Кога одговорноста завршува кај ‘нашите’: за партикуларизмот и универзализмот

Можеби една од нашите подлабоки општествени слабости не е дека не знаеме да бидеме човечни едни кон други. Напротив, понекогаш сме исклучително човечни. Проблемот можеби е што нашето чувство за обврска премногу често завршува таму каде што завршува кругот на „нашите“.

Автор: Огнен Вангелов
универзитетски професор и доктор на политички науки

Во претходната колумна пишував за нешто што го гледам како сериозен дефицит на општествена одговорност кај нас и за мојата теза дека еден од неговите корени треба да се бара во недостигот на функционално образование. Но тој аргумент остава уште едно важно прашање: ако кај нас навистина постои слабост во односот кон непознатите луѓе и кон јавниот простор, како да го разбереме фактот што истите луѓе во други контексти знаат да покажат емпатија, одговорност и солидарност? Мислам дека токму оваа разлика заслужува посебно внимание.

Не мислам, имено, дека кај нас недостига способност за емпатија, солидарност или чувство на одговорност воопшто. Напротив. Во односите со семејството, роднините, пријателите и луѓето што ги сметаме за „наши“, тие особини можат да бидат исклучително силни. Луѓето се грижат за старите родители, финансиски им помагаат на роднините, се мобилизираат кога пријател ќе западне во неволја, итн.

Но нешто чудно се случува кога ќе излеземе од тој круг. Некој може да биде прекрасен родител, пожртвуван син или ќерка и неверојатно лојален пријател, а половина час подоцна да го паркира автомобилот на тротоар така што непозната мајка со детска количка мора да излезе на улица. Може да се грижи дали неговото дете е безбедно во сообраќајот, а истовремено да вози на начин што ги загрозува туѓите деца. Може својот дом да го одржува беспрекорно чист, а без особен проблем да фрли отпад во јавен простор.

Затоа проблемот не е отсуството на емпатија. Можеби проблемот е до каде се протега кругот во кој нашата емпатија создава обврска.

Тука ми се чини корисна разликата меѓу партикуларизмот и универзализмот. Во силно партикуларистичкиот модел моралните обврски се концентрирани околу конкретните односи: моето семејство, моите роднини, моите пријатели, моите луѓе. Кон нив можам да чувствувам огромна одговорност. Но колку повеќе човекот се оддалечува од тој круг, толку послаба станува обврската.

Универзалистичкиот принцип бара нешто потешко: не мора да те познавам за да признаам дека имаш права што создаваат обврски за моето однесување. Не ја познавам мајката со количката, но нејзиното право безбедно да го користи тротоарот ме обврзува да не го блокирам. Не го познавам пешакот, но неговата безбедност ме обврзува да ја приспособам брзината. Не ги познавам луѓето што утре ќе седат во паркот, но фактот што и тие имаат право на чист јавен простор ме обврзува да не го оставам мојот отпад таму.

Секој може да направи и еден мал секојдневен експеримент. Нека застане во близина на некој од лежечките полицајци поставени на улиците, особено оние во близина на училишта, и нека набљудува колку возачи навистина забавуваат и поминуваат преку нив, а колку се обидуваат да ги заобиколат. Моето набљудување е дека оние што навистина забавуваат се малцинство, додека многу возачи го заобиколуваат лежечкиот полицаец со речиси несмалена брзина, често преминувајќи и во спротивната лента преку двојна полна линија. Кај таксистите ова е речиси редовна практика.

Фото: Unsplash.com

Овој пример ми е особено впечатлив затоа што лежечкиот полицаец најчесто не е поставен таму произволно. Особено во близина на училиште, неговата порака е сосема јасна: овде има деца, намали ја брзината. Но наместо тоа да се разбере како причина да се вози повнимателно, првата реакција често е да се најде начин физичката пречка да се избегне. Прашањето веќе не е „зошто од мене се бара да забавам?“, туку „како да поминам без да морам да забавам?“

И тука повторно се гледа разликата меѓу надворешното ограничување и интернализираната норма. Возачот кој ја прифаќа причината за ограничувањето ќе забави затоа што разбира дека тука постои зголемен ризик за други луѓе, во овој случај често за деца што воопшто не ги познава. Возачот кој во правилото гледа само пречка ќе се обиде да ја заобиколи веднаш штом ќе најде начин. А ако притоа влезе во спротивна лента и прекрши уште едно правило, притоа загрозувајќи ги и другите возачи освен пешаците само за да избегне неколку секунди забавување, тогаш примерот кажува нешто многу пошироко од тоа дека некој „лошо вози“.

Секако, не би било точно да се каже дека солидарноста кон непознати луѓе кај нас воопшто не постои. Напротив, многупати гледаме мобилизација кога на социјалните мрежи ќе се појави апел за болно дете или возрасен човек кому му се потребни средства за лекување. Луѓе кои никогаш не ја запознале таа личност донираат пари, го споделуваат повикот и искрено сочувствуваат со нејзината несреќа. Тоа е вистинска и вредна форма на општествена солидарност.

