Претпазлив оптимист e дека компромисот од Договорот од Преспа ќе го издржи денешниот политички предизвик, вели претседателот на „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи, Никола Димитров во интервјуто за грчки „Катимерини“ деновиве, посочувајќи дека „имаме премногу да изгубиме и премалку да добиеме ако одиме по деструктивниот пат.“
Ви го пренесуваме интервјуто со Димитров во целост:
-Дали избива нова криза меѓу нашите две земји или само гледаме еден обид на новото раководство на Северна Македонија да го задоволи патриотскиот сентимент на нивната партија, кој најверојатно наскоро ќе избледи?
За прв пат откако го решивме прашањето, раководствата и во Атина и во Скопје се политички сили кои јавно се спротивставија на Договорот од Преспа, којшто е пресвртница во односите помеѓу двете земји. Ова ќе биде тест за нашиот историски компромис, бидејќи нема чувство за „сопственост врз договорот“ во ниту една од државите. Напротив, нивниот дискурс беше критикување на Договорот.
Справувајќи се со проблемот со името во поголемиот дел од мојот професионален живот – веројатно ми стана примарна вокација – успеав целосно да ги разберам загриженоста и чувствителноста на двете страни. Зачудувачки е колку е мала свесноста и во Грција и во Северна Македонија за тоа колку е всушност тежок компромисот и за другата страна. Се истакнуваат само сопствените отстапки.
Добрата вест е што и ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија немаат расположение да го урнат мостот што толку макотрпно го изградивме. Тие се во позиција да ги уживаат плодовите од договорот, додека ги обвинуваат своите претходници за воочените недостатоци. Меѓутоа, на долг рок, мостот може да се руинира без грижа и одржување. Клучната работа овде ќе биде одговорно лидерство со цел приближувањето на двете паралелни реалности.

-Која е потенцијалната ефективност на постоечките механизми за решавање на проблемите во рамките на договорот? Лидерот на ВМРО-ДМПНЕ, Христијан Мицкоски, ѝ порача на Грција да оди пред Меѓународниот суд на правдата доколку има проблем со неговата влада, што дефинитивно не е првиот чекор што треба да се направи.
Договорот предвидува три механизми за решавање спорови во врска со неговото толкување и спроведување. Преговори, потоа посредничките напори на Генералниот секретар на ОН и на крајот, Меѓународниот суд на правдата, по тој редослед. Сепак, првото е она што е потребно. Состаноци, отворена размена, посветеност да се разбере другата страна и добра волја. Комуникација зад затворени врати, наместо преку јавни изјави. На крајот на краиштата, има прашања околу имплементацијата и кај двете страни.
-Општо земено, дали сте загрижени дека западната ориентација на вашата земја е во опасност? Изборната доминација на десноцентристичката националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ се чини дека укажува на тоа.
Најсериозниот претендент на ВМРО-ДПМНЕ за министер за надворешни работи, презентирајќи ја партиската изборна програма, истакна дека членството во ЕУ и негувањето на стратешкото партнерство со САД ќе бидат најголемите приоритети на нивната надворешна политика. Дали новата влада ќе може да се движи во вистинската насока и да постигне опиплив напредок кон членството во ЕУ, ќе зависи од три фактори.
Прво, нивната способност успешно да пловат по бурните балкански води оптоварени со билатерални спорови. Нивната одговорност овде е споделена со нашите соседи од ЕУ кои всушност, освен Северна Македонија, имаат најмногу да добијат од нејзиниот европски успех. Второ, нивното владеење и реформите дома, каде нацијата е гладна за правда и одговорност, економски развој и функционални институции. И на крај, ќе влезат во игра и надворешни фактори. Поминаа 21 година од Солунското ветување за Балканот. Изгубени се генерации. Крајно време е ние Европејците да смогнеме сили и да го завршиме обединувањето на континентот. ЕУ треба да почне да го исполнува своето ветување, да го ограничи неразумно огромниот број на можности за вето во процесот на пристапување и да не стане жртва на домашните каприци од минатиот век на која било земја-членка за работи кои навистина се важни.
-Многу критички звучите кон ЕУ. Половина од населението во Северна Македонија очигледно не им верува ниту на западните институции. Дали тие се чувствуваат така затоа што мислат дека ЕУ не ги исполнила своите ветувања или имало некакво странско влијание во вашата внатрешна политика? Многу беше зборувано за улогата на Русија, Србија и Унгарија.
Всушност, полошо е од тоа. Во една неодамнешна анкета, само околу една третина од луѓето веруваат дека ЕУ е сериозна во врска со проширувањето. Странското влијание секако игра улога, но клучната причина е изгубениот кредибилитет на политиката за проширување на ЕУ. Неуспехот на Унијата да го исполни ветувањето и да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија по Договорот од Преспа, голема стратешка грешка, веројатно е најголемиот удар.
Мнозинството смета дека има едноставно премал поврат на инвестицијата; дека нашите напори биле сизифовски, залудни. Кога конечно успеавме да го решиме прашањето за името со Грција што нѐ држеше во чекалната речиси две децении, Бугарија реши целосно да ги попречи односите и ја презеде палката за вета. Софија се насочи кон еден од двата главни столба на Договорот од Преспа, нашиот македонски јазик и идентитет – како израз на нашето право на самоопределување – со што само ја влоши ситуацијата. Чувството дека ова е едноставно премногу за да се издржи е голем дел од тековниот контекст во нашето општество. Граѓаните се чувствуваат изневерени.
-Може ли Северна Македонија да се справи со потенцијалниот јаз со Грција и Бугарија во исто време? Мислам главно на економските реперкусии, но и на комплицираната и опасна средина на нашиот регион.
Прашањето не е само дали Северна Македонија може да се справи со потенцијалниот јаз или криза со своите поголеми соседи. Одговорот веројатно е не. Позначајното прашање е што правиме и каде одиме со нашиот регион. Дали Балканот може да се справува и понатаму со старите политики на антагонизам, блокади и нетрпеливост? Зарем не е време да му покажеме на остатокот од Европа што можеме да направиме ако работиме заедно? Можеме многу подобро, а тоа започнува со меѓусебно разбирање и почит. Последиците од ескалацијата на билатералните односи ќе бидат најтешки за мојата земја. Но, погрешно е да се верува дека ова тажно сценарио нема да му наштети на целиот регион, вклучително и Грција.
-Со оглед на вашата експертиза за ова прашање, кои се вашите препораки за тоа како понатаму?
Договорот од Преспа го помина тестот на времето. И покрај сите недостатоци во неговото спроведување од двете страни, компромисот функционира. Тоа има смирувачки ефект врз нашите билатерални односи и контактите меѓу луѓето. Грција повеќе не се доживува како закана или противник во анкетите во Северна Македонија, а сигурен сум дека е исто и за грчкото јавно мислење. Оптимист сум дека нашиот компромис ќе го помине и сегашниот политички предизвик. Искрено, имаме премногу да изгубиме и премалку да добиеме ако тргнеме по деструктивниот пат.
Неодамна напишав дека она што ни треба денес е покажување на лидерство во двете земји, Грција и Северна Македонија, да се соочиме со оваа реалност и да престанеме да си играме политикантство со ова прашање.
Треба да се соочиме со оние во двете земји респективно, кои би прифатиле само максималистички решенија за својата страна и кои се носталгични за спорови и антагонизми.
Треба да продолжиме со целосна имплементација на Договорот од Преспа, вклучувајќи ги предизвикувачките и понекогаш болни чекори. И треба да покажеме повеќе разбирање и такт за тешкотиите на другата страна.