Државната сметка за енергија на сметка на градењето инфраструктура

За да ги покријат дополнителните трошоци кои ги наметна енергетската криза во 2022 година од најмалку 271 милиони евра, Владата и општините создале финансиски комфор преку жртвување капитални проекти вредни 220 милиони евра, како што се реновирање на здравствени установи, купување медицинска опрема, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови, како и проекти за унапредување на животната средина.

„Во 2022 година имаме реализација на капиталните проекти од речиси 90% од планираното, што е највисок остварен процент во споредба со претходните 10 години. Сето ова го направивме со цел да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните и нивниот стандард“. Ова е изјава на премиерот Димитар Ковачевски на владина прес конференција во јануари годинава, зборувајќи за рекордна реализација на капитални инвестиции во вредност од 465 милиони евра.

Неспорно е дека во апсолутен износ ова е своевиден рекорд на капитални расходи остварен во 2022 година, меѓутоа, факт е дека со ребалансот оваа буџетска ставка беше скратена како и вообичаено при секој ребаланс, така што во однос на првично планираните 621 милиони евра за оваа намена, реализацијата сепак е помала, околу 75%.

Сметководствено наштиман рекорд

Она што е спорно, е што зад овој навидум позитивен тренд се кријат расходи кои не можат докрај да се квалификуваат како капитални и придонесуваат кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, како што зборува премиерот.

Истражувањето на ефектите од финансиската и енергетската криза врз политиките и граѓаните, што го направивме заедно со Центарот за граѓански комуникации, покажува дека речиси една третина од реализираните капитални расходи, односно 131 милиони евра, биле потрошени за исплати на пари од владината програма за справување со кризата, односно антикризните мерки, кои не може да се подведат под категоријата „капитални“.

Најголемиот раст во капиталните расходи е всушност остварен преку буџетската ставка 485 (Вложувања и нефинансиски средства) која изнесува 179 милиони евра, а преку неа се вршени исплатите кон АД ЕСМ (97 милиони евра), како и на други државни компании, АД Пошта (2 милиони евра) и АД Водостопанство (1,8 милиони евра) за сервисирање на обврските за електрична енергија.

Државниот завод за ревизија, дополнително, забележува дека „иако во дел од донесените Одлуки на Владата, исплатата кон ЕСМ е предвидено да се изврши како расходи за трансфери (ставка Разни трансфери), истите, се исплатени како капитални расходи“.

Освен тоа, од буџетската ставка 485, се вршени и плаќања на Министерството за финансии – функции на државата за плаќања по гаранции на рати за кредити на АД за државни патишта (24 милиони евра) и Железници на РСМ Транспорт АД Скопје (6,3 милиони евра).

На овој начин се создала нереална слика дека поголем дел од буџетот е искористен за капитални инвестиции и е достигнато рекордно ниво на реализација. Оттука и препораката, дел од трошоците од буџетската ставка 48 – Капитални расходи, да бидат издвоени од оваа група на сметки. Со тоа од капиталните расходи ќе се „исчисти“ делот на трошоците кои по својата суштина не припаѓаат во оваа група, односно го замаглуваат квалитетот на сметката, но и нејзиниот квантитет.

Она што јавноста подразбира под капитални инвестиции, е всушност сумата потрошена од две клучни ставки – 481 Градежни објекти (изградба  на нови и реконструкција на станбени и деловни објекти) и 482 Други градежни објекти (улици, патишта, автопатишта, мостови, пречистителни станици и колектори, депонии за отпад, капацитети за водоснабдување, средства за енергетика и изградба на други објекти) и тие се речиси на исто ниво во период од пет години. Поконкретно, од овие две ставки вкупно, во 2022 година потрошени се 104 милиони евра, што е само 1,81% повеќе од 2021 година.

Најголемиот раст во капиталните расходи е всушност остварен преку буџетската ставка 485 (Вложувања и нефинансиски средства) која изнесува 179 милиони евра, а преку неа се вршени исплатите кон АД ЕСМ (97 милиони евра), како и на други државни компании, АД Пошта (2 милиони евра) и АД Водостопанство (1,8 милиони евра) за сервисирање на обврските за електрична енергија. Државниот завод за ревизија, дополнително, забележува дека „иако во дел од донесените Одлуки на Владата, исплатата кон ЕСМ е предвидено да се изврши како расходи за трансфери (ставка Разни трансфери), истите, се исплатени како капитални расходи“. Фото: РЕК Битола, СДК.мк

Енергетската криза предизвикала трошоци од 271 милиони евра

По одделни ставки во Буџетот за лани, најголемиот раст на расходите може да се воочи во буџетските ставки 421 (Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт), 464 (Разни трансфери), 471 (Социјални надоместоци), 485 (Вложувања и нефинансиски средства). Сите овие буџетски ставки се всушност менувани како резултат на растечките трошоци за електричната енергија и соодветно на тоа мерките што Владата ги преземаше за намалување на последиците од енергетската криза.

Преку буџетската ставка 421 (Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт) во 2022 година се потрошени 83 милиони евра, што е за 68%, односно за 33,7 милиони повеќе од расходите за оваа намена во 2021 година. Меѓутоа, освен платените расходи, доколку се додадат и обврските кои по оваа основа доспеале во тековната година, но не биле платени, во вредност од 25 милиони евра, се доаѓа до вкупна сума од 108 милиони евра.

Буџетската поддршка на АД Електрани на Република Северна Македонија (ЕСМ) во кризната 2022 година изнесува 230 милиони евра. Оваа поддршка предизвика раст на расходите од ставката 464 (Разни трансфери), но и на капиталните расходи од ставката 485 (Вложувања и нефинансиски средства).

Преку ставката 464 (Разни трансфери) кон АД Електрани се извршени 6 исплати во вкупен износ од 133 милиони евра. Исплатите се извршени врз основа на Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија во која е јасно наведено дека ќе се преземаат мерки и активности во врска со обезбедување на дополнителни количини на топлинска енергија согласно утврдената кризна состојба. Пет од шесте плаќања се преку програмата П1 (Мерки за справување со КОВИД-19 кризата и други антикризни мерки), а само едно од овие плаќања е од програмата С5 (Зелен развој) во износ од 10,9 милиони евра.

И на крајот, растот на буџетската ставка 471 (Социјални надоместоци) како резултат на енергетската криза произлегува од Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година. Согласно податоците од Предлог завршната сметка за 2022 година, мерките наменети за заштита на ранливите категории потрошувачи се реализирани со фискален ефект од 7 милиони евра.

Оттука, кризната 2022 година се рефлектира во Буџетот низ пораст на трошоците за греење, зголемување на задолжувањата, намалување на способноста на институциите да ги плаќаат навреме своите обврски и на потребата од поголеми интервенции од централниот буџет на државата.

Вкупните пријавени обврски на буџетските субјекти на крајот од 2022 година изнесувале 800 милиони евра и во однос на 2021 година се зголемени за нови 186 милиони евра, односно за цели 30%.

Жртвувани градежни проекти за сметка на трошоците за енергија

За покривање на дополнителните трошоци коишто ги наметна енергетската криза во 2022 година од 271 милион евра (230 милиони за поддршка на АД Електрани, 34 милиони евра за плаќање на зголемените сметки за електрична енергија и 7 милиони за заштита на ранливи потрошувачи на енергија) Владата жртвуваше проекти од најмалку 170 милиони евра како што се: реновирање на здравствени установи, купување медицинска опрема, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови, како и проекти за унапредување на животната средина.

Кога кон овој износ ќе се додадат и 50 милиони евра градежни проекти кои требало да се реализираат од локалните власти, произлегува дека поради енергетска криза вкупно во државава се жртвувани објекти кои се од важност на граѓаните во вредност од најмалку 220 милиони евра.

По одделни сектори, во здравството, во кризната 2022 година најмногу на удар за кратење била реконструкцијата и доградбата на здравствените објекти, за што требало да се потрошат 14 милиони евра, а се потрошиле само 3,5 милиони евра.

Во областа на социјална заштита не ни почнале да се реализираат 7 градежни проекти во вредност од 4 милиони евра. Станува збор за објекти наменети за стари лица, лица со посебни потреби и деца од градинки.

Инвестициите во образованието во 2022 година се речиси преполовени и од првично буџетираните 20 милиони реализирани се само 10 милиони евра.

Програмата за унапредување на животната средина од 30 милиони евра е сведена на реализација од само 13 милиони евра, а во областа на земјоделството, водостопанството и шумарството, за потпрограмите „Хидросистем Злетовица“ и „Модернизација на земјоделството“ биле планирани 4,5 милиони евра, а потрошени само нешто над 1 милион евра.

