Автор:
Ивор Мицковски, политички аналитичар и колумнист
Обични избори за американски претседател или длабока и анти-системска промена од оние кои што го освоија системот? Само иднината ќе ни понуди одговори за тоа што се случи со победата на Трамп. Во меѓувреме ќе разгледуваме сценарија и интерпретации, кои барем за оние кои се на страната на демократијата, делуваат поприлично сиви и мрачни.
Но, историјата така функционира и чувството за тоа што се има случено, особено ако е нешто големо, ќе дојде отпосле. Американските избори, според многумина, се историски настан, кој ќе одбележи и ќе раздели „едно пред и едно потоа“, една фрактура помеѓу тоа што го знаевме и тоа што бледо и конфузно го насетуваме. Набрзо ќе дознаеме дали сме пред издишувањето на едно големо тело и идеја која доминираше со светот и дали таа ќе биде заменета со нешто посилно и помоќно, или пак, само сме сведоци на општествените нефункционалности предизвикани од разулавениот капитализам без правила и без перспективи.
Демократијата, која не смее да биде сопствена негација, по својата природа мора да е отворена и кон ваквиот развој на нештата, кои според различните погледи, може да бидат и шанса, но и ризик. Тоа што и повеќе од јасно е дека ќе биде растресено и разнишано е американскиот систем и Устав. Американскиот Устав веќе речиси три века е симбол на умереното владеење, власт која е непријател на прекумерната сила и моќ, дури и непријател на чистата демократија, онаа ослободена од „тежи и контратежи“.
Американскиот федерализам служеше како брана од политичкиот централизам и како гарант за слободите на локалните заедници. Јасно ја споделуваше или ограничуваше моќта помеѓу рамнотежата во прерогативите на Претседателот, потоа Сенатот како израз на федеративните Држави и Парламентот на народот, и двата дома подложни на верификација на мид-термот. Конечно, Врховниот суд како носител на огромна моќ, формиран од судии доживотно номинирани од Претседателот, додека и самиот Претседател, кој според волјата на Татковците-основачи, уплашени од можноста еден човек доживотно да владее, ќе биде исклучен од правото директно да биде избран од народот, туку напротив, преку мудроста на таканаречените „Големи избирачи“, еминентни личности експресија на федеративните Држави. Така барем досега гласеше на хартија.
Партијата стана движење
Реалноста денес е сосема спротивна од секаков вид на поделба на власта и системска рамнотежа. Денеска владее обединетоста на моќта! Самиот избор на претседател, како последица на националните партии, или поточно во случајот на Трамп – движења, е претворен во комплетно федерално прашање, дотаму што и самите делегати од засебни држави, делуваат како анахронизам. Партијата на Трамп ги контролира двата дома на Конгресот и мнозинството од Врховниот суд е составен од судии кои се на негова страна. Иднината ќе покаже дали станува збор за една транзиторна или структурална политичка состојба, која неминовно ќе доведе до трансформација на американската либерална демократија во нелиберална и авторитарна демократија. Самиот факт дека семантички ја прифативме оваа јазичка, логичка и политичка контрадикција, многу кажува за тоа каде ќе одат нештата во иднина.
Лично сум убеден и без да го чекаме судот на историчарите, дека изборот на Трамп или неговото воскреснување, проследено со неговото неприфаќање да прифати пораз од Бајден, поддршката за бунтот и нападот на Капитолот, неговата постојана анти-системска закана, се еден мета-политички процес и настан кој одбележува прецизен историски момент кога настанале или барем се оствариле големите политички, културни и општествени метаморфози, една епохална промена која неминовно, има бројни каузи, но и една клучна „конкауза“, односно, Доналд Трамп.
Овдека не зборуваме само за освојувањето на Белата Куќа, нешто што и само по себе е исклучително важно во услови кога светот делува дека ја има изгубено секоја рамнотежа, кога е разгорен од две војни и кога во Европа го гледаме враќањето на поделбата Исток-Запад, со политика и општества кои повеќе не знаат да разликуваат добро од лошо, а никој не верува во политиката и во нејзините ветувања.

