–Господине Вајц, добредојдовте во Агенда 35 и во Скопје. Ова е Ваша прва официјална посета во ова својство.
Да, ова е моја прва посета како известувач, како човек кој е одговорен да го пишува и преговара за годишниот извештај, но јас сум бил неколкупати низ годините.
–Навистина е задоволство да Ве имаме. Добивте многу поддршка од македонските граѓани за Вашата позиција кога се работи за одврзување на јазолот со Бугарија. Вие рековте – да, уставните измени треба да се направат, но исто така ние треба да добиеме и некакви гаранции дека ова нема да се случи повторно. Како ја аргументирате оваа позиција, имајќи предвид дека не е нешто што често го слушаме од официјални претставници од Брисел?
Мислам дека е многу очигледно оти билатералните прашања треба да се дискутираат меѓу различните држави, а не да имаат одлучувачко влијание врз преговарачкиот процес. Да, за членство, треба да имате добри соседски односи на самата точка на пристапување, но процесот на преговори не треба да биде окупиран од земјите членки за решавање на билатерални прашања. Голем дел од мојата работа, за жал, ќе биде да ја убедам Бугарија да го крене ветото и да го ослободи патот за почеток на преговори.
–Ова звучи добро, но гледате ли вистинска можност за нешто вакво навистина да се случи имајќи ја предвид позицијата што тие ја држат?
Да, јас инаку не би бил мотивиран да најдам начини да го одврзам јазолот, би бил погрешна личност за оваа позиција. Веќе знам, од многу разговори со бугарските членови, дека многу бугарски политичари всушност разбираат дека вистинското прашање е за добри соседски односи, воспоставување на добра економска соработка, соработка во транспортот, безбедноста, но исто така и културната соработка. Ситуацијата во Бугарија се уште е вжештена, тие имаа седум избори за три години, постојана изборна кампања, но сега се надевам дека имаме Влада што ќе може да служи дури и цел мандат, па се надевам дека има шанса да се вратиме на разум и на фактичката реалност дека всушност двете земји и сите земји профитираат од добри односи и дека тоа е за потребите на граѓаните, а тие не се за идентична интерпретација на историјата, туку за работни места, за приход, инфраструктура, функционални институции, за добри соседски односи и ова треба да го испорачаме. Гледам разумни гласови во Бугарија што се подготвени да го застапуваат тоа.
–Да, рековме дека билатералните прашања не треба да се дел од процесот, но сега кога веќе се, да се навратиме на тие гаранции што ние ги бараме. Можете ли да објасните на какви гаранции можеме да се надеваме? Има многу идеи на маса…
Факт е дека билатералните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија се еднаков дел од преговарачкиот процес. Ни требаат јасни изјави од Европската комисија и од Советот и ќе ни треба изјава и од бугарската Влада дека со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот билатералните прашања што треба да се решаваат низ преговарачкиот процес се исполнети и дека нема да има веќе дополнителни барања ставени на масата, а поврзани со преговарачкиот процес. Кога се работи за соседски прашања, ова е долг процес, јас сум австриски државјанин и ни требаа 50 години за да дојдеме до заедничко разбирање, за нашата заедничка историја. Јас сум на пример од Штаерска, од австрискиот дел на Штирија и ни требаа децении да дојдеме до заедничко разбирање. Сите имаме историја заедно, понекогаш многу болна историја заедно, треба да му го дадеме на тој процес времето што си го бара.
–Кога ја гледаме ситуацијата во Украина и како таа се развива, од оваа перспектива, мислите ли дека Европа беше претолерантна за националистички и империјалистички наративи? Претолерантна и предолго?
