Фатализмот со којшто се пречека веста дека Грција го кренала ветото за Албанија, со што официјална Тирана ги продолжува преговорите со Европската Унија, додека Македонија останува заглавена во јазолот на условот со уставните измени, е оправдан само доколку сте партиски бот или сте прилично неинформиран граѓанин за суштината на процесот на интеграција.
Проблемот никако не може да биде исправната одлука да се раздвојат двете земји, во процес каде основа е да бидат вреднувани посебно.
Проблемот овде е спојувањето во 2019, кога Албанија не беше ни блиску, а Македонија имаше перфектно досие и огромен дипломатски успех зад себе, кои ЕУ ги „награди“ со вето, оти токму во тој момент Емануел Макрон реши да ја менува методологијата во процесот на преговори, а официјален Берлин сметаше дека опасно е Македонија да продолжи сама, оти ако земјите се раздвојат, тоа ќе создадело дестабилизација во регионот.
Затоа, нејасни ми се овие прогнози дека државата сега ќе се распаднела и ова бил почеток на крајот, оти очигледно проценките на европските челници се дека Македонија е преслаба за да биде фактор за дестабилизација и ризиците од тоа се мали. Дестабилизација може да има само кога Македонија напредува, кога стои во место – тоа е сосема во ред. Зарем во спротивно Брисел би си дозволил луксуз да ризикува нов конфликт на европско тло и така лесно би ја сменил плочата дека „одвојување не доаѓа предвид“!? Па, дајте ви се молам, барем еврофундаменталистите треба да покажат повеќе верба во Унијата. Од каде сега овие катаклизмични сценарија? Шанса нема ЕУ да утне проценка во ваква работа… нели!?
Но, навистина многу лесно се заборава и мораме да признаеме, неправедно им се додава на листата на гревови на источните комшии, фактот дека првото вето не дојде од официјална Софија, туку од Париз, со што низ месеците што следуваа се создаде еден опасен простор, нешто што некои повешти лидери, одговорни за НАТО, на пример, умешно и навремено го бајпасираа.
Оваа ужасна грешка на Брисел, го поткопа кредибилитетот и на процесот и на самата ЕУ, но она што за нас е поважно – ги поткопа домашните реформски сили, па и тоа како држи прашањето – како ќе изгледаше Македонија денес, ако преговорите навистина течеа уште од 2019/2020 и дали судбината на СЈО, на пример, или на сите гонети арамии ќе беше иста.
Но, човек е секогаш добро да ги погледне сопствените потези, кога анализира некој исход, па затоа наместо грешките на Брисел, да се фокусираме на нашите.
Манџа што не се јаде
Значи, факт е дека Албанија заслужи да продолжи сама уште во 2022, кога неправедно беше стопирана, поради тоа што ние не можевме понатаму, оти тогашната македонска Влада го прифати таканаречениот Француски предлог, кој меѓу мноштвото свои маани имаше и една таква трагикомична – да е неспроведлив.
Тука без да навлегувам во суштинска анализа на Предлогот, веднаш штом „историското не“, на назначениот премиер Димитар Ковачевски, стана „да“, сите сериозни експерти, предупредија дека тоа е толку едностран и толку лош „дил“, што нема начин како да помине дома и што неминовно ќе резултира со ситуација во која Македонија ќе остане заглавена, со таа разлика што сега, самата ќе биде виновна, оти целиот притисок на членките (кои дотогаш имаа целосно разбирање за нашите позиции) ќе се насочи тука. Ние сме кажале дека дома лесно ќе изедеме сè што лета (па ќе побараме и репете, ако треба) и многу нормално „учителката“ разочарано ни ја ѕирка полната чинија, откако месеци и години потоа ние сè уште се мачиме со жилавите залаци.
Се разбира дека овде може да се ценат и вредносните, но и стратешки квалитети и капацитети и на самата „учителка“ (чиј организам иронично еднакво слабее од ваквата исхрана), но фокусот треба сепак да биде врз сопствената улога во подготовката на оброкот.
