На командантот нема кој да му пишува

Создавајќи една ламја што секогаш кога е соочена со пепелот што го направила низ системот и институциите, наместо да свитка опаш и да преземе одговорност, обвинува за „албанофобија“, Ахмети создаде и политичка сила која секоја макар полусериозна политичка партија во „другиот блок“ со големо задоволство не би ја избрала... ако не мора. Мицкоски е далеку од морање.

Писма неотворени,

Во солзи мои претворени,

Хороскоп и трачеви…“

Овие легендарни стихови од “Писма неотворени“, на маестралните Венко Серафимов и Жаклина Стевковска се првото нешто што ми падна на ум кога ја прочитав веста дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети своите денови во опозиција ги користел за да праќа писма, во кои злобниците би рекле – се заканува дека можело пак да се прави „беља“ ако не се почитувал Охридскиот рамковен договор (читај – ако не се врати тој на власт).

Не знам дали ова е комплимент или пак обратното за авторите и за изведувачката на – несомнено едно од најдобрите нешта на македонската музика, но ете, Ахмети беше тригерот за добри три дена што и да правам, во позадина на мојот мозок да оди – да дојдам ли по тебе или секој сам со себе?

Ахмети, очигледно, има проблем кога е сам со себе. Децениите на власт, несомнено имаат оставено последици, кои сега се прилично очигледни и јавни. Во основите на психологијата е човекот, кога е соочен со некаков проблем, да се посоветува да пишува за своите емоции, стравови, желби, соништа, идеи и планови. Исто така, често се советува да им пишува и на своите непријатели, техника чија поента е фрустрацијата и гневот да се преточат во концизни мисли, па да им се најде коренот и чарето.

И нашиот Ахмети веројатно е советуван да пишува. Само, тој им пишува на сите –  и на непријателите и на пријателите. И на јавноста. Тој живее во реалност, каде неговата партија е единствената која мора по секоја цена да владее, за век и вечни векови, без разлика на правилата на игра во една демократија.

Во сите писма што деновиве ги упати до меѓународните лидери, како и во она, до премиерот Христијан Мицкоски, тој најдиректно ја пласира тезата дека македонска влада без учество на неговата партија е нелегитимна, оти никој освен него не може и не смее да биде политички претставник на етничките Албанци во Македонија. Оваа теза, се разбира дека е зашеќерена со наводни секирации за Охридскиот договор, но тоа може да им се продава само на политички аналфабети и ботови.

Формирањето на влада на ВМРО – ДПМНЕ со ВЛЕН не само што на ниту еден начин не го повредува Охридскиот рамковен договор, туку во самата суштина, тоа не е и ништо поразлично од формирањето на влада на ДУИ со СДСМ, кога СДСМ имала помалку пратеници од ВМРО – ДПМНЕ. Грижата за „принципот“ (кој самиот е тотално непостоечки) не може да се појавува само кога оди на корист на сопствената партија. Па, уште тоа да се продава како божемна грижа за малцинството. Оваа теза е толку безобразна и срамна, но, како што реков, истовремено е и толку проѕирна, што треба автоматски да се отфрли од сите релевантни политички и општествени фактори, и дома и надвор, и воопшто да не биде третирана како сериозна политика.

Она што тука заслужува анализа, сепак, се дрскоста, ама и атмосферата во која се дозволило да виреат наративи, спротивни на елементарните правила на игра во една мултиетничка демократија, каде апсолутната грижа за правата и интересите на малцинствата во никој случај не може да значи газење на интересите и правата на мнозинството. Тоа што е интересно, а коешто Ахмети не го гледа е дека токму во сржта на ставовите од писмата лежи и неговиот пораз. Вообразеноста дека ДУИ е таа што ќе диктира кога ќе постои, а кога ќе се гази „Мајскиот договор“, меѓу другото, открива дека грижата за македонското мнозинство, никогаш и никако, за жал, не успеала да влезе под кожата на овој командант, на кој две децении власт, полни со скандали и афери за газење на јавниот интерес му се малку.

Ахмети, ако досега воопшто некој имаше некакви дилеми, сега совршено се разобличи како човек кој нема да бира средства за да остане на власт. Притоа, немајќи никаков проблем, во тоа име да ја злоупотребува и благородната идеја за соживот и мултиетничко општество. Оти, што се случи? Во првиот момент кога на ДУИ им се дозволи да си ги испружат нозете подалеку од чергата, тие решија неповратно да ги прокоцкаат шансите за градење на сериозна доверба во нивната грижа за националните македонски интереси и внимавајте сега – за интересите на македонските сограѓани.

