Александар Тасевски, контрола на летање: Професионалците мора да се држат заедно – нападнати сме од неспособни “нечии“!

„Овде се омаловажени оние кои почитуваат правила, оние кои доаѓаат на време на работа, оние кои си ја знаат работата, оние кои ги бива, на сметка на оние кои се “нечии“ и се привилегирани и не умеат ништо да сработат. Значи ако сакаме да направиме нешто од државата ќе мора сами да си се бориме. Секој во својот двор и сите заедно.“

Кога беше ВМРО – ДПМНЕ на власт бев оквалификуван како „тежок комуњар“, кога беше СДСМ бев „тежок Вмровец“, во време на албанско раководство сум бил и „албаномразец“, во време на македонското и „албанофил“…

Синдикатот на контролорите на летање се прослави неодамна откако успешно го спречи обидот на раководството на МНАВ да го поништи конкурсот за избор на нови контролори. Раководството не беше задоволно со резултатите – од 270 пријавени, положија само 8 кандидати, меѓу кои не беа ниту нивните, ниту пријавените деца на функционери од ДУИ. Синдикатот се закани со колективни оставки што автоматски значеше затворање на македонското небо. Пред овој притисок, што наиде на силна поддршка и од медиумите и од јавноста, директорите немаа избор – мораа да се повлечат и да дозволат вработување само на осумте вистински најдобри – „ничии“ деца.

Со претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски разговаравме за нивната битка за одбрана на професионалниот интегритет и независност, поддршката што ја добија од јавноста, состојбите во институцијата, но и во целата држава каде нападот врз кадарните професионалци од страна на партиските центри ја разјаде функционалноста на целиот систем.

Битката со поништувањето на конкурсот за нови контролори на летање не е прва за Вас. Раскажете ни повеќе за Синдикатот и за добиените битки низ годиниве.

Синдикатот постои од 1991 година, формиран е веднаш по поделбата на Југославија. Постепено низ разни битки добивавме бенефиции кои се важни за нас како контролори на летање. Јас сум претседател од 2006 и оттогаш наваму имаме повеќе битки кои се водат со различни партии и партиски структури, значи никогаш не сме функционирале врз основа на некаква партиска определеност или пак национално, верско чувство, туку секогаш сме се држеле стриктно до она што е професионализам и заштита на фелата, како заштита на самите нас и заштита на нашите колеги, но преку тоа и заштита всушност на сите патници кои го користат воздушниот простор и воздушниот превоз како средство за транспорт.

Со сите партии сум се борел, сите ми лепеле етикети

Рековте сте имале битки со разни партии, значи сте си имале работа со сите…

Да. Буквално. Како се менуваа од 2006 наваму владините структури така и ние сме се бореле со нив. Кога беше ВМРО – ДПМНЕ на власт бев оквалификуван како „тежок комуњар“, кога беше СДСМ бев „тежок Вмровец“, во време на албанско раководство сум бил и „албаномразец“, во време на македонското и „албанофил“…

Етикетите не ви се туѓи…

Не ми се, а ми се лепеле во зависност од тоа на кого не сум одговарал во дадениот момент. Ама тоа ништо не ме допира, ние си ја држиме нашата линија на професионализам што сме си ја зацртале како таква и не попуштаме без оглед на сите тие притисоци.

Во 2006 првата наша битка беше за обезбедување на решенија за вработување на контролорите за летање, кои во тој момент веќе седма година работеа по договор на дело, немаа здравствено осигурување, имавме колешки кои станаа мајки, па не можеа да остварат право на породилно отсуство, ниту да напуштат работа, оти не беа пријавени. Тоа беше првата поголема битка каде се боревме и успеавме веќе следната година да се избориме за тие луѓе.

Замислете, тие луѓе беа школувани од државата, имаше определено работни места за нив и определени и средства, а поради некаква лична, партиска или каква и да е причина –  не сакаа да ги вработат. Во суштина, се вработуваа луѓе кои нам не ни беа потребни. Преку ноќ вработуваа луѓе правници, административци, службеници кои не ни беа потребни…

Од 308 вработени само 90 сме контролори – друго е администрација

Да, оваа партизација, ова полнење на институцијата со неквалитетни кадри не е нешто ново. Колку ова влијае меѓу другото врз професионалците меѓу вас. Дали фрустрира?

Влијае се разбира. Влијае многу. Фрустрира да, но не би го ставил тоа, не би ја ставил фрустрацијата како главен проблем. Знаете, системот на контрола на летање мора да функционира како швајцарски часовник. Мора да биде прецизен до секунда, да биде исправен, да пружа услуга што е безбедна, луѓето да се сигурни и задоволни, сообраќајот да биде редовен…

За тој часовник да функционира исправно, не е работата да има само маска или украсни стрелки, туку сите механизми во позадина да бидат прецизни. Ако моите помошни служби ( метеоролози, техничари, центарот за одобрување на летови, одделението за планови на летање) не функционираат како што треба  – на крај проблемот се преточува кај нас.