Но токму тука е важната разлика: таквата солидарност најчесто се активира во јасно препознатлива, емотивно силна и исклучителна ситуација. Универзализмот што го имам предвид е многу попрозаичен и, на некој начин, многу потежок. Тој бара интересите на непознатиот човек да имаат морална тежина и тогаш кога нема потресна приказна, фотографија, апел или непосредна човечка трагедија што ќе ја активира нашата емпатија.

Полесно е да почувствуваме солидарност со конкретен непознат човек чија несреќа има лице и приказна, отколку секојдневно да ги земаме предвид правата на безимените непознати луѓе со кои го делиме јавниот простор. Човек може сосема искрено да донира пари за лекување на непознато дете, а следниот ден да паркира на тротоар и да принуди друга мајка со дете да излезе на улица. Тоа не мора да биде лицемерие. Може едноставно да значи дека во првиот случај емпатијата била силно активирана, а во вториот не постои доволно интернализирана општа норма што автоматски го вклучува интересот на непознатиот.

Значи, прашањето не е дали умееме да сочувствуваме со непознат човек. Очигледно умееме. Прашањето е дали го признаваме непознатиот како носител на права и легитимни интереси и тогаш кога неговото страдање не е драматично, видливо и персонализирано.

И токму тука прашањето престанува да биде само приказна за сообраќајот, ѓубрето и секојдневната некултура. Истата разлика меѓу партикуларизмот и универзализмот може да ни помогне да разбереме многу подлабоки проблеми во нашето општество.

Што значи, на пример, „да му помогнам на мој човек“? Во приватниот живот тоа може да биде прекрасна особина. Ако пријател ми е во неволја, нормално е да сакам да му помогнам. Ако брат ми останал без работа, нормално е да се грижам за него. Но кога истата логика ќе ја внесеме во јавната институција, нејзиното морално значење се менува.

Ако сум на јавна функција, универзалистичкиот принцип бара од мене нешто радикално различно: не е важно дали те познавам, дали си ми роднина, пријател, сопартиец или целосно непознат. Истото правило мора да важи за сите.

Партикуларистичката логика, пак, ми кажува: „Ова е мој човек. Ако можам да му помогнам, зошто да не му помогнам?“

И токму тука нешто што во приватната сфера го сметаме за доблест може да стане неправда во јавната. Да му „средам“ работа на братучедот. Да му се јавам на пријателот во администрацијата за да ми заврши нешто преку ред. Да најдам човек што ќе ми ја „среди“ казната. Да вработам некого затоа што е „наш“. Да очекувам партијата да ги згрижи луѓето што ѝ биле лојални.

Она што е особено интересно е што човекот кој го прави ова најчесто не се доживува себеси како неморален. Напротив, може да мисли дека постапува како добар роднина, добар пријател или лојален сопартиец. Токму затоа партикуларизмот е толку отпорен: тој често не се доживува како прекршување на морална норма, туку како исполнување на една друга морална обврска, обврската кон „своите“.

Но секоја таква „помош“ има невидлива друга страна: непознатиот човек кој ги исполнувал условите, но немал кого да побара; кандидатот кој бил подобар, но не бил „наш“; граѓанинот кој чекал ред затоа што не познавал никого; човекот кој ја платил казната затоа што немал кому да се јави. Привилегијата што ја добива „мојот човек“ речиси секогаш значи дека некој друг, кого не го познавам, ја плаќа цената.

И тука повторно доаѓаме до истото основно прашање: дали непознатиот човек има морално релевантни интереси иако со мене нема никаков личен однос?

Ако одговорот е слаб, тогаш партикуларизмот не останува само во семејството и кругот на пријателите. Тој лесно станува културна почва за врските, непотизмот, клиентелизмот, партиското вработување и корупцијата. Институциите тогаш не функционираат според принципот „исто правило за сите“, туку преку мрежи на припадност, лојалност и лични услуги.

Затоа можеби една од нашите подлабоки општествени слабости не е дека не знаеме да бидеме човечни едни кон други. Напротив, понекогаш сме исклучително човечни. Проблемот можеби е што нашето чувство за обврска премногу често завршува таму каде што завршува кругот на „нашите“.

А функционално општество започнува токму со следниот чекор: да научиме дека човекот што не е „мој“ сепак има права што ме обврзуваат. Не затоа што ми е роднина, не затоа што ми е пријател, не затоа што можеби утре ќе ми затреба, туку едноставно затоа што е друг човек со кого го делам истото општество.

Можеби токму преминот од „мој човек“ кон „секој човек“ е една од најтешките, но и најважните цивилизациски лекции што едно општество мора да ги научи.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here