Серафимовски важи за човек без влакна на јазикот – уметниците немаат луксуз да дремат во комфорна зона на незамарање со политика само за да имаат финансиска корист, ниту пак да следат слепо партија, оти јавниот интерес мора да биде императив на секој уметник, вели тој.
–Во петокот беше премиерата на “Професионалец”. Раскажете ни повеќе за оваа претстава. Како се подготвувате? Со кој тим ја работевте? Од каде имавте поддршка?
Професионалец е текст од Душан Ковачевиќ напишан во 1990 година. Првично говори за случувањата во бившата СФРЈ, отсликувајќи го ликот и делото на Јосип Броз Тито и неговите гавази, односно тогашниот систем и удбашите заедно со нивните „дејства“. Неретко се случувало таквите ликови да работат работи кои не им биле работа додворувајќи се на системот, иако никој тоа не го барал од нив. Случајност? Мислам дека не.
Истото го имаме и денес. Било кој функционер на некоја партија секогаш е „позаштитен“ од апаратчиците и ботовите околу него отколку што тој самиот се „штити“ од разно-разни критики, вербални издржани или неиздржани напади. Неретко го губат интегритетот, образот дури и долгогодишните пријателства и семејни врски поради обично и ниско додворување, надевајќи се дека ќе имаа одредена општествена или материјална бенефит, која во 90% од случаевите никогаш и не ја добиваат. Се разбира дека на крајот остануваат сами со себе, најчесто отфрлени од средината.
Таков е овој текст на Ковачевиќ. Вонвременски. Тоа што е пишувано 90та година се случува секојдневно и кај нас, за жал. Спротивставени светови во различни околности кои најчесто се во конфликт со самите себе. Нереализирани персони кои нашле „простор“ да им покажат кои се на оние кои се интелектуално над нив. Медиокритети, крвнички настроени кон оние на кои Бог им ја истурил целата милост и талент во било која професија, па нека е и некакво хоби.
Го одбрав ова дело на Ковачевиќ и кога лично го контактиравме и ги побарав авторските права, човекот пријатно се изненади чудејќи се и самиот дека некој воопшто сака да го работи тој текст после толку време.
На крај заеднички констатиравме дека, за жал, сѐ останало исто и правата за тој текст ми ги отстапи бесплатно.
Се подготвуваме без никаква материјална калкулација. Средствата кои ми беа доделени за ова дело од МК ги вратив назад затоа што сметав дека се лична навреда поради одредени тетовски „Салиеривци“. На крај сфатив дека можам сам да ја продуцирам и така и бидна на крај, па сега видете вие колкава е таа сума од ресорното Министерство.
Без државна поддршка беше реализирано ова дело, а со директна помош (нематеријална) од менаџментот на ЦК „Иљо Антески Смок“ од Тетово, на кои сум им исклучително благодарен. Не правам бизнис од театарот, никогаш немам таква цел и никогаш не сум се занимавал со оваа работа за финансиска бенефит. Наречете ме „будала“ меѓутоа тоа е факт кој најдобро го знаат оние кои работат и работеле со мене и никогаш не работам било кое дело за да „свртам“ некоја пара.
Работев со тим во кој безрезервно верувам веќе 15 години.
Половината од нив се луѓе кои се едни од основоположниците на легендарното ДРАМСКО СТУДИО оформено 1969 година. Радисав Научески во улогата на Мирослав Кукањац – бившиот полицаец-агент и Ладо Савески како мој директен соработник. Тоа се луѓе кои се мошне активни во театарскиот живот повеќе од 50 год.

–Важите за ислучително општествено ангажиран режисер. Верувам “Професионалец” сте ја избрале и поради тематиката. Каква порака сакавте да испратите и кому? Или кому сѐ?
Тематиката на „Професионалец“ е актуелна и ден денес. Како што кажав погоре во текстот. Пораката е јасна. Еден момент во животот сте горе, еден момент долу. Тоа е нормален животен процес, во кој верувам дека, без разлика на кое скалило се наоѓате треба да останете приземен и човечен.
Личните фрустрации и конфликти со сопствените демони треба да ги зачувате за себе, доколку имате простор за тоа. Се разбира, пораката е до сите „Салиеривци“ кои покрај сплет на партиски околности користат позиција да расчистуваат одредени сметки поради ниски страсти. Меѓутоа, тие „соништа“ еден убав ден ќе завршат и после ќе треба да се соочите со реалноста, која е многу тешка доколку сте „Салиери“. А сте.
Културата „врие“ од протекционизам и партизација
–Не штедите критики за начинот на којшто се водат политиките во областа на културата. Што е она што најмногу Ви пречи?
Во однос на политиката во културата најмногу ми пречи токму моментот на протекционизам и партиска определба. Иако слушам поприлично смешни изјави од Министерството дека средствата за оваа година се доделени без партиски клуч (а не е така) ќе ми дозволите со право да поставам неколку прашања на кои одговорот е повеќе од јасен и не ни треба да се одговори. Само погледнете ги моите прашања:
– Случајно ли директниот советник на министерката оваа година има добиено рекордна сума на средства за настани кои имаат посетеност со бројка колку што има фудбалери од една екипа на теренот?