Инвестициите во патната инфраструктура со Буџетот за 2022 година првично биле проектирани на 96 милиони евра, за потоа целосно да се укинат, а намалување на средствата имало и за проекти за водоснабдување и одведување на отпадни води.

Големо кратење на средствата е евидентирано и во реформите на казнено – поправните установи, па од првично планираните 4,6 милиони евра реализирани се само 127 илјади евра.

Со ребалансите, сите ЕЛС ги зголемиле буџетските ставки од кои се плаќало енергија и тоа 421 – Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт и 461 – Субвенции за јавните претпријатија – од 56 милиони евра на 86 милиони евра. Произлегува дека зголемувањето на трошоците за енергија целосно е покриено со финансискиот комфор создаден преку нереализирањето на капиталните инвестиции во 2022 година. Реализацијата на овие две ставки на крајот на 2022 година изнесува 76 милиони евра.

“Иста песна“ и кај општините

Истражувањето на сите буџети на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) покажа дека капиталните проекти на локално ниво, во годината на енергетска криза ги преживеале ребалансите, но на крајот не се реализирале целосно.

Сите ЕЛС заедно, сосе градот Скопје, во екот на енергетската криза, со одделни ребаланси, ги скратиле незначително плановите за инвестирање во градежни објекти (ставки 481 и 482) од 140 милиони евра на 133 милиони евра, меѓутоа, значително потфрлиле кога е во прашање реализацијата. Така, од оваа планирана сума, на крајот се инвестирале 89 милиони евра, што значи дека не се реализирале градежни капитални проекти во вкупна вредност од 51 милион евра.

Иако капиталните инвестиции низ годините имаат тенденција да не се реализираат целосно, како на централно така и на локално ниво, сепак 2022 година е послаба дури и во споредба со реализацијата на овие инвестиции и во 2021 и во 2020 година.

Евидентно е дека 2021 година е своевидна рекордна кога станува збор за реализирани капитални инвестиции на локално ниво, но се работи за изборна година кога вообичаено се „работи“ со зголемена динамика од обично.

Ако се спореди со 2021 година, кога се инвестирале 119,3 милиони евра, произлегува дека реализацијата во кризната 2022 година на инвестициите од ставката 482 е намалена за 34,7 милиони евра.

Особено е поразителна споредбата со 2020 година во екот на пандемијата и повеќекратното воведување на полициски час, што беше причина за забавување на градежната активност од страна на државата. Но произлегува дека 2022 година, градоначалниците изградиле инфраструктура во вредност помала и од пандемиската 2020 година.

А вредноста на капиталните инвестиции лани, изразена во тековни цени, значително е „надуена“ и поради високата двоцифрена инфлација карактеристична само за таа година.

Што се однесува до трошоците за енергија на општините, тие лани достигнале износ приближно колку инвестициите во градежни објекти.

Со ребалансите, сите ЕЛС ги зголемиле буџетските ставки од кои се плаќало енергија и тоа 421 – Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт и 461 – Субвенции за јавните претпријатија – од 56 милиони евра на 86 милиони евра. Произлегува дека зголемувањето на трошоците за енергија целосно е покриено со финансискиот комфор создаден преку нереализирањето на капиталните инвестиции во 2022 година. Реализацијата на овие две ставки на крајот на 2022 година изнесува 76 милиони евра.

Тоа значи дека во 2022 година сите ЕЛС потрошиле дури 74,6% повеќе пари од буџетската ставка 421 – Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, споредено со 2021 година. Иако властите преземаа низа мерки за штедење на енергија во државните институции, зголемувањето на трошоците на општините на годишно ниво за енергија е далеку поголемо од регистрираната стапка на инфлација во категоријата Електрична енергија, гас и горива, каде што просечните цени во 2022 пораснале 16% споредено со 2021 година.

Kај останатите расходи, локалните власти се однесувале како да не е криза, па така во 2022 година е забележан раст на трошоците за патни и дневни расходи (буџетска ставка 420) за дури 145% споредено со годината претходно, за основни плати (буџетска ставка 401) расходите пораснале за 5,4%, договорните услуги (425) во 2022 година пораснале за 25,9% на годишно ниво, додека пак, трошоците за привремени вработувања (427), се зголемиле за 3,3%.

Во исто време, општините повторно натрупале долгови односно заклучно со крајот на 2022 година имале доспеани обврски од 66,4 милиони евра и покрај обидот на државата во 2019 година да им подмири голем дел од заостанатите обврски. На крајот на минатата година, дури 14 од општините имале и блокирани сметки.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here