Враќањето на Трамп, како лидерот кој не може да биде поразен, затоа што неговата мисија ја трансцедентира демократската логика на рамнотежна и заменливост, повеќе наликува на (ре)консакрација, на епски подвиг кој не само што е препознаен од електоратот, туку и санкционира една длабока промена во самата земја, па и кај самиот народ. Самиот Трамп тоа точно ќе го сублимира кога од Палм Бич ќе каже дека направиле нешто неворојатно: „Ова е досега невидено движење, ова е најголемото движење во историјата“.
Токму тоа се случи пред нашите очи! Добрата, стара „Grand Old Party“, републиканската партија на Линколн, Ајзенхауер, Никсон, Реган и Буш, која преку секој лидер го чуваше и негуваше митот за „Градот на Брдото“, самосоздадената легенда на конзервативната и протестантска средна класа, одеднаш исчезна. Таа историја и тој наратив претрпеа генетска мутација заразени од вирусот на трампизмот и се трансформираа во белиот екстремизам, супрематизам, изолационизам и протекционизам. Денес нема партија, туку само движење, а движењата полесно се моделираат според ликот на лидерот и се поадаптирани за борбите и револуциите на елитите, особено според духот на времето, за едно постојано востаништво. Така денес, Америка доби движење на власт, кое знае да биде субверзивно додека е на власт, парадоксална персонификација на „шефот“ кој беше способен да ги освои институциите и да ги води, без притоа да се чувствува како дел од нив, како да доаѓа од некој сосема друг свет, од друга планета. Чудна направа е тоа, која може да биде експлозивна. А посебно прашање е: Кој денеска е гарант и регулатор на општествениот договор?!
Раѓање на новата десница
Американската десница во нецела деценија излезе од самата себе, се ослободи од историските ограничувања, стремејќи се да дејствува во „чиста“ форма, како да е вчера родена, исфилтрирана до стадиум на проста политичка енергија, родена и култивирана на територијата на општеството, па оттука далечна и неповрзана со институционалната пирамида на Републиката. Кои ли ќе бидат следните победи за ова „неврзано“ движење, каде ли ќе го забодат своето победничко знаме утре?!
Незаинтересирани се за државата, додека во исто време ја окупираат. Следниот голем залак се демократите и левицата, генерално, преку ликвидација на историскиот судир левица-десница. Во секој случај, родена е новата десница која како глутон го ждере системот, не се задоволува да го води, туку и го оспорува и го отфрла, пазејќи да не случајно се зароби во неговите процедурални лавиринти. Вака гледано, им останува само еден непријател, едно дно кое мора да биде пробиено, душата на системот, односно, демократијата.
Новата десница е на власт, а слабата, измрцварена демократија е на дното каде ја чекаат серија нови обвиненија: бавна е, бирократска, ограничувачка, комплексна, негативна, скапа е, а пред се неефикасна и досадна. Нема да биде јавна оваа гилотина, не се потребни и нема да има антидемократски манифести. Но, ќе има „функционални“ исправки и нови механизми, полека ќе се гаси системот од после Втората светска војна и сите правни, уставни и инстутиционални рамнотежи ќе се заменат со некој нов модел на демократија. Во тој нов модел на хиерархијата на моќта ќе се привилегира одлучноста, командата, суверенитетот, силата и контролата наместо тежите и контратежите, предноста на лидерот и неговата тајфа во однос на народот, но во име на идентификацијата со народот.
Уставот пак ќе се вика Устав и демократијата – демократија, но ќе биде нешто сосема друго, трето или четврто. Најверојатно нешто испразнето од живот и испразнето од значење. Така, следејќи ја слепо иднината и новата златна ера, најверојатно ќе се вратиме на самиот почеток, во едно камено доба.