Пред Новата Америка која ги покажува мускулите, Старата Европа се распаѓа

Оние кои што негуваа илузии дека враќањето на тајкунот во Белата Куќа и подемот на нетипичната „западна олигархија“ ќе ја разбудат и обединат заспаната Европа, нека се подготват за непријатно освестување.

Автор:
Ивор Мицковски, политички аналитичар и колумнист

Оние кои што негуваа илузии дека враќањето на тајкунот во Белата Куќа и подемот на нетипичната „западна олигархија“ ќе ја разбудат и обединат заспаната Европа, нека се подготват за непријатно освестување.

Од една страна го имаме Трамп со неговиот застрашувачки дрим-тим, еден микс од јастреби и растури-куќи, почнувајќи од ултра хиспаносот во Стејт Департментот, палео-христијанскиот крстоносец во Пентагонот, токсичниот сексоман во Правда, тврдокорниот антиваксер во Здравството, убиецот на кучиња и кози задолжен за Безбедноста. Над сите нив, како шлаг на тортата, настапува првиот американски олигарх, човекот-маказа, кој со мачета ќе продефилира низ американските институции додека на својата социјална мрежа постира експлозивни пропагандистички спотови за воскресението на американската Империја.

Се вика „Dark MAGA“ видеото на Маск каде се испреплетуваат двата главни лика и победници од овие избори, во еден калеидоскоп од кој не знаеш повеќе кој води, а кој слуша. Доналд Трамп и Илон Маск како хероите на Марвел, помеѓу масите кои со акламација ги поддржуваат, очите кои искрат, авионите што полетуваат, митралезите кои пукаат, галаксиите кои експлодираат и универзумите кои имплодираат. Чисто да ни стане јасно од самиот старт дека оваа администрација веќе е проектирана кон бескрајноста и подалеку.

Од другата страна на Атлантикот, наспроти овој Франкенштајн од ѕвезди и ленти, кој го етаблира и фузира турбо-цезаризмот на Трамп и техно-популизмот на Маск, се наоѓа студената Урсула фон дер Лајен, пластичен приказ за драматичноста на европската криза. После јунските избори и покрај целиот замор кој ја опкружуваше од киселиот петгодишниот мандат и скандалот Фајзергејт, сепак само таа делуваше како единствена точка на спојување и синтеза помеѓу различните и поделени европски политички семејства и единствен браник од црната чума на суверинизмот и „демократскиот“ авторитаризам. Но, наместо тоа гледаме дека американската револуција, која се заканува да биде вечна, ја растури и европската игранка, која и онака, и сама по себе, веќе одамна покажуваше знаци на раштиман оркестар.

Разно-разните шефови на држави и самите приредија едно хорор-шоу, покажувајќи го најлошото од себе, на Самитот во Будимпешта, организиран од Виктор Орбан, надуен како балон и пресреќен дека е домаќин и претставник на суверенистите блиски до Трамп. Потоа доаѓа редот на Комисијата на Урсула, таа изнемоштена ектоплазма која живее во сенката на Советот, кој пак е парализиран заробеник на политиките на вето. Урсула, штотуку новоизбрана, ризикува да се задуши од медиокритетските алхемии на европската политика.

Од тие причини мнозинството на Урсула не постои повеќе или не постои во овој момент. Првата причина се Народњаците од ЕПП, подготвени да ја турнат потпретседателката Тереза Рибера, само со цел да ја соборат шпанската Влада на Санчез, за потоа на раат да си ги изгласаат новите регулативи за сеча на шумите заедно со Конзервативците и Патриотите. Втората се Социјалистите и Зелените кои пак од одмазда се на пат да го турнат вториот потпретседател, Италијанецот Фито.

Цунамито коешто тргна од Америка ќе ја збрише и Европа

Јасно беше дека цунамито кое тргна од Америка, носејќи со себе еден микс од идеологија и технологија, идентитетски авторитаризам и суверен национализам, со леснотија ќе ја збрише и Европа. Никој нема да остане отпорен на западната олигархија и новата Пакс Американа базирана на царински војни.