Оттука, со право има реакции на револт за дрскоста на оние кои ни ја донесоа таа несварлива манџа, ја сервираа, ја пресолија и премрсија, се сликаа со неа, ни ја подаваа и продаваа, додека сами викаа дека им се гади и не им е лесно, оти им правела чудни болки во стомакот кога ја сркнале („како нож да те сече“), а кои денеска ни држат прес – конференции и обвинуваат што останала неизедена.
Тоа е, господа, пасивно – агресивно однесување по дефиниција и е нов удар за и онака кревката македонската политичка психа. Дајте малку достоинство! Сеењето на магла дека сега се сакало да се направи билатерализација на европските преговори, од страна токму на партијата која на шок на стотици европски лидери, одлучи да прифати токму билатерализација на процесот („ова е преседан и не смее да се повтори“ – Каролине Едштадлер, на пример) е рамно на безобразие, едно од поголемите кај нас, во силна конкуренција, богами.
Семе на злото
А во меѓувреме, додека кај нас се користи оваа тема за кревање на очајни рејтинзи, барем кога е македонското политичко прашање на дневен ред, бугарската политичка сцена е и тоа како сложна.
Сите политички партии вчера се обединија околу новата Декларација на Парламентот со која се осудуваат антибугарските изјави на македонските политичари и некои слични такви заклучоци (читајте ги, ако немате попаметна работа) сигурно готвени подолго, ама инспирирани од силната желба на министерот за транспорт и врски, Александар Николовски да си игра дипломатија, наместо да го работи тоа за што го плаќаме.
„Најважното што го даваме како знак е дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети“ порача и Бојко Борисов и ако мислевте дека со оваа изјава предизвикал барем малку да се замислат нашите лидери за тоа што се државни позиции и како се градат – грешите.
Целиот ден вчера помина во крвава војна на партиските ботови по социјалните мрежи во меѓусебни обвинувања за блокираниот европски пат.
Едните ликуваа што Албанија ќе седне понапред во „автобусот што никаде не мрда и нема тркала“ (Гералд Кнаус, за проширувањето) оти тоа било државна катастрофа, ама па било и шамар за власта. А второто е поважно, по логиката на СДСМ.
ВМРО – ДПМНЕ, пак, ликуваа во потсетување дека многу шамари сме добиле и претходно, радувајќи се што ЕУ ги лажела и СДСМ и ним најмногу им ветувала без да исполни.
Па, дали ви се верува кое е ова ниво на политичка размена!? И во какви времиња!
Оваа меѓупартиска пизма, ова семе на злото што е посеано од страна на двете најголеми политички партии, оваа ужасна омраза што заслепува и гуши секаков крик за вистински дијалог, е македонската најголема болка. И таа ни е нашиот најголем ризик денес, драги граѓани. Не ни е Албанија.
Фасцинантно е како партиски испраните глави не можат да разберат што овој ризик носи со себе. Во битката за власт, во битката за спасување на задници, во битката за газење на другиот, се заборава дека оваа мала држава нема луксуз да има олку многу поделби. Несфатливо е просто, како за клучни државни прашања и клучни државни интереси, ние упорно не умееме да изградиме заеднички став.
Странски непријатели и домашни кловнови
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во коментар за одвојувањето на Албанија (одлично што им посака успех и кажа дека за Балканот е добро секое придвижување) го повтори ставот за одложено дејство на уставните измени како можно решение на проблемот.
Сега, само замислете ситуација, Венко Филипче да излезеше, и вака додека е влезен во филм на признавање на грешки (измените на Кривичниот законик, на пример) да признаеше и дека Францускиот предлог е грешка и да го поддржеше Мицкоски. Конечно, одложеното дејство на измените воопшто и не е некоја нова позиција, уште помалку пак е вмровска – тоа е официјалниот став на македонската Влада во времето на Заев, став што СДСМ го напушти кога реши дека најдобрите готвачи во дипломатијата доаѓаат од кујните во Мала Речица.
Па, двајцата македонски лидери да ги поздравеа „бојковци“ заедно и да кажеа дека – најважно е што праќаме сигнал дека македонските партии, македонската држава и македонските политичари се обединети во идејата за добрососедство и во ставот како тоа да се гради. Па, па, па…!
