Автор:
Мартин Тасевски, магистер по казнено право

Општеството е заглавено. Народот се гуши. Испушта очаен крик за спас, но – кој го слуша? Политичките партии, можеби?! Далеку од тоа…
Овие што сме ги избрале да нѐ водат, го кршат народот на парчиња и играат со нашата судбина.
Од толку многу играње, останавме без боја, без форма, без вистински дијалог (или што би рекол – муабет).
Здрави дискусии? Фатаморгана…
Еден пример е доволен: денеска сè е поделено, а дијалогот веќе го нема. Двајца, до вчера можеби и пријатели, седат и си фрлаат камења еден на друг. Зошто? Затоа што политичките партии ги раскарале, секако.
А бе луѓе, ќе научиме ли дека можеме да мислиме различно, па пак да бидеме пријатели!? Не мора сите да се согласуваме на сè, ама во последно време се прават големи непријатели од секое различно размислување. Еве, на пример, јас не излегов на референдумот. Многу се разочарав од начинот на кој ни ја објаснија целата приказна и ми беше смачено од тие што само врват со празни зборови и притискаат. Но, тоа не значи дека мислам дека другите треба да „умрат“ или не треба да излезат на гласање, или дека сме непријатели, само затоа што направивме различен избор. На крајот на краиштата, сите сакаме подобра Македонија. Нели?
Затоа и ќе ни се случуваат насилства на улица. Неодамна, бил цел на напад Никола Димитров, утре ќе си ти, задутре јас… И зошто? Затоа што некој си го испрал мозокот преку неколку медиуми и зад нив – политички партии. Само тоа му е целиот универзум, а таму нема ни здрава слика, ни вистина – само „слобода на говор“. Ама извинете, слободата на говор ти е едно, ама ова што го прават нашиве е обична манипулација и апокалипса. За било што – трескај глупости… па за клик, лајк и некоја реклама. „Дај, друже“, за кого го вртиме филмот?
Говор на омраза на социјалните медиуми – моја тема. ХА! Не е ни прашање дали го има – туку кој прв почнал. Сакаме да се плукаме, сакаме да пцуеме. Секој те гледа под око – за да те смести во некоја „дупка“. Ако речеш нешто критички или за поддршка, одма ти лепат етикета – дали по етничка припадност, по сексуална ориентација или по партиска линија… итн. Сè е подготвени на тастатурата и се „пука“ со различен калибар. И ајде што се делиме, ама дремеме со години на истиве приказни. Секој сака да испадне во право, а никој никого не слуша.
И овие новинари, па побогу!
Писменоста им е на ниво како од петто одделение. Сакаат да продадат дека се независни, а јасно е од прва од кој казан “лапаат“. И потоа, кога ќе видиш, за било која тема – ти ја покажуваат само едната страна од паричката.
Па како ќе се разбудиме? Како да се разбудиме кога некој „горе“ решил дека сме му доволно „глупи“ и не ни треба целата вистина? И погодете што: имаат право. Денеска, медиумите се врв, се китат со слобода на изразување, а дали навистина знаат што значи тоа? Дали некој ги научил дека слобода на изразување не е слобода да пушташ лаги, говор на омраза и дискриминација на јавно место?
Не можеш да кажеш дека имаме медиуми кои објективно известуваат. Некакви си „нагодувања“ и нагласувања од една страна – како да си играат монопол со нашите глави. И потоа се чудиме зошто народот е поделен? Како да не сме, кога за секоја тема ни ја покажуваат само едната страна – таа за која тие се одлучиле.
Еднаш сме биле заробени од едни, па од други, а сега пак од „нашите“.
Имаме еден куп приказни, но малку факти и резултати. Ако ја погледнеме Македонија од зад, што ќе видиме? Земја што се борела за место под сонцето, но на секој чекор – стоп. Зошто? Затоа што секогаш некој се обидувал да искористи нешто од нас граѓаните, да си „лапне“ нешто, а нас да не ни остави ништо, ниту капка вода, или што би рекле – „кој те врти“. Народот на крај нека го плаќа цехот.
Сметам дека Македонија имала шанса – можеби повеќе од една, можеби и само една, ама не ја искористивме. Секогаш мислевме „ќе биде“, „ќе направиме“, а на крајот – ништо. Без фокус, без вистински муабет за тоа што навистина ни треба. И сега, еве ние, народ што гледа како сегашноста му поминува пред очи. Сега, наместо да живееме како луѓе, ние сме заробени во бескрајна игра на поделби – политички партии, етнички групи, кој кого поддржува, кој кого мрази. А тие што нè раководат (читај: сите од независноста до сега) ни врват филмови и ни лепат етикети. Додека тие си ги тераат интересите, народот ги голта лажиците што ни ги сервираат.
Македонија е кутра жртва на сопствените пропуштени шанси и туѓите интереси.
И денеска, како да сме заборавиле дека е можно да не се согласуваме и пак да бидеме блиски. Зошто ни треба толкава омраза, толкав отпор, само затоа што не сме истомисленици? Ако не можеме да останеме блиски заради или поради некое политичко прашање, тогаш дозволивме отровот на поделбата да ни влезе предлабоко во срцето.
Мислам дека е време за рестарт, ама вистински. Да стиснеме CTRL + ALT + DELETE на целата држава, за да ја вратиме одново. Ова што го имаме сега е тапкање во место, без цел, без идеја. Еден народ треба да живее како еден народ, а не како да сме туѓинци едни на други. Ако сакаме Македонија да ја видиме во нешто подобро, време е за промена. И тоа промена од нас граѓаните, не од тие во политичките партиите кои сè ќе Ви ветат само да дојдат на Власт. Или ќе се разбудиме, или ќе си останеме вака – како „муви без глави“ додека „големите“ си тераат бизниси и ни прават шоу.
Епа доста! Време е за вистински дијалог, за живот, не за вечна поделба.