После апелот на Макрон до сојузниците од Стадионот Пушкаш дека Европа треба да ги брани европските интереси доколку не сака да стане геополитички небитна, следуваше речиси патетичниот обид на Олаф Шолц да му понуди примирје на Путин. Но, Царот од Кремљ веќе директно комуницира со Доналд и Маск и малку што има да чуе или да послуша од германскиот канцелар кој е во слободен пад и чии денови се одбројани. Дуополот Доналд – Маск, претставува сила и моќ и волја да таа сила и моќ да се демонстрираат. Нешто што останатите ќе ги привлече како магнет.

Нивниот модел, наместо да ги заплаши, само ќе ги привлече и разбуричка европските екстремизми и радикализми, приморувајќи ја европската десница да се труди да биде колку што може потврда и почиста. Сликата, како најголемата и најстарата демократија на светот се врти кон авторитаризмот и популизмот ќе делува како огромна инспирација за европските десничари и сериозна опасност за сите останати.

Да не говориме колку тој процес и таа фатална атракција кон „Dr. Strangelove“ ќе се зајакне, кога на веќе забавената европска економија ќе ѝ се случи и Војната на царините. Евентуалните царини највеќе би ги погодиле големите европски земји како Германија и Италија, односно, оние кои имаат најголем трговски суфицит со Америка, од преку 220 милијарди евра годишно. Царинските бариери воедно би предизвикале пад на глобалниот раст од преку 6%. Но, денеска штетите од протекционистичките мерки на Америка би биле далеку поголеми од оние пред 8 години. Економијата на ЕУ е далеку послаба од тогаш, додека европските производи се далеку помалку конкурентни. Евентуалните царини од 60% за Кина би значеле дека Пекинг своите производи ќе ги пренасочи главно кон Европа, но по многу пониски цени од европските.

Процеси, економски и политички кои неминовно ќе ги туркаат и европските членки, но и земјите надвор од Унијата, да се наклонат кон популизмот и авторитаризмот, се почесто да бираат помеѓу Брисел и Будимпешта, помеѓу Европа и САД, а зошто да не, и помеѓу Истокот и Западот.

Големото прашање за Европа, која како Унија и регион е најпогодена од подемот на суверенизмот и национализмот, е како ќе се одржи обединета во услови кога се поголем број на членки ќе го следат патот на Орбан, и како ќе го одржи процесот на проширување како главен инструмент на либерализација, покрај толку многу поцрни алтернативи и покрај штетното влијание на надворешните актери, особено во пост-советскиот и пост-југословенскиот простор. Трансакциската логика на Трамп и неговата билатерализација на односите со ЕУ, но и остатокот од светот, само ќе го зајакнат процесот на мешање во овие простори не само од страна на Кина, Русија, па и самата трамповска Америка, туку и се почестото мешање од Емиратите, Катар и Саудијците, како и од Турција.

Два избори за Европа

Европа предолго ги остави земјите од Западен Балкан да чекаат на влез, нешто што создаде фрустрации и кај самата јавност, но и кај политичките чинители. Вечните барања и ветувања без никаква реализација отвораат врата за нелибералните политики да влезат стабилно во нашите земји и дури и да се оформат и стабилизираат наративи кои повеќе нема да бидат проевропски. Европското фаворизирање на бугарскиот етнонационализам и шовинизам е еден од таквите примери, кои лесно можат нашата земја дефинитивно да ја оддалечат од Европа и од процесот на демократизација.

Оттука, и што ќе се случи со Украина, каков „мир“ таму ќе се договори, и ако се договори на штета на Украинците, треба да ни е јасно дека за земјите од Западен Балкан, тоа ќе биде огромен сигнал за преуредување на границите или за барање на алтернативни пријатели од оние во Европа.

Во една таква ситуација, Европа има два избори, или ќе продолжи само да ветува без ништо да исполнува, да претендира либерални критериуми додека спонзорира авторитарно и националистичко прекршување од страна сопствените членки, или пак, ќе се освести и ќе почне да се однесува како реална и геополитичка Унија. Една реална и геополитичка Унија, не може да дозволи Западен Балкан да остане уште деценија или повеќе надвор од ЕУ. Прво, затоа што повеќе ќе нема која земја со либерална демократија да ја интегрира, а второ, затоа што секое одложување ќе биде против европските стратешки, безбедносни и геополитички интереси.

Овие проблеми за ЕУ постојат од поодамна, но враќањето на Трамп и неговата политика, неизбежно и неповратно ќе го забрзаат овој крајно опасен и разединувачки процес за Европа.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here