Зохран Мамдани, отворено деклариран демократски социјалист и член на прогресивното крило на Демократската партија, извојува историска победа и стана 111-ти градоначалник на Њујорк – град кој повеќе од било кој друг го симболизира капитализмот, финансиската моќ и глобалната економска елита.
Мамдани, со освоени 50,4 проценти од гласовите го порази поранешниот гувернер Ендрју Куомо, кој настапи како независен кандидат откако изгуби на демократските предизбори, со 41,6 проценти, додека републиканскиот кандидат Кертис Слива освои само 7,1 проценти од вкупниот број гласови. Според податоците на Градската изборна комисија, излезноста надмина два милиони гласачи – највисока од 1969 година, што покажува колку изборите предизвикаа енергија, но и длабоки поделби во градот.
Кога ќе биде инаугуриран на 1 јануари, 34-годишниот пратеник во Собранието на државата Њујорк којшто доаѓа од Квинс ќе стане најмладиот градоначалник во последните сто години, а воедно и првиот муслиман и првиот човек од јужноазиско потекло што го водел Њујорк во неговата 400-годишна историја. Тој ќе го наследи Ерик Адамс, кој се повлече поради ниска доверба и серија скандали.
„Вечерва ми дадовте мандат за промена – мандат за нова политика, за град што може да си го дозволиме и власт што ќе испорача резултати,“ изјави Мамдани пред насобраните поддржувачи на славеничката вечер во Бруклин, каде што и го оствари најдобриот резултат. Тој не заборави и да го „поздрави“ претседателот Трамп, којшто во периодот на предизборието често знаеше да каже дека ако победи Мамдани ќе воведе комунизам во Њујорк, и дека тој ако треба ќе му ги секне федералните пари за да му го загорчи менаџирањето со градот. “Ако некој може да ѝ покаже на оваа нација предадена од Доналд Трамп како тој може да се порази, тоа е токму градот што му даде моќ и пари“, рече Мамдани во својот победнички говор. Тој самиот знаеше понекогаш да каже дека се чувствува особено добро затоа што е „вистински кошмар“ за Трамп.
До пред неколку години, Мамдани беше непознато име, локален активист што организираше заедници против принудно иселување. Неговото нагло искачување на политичката сцена потсетува на успесите на други млади прогресивци како Александрија Окасио-Кортез, со кои го дели идеолошкиот спектар.
„Њујорк не може да биде град само на богатите“
Со енергија, харизма и одлично користење на социјалните мрежи, Мамдани успеа да мобилизира масовна армија волонтери и гласачи разочарани од политичкиот естаблишмент. Неговата кампања, фокусирана на кризата со достапното домување, експлозијата на трошоците за живот и јавниот превоз, ја одразуваше фрустрацијата на просечниот њујорчанец кој сè потешко може да си дозволи да живее во сопствениот град.
Просечната кирија во Њујорк достигна околу 3.400 долари месечно, а стапката на достапни станови падна на историски најниски 1,4 проценти. Мамдани вети замрзнување на кириите за повеќе од еден милион станови со регулирана цена, воведување бесплатен градски автобуски превоз и проширување на програмите за универзална грижа за децата – мерки што планира да ги финансира преку зголемени даноци за корпорациите и најбогатите граѓани.
„Ние не можеме повеќе да прифатиме град што е достапен само за богатите,“ рече Мамдани во интервју за Bloomberg News. „Њујорк мора да биде дом и за медицинската сестра, и за наставникот, и за работникот што секое утро го вози метрото.“
Покрај економските прашања, Мамдани вети и структурни промени во управувањето со јавните институции. Еден од неговите предлози е јавните училишта да се ослободат од директна градоначалничка контрола и да добијат автономен одбор, како и воспоставување специјализирана служба во рамки на полицијата која ќе реагира на повици поврзани со лица во ментална криза – мерка инспирирана од моделот во Денвер.

Најави и отворање на пет градски продавници за храна со субвенционирани цени, како обид да се намали притисокот врз граѓаните во време на висока инфлација.
Овие предлози, иако добија ентузијастичка поддршка од младите и левичарските гласачи, предизвикаа вознемиреност кај деловните кругови, бизнис коморите за недвижности и големите донатори. Според Wall Street Journal, дел од корпоративниот сектор се плаши дека најавените даноци ќе ги поттикнат богатите да го напуштат градот, повторувајќи ги трендовите од 1970-тите години.
Бизнисменот и инвеститор Бил Акман, кој донираше повеќе од милион долари за кампањата против Мамдани, му честиташе по изборите со порака на платформата Х (поранешен Твитер): „Имаш историска одговорност. Ако можам да помогнам Њујорк да успее – кажи што можам да направам.“
Мобилизација на база од мали донатори
Кампањата на Мамдани беше пример за мобилизација на база од мали донатори. Преку програмата на градот за јавно финансирање, за секој дониран долар од жителите на Њујорк, кампањата добиваше осум долари јавни средства – што значително го надомести недостатокот на големи спонзори.
