Александар Веселинов, доктор: Со ваква партизација овде нема да остане не млад лекар, туку ни млад човек

Веселинов е еден од бисерите не само на Медицинскиот факултет во Штип, туку и воопшто во редовите на младите македонски лекари. Дипломирал во рекордно време, како еден од најдобрите студенти со фантастичен просек од 9,82, а покрај тоа тој е активен и како активист, волонтер, член на студентското собрание итн. По завршувањето на студиите тој полн со елан и амбиции се судира со македонската реалност. Свесен е за состојбите во секторот што го избрал, јасно му е дека се напредува само низ филтрите на непотизмот, клиентелизмот и партиските ходници, но токму затоа тој е уште повеќе одлучен – да се бори тоа да го промени. Нема друг избор - вели тој – во спротивно, сите ќе си заминеме.

 

“Американскиот здравствен систем, ниту е здрав, ниту е систем“ –  Валтер Кронкит

-Александар, раскажете ни малку за себе, љубовта кон медицината, одлуката да станете доктор… 

Отсекогаш најголем предизвик ми создавале нештата кои изгледаат комплексно, поттикнуваат на размислување и бараат силна одлучност. Уште како дете покажував афинитети кон природните науки, иако дисциплинирано учев и постигнував високи резултати по сите предмети и во основно и во гимназија, сепак често одев на општински и регионални натпревари по биологија и хемија. Многу рано сфатив што ќе правам во животот и знаев дека љубовта кон човечкото битие, емпатијата и моралниот закон во мене ќе бидат пресудни за да се запишам на медицина. Никогаш, ниту на момент не сум се посомневал во одлуката да бидам доктор 


 -Како оваа визија за својот професионален пат наиде на сопки веднаш после дипломирањето, иако Вие сте еден од најдобрите студенти на Универзитетот. Со што сѐ се соочивте како проблем додека најдовте работа? 

Иако дипломирав и положив за лиценца во рекордно брзо време, со висок успех, со преполагање на испити кои се пониски од оценка девет, со високи амбиции, без да пролонгирам ниту еден испит, ниту една сесија, ниту еден ден, како и со многу волонтерски ангажмани, инволвираност во студентското собрание при Факултетот за медицина, Наставно-научниот совет, едукации надвор од земјата, многу волонтерски акции, конгреси, настани итн.,итн… сепак се соочив со македонската реалност при започнување на платениот стаж за кој мака мачевме за да дојдеме. А тоа само е почеток на платениот шестмесечен стаж за сите лиценцирани доктори, со неколкумесечен задоцнет старт. Јас чекав два месеци за да почнам, колеги чекаат и по половина година. Ќе излажам ако кажам дека не очекував такво сценарио, ова е проблем кој се провлекува низ годините, а никако двете министерства одговорни да се договорат кој е вистинскиот виновник и каде е вистинската кочница. Добра е идејата да не се оди на специјализација директно од клупа, но начинот на којшто се изведува не е осмислен до крај и остава простор за разни злоупотреби. Плус, тука се разбира е и проблемот со напливот на нови дипломирани, за кои тешко се наоѓа место, оти никој не ја мислел бројката на студенти и дипломирани по разните медицински факултети низ земјава. И здравството и образованието, за жал, кај нас се претворија во бизнис – плаќаш и си земаш диплома за што сакаш, вклучително и за лекар.

Доста ни се политички игри на сметка на здравјето на граѓаните

 -Колку е важно партиите да ги тргнат своите раце од системот на вработување?

Реално се надевам дека ќе дојде денот кога луѓето нема да се гледаат низ призмата на  политичките убедувања, припадноста на заедница, националност, пол, етникум и религија и сите ќе се покорат на единствениот релевантен параметар за вработување, а тоа е квалитет. Се додека не се случи тоа во Македонија и продолжи праксата на политички реваншизам и политички „игри“ на сметка на здравјето на луѓето, ќе сведочиме за едно непросперитетно општество, во кое владеат нехумани услови, неквалитетни кадри, иселување на најдобрите, и секако – разочарани и незадоволни граѓани. 