Европската унија е изградена на обидите да се најде консензус. ЕУ исто така е изградена на прифаќањето на различностите низ Европа, па исто е невозможно за функционирањето на Европа да не се дозволи различност, различни мислења, понекогаш тоа е долг процес за да се дојде до конечен заклучок, но поврзано со геостратешките настани што ги гледаме, Европа сега се собира многу околу разумот и заедничката цел, оти стана и повеќе од јасно дека ако ние не ја преземеме нашата сопствена судбина во наши раце тоа некој друг ќе го стори за нас. Во насока на ова, гледам добар и охрабрувачки развој во однос на зајакнување на европското единство и мислам дека ова исто така е и една добра порака кога се работи за процесот на проширување, оти мислам дека конечно сите членки разбраа дека Западниот Балкан и Северна Македонија се интегрален дел, се во дворот на ЕУ и има јасна подготвеност и мотивација да се продолжи со проширувањето и конечно да се исполнат ветувањата што ЕУ ги даваше, а не секогаш целосно ги исполнуваше.
–Дали мислите дека поради блокираниот процес на проширување Европа и стана послаба? Можеби и позицијата што ЕУ ја држи сега геополитички ќе е поинаква ако политиката на проширувањето беше имплементирана подобро?
Заедно сме посилни. Ова го искусуваме во ЕУ и ова е како ЕУ беше изградена првично од неколку земји членки врз урнатините од Втората светска војна. Со секој чекор во проширувањето може да се види дека станувавме економски поважни во светот, но и поважни од аспект на демократските вредности и одржувањето на мирот во Европа, колку што е тоа можно. Две работи не можевме да спречиме – балканските војни, многу болно искуство, во најблиското соседство, практично меѓу европски семејства на народи, и сега руската агресија врз Украина. Но, дури и тука, овие нешта нас не прават да стоиме заедно и да, финализирањето на процесот на проширување ќе ни ја зголеми улогата глобално и ќе ни ја зголеми и кохезијата внатрешно и ќе ја направи Европа посилна.
–Граѓаните во Северна Македонија се разочарани од целиот застој во процесот, но сепак, сите релевантни анкети покажуваат дека и понатаму ја поддржуваат ЕУ и се „проевропејци“. Која е Вашата порака до нив? Како да се одржи жив европскиот дух во вакви околности?
Прво, процесот на проширување не е единственото ниво на соработка што го имаме. ЕУ е најголем донатор, кога станува збор за странски инвестиции, но и поддршка на демократијата низ годините. Сега зборуваме за Планот за раст што е 800 милиони евра. Мислам дека ова е суштинска сума за поддршка не само на економијата, туку и на општествата и развојот. Имаме воспоставено одлична соработка низ годините и се надевам дека граѓаните исто можат да видат како профитираат од оваа соработка, а секако и ЕУ профитираше од приближувањето на Северна Македонија кон европските семејства и споделувањето на се повеќе и повеќе вредности, но и приклучување на повеќе програми на европско ниво. Мислам дека веќе е успешна приказна. Да, засенета е кога станува збор за вистинско членство и за тоа многу ми е жал. Мое лично мислење е дека ние, за жал, воведовме една грешка во процесот, а тоа е поврзано со консензусот потребен на секој можен чекор, што не може да се најде меѓу разумните аргументи. Да, потребен е консензус да почеток на преговорите и консензус на крајот, но и за меѓучекорите. И ова се 150 одлуки секоја година на Советот и ова го преоптоварува нашиот капацитет да најдеме компромиси меѓу нас. Затоа мислам дека и ние, внатре во ЕУ, треба да мислиме на некакви реформи во процесот на пристапување.
–Имаше предупредување од многу експерти – во моментот кога ќе се измешаат билатералните прашања со процесот, сите ќе бидеме фокусирани на Бугарија и билатералните проблеми, а ќе го изгубиме фокусот на домашните реформи. И точно ова се случи, оти сега кога ќе помислиме на европските интеграции, веднаш ги поврзуваме со Бугарија. Ова е нешто што навистина го подрива процесот и суштината на реформирањето на земјата. Вашата посета тука можеби ја искористивте за да видите како се одвива реформскиот процес и какви пораки испративте до македонските власти?
