Убиј ме нежно

Нежното родителствување никако не смее да значи неодговорност и непостоење на граници, без разлика дали се работи за начинот на користење на социјални мрежи, домашната дисциплина или просто – какви било социјални односи.

Македонија остана шокирана по веста дека 11 деца за само четири дена завршија на Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски” со сериозни повреди како последица на опасен ТикТок предизвик, наречен „Супермен“. Предизвикот се изведува така што неколку ученици фатени за раце создаваат нешто како подлога, на која се качува оној кој е предизвикан, односно Суперменот, го фрлаат во воздух, тој треба се вивне, да „летне“ и на крај да не падне, туку да застане на нозе.  Бројот на оние кои „летнуваат“ и потоа застануваат на нозе, се разбира е никаков, споредено со оние, кои простата гравитација ги наградува со искршени раце, нозе и вратови, но, оваа логична последица се чини е премногу тешка за разбирање кај децата.

Ова не е прв случај со повреди кои се резултат на опасните предизвици што се промовираат на конкретната социјална мрежа. Во февруари минатата година 14 -годишно девојче од скопската населба Илинден трагично го загуби животот, кај железничката станица, откако се качи на вагон за да снима видео за ТикТок, на место полно со високо напонски жици и загина од струен удар.

Тогаш се отворија дебатите за тоа дали треба да биде забранет ТикТок во земјата, а она што изненади е што такви предлози дојдоа прво од политичката партија на македонските либерали, кои по дефиниција би требало да знаат дека во слободни општества проблемите никако не се решаваат со забрани. Можеби, на прва, тоа се чини наједноставно и најбрзо решение, за кое поддршка стигна и од многу родители, наставници и граѓани, но истражувањата, како и ставовите на многу докажани светски експерти покажуваат дека, за жал нештата не се толку многу прости, а проблемот е далеку подлабок од дадената социјална мрежа. Без да навлегувам во подробности, ќе посочам еден доволен аргумент – децата секогаш ќе најдат некоја друга мрежа, некој друг канал, преку кој ќе комуницираат и ќе споделуваат опасни и налудничави идеи, па затоа, додека апсолутно треба да се залагаме за ограничување на возраста на која на децата им e овозможен пристап до СИТЕ социјални мрежи, целосни забрани на која и да е од нив не е лекот. Тоа значи – жалам што ќе ве информирам – ниедна држава и ниеден закон нема да ни го реши проблемот, туку како родители, официјални институции и граѓани ќе мора да признаеме дека ни претстои потешката битка – да работиме на себе и на децата. Страшно, не?

Фото: TikTok/alisein 207

Парадокс на прогресот

Брзината со којашто се развива технологијата е застрашувачка. Во својата книга „Изобилство: иднината е подобра од што мислиш“, грчко – американскиот инженер и физичар Питер Диамандис, заедно со новинарот Стивен Котлер, пишуваат, на пример, дека развојот на технологијата во последниот век е поголем од вкупниот развој во последните 20 илјади години. Дваесет илјади. Човекот, пак, биолошки, со своите умствени капацитети и емотивни карактеристики, тешко дека е нешто многу поразличен од својот предок илјадници години пред новата ера.

Оваа јасна дупка, ова различно темпо на еволуција, на човековата биологија и психологија виза ви технологијата и условите во кои човекот живее и се развива, се разбира дека остава последици. Неретко ќе чуете денес дека луѓето, особено постарите генерации, се збунети и уплашени пред напливот на сите нови технолошки алатки, толку многу што дури покажуваат отпор и кон сите придобивки.

Метју Гудман, еден исклучителен психолог од Калифорнија, тоа го нарекува „Парадокс на прогресот“ – објаснувајќи дека додека е факт оти човештвото во многу сегменти никогаш не било во подобра состојба (помалку болести, подобри лекови, подолг животен век, подобри економии, помалку глад, полесен пристап до основни добра, зголемена комуникација, подобри транспортни поврзувања итн., итн…), еднакво е факт дека самите луѓе се прилично несреќни, што го потврдуваат податоците за растечката анксиозност, депресија и зависности, а кои никако не можат да се припишат исклучиво на поголемата свесност за нив и отвореното барање помош.

