Шаленберг за „Агенда 35“: Австрија е загрижена за измените на Кривичниот законик

Прашан дали треба да ги жртвуваме правото и правната држава во името на европските интеграции, шефот на австриската дипломатија со јасен одговор: Ова е трик прашање – едното оди со другото!

„Одблиску ги следиме случувањата во Северна Македонија и Австрија е загрижена за измените на Кривичниот законик“ порача министерот за надворшени работи на Австрија, Александар Шаленберг во интервју за емисијата „Агенда 35“ што се емитуваше синоќа на МРТ.

Во време кога кај нас актуелна е темата за позадината на овие контроверзни измени, кои се поврзуваат со обид да се амнестираат злодела од поранешната власт во замена за поддршка од опозициски пратеници за уставните измени, шефот на австриската дипломатија, запрашан дали треба да ги жртвуваме правото и правната држава во името на европските интеграции, вели:

„Ова е трик прашање – едното оди со другото. Во однос на измените на Кривичниот закон да, ние сме загрижени. И ние мора да продолжиме со владеењето на правото. А санкциите, особено за прашања како што е корупцијата, мора да бидат убедливи и да бидат пропорционални“.

Австрија во моментов е главен предводник на групата земји – членки кои инсистираат на брза интеграција на земјите од Западен Балкан и неодамна токму Шаленберг, заедно со неговата колешка, министерката за европски интеграции Каролине Едштадлер, излегоа со нон – пејпер со план со конкретни чекори за обезбедување на интеграцијата.

Во интервјуто синоќа, Шаленберг потврди дека некои земји членки ја користат дебатата за внатрешни реформи во Унијата како алиби. Додека тие сметаат дека Унијата неопходно е прво внатрешно да се реформира, па потоа да прима нови членки, Австрија е силно против тоа:

„Многу силно сум против користењето на дебатата за реформи како изговор за повторно забавување на проширувањето. Тоа апсолутно го гледаме во некои изјави и затоа сум многу јасен и велам – не! Не сакам сега некои земји кои можеби сè уште се воздржани околу проширувањето да кажат – треба да се реформираме пред да се прошириме. Мислам дека и двете работи треба да одат заедно. А можеби дури и би тврдел дека проширувањето може да биде катализатор за реформи. Па, да го поставиме ова обратно“, вели тој.

Шаленберг летоска беше во Скопје, заедно со неговите колеги од Словачка и Чешка, Јан Липавски и Мирослав Лаповски, па тогаш изјавата дека доколку Македонија не ги спроведе неопходните уставни измени има опасност да излета од шините кон ЕУ, поради погрешниот превод, многумина ја протолкуваа како закана за изолација. Во интервјуто синоќа Шаленберг објасни дека дошол во Скопје како голем пријател, дека во ниеден момент не се заканувал и дека и самиот бил вчудовиден како била погрешно преведена и протолкувана изјавата:

„ Прво, кога дојдов во јули заедно со моите колеги од Чешка и Словачка во име на Европската Унија со мандат од високиот претставник Жозеп Барел, дојдовме како пријатели. И самиот бев вчудовиден кога подоцна дознав како, поради некои преводи или какви и да биле причините, тоа создало некаква емотивност, што и го разбирам, знам дека тоа е незгодно прашање. Тоа е емотивно прашање. И јас би рекол како позитивно размислување, тоа е добро, се додека сме емотивни за Европската унија, тоа е добар знак. Но, да, Северна Македонија е прво клучен партнер во регионот. Северна Македонија претрпе огромни напори за да стигне до тука. И конечно успеавме да ги отвориме пристапните преговори минатата година. И сега има еден чекор – тоа се потребните измени на Уставот.“ вели тој со порака дека земјата нема друга алтернатива освен ЕУ и дека сите политички елити треба да размислуваат во таа насока без изборни или партиски математики.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here