Јасно е дека ние во ЕУ имаме наша домашна задача за да ја вратиме Бугарија назад на страната на разумни поддржувачи на проширувањето, но јасно е и дека тоа е процес базиран на мерит. Земјите треба да се подготвени да се приклучат, се работи за имплементација на европското законодавство, нашите заеднички правни бази, наречени „а-ки“, исто така е и за подготовка на економијата за пристапување и ова е од интерес на двете страни, оти економијата треба да е подготвена да ги искористи можностите.
Јасно е дека има некое назадување кога се работи за реформите во земјата, има многу реформи кои стојат, многу од нив се однесуваат на реформската агенда и на Планот за раст. Ако земјата навистина сака да има пристап до овие значајни пари, 800 милиони евра одредени реформи се потребни. Ако доцнењето со тие реформи е повеќе од година, тие пари ќе бидат изгубени за земјата и ќе биде тешко за која било влада да им објасни на граѓаните зошто не ги испорачале реформите што ги ветиле и зошто земјата ја губи таа значајна помош од ЕУ.
Ова се однесува на пополнување на позициите во судството и осигурување дека судството секогаш е независно од политичко влијание. Ова е еден од клучните столбови на демократијата и на функционирањето на државата. Исто така и реформите на Изборниот законик што треба да се исполнат до јуни, пред локалните избори за да сме сигурни дека тие се според модерни европски стандарди за никој да не се сомнева во резултатите. Би требало да биде во интерес на сите политички партии да има добри процедури тука и има уште неколку реформи. Од клучно значење е вашата влада да испорача на тема на реформската агенда за да можеме да продолжиме со соработката на различните нивоа.

–Кои области се најкритични. Го спомнавте правосудството, можеби тоа?
Да. Правосудството е клучен сектор. Треба да се обезбеди одлуките на јавниот обвинител, антикорупциската комисија, судиите да не се компромитирани преку политички интервенции. Никој во нашите демократски системи не може да стои над законот. Никој! Законот мора да биде еднаков за сите, без разлика дали сте обичен работник, фармер или претседател на држава. Секој треба да има еднаква вредност пред Законот. Исто така, морам да кажам, дека за жал, има одреден впечаток во моментов, кога се зборува за замена на судии или јавниот обвинител. Не ги знам деталите на обвинувањата, но впечатокот кај нас е дека има обид за политичка интервенција, а тој впечаток не и помага на земјата, воопшто. Но, исто така и Изборниот законик, јавните услуги, јавното обвинителство, легислативата што доцни. Кога се работи за администрацијата, едно нешто треба да е јасно – процесот на доделување на работни места треба да е транспарентен и базиран на квалификации.
За жал, гледаме од различни политички страни дека важни позиции, во владата, во институциите на земјата, се даваат само преку политичка поврзаност. За жал, во земјата и немате некој голем базен на експертиза, па ова значи се пропуштаат луѓе кои се експерти во својата област, само оти дошле во погрешно време или им била дадена позицијата од друга власт. Губите експерти, губите стручност, ова го отежнува развојот. Од висока важност е овие позиции да се доделуваат низ транспарентен процес, базиран на квалификации и ова е една од легислативите што се уште стои.
–Да се вратиме на геополитика и да зборуваме за „слонот во собата“. Како го цените судирот меѓу ЕУ и новата американска администрација?
Несреќна ситуација е што нашите американски пријатели, се надевам дека се уште можам да ги наречам пријатели, избраа да го напуштат заедничкиот поствоен мировен поредок, со објавување дека ќе го преземат Панамскиот канал или дека Трамп сака да го купи Гренланд, а ако не е на продажба, не исклучува дури ни воена интервенција. Гренланд е територија на земја членка на ЕУ. Ова не е начин на којшто треба да зборуваш со пријатели, не ги напаѓаш или уценуваш твоите пријатели. Не е целосно јасно дали администрацијата на Трамп навистина ќе продолжи целосно кон овие теми. Ние од европска страна се трудиме да го спуштиме тонот и да го смириме говорот, сакајќи да одржиме добри односи со нашите пријатели, но на крајот на денот, ако тие не сакаат да соработуваме веќе, Европа е доволно силна да стои на сопствени нозе.