Илузија на прогрес, не? Очигледно е дека имаме проблем, Хјустон. И не, нема да го решиме со само уште еден или два технолошки изуми… Гудман вели дека фундаментално проблемот е спиритуален. И додека тој тврди дека никако не смееме да ја сатанизираме науката и технолошкиот напредок, паралелно, мораме да сме свесни, да истражуваме и да зборуваме, да ги антиципираме и адресираме сите негативни последици од тој пребрз развој врз кревката човекова психа. „Мораме да ја смениме матрицата и да ја приоретизираме онаа технологија која носи добро за човекот, како суштество во целина“, вели тој, објаснувајќи дека токму на децата, денес, во ова време – невреме, како никогаш претходно им е потребна поддршка и грижа, НО и контрола и граници во процесот на воспитување.

Коренот на проблемот

Нашите деца растат во овој свет, погодени од сите овие промени, а уште пострашно, водени и воспитувани од нас, кои и самите, очигледно тешко се снаоѓаме. Затоа, прилично се лицемерни, па дури и безобразни сите згрозувања од недисциплината кај децата, нивната зависност од мобилни телефони и интернет, нивната некултура и непочитување на основите на бон – тонот, од граѓани, мајки и татковци, баби и дедовци, учители и воспитувачи… кои самите се некултурни, невоспитани, агресивни и… со телефоните в раце.

Притоа, она што се заборава е дека додека апсолутно влијание имаат градинките, училиштата и социјалните средини, коренот на проблемот е во самите семејства, самите домови и начинот на воспитување, кој последните децении, за жал, еднакво е под влијание на трендови од социјални мрежи, рекламиран од инфлуенсери, со сомнителни професионални позадини. Нежното родителствување кое се промовира, поточно – извртувањето на концептот на нежен родител, е за многумина клучна грешка на денешните родители. Грижата и бескрајната љубов никако не смее да бидат маска за немањето на капацитет, енергија и време да се воспита и да се постават граници.

Неспособноста да се научи детето дека еднакво како и права, има и обврски, дека во животот постојат ред и правила на однесување и конечно – дека погрешните потези имаат свои последици, создава деца и потоа возрасни, кои ние ги нарекуваме „распрдени“, а всушност се збунети, исплашени, без никаква самодоверба, без чувство за одговорност, неподготвени за животот и за сите негови предизвици – просто нефункционални. Што повеќе нефункционални поединци, толку понефункционални општества. Сето ова, во длабока смисла, почива на концептот на неодговорност. Тие деца утре ќе бидат неодговорни вработени, неодговорни пријатели, партнери и граѓани.

Фото: Unsplash

Она што е интересно е што родителите (и другите членови на семејствата) најчесто ова го прават за да си ја смират сопствената сегашна, или ако се баби и дедовци, можеби и мината грижа на совест, па отсуството (физичко или не само физичко) во процесот на подигнување на личноста го надоместуваат со „истурање“ на подароци, премолчување на грешките, затворање на очи пред сите потфрлања или дури и нивно славење како успеси и никакво повикување на одговорност, убедувајќи се дека со сето тоа тие се нежни родители. Да, терминот е прекрасен, неспорно, но ова што се прави е негова злоупотреба, оти нежното родителствување никако не смее да значи непостоење на граници, без разлика дали се работи за начинот на користење на социјални мрежи, домашната дисциплина или просто – какви било социјални односи. И тие граници, тие правила, мора да дојдат од дома.

И додека оправдано очекуваме и бараме потези од државата, мора да сме начисто дека и ние исто така имаме обврска како родители да сме свесни за времето во коешто живееме. И дека начинот на којшто децата го користат интернетот и социјалните мрежи е дел и од домашното воспитување, каде најголем непријател е нашата попустливост, која пак е резултат на линијата на помал отпор и себезалажувањето- дека ако дадеме и дозволиме сѐ, не барајќи притоа ништо за возврат, па ни почит, ние сме направиле компензација за вистинската задача – да бидеме и поддршка и засолниште, ама и пример и авторитет.  

Затоа, ние имаме обврска да работиме заедно со системот, со воспитно – образовните институции, со останатите членови на семејствата, со другите родители… но, најмногу сами со себе, признавајќи дека потфрламе.

Во хаосот на секојдневието, прегазени од темпото на живот, во битката за професионални достигнувања или основна заработувачка, се разбира дека наједноставно е да се препуштат децата на слатките бранови во морето на социјалните мрежи и интернетот, лишени од свеста за последиците, оти ние и никогаш не сме ги соочиле со нивното постоење, на која било тема. А, без соодветен разговор и подготовка, без надзор, без граници, без одговорност  – порано или подоцна, резултатот во овие води е неминовен  – децата ќе ни се удават. Па, ако мислите дека утеха е што тоа било „нежно“, веројатно е време да си ја чукнете главата!

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here