Ова не е 2018. Ова е 2023, годината во која можеби е точно дека останува само уште една тешка одлука. Можеби е точно и дека таа е клучна и најважна. И точно е дека треба храброст. И веројатно е точно дека ако не се донесе иднината на земјата ќе биде прилично нејасна. Ама таа одлука на оваа земја – членка на НАТО веќе нема врска со Бугарија, ниту со билатералните прашања, ниту со надворешната политика. Таа одлука е многу проста, за неа не требаат гласови во парламент, уште помалку измени на Устав – таа одлука значи само едно – да се престане да се краде!
Ученици од СОУ „Гимназија Добри Даскалов“ од Кавадарци морале да го туркаат за да тргне автобусот на екскурзија во Франција.
Тешко дека периодов ќе има поилустративна вест за состојбите во македонското општество, македонските европски интеграции ни нивниот сооднос од оваа (поткрепена и со видео) слика, обезбедена од оправдано незадоволните, а веројатно и загрижени родители.
Не, не се работи тука само за стандардната и веќе излитена паралела за автобусот во којшто сме заглавени со децении; или за оној што го чекаме, а не доаѓа; или за оној што го нишаме, за да мислиме дека се вози; или за оној што не мрда, а во којшто внатре се „тепаме“ со соседите за место понапред; или оној што го испуштаме традиционално, оти нели последниот автобус овде се тврди дека заминува при секоја поголема политичка криза. Колку последни автобуси заминаа само во последниве десетина години…
Дури нема врска ни дестинацијата на кавадаречките деца со хаосот околу францускиот предлог, иако заглавиле токму во Франција. Не, не… за ништо од ова тука не се работи…
Тука, во оваа колумна, станува збор, верувале или не – за вистински автобус, прост автобус, возило и тоа сосема може да биде доведено во корелација со македонските интеграции без притоа да се бара филозофска заднина.
Тука се работи за овој конкретен автобус, што не успеал да запали за да тргне без учениците да го туркаат, а за којшто агенцијата, што има лиценца за да врши меѓународен превоз, заедно со државата, што таа лиценца ја обезбедила, смета дека е соодветен да се возат деца во него и тоа ни повеќе ни помалку туку дури до Франција.
Оти, толку е прост нашиот проблем драги читатели. Толку е проста македонската мака – проста како автобус, иако ве лажат дека има тука некаква висока политика. Не бре, нашата мака е во суштина на ниво на автобуси. Ќе ви објаснам и зошто. Еве да ја разгледаме блиската историја.
Истата седмица, имено, уште еден автобус, вистински, реален автобус од железо, гума и стакло се „прослави“ – тој сообраќаше на делницата од Охрид кон Кичево, по автопатот што постои само во политичките програми и ветувања – и се запали. Се запали и изгоре пустиот, не остана од него ништо освен конструкцијата, повредени среќа немаше, шоферот успеа навреме да се спаси, но стресот кај македонските читатели кога прочитаа дека изгорел автобус нормално е сериозно присутен.
Оти, есенва ќе навршат две години од ужасната несреќа во Бугарија кога уште еден македонски автобус заврши на насловните страници низ целиот континент – 45 граѓани, меѓу кои и деца, живи изгореа или се задушија, кога автобусот што одеше кон Турција се запали и целосно изгоре. Тогаш излезе дека таа компанија воопшто немала ниту лиценца за превоз, но дежурните експерти кои будно бдеат над опстанокот на “проевропските” сили, веднаш открија дека овој административен пропуст немал влијание врз причините или исходот од несреќата. Веднаш беше најавен и вонреден инспекциски надзор. Ако „вонреден“ и „најавен“ во иста реченица ви личат на оксиморон – да, оксиморон се.
Две години пред тоа, во 2019 уште еден автобус ја зацрни Македонија – сообраќаше од Скопје кон Тетово, се преврте кај селото Ласкарци и загинаа 19 граѓани. За овој автобус се откри дека возел без регистрација. Уште еден административен пропуст, што би се рекло, што се разбира не влијаел врз причините или исходот на несреќата. Истата година во јуни меѓународно се истакна уште еден нов автобус – овој возеше македонски граѓани од Скопје кон Сплит, се запали во возење и целиот изгоре, но патниците имаа ден, што би рекол народот – навреме избегаа.