Можам да ви кажам дека од сите европски институции има една динамика што се случува во моментов за европското единство, оти сите разбравме, без разлика на политичката определба, дека мора да си ја земеме судбината во свои раце, повеќе од претходно, потпирајќи се на соработката со американските пријатели. Јас сум во политика 25 години, сме виделе тешки времиња на различни нивоа. Ние ќе сториме се за да ги одржиме нашите односи најдобри што може.
–Да, и претседателот Макрон беше таму…
Да, точно и тој всушност правеше и еден добар фактчекинг, не знам дали видовте, дури прифатен од Трамп
–Да, во живо…
Личи дека со конкретни аргументи и елоквентен начин на нивно презентирање, Трамп е подготвен да прифати факти базирани на реални бројки, а не на алтернативни замисли.
–И шармантен начин, веројатно мора да се употреби и шармот во политиката..
Да, да… Мислам дека помогна и што Макрон е маж, мислам дека мажите имаат поголема шанса да допрат или да бидат слушнати од Трамп.
–Тука, на Балканот, знаете, кога зборуваме за Слободниот свет, Слободниот западен свет, секогаш сме ги ставале ЕУ и САД во иста кутија. Тие биле нашиот столб, за стабилноста, демократијата, а сега кога тој столб е потресен, гледате ли некаква опасност за безбедноста во регионот, имајќи ја предвид историјата, но и ситуацијата сега?
Секој политички потрес ја загрозува стабилноста во регионот. Исто е и со инвазијата на армијата на Путин во Украина и тоа има потенцијал да го дестабилизира регионот. Регионот и мирот се уште многу кршливи. Билатералните односи исто и сите сме свесни за тоа. Во првата администрација на Трамп видовме дека некои од предлозите што беа ставени на маса имаат потенцијал да го распламтат регионот пак и етничките односи. Ние, но и сите политички актери од регионот треба да се свесни за ова и чувствителни. Ова е исто важна порака и за Владата на Северна Македонија. Не загревајте дополнителни поделби со воспалителен говор.
Да, понекогаш нештата се срамни, но паметен човек, човек кој гледа напред и го има на ум заедничкиот интерес, доволно е мудар да не реагира на провокации, да остане смирен и прецизен. Ова е најдобар начин да се брани интересот на вашиот народ и да им се помогне и на другите да го смират тонот. Да, ЕУ е се повеќе свесна дека сега ние ќе треба да бидеме лидери во однос на демократијата, владеењето на правото и фундаментите, ова е улога во која сме добри и не можеме целосно да се потпреме на администрацијата на Трамп.
Но, исто така сакам да кажам дека Америка е повеќе од администрацијата на Трамп и има отпор и внатре, во многу држави и градови. Има се уште голема поддршка од големи делови на американскиот естаблишмент, исто и за Западната алијанса, да ја наречеме така, па имам надеж дека ќе можеме да градиме базирано на овие и со овие делови од американскиот естаблишмент. Да не ја преценуваме штетата што администрацијата на Трамп може да ја направи, но, да, има улога за нас и како ЕУ и за сите нас како Европа. Не знам дали видовте колку многу Обединетото Кралство се обединува околу ЕУ или како Норвешка се придружува на дискусиите.
–Ме доведовте до моето следно прашање, бидејќи сакав да прашам за односите со ОК, оти можеме да видиме дека нештата се развиваат. Како ја гледате позицијата на Велика Британија во овој хаос?