Тој проблем веќе постои. Ние го бајпасираме и коригираме како последен филтер, ама работата е што тој не смее да постои. Не смее да дојде до тоа ние да поправаме туѓи грешки.

Мора да имаме соодветна обука, соодветен персонал, соодветно работно време, соодветни услови на работа – сето ова обезбедува безбеден воздушен сообраќај. Ако кажеме дека не мора на пример соодветни обуки – веќе еден филтер немате и има поголеми шанси за опасност. Затоа ние се залагаме, не само кај нас туку сите служби да бидат професионални. Е овој дел потешко ни оди, оти не е директно врзан со нас, иако се обидуваме да влијаеме. Минатата година на пример во април имавме штрајк со главно барање да се скратат предвидените вработувања – од ненормални 400 вработени на 333. И таа бројка е ненормална, ако се има предвид дека треба да има околу 260.

Минатата година во април имавме штрајк со главно барање да се скратат предвидените вработувања – од ненормални 400 вработени на 333. И таа бројка е ненормална, ако се има предвид дека вистински треба да има околу 260. И тоа од нив пола да се контролори, кај нас само 90 се контролори, друго е администрација.

Значи сега имаме 308 вработени, ама беа проектирани 400. Од овие – само 100 да има контролори, и 300 други администрација. Ние во нашето барање за систематизација се држиме на примерот од Словенија  – тоа е приближно исто голема држава, има сличен број на авиони кои прелетуваат, тие се членка на ЕУ и ние само треба да препишеме како е кај нив регулирано и ќе биде во склад со европската регулатива. Во Словенија тие имаат 240 вкупно вработени од кои 120 се контролори на летање, значи дури 50 проценти. Кај нас од 308 вработени само 90 сме контролори.

Е па, привлечна ви е и институцијата за полнење на партиски кадар, така важи и во јавноста…

Е привлечна е да, ама не сакаат да бидат контролори, знаат колку е тешко и дека ќе мора да работат. Секаде има грешки, ама во нашава работа грешките чинат скапо, фатални се најчесто и затоа има низа правила што мора да се почитуваат. Затоа, овие партиските сакаат да се вработат во помошните служби, па бараат уште и повисоки плати. Еве, ќе кажам пример  – имаме над 90 проценти изгубени спорови од нашава правна служба што ги води. Кога веќе имаме правници, а толку спорови сме изгубиле прашањето е јасно – што воопшто овие луѓе работат и кој е нивниот квалитет!?

Работиме со систем од минатиот век

Каква е состојбата со техничката подготвеност?

Катастрофална. Во 1999 беше инсталиран системот што денеска го користиме. Замислете. Тоа се повеќе од 23 години…

Па автомобил да возите 23 години…

Не само автомобил, еве споредете телефонски уреди. Какви биле во 1999, какви биле компјутерите тоа време и ќе ви биде појасно. Ние си ја вршиме работата и вака, но друго е, мора да сме поефикасни, да опслужуваме повеќе прелети… Еве ако дојде до откажување на нешто од овој систем па не може да се најдат ни резервни делови. Како да ви се расипе телевизор од 1999.

Новиот систем кој треба да пристигне ни велат во секој момент, го чекаме веќе 10 години. Една деценија доцни поради тоа што имало партиски интереси, па тепачки кој ќе лапне провизии, па тој тендер сто пати бил менуван, па се чувал договорот непотпишан, па го потпишале па го растуриле… неверојатно! Штетата што се нанесува од таа партизација што ја зборуваме се отсликува еве и со системот. Значи новиот систем што требало да го имаме во 2013 ние го чекаме да дојде сега. Па сега ние сме требале веќе да купуваме сосем нов, отприлика на 10 години се менуваат па и тој од 2013 да го смениме, а не уште да не е инсталиран.

Сакаа да „протнат“ нивни деца

Да се навратиме на последната битка за спречување на поништувањето на конкурсот. Раскажете на јавноста како всушност се случи целата ситуација?

Постојано имало обиди да се протнат кај нас неквалитетни кадри што сме ги одбивале на различни можни начини. Во 2017 година се чинеше дека најдовме решение – кандидатот мора да помине одредени тестирања по примерот на европски држави за да биде соодветен.