Годината пред тоа, пак, во 2018 тројца жртви зема несреќа повторно со македонски автобус кој ја проби заштитната ограда и се преврте кај Лесковац. Повредени беа 32.
И 2017 не помина без македонски автобус во пламен – се запали еден во Грција, на пат кон Халкидики. Носеше 30 македонски туристи, но среќа тука немаше повредени – тие сите успеаја да се извлечат пред автобусот целосно да изгори. Тој пожар беше толку голем што дури пет возила мораа да го гаснат.
И така натаму… и така натаму… само отворете на интернет, пет минути ви требаат за да го видите почесното место што македонските автобуси го имаат во црната хроника, дома и низ регионот, секоја година.
Корупција е и самата неодговорност
Што е заедничко за сите овие несреќи или инциденти кои се случуваат секоја година со автобуси од шест различни компании?
Значи шест различни инциденти и катастрофи со шест различни компании. Ниту еден од примерите не се однесува на една иста фирма, што значи дека овде проблемот не е поединечен, туку е системски.
Тоа што е заедничко е што после сите овие случаи нема никаков обид за утврдување на вистинска системска одговорност. Истрагите се бавни, а дел од судењата уште траат, оти на осомничените или им се слошува или вештите лица се отсутни. Кога пак има виновници тоа се секогаш поединци, чија персонална одговорност не може и не смее да значи да се тргне настрана системската. Не е воопшто важно дали фактот што имаме компании кои сообраќаат без лиценци или возат нерегистрирани автобуси директно придонел за самите несреќи. Штетата што со ова се прави е во нешто друго, рамно на друга несреќа, море на цела една катастрофа – во разјадениот систем, што дозволува воопшто да биде можно да се случат вакви „пропусти“ и тоа не еднаш. И не два пати.
Штетата е во недовербата што граѓаните ја имаат не само во квалитетот и безбедноста на услугите што ги добиваат, туку и во тоа дека државата е воопшто кадарна да санкционира тогаш кога неправда ќе биде случена, или криминал разоткриен, или трговија со влијание прикажана.
Оти крадење и корупција не значи само загуба на пари на граѓаните – значи и време, нерви, квалитет на живот, систем, функционалност, одговорност… значи автобуси што не палат, ама се палат буквално! И ова е пресликано на сите полиња. Зборуваме за автобускиот превоз, но состојбите не се ништо поасолни ни во здравството.
Видете ги само сите скандали и трагедии што ни се испослучија во последниот период, извадени органи, погрешни дијагнози, починати деца во сомнителни околности. Да не ја заборавиме ниту онаа поодамнешната катастрофа со модуларната болница во Тетово. Тоа никогаш не смее да се заборави. И (не)одговорноста за тоа. Видете ги изјавите на самиот министер за здравство, па кој ли е по ред овој во последниве години, тешко е името да му го запомниме.
Видете ја социјалната зграда во Битола каде две години не е поправен лифтот и болните луѓе кои мака мачат да се симнат или качат до своите домови. Видете го мостот во Босилово што е дефиниција за катастрофа што чека да се случи. Видете како ЈП Водовод и канализација – Скопје плаќа речиси два милиони евра за адвокати за да наплати долг што чини сериозно помалку. Видете ги ревизорските извештаи на другите јавни претпријатија. Видете ја состојбата на патиштата, видете ги крововите на градинките, тоалетите во училиштата. Само видете…
И политичарите и медиумите им зборуваат на граѓаните за геополитичките закани по нивната безбедност, додека најголемата опасност буквално по нивниот живот овде е самата држава. Да загинеш во автобус, да те отрујат во кафуле, да те убијат во болница – тоа е опасноста – и истрагата за тоа да трае, а судењата да се одлагаат.
Ова се екстремните случаи да, кога клиентелизмот, партизацијата и уништениот државен апарат буквално ни го убиваат или разболуваат народот, но на долг рок тие убиваат и нешто друго – јавниот интерес како основната смисла на постоењето на општеството и на државата.
Па нема ден без голем скандал – директно сведоштво за нефункционалноста на македонските институции.
Видете ги „духовите“ што го нападнаа судскиот совет, видете ги новите избрани обвинители, конечно – сите предмети кои застаруваат дома или паѓаат во Стразбур.