Велика Британија беше доведена до Брегзит, преку популистички наративи, од кои многу се покажаа како неточни, всушност. Исто така и проценките дека Велика Британија ќе процвета економски после Брегзит се покажаа како едноставно погрешни. Во меѓувреме дури и некои „ториевци“ признаваат дека можеби било грешка напуштањето на ЕУ и тоа покажува колку ние сите профитираме од ЕУ. Големите држави, малите држави. Обединетото Кралство беше еден од трите најголеми економски придонесувачи на заедничкиот ГДП. Има многу силни глобални врски, економски, историски и се уште може да видите уште колку проблеми имаат економски, во смисла на работни места и многу, многу сектори.
Во меѓувреме, речиси две третини од граѓаните сакаат да се придружат пак на ЕУ. Тоа нема да се случи брзо, но имаме ре-воспоставување на добри релации, ре-воспоставување на економски релации и особено ре-воспоставување на соработката во безбедноста, бидејќи реалноста е дека мораме да ја земеме безбедноста во наши раце. Имаме многу добра и инвестиции во одбраната, но мора да соработуваме многу повеќе, вклучително и Обединетото кралство и се надевам сите европски нации што се внатре и се уште надвор од ЕУ.
–Има некои оптимистички погледи, но сепак, со сите нешта што беа кажани, можеме да заклучиме дека демократијата е во криза, низ светот. Мислите ли дека има излез од оваа криза или сведочиме на неповратна промена на светскиот поредок?
Светскиот поредок се менува постојано. Ова стана мултиполарен свет каде во моментов не е јасно кој се приклучува кон која Алијанса. Да ја земеме за пример Индија. Индија се здружува со сите во моментов, со Кина на некои теми, со Русија кога се работи за набавка на нафта, со САД, а исто така и со ЕУ. Тие се трудат уште да играат на сите полиња, но тие се најголемите демократии во светот. Не би рекол дека демократијата е во пад. Низ годините сме виделе и глобален развој, на некој начин е како нишало. Тоа оди кон една насока и сме виделе и добар развој на глобалната демократија, видете го Парискиот договор и постигнавме нешто во глобални мерки за ограничување на климатските промени.
–САД заминаа…
Да, во моментов тоа нишало оди кон другата насока, но тоа не значи…
–Во даден момент ќе си се врати…
Да, и треба да сме подготвени за следната фаза, а за оваа фаза важно е да се обезбеди прогресот што досега го имаме, да се обезбедат и стабилизираат демократските системи, а во исто време да се продолжи поддршката за граѓанското општество. Знам дека сега има еден моментум да се критикува граѓанското општество и мислам дека ова е за жал. Граѓанското општество е клучен дел од модерните демократски општества.
–Исто така и медиумите…
Исто така и медиумите, да. Апсолутно. Независните медиуми, истражувачките новинари. За мене како политичар понекогаш е непријатно, ме прашуваат тешки прашања и мене и моите колеги, но ова е важен коректив исто и за нашата работа што ја работиме како политичари. Секој вистински демократ треба да ја цени улогата на граѓанското општество, дали е тоа во екологијата, антикорупцијата, доброто владеење, оти тоа постојано не потсетува, исто како и новинарите, на вредностите за кои сме се определиле, на суштинските вредности и принципи на владеењето на правото што сите треба да ги следиме и ова е здраво во една демократија и мислам дека ова мора да биде поддржано и од општествата, но и од владите.
–Господине Вајц, ви благодарам многу за пораките и за ова интервју и се надевам дека ќе се видиме повторно наскоро, можеби и поскоро од што мислиме кога веслото ќе е на другата страна.
Ќе се видиме за скоро, ќе ме имате во земјава четири и пол години и како што гледате и сега, не седам во мојата канцеларија во Брисел да си го пишувам извештајот, базиран на тоа што некои луѓе ќе ми кажат. Доаѓам во земјата, јас сум голем пријател на Северна Македонија и ќе го дадам најдоброто од себе да ве поддржам во интеграцијата.
–Добредојден сте, Ви благодарам