Турција на крстопат: демократски промени или Ердоган по трет пат

    Реџеп Таип Ердоган не помни кога имал толку тесна трка со своите опоненти. А неговата земја пак заборавила кога последен пат била толку блиску до враќање на демократијата.

    Турција ја очекува втор круг на претседателските избори, откако ниту актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, ниту опозицискиот кандидат Кемал Каличдароглу не го надминаа цензусот од 50% од гласовите потребен за прогласување победа уште во првиот круг на изборите одржани во неделата, 14 мај.

    Според податоците на агенцијата Анадолија, по пребројани 99,4% од гласачките ливчиња, во водство е Ердоган со 49,36% од гласовите, пред Киличдароглу со 44,9%, додека ултра-националистичкиот кандидат Синан Оган доби 5,2% од гласовите.

    Киличдароглу има предност во сите големи урбани центри, водејќи во Истанбул со 48,55 отсто, во Анкара – 47,31 отсто, во Измир – 63,29 отсто, во Анталија – 53,13 отсто и во Адана – 50,89 отсто. Ердоган, пак, води во Бурса – 51,47 отсто и во Коња со 68,94 отсто.

    Киличдароглу однесе убедлива победа на крајниот исток на земјата, каде главно се населени Курди. Ердоган, пак, беше доминантен во централниот дел на земјата и во северниот, каде што во некои места  и речиси 80% од гласовите.

    Вториот круг на претседателските избори ќе се одржи на 28 мај и се очекува да одлучат гласовите на третиот кандидат Синан Оган. Неговите гласачи се претежно со десничарска политичка ориентација и на Киличдароглу му забележуваат за премногу попустливиот однос кон курдските бунтовници на истокот.  Тоа  според аналитичарите е еден индикатор  дека гласовите на Оган ќе му припаднат на Ердоган во вториот круг.

    Очите на западните сојузници вперени во Турција

    Овие избори во Турција се карактеристични по тоа што после две децении владеење, за првпат Ердоган е исправен пред сериозен предизвик – соочен со пад на популарноста и намалени шанси за успех и покрај неколкуте промени во негова корист што ги направи  во државниот политички систем,  кого што опозициските партии го опишуваат како авторитарен.

    Причините за проблемите на Ердоган ни се добро познати – земјата е втурната веќе подолго време во сериозна економска криза, инфлација до небо и намален животен стандард. Изборите доаѓаат едвај три месеци по катастрофалните земјотреси што одзедоа преку 50.000 животи во Турција и Сирија, и раселија речиси шест милиони луѓе на југот од земјата, додека државните служби беа обвинети за неспособност и корупција во справувањето со последиците од катастрофата, предизвикувајќи гнев ширум земјата.

    Изборите во Турција со внимание се следат глобално бидејќи може сериозно да влијаат на идниот правец што ќе го заземе оваа важна членка на НАТО, со широк опсег на дипломатски и економски врски низ целиот свет. Ердоган досега често знаеше да ги разочарува и фрустрира своите западни партнери, вклучувајќи ги и САД, а на домашен терен се соочува со големо незадоволство поради економската криза и неефикасните мерки што неговата администрација ги спроведува последниве 2-3 години.

    Ердоган (лево) или поранешниот државен службеник Каличдароглу – гласовите на третиот кандидат, ултра-националистот Синан Оган ќе пресудат на 28 мај, во вториот круг. Фото: Ројтерс

    Ова се први избори во историјата на Турција на коишто ниту еден претседателски кандидат не обезбедил победа во првиот круг. Сега следат две седмици во коишто кандидатите ќе ги извадат сите карти на масата за да привлечат што повеќе гласачи.

    Изборите во неделата беа втори во земјата по референдумот во 2017-та инициран од Ердоган којшто ја претвори земјата од парламентарна демократија во претседателски систем и му овозможи апсолутна  моќ. Ердоган ги доби последните два претседателски избори во 2014 и 2018 година, веднаш во првиот круг и со значителна разлика во гласовите. Сепак, неможноста тоа да го стори и по трет пат по ред укажува дека сепак има загубено дел од поддршката на граѓаните.

    Користење на државните ресурси за изборна победа

    Во предвечерието на изборите, Ердоган ги искористи државните ресурси за да ги зголеми своите шанси, зголемувајќи ги платите на државните службеници и минималната плата во државата, со цел да ги ублажи ефектите од високата инфлација. Слични мерки може да искористи и во деновите до следниот изборен круг. Исто така, од помош на Ердоган може да му биде и добриот резултат на неговата партија на парламентарните избори, коишто се одржаа во неделата истовремено со претседателските.

    Прелиминарните резултати покажуваат дека неговата Партија на правото и развојот со своите сојузници ќе го задржи мнозинството во турскиот парламент со 600 пратенички места. Ова ќе му даде на Ердоган аргумент, како што коментира Њујорк Тајмс, да ги убедува гласачите дека треба да победи токму тој за да се избегне кохабитацијата помеѓу претседателот и владата што би го загрозило ефикасното функционирање на државата.

    Неговиот опонент Киличдароглу веќе изјави дека тој ќе победи во вториот круг, охрабрувајќи ги своите поддржувачи дека ќе донесе демократија во својата татковина. Поранешниот државен службеник, сметководител по професија, вети нова социјалдемократска ера, враќање на парламентарната демократија, како и на независноста на судството. Ако стане претседател, Киличдароглу ќе мора внимателно да балансира во односите со Русија, и Киев и Западот од друга страна.

    Едно од неговите предизборни ветувања е и депортирањето на милиони сириски и авганистански бегалци што во моментов живеат во Турција. Прашан за тоа како има намера да го спроведе ова свое ветување, а Турција да остане на патот на евроинтеграциите, тој одговори дека ќе се обрати за помош токму до ЕУ или дури и до Обединетите нации.
    „Не го сметам тоа за расизам. Кога ќе дојдеме на власт ќе седнеме, ќе разговараме со легитимната администрација во Сирија и ќе најдеме решение за овој проблем“, рече лидерот на турската опозиција за „Гардијан“.

    Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

    КОМЕНТИРАЈ

    Please enter your comment!
    Please enter your name here