Неговите волонтери, над 100.000 на број, тропнаа на повеќе од три милиони врати во текот на кампањата. Тоа доведе до огромен пораст на излезноста кај младите гласачи и во мултикултурните населби.
„Овојпат не се чувствувавме игнорирани,“ изјави Анита Братвејт, келнерка од Бруклин, за The Guardian. „Волонтерите доаѓаа неколку пати, разговараа со нас, нè прашуваа што ни треба. Тоа никогаш не се случувало порано.“
Победата на Мамдани предизвика бурни реакции и на национално ниво. Претседателот Доналд Трамп го нарече „комунистички фанатик“ и изјави дека неговото избирање „ќе го претвори Њујорк во социјалистичка катастрофа“. „Не сакам да трошам федерални пари на нешто што веќе е пропаднато,“ напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, оцени дека резултатите „ја зацементираа трансформацијата на Демократската партија во партија на радикалната левица“.
Но, умерените демократи, како поранешната агентка на ЦИА Ебигејл Спенбергер и актуелна членка на Претставничкиот дом на Конгресот, победија на гувернерските избори во Вирџинија, што според Politico покажува дека партијата сè уште има идеолошка разновидност и не се движи целосно во левата насока.
Во трката со Куомо, Мамдани понуди визија за прогресивен Њујорк со високи јавни инвестиции и редистрибуција на богатството, додека Куомо настапи како искусен прагматичар кој се повикуваше на своите инфраструктурни проекти како доказ дека знае да управува. Но, неговите обиди за политичко враќање беа ограничени од скандалите со сексуално вознемирување и незадоволството од начинот на справување со пандемијата.
„Половина од њујорчаните не гласаа за илузии, туку за одговорна политика,“ рече Куомо во говорот по поразот, додавајќи дека изборите се референдум за иднината на Демократската партија.
Левичар не мора да биде гладен и бос како мал
Мамдани е роден во Уганда во 1990 година, син на познатата режисерка Мира Наир, номинирана за „Оскар“, и универзитетскиот професор Махмуд Мамдани, експерт за постколонијални студии на Универзитетот „Колумбија“. Во Њујорк се преселил кога имал седум години, студирал на престижниот „Bowdoin College“ во Мејн, а пред политиката се занимавал со музика и социјален активизам. Американски пасош добил во 2018 година, а две години подоцна бил избран во Државното собрание на Њујорк.
Неговото семејство, културно и академски познато, му овозможило глобална перспектива – нешто што често го истакнува во своите говори. „Јас сум производ на еден свет каде што границите треба да ги рушиме, а не да ги градиме,“ вели Мамдани.

Аналитичарите на Bloomberg оценуваат дека изборот на Мамдани ќе биде тест за тоа дали левичарските економски идеи можат да функционираат во најголемиот и најкомплексниот град во Америка. Неговата програма за бесплатен превоз, контрола на кириите и даночна прогресија може да го постави Њујорк како лабораторија за нови урбани политики – или како предупредување за нивните ограничувања.
Од друга страна, поддржувачите го гледаат како симбол на генерациска промена. „Ова не е само победа на еден човек, туку на цела идеја – дека политиката може повторно да служи на обичните луѓе,“ рече една од водечките личности во кампањата, Саманта Чу, за The New York Times.
Мамдани, свесен за очекувањата, изјави во завршниот дел од својот говор: „Ќе ме судат по тоа дали Њујорк ќе биде град во кој децата на работниците ќе можат да си дозволат да останат. Тоа е мојата мерка за успех.“
Најголемите предизвици за Мамдани
-Исполнување на сопствените ветувања
Мамдани вети универзална заштита за децата, замрзнување на киријата во субвенционираните единици, бесплатни јавни автобуси и градски продавници за храна со субвенционирани цени . Тој вели дека тоа ќе биде платено со нови даноци за милионерите и корпорациите што ќе приберат 9 милијарди долари. Но, некои експерти го доведоа во прашање тоа негово уверување. И ќе му треба поддршка од политичарите од државата Њујорк, што може да биде тешка задача.
-Справување со „огнот“ што ќе доаѓа од републиканците
Во својот победнички говор, Мамдани му порача на Трамп да „го засили тонот на радиото“, но останува да се види како политичар без искуство во извршната власт ќе се справи со нападот што сигурно доаѓа. Американскиот претседател веќе се закани дека ќе го прекине федералното финансирање, а претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, не губеше време да го нападне, неколку моменти откако беше потврдена победата на Мамдани.
-Соработка со раководството на демократите
Партискиот естаблишмент беше бавен, дури и неволен, да го поддржи Мамдани, и покрај неговата способност да ги освои гласачите кои се насочија кон Трамп на изборите во 2024 година. Тоа е победа што ќе биде бурно прославена меѓу оние од левицата на партијата, но тој можеби нема да биде толку топло прифатен од умерените партиски функционери.