Да, тука вистинската трагедија е што таа шанса нивните довчерашни коалициони партнери им ја дадоа не оти веруваа во нивните државнички капацитети, туку за да купат уште некој месец власт. Резултатот беше прелесно да се предвиди – еден здробен СДСМ, во којшто останаа да се крстат само оние со партиски изградени цркви.

Но, штетата од таа злоупотребена прилика не ја плати само СДСМ, ја плаќа и Македонија. И тоа Ахмети одлично го знаеше. И за СДСМ и за Македонија. И око не му трепна. За двете. Ама, она што командантот не успеа да го предвиди е дека, овој пат, штетата ќе ја плати и самиот тој. Создавајќи една ламја што секогаш кога е соочена со пепелот што го направила низ системот и институциите, наместо да свитка опаш и да преземе одговорност, обвинува за „албанофобија“, тој создаде и политичка сила која секоја макар полусериозна политичка партија во „другиот блок“ со големо задоволство не би ја избрала… ако не мора.

Мицкоски, драги читатели, во оваа фаза е далеку од морање. Како што впрочем и се гледа од неговиот ноншалантен одговор дека ракописот на Ахмети го сместил во сопствените „писма неотворени“:

„Дневно добивам многу писма од граѓани и морам да посветам внимание на секое писмо од секој граѓанин. Ахмети е граѓанин“ вели премиерот.

Од европските лидери на чија адреса стигнаа писмата од Ахмети, засега нема збор. Не знаеме дали тие се отворени или не. Но, и да стигне одговор, максимум што сериозен политичар може да очекува е куртоазна порака со фрази за соживот или повици за почитување на Рамковниот.

Во политичката реалност – на командантот, веќе нема кој да му пише со поттик и со поддршка за нови бељи. И тоа е добро. Тоа е богами одлично, имајќи ја предвид целокупната зрелост на македонската политичка сцена, во која гордоста за жал, се уште се мери преку маглата што е продадена и голтната, наместо преку реалните проекти што би биле од интерес за овие напатени граѓани кои и од двете страни на Групчин истите маки ги мачат низ партизираниот и корумпиран систем. Надетнички, натпартиски и национален консензус за вистински луѓе на вистинско место, за функционални институции и саглам јавни услуги. Тоа е политиката што Македонија ја бара, а која со оглед на неколку грандиозно погрешни кадровски решенија на новата Влада, тешко дека ќе ја види. Но, гледате ли како тука Ахмети е тивок. За тоа тој не критикува. За меритократија не се бори. Тој, упорно игра на теренот каде некогаш бил неприкосновен, без да разбере дека после неколку земјотреси релјефот е прилично променет.

Ахмети не е глупав човек, да се разбереме. Тој не може навистина да мисли дека македонските граѓани не разбираат оти најголемите непријатели за соживотот денес се кријат токму во тезите дека сме се вратиле во 2001.

Во чии тоа глави, освен во оние кои директно се во клиентелистички однос со ДУИ, денеска правата на албанските сограѓани се исти какви што биле во 2001? Какви се тие подбуцнувања и замаскирани закани? Какви се тие небулози, скриени врз зад некакви шупливи анализи за одлуките на Уставниот суд или лелеци за Охридскиот договор? Какви глупости!

Абре денес и на малите деца им е јасно дека сето ова е последица на кревкиот организам на ДУИ, што просто не умее да се бори со сите вируси на кои е изложен како опозиција. Затоа, не треба многу да се вознемируваме – и овие писма се детски болести. Притоа, јас не велам дека е лесно, наеднаш вашата „демократска компанија“ да остане без вообичаените „компаниски активности“, но барем во таа партија секогаш имаат табли и креди – неколку викенди на тим билдинг сигурно ќе им изродат добри идеи и креативни решенија за преживување. За внатрешно реформирање, за одговорност и за една политичка метаморфоза. Оти, Македонија, ако ништо друго, сепак заслужила од Ахмети една здрава и силна опозиција, чии писма ќе се отвораат со големо нетрпение, и дома и надвор. До толку барем го задолжила…                                                      

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here