлика дали Доналд Трамп ќе победи или не на претседателските избори во САД во есента 2024 година – а анкетите во моментов сугерираат дека постои реална можност за тоа – Европа ќе се соочи со помалку глобално ангажирани САД на коишто може да се потпира.

Прогресивните креатори на политики треба да почнат да ги разгледуваат трендовите што ги поттикнуваат овие шеми на гласање и да почнат да подготвуваат наративи кои можат да ги пресечат. Наместо да дозволат дискусијата за трошоците и ризиците во поттикнувањето на зелената транзиција, поддршката на Украина или намалувањето на ризикот во меѓународните односи да доминира во дебатата, тие треба да создадат појасна порака за економските и безбедносните императиви за да се направат овие работи, бидејќи токму грижата околу нив го поттикнува размислувањето на гласачите.

Тие треба да ги препознаат нијансите во размислувањето на европските граѓани и да се натпреваруваат политички од нивните сопствени позиции на сила со проактивни политики, наместо да прибегнуваат кон наративи водени од страв кои екстремната десница успешно ги користи.

На пример, во врска со климатските прашања, по несигурноста во снабдувањето со енергенси предизвикана од руската војна против Украина, постои јавна волја економиите помалку да се потпираат на фосилните горива. По драстичните метеоролошки настани што ги погодија многу земји од ЕУ и извештаите за полошо што доаѓа, постои желба да не се изгуби импулсот на климатските активности, и постои волја кај деловната заедница да ја прифати зелената технологија – со поддршка од нивните влади во намалување на  ризиците во  синџирите на снабдување, и со инвестиции и соодветна регулаторна рамка.

Иако прогресивните европски лидери не можат и не треба да им кажуваат на гласачите што да прават, тие можат да изградат кредибилна алтернатива на остриот пресврт надесно во политичкиот мандат даден на следната група институции на ЕУ.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here