Процесот на проширување на ЕУ е заглавен веќе најмалку една деценија. И додека новиот геополитички пејзаж и итноста создадени по руската инвазија на Украина го вратија проширувањето на ЕУ во прв план, сѐ уште остануваат тесни грла во процесот на донесување одлуки за проширувањето на ЕУ. „Солуција“ во партнерство со неколку истакнати меѓународни организации направи анализа за тоа како да се реформира донесувањето одлуки во ЕУ во врска со проширувањето со цел да се направи поефективно, а истовремено Унијата да го врати својот кредибилитет во соседството и пошироко.
Анализата во којашто учествуваа и Холандскиот институт за меѓународни односи Клингендејл (Clingendael), Германскиот совет за надворешни односи (DGAP) и Грчката фондација за европска и надворешна политика (ELIAMEP), ги истражува границите на едногласното одлучување во преговорите за пристапување во ЕУ, особено кога одделни земји-членки го попречуваат процесот поради билатерални прашања кои не се поврзани со формалните критериуми за членство, како што е тоа во моментов го прави Бугарија со својот сосед Северна Македонија.
Со цел да се направи проширувањето на ЕУ поефективно и поефикасно, оваа анализа го истражува потенцијалот на гласањето со квалификувано мнозинство (Qualified Majority Voting – QMV) во клучните интермедијарни фази од процесот на пристапување. Ако ЕУ е сериозна во однос на својата амбиција да биде геополитички актер, тогаш да се имаат предвид политичките, правните и институционалните импликациите на QMV во проширувањето на ЕУ ќе бидe клучно, сметаат авторите на анализата.
Обновен моментум
Со отворањето на пристапните преговори со Украина и Молдавија, проширувањето на ЕУ повторно е во центарот на креирањето политики на ЕУ. Обновениот моментум на проширувањето е дел од одговорот на ЕУ на геополитичките предизвици кои произлегуваат од руската инвазија на Украина. ЕУ гледа на овој процес како на витален начин да ја зајакне својата безбедност и потпора на глобалната сцена.
Проширувањето во голема мера се сметаше како суспендиран процес уште од „големата експлозија“ во периодот 2004-20007 година, по што само Хрватска се приклучи во 2013 година, за сега импулсот да се обнови со Молдавија и Украина (и во помала мера Грузија), создавајќи ефект на прелевање и на Западен Балкан. Беа отворени пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, а неодамна со Босна и Херцеговина.
Во исто време, 20 години од ветувањето на ЕУ во Солун во 2003 година за европска перспектива за Западен Балкан, граѓаните и владите имаат ниски очекувања дека новиот моментум ќе се претвори во членство во ЕУ во скоро време. Доколку земјите – кандидатки на Западен Балкан не се снајдат за да се постигне суштински напредок во однос на критериумите за пристапување на ЕУ, или ЕУ не успее да го награди потенцијалниот напредок, постои јасен ризик од дополнителна фрустрација. И новите источни кандидати може да се сретнат со бариери на нивниот пристапен пат во ЕУ. Иако заканата на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ќе стави вето на отворањето на пристапните преговори со Украина не стана реалност на Европскиот совет во декември 2023 година, Унгарија или други сè уште би можеле да го блокираат процесот во иднина. Ова се случуваше во минатото со Северна Македонија и Албанија, за кои отворањето на пристапните преговори беше блокирано од Бугарија и Грција. Сè на сè, новиот моментум на пристапување е кревок.
Да се отстрани факторот што доведе до забавување на процесот на проширување на ЕУ
Промената во геополитичкиот контекст, на пример, ако руската агресивна војна против Украина се претвори во долгорочен конфликт, може да ја натера ЕУ да се врати на својата стандардна позиција од минатите години: враќање на проширувањето на чисто технички процес без споделена политичка завршница. Изборите во 2024 година во неколку земји-членки на ЕУ заедно со изборите за Европскиот парламент во јуни, исто така, може негативно да влијаат на моментумот на проширувањето, бидејќи анкетите проектираат значителен пораст на радикално-десничарските политички сили со анти-ЕУ интегративни агенди, а во случајот со изборите за Европскиот парламент, тоа навистина и беше посведочено. Со цел да се одржи моментумот на проширувањето и процесот на одлучувањето поефективен, на ниво на ЕУ се размислува за отстранување на факторот кој придонесе за одложување на процесот на проширување на ЕУ и за поткопување на кредибилитетот на ЕУ, предизвикувајќи фрустрација кај сегашните аспиранти за членство.
Тој фактор е условот за едногласност, што значи дека сите земји-членки мора да се согласат и за најмалиот чекор што земјите кандидати мора да го преземат пред нивниот процес на пристапување да продолжи напред. Оваа ситуација во неколку наврати доведе до блокади на напредокот на кандидатите на нивниот пристапен пат од причини честопати исклучени од формалните критериуми од Копенхаген. Повиците за рационализирање на процесот на донесување одлуки во ЕУ и негово правење поефективен и поефикасен стануваат сѐ посилни од ден на ден. Премин од едногласност кон гласање со квалификувано мнозинство (QMV), барем во интермедијарните фази на процесот на пристапување, исто така сѐ повеќе е дел од оваа дебата. Ова е во согласност со истражувањето кое покажа дека трошоците поврзани со постигнувањето едногласност во надворешната политика на ЕУ веројатно ќе се зголемат со текот на времето, особено во однос на навременоста на активностите на ЕУ и надворешното признавање на ЕУ како глобален актер. Некои експерти тврдат дека „без гласање со квалификувано мнозинство, проширувањето на ЕУ нема иднина“.
Политичката дискусија е започната
Политичката дискусија беше започната и во Советот, во јануари 2024 година, кога Германија и Словенија презентираа нон-пејпер на темата, предлагајќи да се премине во QMV за отворање на преговарачки кластери.
Иако има неколку варијации, најистакнатиот предлог да се направи поефективно одлучувањето за проширувањето на ЕУ е тоа земјите-членки да го задржат правото на вето само во клучните моменти од преговорите за пристапување, како што е формалното отворање на пристапните преговорите на почетокот на процесот, и одлуката за пристапниот договор на крајот од преговорите. Сепак, остануваат прашањата околу влијанието на употребата на QMV врз динамиката на креирање политики, потенцијалните ризици, како и неговата политичка и правна изводливост. Со цел да ги поткрепи политичките дискусии за идното проширување на ЕУ, овој труд претставува концизна анализа на овие прашања. Во делот 2, полиси-брифингот ги анализира ефектите од условот за едногласност во проширувањето на ЕУ во изминатите неколку години. Делот 3 ја разгледува моменталната динамика на одлучување и процедурите за проширување во Советот. Во делот 4 се воведуваат неколку опции за промена на процедурите за одлучување во Советот, вклучувајќи неколку варијации со форма на QMV. Деловите 5 и 6 соодветно ја анализираат правната и политичката изводливост за промена на процедурите за донесување одлуки за проширувањето, додека делот 7 ги разгледува очекуваните ефекти од движењето кон некоја форма на QMV во интермедијарните фази на проширувањето. Анализата на крајот донесува некои заклучоци за тоа како да се придвижи напред процесот на проширување на ЕУ.
Подолу може да го преземете целиот документ: