Црни точки

Фросина ја уби државата. Државата што триесет години, организирано и систематски, овозможува разгалените синчиња со политичка заштита, сѐ додека се живи, пред очите на Законот да бидат само „деца“, кои секогаш заслужуваат поправен.

Катарина Синадиновска
новинар и соосновач на „Солуција“

Пред четири години одекна веста дека Зоран Милески – Кичеец, длабоко поврзан со разни политички и бизнис центри на моќ, осуден во „Рекет“, претекнувајќи на полна линија, со својот мерцедес, удри во возило и уби човек, а повреди седуммина.

Кичеец, во моментот кога го стори убиството, лежеше во затвор. Поточно, беше во популарното сместувалиште, тој прочуен центар на македонскиот затворски туризам, Затворот во Струга, оној од таканаречен „отворен тип“, каде издржуваше затворска казна од три години. Дента кога уби човек Кичеец имал „привремен прекин на затворската казна, оти бил болен“. Медиумите тогаш се прашуваа – како е можно Судот да не го интересира како тоа болниот Кичеец, бил во прилично добра состојба за да вози низ Македонија?

За убиството, Кичеец, кој беше премногу болен за да биде во затвор, ама доволно здрав за бесно да вози и да „коси“ по улици, доби скандалозни – шест месеци затвор, оти ја признал вината, се извинил и не бил пијан.

Морам да признам дека за мене, овој случај, а особено образложението на Судот, беше врв на бизарната пропаст на интегритетот на македонското судство, отсликана преку тотална ноншалантност во комуникацијата со граѓаните за сопствената одговорност.

Сѐ до вчера…

Вчера јавноста доби официјално соопштение од Кривичниот суд во Скопје, со кое сите граѓани беа искарани и им беше одржана лекција да не се дрзнуваат да бараат вина во Судот, за големиот скандал со едно друго убиство во сообраќајка, што ја потресе Македонија – она на младата неготинчанка, Фросина Кулакова.

Таа е убиена на пешачки премин, од дваесетгодишниот Васил Јованов, кој возел со 130 километри на час, на „Партизанска“, под дејство на алкохол и без возачка дозвола. Јованов бил познат прекршувач на законите. Тој на свои 16 години, се разбира, повторно без возачка дозвола, во слична несреќа, повредил жена, која имала среќа да не почине и со која се спогодил. Во меѓувреме, медиумите јавуваат за разни други сообраќајни прекршоци, а јавија и дека лани, тој бил фатен со 80 пакувања амфетамини. Подоцна имаше информации дека не биле амфетамини, туку марихуана и кокаин. Прогласен е за виновен, но судијката Даниела Алексовска Стојановска, решила наместо во затвор, да го прати во Поправен дом, оти тогаш немал наполнето 20 години, па така било праведно според Законот за правда за децата, со што на Јованов му престанала мерката притвор. Претходните прекршоци – едноставно исчезнуваат пред очите на Судот, преку некакви бирократски трикови и магии, со образложенија, што ја навредуваат интелигенцијата. Но, тоа не е сѐ – Обвинителството, се разбира, се жалело на пресудата, арно ама таа жалба се подизгубила низ фиоките на Апелација и до сега го нема видено светлото на денот, со што практично Јованов, ај што никогаш и не заминал во затвор, туку не заминал ни во Поправен дом, па си бил оставен да пие и да дивее по скопските улици.

Граѓаните навистина не може да знаат што точно вели Законот за правда за децата и дали навистина баш сите оние полнолетни, со 19 години, фатени со сериозно количество на дрога, а кои немаат татковци на позиции, имаат третман на дете или дали на сите тие прекршоците не им се важат ако не се совршено заведени според македонските беспрекорни законски прописи (моите информации велат – не ќе да е баш така). Но, граѓаните и тоа како знаат дека минимум што може да очекуваат од еден Суд е почит и елементарна емпатија во односот кон јавноста при една ваква трагедија. Во споменатото соопштение, Судот вели дека нивната судијка никако не можела да претпостави дека Јованов за седум месеци ќе направи ново кривично дело (хм!?) и дека проблемот бил системски, ама од сообраќајна природа. Сме имале – цитирам- црни сообраќајни точки, каде се гинело.

Црни сообраќајни точки? Побогу! Скопје, булевар „Партизански одреди“, одлично обележан и веројатно еден од најдобро организираните пешачки премини во земјава, со огради, со јасна сигнализација – тоа е црна сообраќајна точка? Ви се молам!?

Значи, наместо сериозна прес – конференција на која сите инволвирани институции ќе одговореа на сите прашања, и за тоа како е можно прекршоците што ги гледа Обвинителството, судот да не ги ни погледне, и за шпекулациите дека имало партиски и политички влијанија, ние добивме штури и безобразни соопштенија преку кои  – Обвинителството си ја префрли вината на Судот, а Судот елегантно ни помалку, ни повеќе туку на правно неписмените граѓани и на “црните точки“. Во која насока ќе се движи креативноста на Апелација и какви црни дупки ќе откриваат нивните телескопи тоа веројатно допрва ќе видиме.

Затоа, драги читатели, овој случај е една целосна слика и за руинираниот правосуден систем, но, со оглед на фактот што пред прекршоците на Јованов, се затворале очи во време на владеење на различни гарнитури, тој е и еден совршен приказ за сплотеноста на партиските и бизнис елити, кај кои очигледно нема ваши и наши, кога треба да си го штитат криминалот, а кои очи ќе си извадат, кога и да дојдат на ред македонските општествени интереси.

Сепак, пред сѐ и над сѐ, овој случај е една невидена општествена трагедија.

Млада девојка, полна со огромен креативен потенцијал, една наша прекрасна граѓанка за која немало потреба никогаш ниеден полицаец, ниеден обвинител и ниеден судија да добива повици „од горе“ за да и го чисти досието, беше убиена.

Ја уби разгалено синче, ќе речат многумина. Но, не. Фросина ја уби државата. Државата во која се повторуваат истите трагедии, без да се извлече лекција. Државата што до бескрај толерира клиентелизам и корупција. Државата во која царува неказнивоста. Државата што триесет години, организирано и систематски, овозможува разгалените синчиња со политичка заштита, сѐ додека се живи, пред очите на Законот да останат само „деца“ кои заслужуваат поправен.

Црните точки, драги судии, тешко дека ќе се на улиците…

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here