Нашава професија е специфична и не може да се поврзе со успех во даден предмет – на пример не знам, да речеме бил добар кандидатот по математика па ќе биде добар контролор, или бил добар по географија, сеедно. Ова е и дарба, и затоа може да се случи и парадокс, ученик кој е слаб по успех, да биде исклучителен контролор, оти поседува неопходни квалитети – координација, фокус, следење на повеќе активности истовремено… ако нема такви способности залудно е.

Првите примени кандидати со таков специјално креиран тест беа кандидатите во 2018, тестирањето го спроведоа наши инструктори, но тие не ги измислија тестовите, туку тие се на Еуроконтрол и се полага под шифра, не се знае името на кандидатот и во истата секунда кога тестот завршува се добива и резултатот, дали положил или не што значи нема после тоа човечки фактор, запишано си е во тој сервер.

Кандидатот кој ќе падне следните две години не може да полага пак, оти проценката е дека не може да се подобри во таа мера за толку краток период за да може да исполни критериуми. А ако после две години се пријави пак му се гледаат резултатите дали бил блиску до прагот или далеку, па ако е далеку да не се троши воопшто време.

Значи, навистина тие тестови се многу сериозни и самиот процес на тестирање.

И навистина, кај тие колеги кои положија во 2018 видовме дека тестирањето даде резултати, тоа се луѓе кои се разбираат, кои ги бива, точно си ја знаат работата.

Затоа сакавме и оваа класа што сега се тестираше да помине низ тој филтер.

Веднаш уште на старт имаше обиди да се подрие тоа – што па сега пак такво тестирање, ние не сме глупи, ние можеме да си одбереме кој е квалитетен и сл…

Ние рековме дека француската, германската, шпанската контрола за летање користат ваков метод на селекција, па имаше обиди да се тргне тоа од правилникот, па се боревме… сето тоа беа битки кои не беа во јавност, но јасно беше дека има од старт обиди да се минира изборот.

Видоа дека не можат да тргнат, па ајде да го прават независни македонски компании…

Ние рековме тоа ќе си бидат странски фирми кои реално со тоа се занимаваат, обврзавме тој што ќе ги школува тој и да ги прави селекциите, да си биде и одговорноста негова. Притоа успеавме на мала врата да им протнеме и ние да ги добиваме резултатите и тоа беше многу важно, оти го бајпасиравме и тој дел, да немаме увид во тоа.

Од 260 Данците кажаа дека само 140 ќе тестираат врз основа на пред -тестирање. Врз основа на нивно искуство, тие знаат дека ако не се помине првиот чекор, после тоа е неможно понатаму. Кога тоа помина нашиве инсистираа ајде сега добро ама уште 26 мора да се тестираат. Мора и нив да ги тестирате. И веднаш се јавија кај нас сомнежи – ама зошто па 26, од каде па баш 26 плус. Па не 30 или 25 туку баш 26.

Во 1999 беше инсталиран системот што денеска го користиме. Замислете. А новиот систем кој треба да пристигне ни велат во секој момент, го чекаме веќе 10 години. Една деценија доцни поради тоа што имало партиски интереси, па тепачки кој ќе лапне провизии, па тој тендер сто пати бил менуван, па се чувал договорот непотпишан, па го потпишале па го растуриле… неверојатно! Штетата што се нанесува од таа партизација што ја зборуваме се отсликува еве и со системот. Значи системот што требало да го имаме во 2013 ние го чекаме да дојде сега. Па сега ние сме требале веќе да купуваме сосем нов, отприлика на 10 години се менуваат па и тој од 2013 да го смениме, а не уште да не е инсталиран.

Јасно беше дека има обид за туркање на „нечии“?

Видовме кои се имиња се појавија и сфативме дека нема тука професионален интерес, туку обид да се протнат „нечии деца“. Се менуваат правила на игра во тек. Тука веќе новинарите почнаа да се распрашуваат околу целата ситуација, ама ние тоа време сакавме да го зачуваме интегритетот на процесот и не кажавме јавно особено оти бевме убедени дека е залудно и ниеден од овие „наместени“ дополнителни 26 нема да помине.

Почнаа тестирањата и навистина никој од дополнителните 26 не помина и повторно имаше дописи, јавувања, притисоци, за во еден да момент не контактираат Данците и да побараат состанок со нас.

Ние успеавме да бидеме кредибилниот нивен партнер во процесот, некаков тип на набљудувачи. Тие сфатија дека внимаваме на зачувување на интегритетот на процесот. Мислеа на почеток ние ќе бидеме против нив, како Синдикат ќе сакаме да се гледа низ прсти, ама сфатија дека ние сакаме професионално да ја истераме работата, а директорите се против тоа.

Значи се направи таа селекција, за на крај кога се избраа најдобрите, цел еден месец нашите директори не ја потпишуваа листата оти играа на картата временските рокови предвидени од Данците да не се испочитуваат и да пропадне целиот конкурс. Сфативме дека сакаат да го срушат всушност конкурсот и моравме да излеземе во јавност и тогаш тој јавен притисок многу помогна.