-Колку се сите овие сопки демотивирачки за еден млад лекар и колку мислите дека и тие имаат влијание во одлуките на младите да ја напуштат земјата (покрај финансискиот аспект)?

Секако дека има индикација за разочараност и гушење на високите амбиции и очекувања кај младите доктори. Финансискиот аспект не го ни коментирам, само ќе дадам еден пример па проценете самите дали ако не се променат нештата наскоро ќе остане некој не само млад лекар, туку и млад човек овде во државава. Млада докторка со уредно завршен прв циклус на студии- назив: Доктор на медицина, запишала приватна специјализација поради тоа што нема простор за нејзе во државна институција, омажена е и добива месечен надомест од 26 000 денари, кој по закон ја следува, а истиот доцни со месеци. Покрај тоа нема ниту здравствено, ниту пензиско осигурување, таа докторка нема ниту право на породилно боледување и отсуство од работа кое во секоја нормална држава би било платено. Што тоа значи, дека е ускратено правото на репродукција на младите брачни парови, ускратено е правото на здравствено и пензиско осигурување и задоцнет минимален месечен надомест во услови на инфлација кој искрено се сомневам дека е доволен за половина месец. 

Здравствениот систем им служи не на граѓаните, туку на елитните приватни болници


-Што е според Вас клучниот проблем на македонскиот здравствен систем? 

Здравствениот систем се соочува со многу проблеми, но сметам дека можеби клучен проблем е тоа што си дозволивме дисекција на „супериорен“ приватен здравствен систем и „инфериорен“ државен здравствен систем. Првиот е оној кој го држат неколку „гиганти“ кои високо наплаќаат за услугите кои ги нудат и истиот има таргет група на супер-елита и странски граѓани (со пари) кои може да си го дозволат третман и лекување таму. Другиот, државниот „инфериорен“ систем е тој наменет за народот и тој е оставен така со години руиниран и маргинализиран без инвестиции во кадар, опрема и техничка поддршка кои ќе понудат одржливост и просперитет. 

-Колку е важно докторите самите да се гласни и да се борат за квалитетот да биде ценет и признат? 

Обединувањето на интелектот и борбата со „разоружување“ на здравствениот систем од стегите на политичкото влијание е нужно потребно. Сите сме сложни дека доколку сакаме живот тука, мора јасно да дадеме до знаење дека манипулацијата и лицемерието на одговорните институции наспрема младите луѓе кои се рационални, образовани, и пред се зрели и изградени личности е речиси невозможна мисија. Сакам да ги охрабрам младите луѓе гласно да зборуваат за реалната состојба поткрепена со факти, да сугерираат и да се обединуваат под заедничкиот именител ‘подобар живот и подобри услови за сите луѓе под ова наше заедничко небо’! 

-Кои се Вашите пораки до македонските власти и институции во областа? Како до поквалитетен систем? 

Има многу сугестии, но еве ќе издвојам неколку кои сметам дека се клучни:

– Инвестирање во млад и просперитетен кадар со едуцирање во врвни клинички центри и обезбедување на услови за имплементирање на дијагностички и терапевтски методи кои не се работат во нашиот државен сектор.

– Решавање на статусот на луѓето кои се вработени здравствените установи преку ‘Договор на дело’. Зголемување на кадровските капацитети со високообразован, средно- медицински и технички персонал, со цел олеснување на околностите за работа.

– Децентрализација на здравството во Македонија, за ослободување на притисокот што  од сите страни се создава во Скопје, отворање на нови центри за третирање, хоспитализирање и рехабилитација ширум целата земја, или поточно обратнопропорционално делување од она што досега е пракса.

– Департизацијата на образованиот и здравствениот систем, кога квалитетот ќе биде пресуден за унапредување и назначување на одговорни позиции, а не политичкиот активизам и влијание. 

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here