Притоа, јас воопшто не тврдам, ниту велам тука дека токму ова решение (одложено дејство) денес е најдоброто можно. Но, боли фактот што не гледам дека некој работи на создавање на какво било, ама заедничко, на една усогласена позиција, дури и сега, кога јасно е колку нè чини разединетоста.
Македонските политички партии, за жал, немаат капацитет да се издигнат и да признаат туѓ успех, ниту да подадат плеќи за носење на туѓ товар, несвесни дека во една заедничка земја нема ништо туѓо.
Сетете се само на однесувањето на ВМРО – ДПМНЕ за НАТО членството или повикот за бојкот на Референдумот. Едноставно, кога сте исправени пред големо прашање, должност е да бидете големи. Евтини финти, користење на „дупки“, политиканство и пазари – тоа е инфантилност, што не е нималку наивна, оти остава отворени рани во ткивото на државата, кои потоа со задоволство ги чепкаат за да крварат и странски непријатели и домашни кловнови.
Лоша вест: Мораме заедно!
Денес, Македонија е исправена пред неколку големи прашања. Светот е во ужасна состојба. Европа има војна на своето тло, ЕУ е пред силни предизвици и тешки внатрешни дискусии. Американската демократија е во веројатно најлошата ситуација во последниов век. Моралниот, вредносен и идеолошки компас во светски рамки е збунет.
Како ќе продолжиме ние напред во вакви услови, ако не се впрегнеме во полн капацитет? Да, во полн капацитет. Тоа значи дека мораме заедно. Мораме и со тие со кои не се согласуваме. Море, особено мораме со нив. Леле, колку страшно!
Мора да пораснеме, да се ослободиме од партиските пранги и да престанеме да размислуваме праволиниски. Мора да подадеме раце. И да разговараме. И да се слушнеме и да се разбереме. И да се договориме. Па, како ние мислиме воопшто да се договараме со светот, ако не можеме дома? Еве, утре и да почнат преговорите вистински, вака ли ќе ги водиме? Со ножеви во грб и со ситење? Со злоба? Имате ли вие воопшто претстава што значи тој процес и што сè бара?
Што сме, бре, ние помалку од другите народи па да не сме способни да се сплотиме? Па, простете, но за Македонија крв се дало низ многу пострашни битки во минатото. Ако сме можеле да креваме востанија, да се бориме со фашисти, да се обединиме и да направиме држава, денеска ли ќе дозволиме, овие партии, што утре може да ги снема, да прават непријатели од роднини, пријатели и соседи, додека магично си наоѓаат консензус за партиски интереси. Само за државни не умееле. Види, богати!
Ова е наша, заедничка земја. Нема успех за Македонија што може да биде лош за вашата партија и нема државно фијаско во кое партијата може да ви ќари. Сите заедно добиваме и сите заедно губиме, кога се влоговите државни. Се знае на кои прашања се тераат битки, на кои се седнува и се бива државник.
Затоа, и ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ сега се должни да најдат чаре за јазолот на европскиот пат. Било што било, вината е таа, цената се плати и на избори, сега е ред да се седне и да се најде решение. И во тој процес треба да се вклучени сите сериозни познавачи и експерти.
Ниту смееме да дозволиме да скокнеме по којзнае кој пат од авион без падобран, ниту имаме луксуз да гледаме приказни од 2008, па во наплив на фрустрации да ги ставаме сите јајца во кошничките на озлогласените европски деца, отворајќи опасен оган и кавга со стратешки и докажани пријатели.
Оти, меѓу овие две крајности е целта. Вие имате врвна обврска таму да се сретнете. Ќе се разочарате, можеби, оти таму ќе најдете само една ситница – еден мал, чист државен интерес. Ама, продолжете да барате втор… па, ќе најдете можеби и трет.
И после?
Е, после, македонската политика веќе нема да изгледа вака.
Но, што зборувам, тоа е можеби и вашиот најголем страв…!