Многумина кога ќе се најдат во слична ситуација се двоумат – дали вреди да се зборува јавно и да се бара поддршка…

Да, прашање беше и за нас, граѓаните можеа да речат – а бе тие само нешто се бунат, види ги имаат големи плати…

Вистината е дека од 2006 наваму ние како Синдикат никогаш не сме штрајкувале за поголема плата, сме штрајкувале секогаш за да имаме закон, да имаме нормални документи за авијација, нормална селекција на кандидати за контролори за летање… во суштина сме се бореле за сето она за кое требало директорите да се борат, а ние како синдикат да викаме  – не сакаме такви правила, не сакаме ред, сакаме поголема слобода и слично. Е кај нас е обратно, ние бараме ред, директорите – неред.

Медиумите се заинтересираа многу за целиот случај и тоа многу помогна. Сите новинари ни рекоа  – браво секоја чест, ова е институција што се изборила за професионализам.

Имаше обид да не контактираат и родителите, на обесправените деца, ние рековме дека не сакаме да знаеме ни кој е воопшто на списокот на избраните, им рековме да си стојат на страна и дека не не’ интересира кои се тие деца. Се работи за принцип. Не контактираа и други синдикати, велеа – дајте помогнете и ние да се организираме, полициски синдикати, лекари, граѓани се јавуваа со поддршка да истраеме и да не отстапуваме.

Сето ова дава до знаење дека на народот му треба ред. Дека граѓанинот  сака ако е способен да биде вреднуван.  И обратно.

„Толку ли е таа фотелја заразна?“

Колку помагаше тоа што бевте обединети? Немаше никој меѓу вас да застане на страна на директорите?

Еден од директорите е поранешен член на нашиот синдикат. Ние не сме врзани со никого. Ако ја работиш работата имаш поддршка, ако одиш по друг пат одиме против тебе. Нашата работа е таква да јас зависам од мојот колега кој ќе ми помогне во најтешка ситуација и јас нему да му помогнам. Нема тука компромис.

Значи Синдикатот е толку силен, ако утре Вие станете директор и да речеме тргнете по погрешен пат убеден сте дека ќе Ве спречат?

Да. Ако не дај боже станам директор ( н.з се смее) сакам човекот кој ќе биде претседател на Синдикатот да биде моја најголема контрола. Велам не дај боже оти ме фаќа страв –  ја гледам таа фотелја, гледам како се менуваат луѓето кога ќе седнат таму и викам што е бре со оваа фотелја, толку ли е заразна, толку ли е опасна, зарем и јас ако седнам ќе станам таков!?

Да се вратам на прашањето – да, и мене ќе ме нападнат оти просто така функционираме, ние веќе имаме систем.

Ова беше и една добра тест приказна за меѓуетничките односи. Најдобрите кандидати беа Албанци, ама залудно – не беа на партискиот список. Партизацијата е немилосрдна очигледно, не бира ни етничка припадност кого напаѓа.

 Мојата десна рака во Синдикатот на пример е Албанец по националност. Кога почнаа притисоците ние сите си дадовме оставки и рековме –  нема да учествуваме во ваква лакрдија. После и јавноста, амбасадори се вклучија во приказната, медиуми и успеавме да се избориме. И мораа да се повлечат. Да не се повлечеа ние заедно немаше да попуштиме, ќе имаше затворање на воздушен простор и ќе си ја истеравме битката. Оти бевме сите единствени.

Колку е сега ова важно да се преслика во целата држава – професионалците да се држат заедно? Оти сите институции се нападнати…

Тоа е круцијално. Тоа е основата за едно нормално функционирање и на ниво на фирма, служба, држава. Сега сме сведени на тоа тие кои се најдобри и се професионалци да им се отежнува работата. Ако тие не се трудат да си ја дадат поддршката, да се држат заедно за да си помогнат на крај ќе почнеме сите да бегаме надвор барајќи го спасот од ова што ужасно демотивира. Омаловажени се овде оние кои почитуваат правила, оние кои доаѓаат на време на работа, оние кои си ја знаат работата, оние кои ги бива, на сметка на оние кои се “нечии“ и се привилегирани, ама се неспособни и не умеат ништо да сработат. Значи ако сакаме да направиме нешто од државата ќе мора сами да си се бориме. Секој во својот двор и сите заедно. Ние тоа го правиме кај нас и сме рекле – нема предавање, ќе се бориме за нашата професионалност, ќе направиме нешто, па макар “држава во држава“ кај што ќе има ред и правила. Не им се даваме на „нечиите“.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here