Видете каде е денеска црното лице на режимот и како тоа никој ниту одговараше за тоа што тој е таму, ниту пак разбравме како тој замина. Видете го тој распад на цела една политичка идеја, која требаше да се заснова на концептот правда, па мир. Видете ја злоупотребата на државни возила или простории. Видете ја состојбата со националните паркови или со охридското крајбрежје. Видете го со хаосот во урбанизмот секаде.
Само видете…
Двете најголеми лаги
И со сето ова на маса – да се има дрскост да се зборува за Европа, за европски вредности, за некаков проевропски блок воден од истите оние кои или го создале, или му се приклучиле или го аминувале овој сеопшт распад, па дајте ви се молам – тоа е неприфатливо дури и за македонски поимања на елементарното достоинство во политиката и почитта кон граѓанинот.
Не, ништо од ова не е Европа! Ова е антипод на тоа што е потребно за да станеме европска демократија. И затоа никој не верува. И затоа ниту една теза не поминува и затоа сега е тешко да се продава цел соодветно голема и вредна за „тешки одлуки“ и „жртви“.
Оти, потрошени се сите карти. Изгубено е драгоцено време. Направени се непоправливи штети. Ниедна европска цел со вакво владеење и вакви поимања на политиката не е достижна, без разлика на големината на жртвата. Оти јазот меѓу наративот и реалноста е толку голем што има проголтано не само политички визии, туку и цели политички карактери.
Злоупотребата, киднапирањето на проевропскиот наратив додека вака се владее дома е злосторство кон самата европска идеја и кон сопствениот народ. Еднакво на злоупотребата на патриотизмот во едни други времиња. И тоа се ако човек добро размисли всушност двете најголеми лаги во трите децении постоење на независна македонска држава – првата дека антиквизацијата е патриотска политика, а втората дека патот до европската иднина е преку еклатантна злоупотреба на европските принципи. Обете лаги се само обид за политичко преживување.
Зад обете има сериозни индиции за злоупотреба и на јавни ресурси и добра. За едната ретко кој одговараше, многу е веројатно дека така ќе биде и за другата. И затоа никој нема право да зборува за „големата слика“ оти и големото платно ни е познато и филмот ни е изгледан. И тоа треба да го знаат сите добронамерни амбасадори и гласници кои порачуваат дека дошло време за „само уште една тешка одлука“ или за „само уште една смрдлива кофа“.
Нема овој народ драги екселенции проблем со кофите, уште помалку има со одлуките и богами тоа го докажа во повеќе наврати.
Ама има и тоа како проблем со поентата, која некако на многумина ви се губи од вид, а е содржана во едно просто прашање – за што? Овој пат, за што?
Оти никој, па ни вие, не можете да убедите дека што било европско, а најмалку иднина е можно во земја во која за прозападни ни се и ни ги кажувате силите кои делат државјанства на руски бараби како бонбончиња, а европски знаменца лепат по своја потреба.
Ова одамна не е 2018. Ова е 2023, годината во која можеби е точно дека останува само уште една тешка одлука. Можеби е точно и дека таа е клучна и најважна. И точно е дека потребна е храброст. И веројатно е точно дека ако не се донесе таа одлука иднината на земјата ќе биде прилично нејасна. Ама таа одлука на оваа земја – членка на НАТО веќе нема врска со Бугарија, ниту со билатералните прашања, ниту со надворешната политика.
Таа одлука е многу проста, за неа не требаат гласови во парламент, уште помалку измени на Устав – таа одлука значи само едно – да се престане со крадење!
Да се престане побогу со клиентелизмот и партизацијата! Со уништувањето на институциите!
Па тогаш кога ќе има системска одговорност за барем еден изгорен автобус – е тогаш ќе знаеме и ќе можеме искрено да зборуваме за тој кој сѐ и како го кочи напредокот кон светлата иднина. И да ја наречеме таа иднина – европска!
Оти, граѓаните многу добро знаат дека денеска да се смени начинот на прием на нови членки или Брисел да рече – ајде, за Македонија правиме исклучок, нека го скокнат процесот на преговори и веднаш да станат членки од утре, ние внатре, влезени во ЕУ нема да бидеме ништо повеќе од кавадаречките матуранти кои го туркале автобусот.
Никаква утеха не им е што тоа го правеле на европско тло.