– Случајно ли претседателите на комисиите кубурат едни со други, најчесто со оние советници кои се блиску до кабинетот, а пред тоа им биле дел од изминати проекти?
– Случајна ли е „блокадата“ на оние луѓе од Тетово кои полнат сали, работат квалитетни дела, даваат сѐ од себе да едуцираат публика, па на крајот на краиштата и да ѝ подарат два часа квалитетна сценска содржина најчесто платена од сопствен џеб?
– Случајна ли е „партиската култура“ и т.н. поддршка изминатиов период откако гласно го кренав гласот против политиката на Министерството за град Тетово?
– Случајно ли се случуваат случајности во толкав број?
Не верувам јас во тоа.

–Сте се обиделе ли да ги адресирате овие проблеми? Каков одговор сте добиле?
Сум ги адресирал лично. Директен одговор никогаш не сум добил, иако се трудев да стигнам до таму кај што треба повеќе од 3 месеци, меѓутоа не добив потврда. Подоцна, голем дел од моите постови и реакции биле испринтани и лично носени „горе“. Тоа е тој удбашки „Професионалец“ синдром, а верувам дека никој тоа не го барал од нив, затоа што моите реакции беа јавни и искрено многу се смеам на тоа. Мене само ме чуди што е тоа од ликови кои за себе знаат да кажат дека се докажани во областа, па ме чуди што им треба такво додворување ако се квалитетни. Знаете, мене сето тоа од оваа дистанца и ми е еден лош водвиљ, и ми е многу смешно, затоа што ако го сфатам сериозно, желудникот тешко дека може да издржи.
–Драмското студио во Тетово ви е голема љубов. Имавте еден одличен документарец “Талија” за историјата и улогата на тоа студио во културниот живот на градот. Како функционирате сега? Се надминаа ли проблемите за кои зборувате во филмот?
Драмското Студио кое е оформено во 1969 година ми е огромна љубов. Токму поради тоа, за тоа „Драмско Студио“ направив и документарен филм од 4 продолженија под покровителство на НУ „Музеј на тетовски крај“. Некаде околу 4 часа и 40 минути готов производ кој директно сведочи за сите искачувања и падови на луѓето кои никогаш не смеат да бидат заборавени и кои го трасирале патот и на денешните театарџии, и на оние кои заслужуваат и на оние кои не заслужуваат да се дел од таа приказна, односно калкулантите.
Тоа легендарно „Драмско Студио“ функционира само благодарение на ентузијазмот на одредена мала група луѓе на кои тоа свето име им е дел и начин на живот. Нема правна форма и само името е останато. Проблемите тешко се надминуваат, иако последниве 2 години има одредено подобрување во однос на условите за работа, меѓутоа и тоа е благодарение на поединци кои се дел од Центарот за култура и е исклучиво на нивна волја. Проблеми имало и ќе има за тоа „Драмско Студио“, но додека постои и последен театарџија кој диши и кој е дел од истото, нема да дозволи тоа да згасне поради некаков „сплет на околности“ ако се разбираме, затоа што во тоа Студио се впишани 125 години тетовска театарска историја. Филмот всушност требаше да разбуди одредени чувства кај оние кои денес се негови чинители. Да разберат за каква света работа треба да се борат. Меѓутоа кај нас, сѐ е политика.

–Како живее денес Тетово? Имаат ли граѓаните соодветна културна програма?
Тетово денес живее исто како што живеело со векови. Многу работи се сменети на културно поле, меѓутоа се трудиме да го држиме нивото. До сега некако успеваме. Културната понуда и програма горе-долу е коректна, меѓутоа ако ме прашувате за македонскиот дел од публиката, „програмата“ е повторно на мускули. 90% од она што Тетовци може да го видат се индивидуални продукции поддржани од пријатели и добра волја и ентузијазмот на самите чинители.
Луѓе чиј образ служи само за жилет ќе ви велат дека ништо не можете да направите против системот. Бегам од такви!
–Каква треба да биде позицијата на уметниците во едно општество? Кај нас многумина “не се замараат” со политика, други пак слепо следат партиски насоки, дури и тогаш кога тие се спротивни на јавниот интерес.
Позицијата на уметникот во едно општество треба да е клучна. Уметникот преку делата посочува на општествените аномалии, позитивно треба да ги „исмева“ и да понуди решенија. Кога вие во една држава на насловна страна на портал или весник гледате политикант (не политичар – кај нас таа категорија не постои), а не уметник со став или спортист на крајот на краиштата, па и обични или искрени луѓе кои нешто лесно направиле и постигнале, тогаш со сигурност може да констатирате дека со тој систем нешто не е во ред.
Вредностите се изместени од корен. Денес за идоли имаме партиски „лидери“, имаме и мафијаши и искомплексирани медиокритети кои стекнале одреден круг на „пријатели“, па важат за некаков битен фактор и сѐ тоа поради парите и позицијата, затоа што тоа се смета за вредност.
Истите тие „уметници“ не се замараат со политика затоа што имаат комфорна зона од каде што црпат финансиска бенефит, затоа што само тоа ги интересира.
Другите кои слепо следат партиски насоки во културата кои се со „слика, а без тон“ си го гледаат само личниот интерес и се класични клиентелисти и бирократи. Истото ќе го прават со било кој министер или функционер, без разлика од која провиниенција доаѓаат. Лесно се адаптираат, лесно менуваат дрес, тоа што не им чинело до вчера денес им чини, а образот им служи само за жилет. Лично знам барем 6-7 луѓе такви во Тетово.
Работата на уметникот не е да се штити сам себе, туку јавниот интерес и себеси во него, од проста причина што уметноста е јавна, сакале вие или не. Таквите, ако се вистински уметници, а не бизнис ориентирани кон уметноста и ја користат како алатка затоа што некој ги довлечкал на сцена, бар еднаш ќе го кренат гласот доколку има потреба од тоа, се разбира. А ние во Тетово имаме ситуации преку кои и истите тие се лично засегнати али секогаш за одговор ја имате онаа флоскула: „Е ај, што можеш да праеш, зар мие ќе га опраемо работата“ – тетовски кажано. Треба да научиме да ја сакаме уметноста во нас, а не себеси во уметноста.
Со тек на време научив да ги избегнувам таквите. Јас не сум тој ков, иако за тоа плаќам сериозна цена, меѓутоа пред себе и пред Бога сум чист.

Квалитетни луѓе на клучни места – ако сакаме да нѐ биде!
–Која е улогата на граѓаните пак? Колку тие треба да бидат општествено ангажирани и да се борат со апатијата? Анкетите се поразителни, најголема политичка опција се оние кои ниту веруваат некому, ниту гласаат. Како тие луѓе да се мотивираат, здружат и борат?
Улогата на граѓаните е приказна за себе. Сите сѐ знаат и сите имаат решенија, меѓутоа зад тастатура на Фејсбук и Твитер. Само за пример, кога пред неколку години се појави онаа иницијатива за струјата „Аман“, излеговме на протест пред ЕВН точно 16 луѓе, иако претходно по ФБ се најавуваа илјадници. На крај, излезе чуварот, нѐ погледна, ни се изнасмеа и ни ја затвори вратата. Видовме не видовме се разотидовме. Јасно ви е нели?
Ако сакаме некакви коренити промени, мора да реагираме повеќе. Секој во својата бранша. Лично за себе знам да реагирам секако, и преку Институции и преку разни форми на мирен протест, меѓутоа кога последно се борев за одредени работи во културата во Тетово, кога се завртев позади себе, не видов никој, си останав сам (многу се смеам на ова), иако претходно имав „борци“ со кои делевме идентични ставови и „борби“. Истите станаа обични граѓани кои не реагираат, меѓутоа повторно ја користат културата за личен бенефит. Лошо ми е од такви потези, искрено. Но, еден ден ќе мора да се погледнеме во очи, зарем не? А јас многу сакам такви „денови“. Обичните луѓе не веруваат никому, од проста причина затоа што се мамени преку 30 години. За жал не гледаат повеќе опција на која можат да се приклонат, што е поразителен факт. Како би се мотивирале? – само со искреност и ако не влегуваат во нови околности со калкулација туку со „крстот на чело“, во спротивно нѝ нема спас. Борбата за подобар живот никогаш не прекинала, меѓутоа мора да постои оптимизам. Никој нема да ви го исчисти дворот ако самите не фатите гребло и копач во рака. Најверојатно ќе проработи колективната свест за праведност и секој да го добие тоа што му припаѓа.
–Кој е според Вас најголемиот предизвик на државата во моментов? Што е најголемиот проблем? Има ли чаре?
Оваа држава има сериозни предизвици со кои мора да се справи. Моралот кај луѓето е на минимум. Карикирам – Кога не дај Боже би завојувале со некој, се плашам дека самите политиканти ќе треба да земат пушка во раце, затоа што само тие имаат огромен бенефит од земјава. Замислете каква слика би било тоа. Па најверојатно тогаш би немало никакви војни, зарем не?
Најголем предизвик за справување секако е клиентелизмот, вреднување на медиокритетите, партиски ботови, замижување пред правдата. Најголем проблем се разбира дека е корупцијата, која никако да ја искорениме, а пак од нас зависи сѐ. Дали има луѓе кои сакаат подобри времиња? – Да. Дали постојат луѓе кои сакаат да се будат со убава музика и зборови и да се „во лер“ во текот на денот и мирно да ги извршуваат своите обврски? – Да. Дали сум оптимист? – Морам да бидам, инаку за кој ѓавол се трудам за сѐ.
Дали има такви луѓе? – Мислам дека има, само се надевам дека се и поголем број.
А чаре? Па, комплетен ресет. Француски систем – клуч на цела држава, криминалци, корумпирани политиканти во затвор, па одново еден по еден назад – квалитетни луѓе на клучни општествени позиции и можеби ќе нѐ биде, можеби и не – што мислите вие?








