Македонија сè уште не може да се соземе од невидената катастрофа во Кочани со пожарот со 61 загинат, сѐ деца и млади луѓе, во импровизирана дискотека чие постоење надвор од сите законски прописи било толерирано од сите власти на различни можни нивоа. Истрагата (за која има легитимни сомнежи како ќе заврши и како ќе се развие низ судските инстанци) е во тек, не помина ниту еден месец, а веќе македонското општество се распарчи од една друга трагедија – смртта на младата тетовчанка Теодора Ристовска.
Оваа смрт по втор пат ни ги јаде душите, прв пат на денот на нејзиното убиство, кога беше прегазена додека преминувала пешачки премин, а втор пат денеска кога убиецот Менсур Пајазити доби само две години затворска казна.
Менсур прво беше осуден на три години и шест месеци затвор, но – Апелација ја намали казната на две години, а Врховен ги поништи двете одлуки и го врати предметот на повторно судење. Судењето беше неколкупати одложувано, продолжувајќи ја агонијата и на јавноста, но пред сѐ на семејството, за денеска судијата Ељведин Ферати веднаш да ја изрече казната – две години! Семејството нема прво на жалба.
Законските казни за овие убиства од небрежност се сведени на максимални пет години затвор, па многупати експерти за безбедност во сообраќајот, но и правници коментираат дека тие мора итно да бидат променети и зголемени.
Она што никако не е јасно е како дури и при вакви ниски казни, за дело каде има јасно непочитување на низа законски прописи и од кое имаме смртен исход за една млада жена, овде се судат само две години затвор?
Која е пораката што овде судот ја испраќа? Кога можете да прегазите човек и да поминете со две години, па излегува дека во државата ако некој ве нервира најдобар начин е да го начекате на пешачки! Што ќе ви се оружја и отрови! Земајте ги сите колите и ајде да се испогазиме меѓу себе! Од небрежност, се разбира. Каква беда!
Интегритетот на судските власти во Македонија е веќе дегутантно да се коментира. Просто е срам да се зборува. Македонските обвинители и судии се сублимат на скапаниот систем, резултат на една бесрамна трговија на професионалноста и принципите, но и на образот и на честа. Конкретниот судија – и тоа како! Во 2023 ДКСК објавува дека во Матичната книга на катедрата по право, Државниот инспекторат утврдил дека господинот Ферати има пречкртано три оценки.
„Оценките беа пречкртани, поправени во повисоки, а немаше ниту барање за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување“, изјави тогашната претседателка Билјана Ивановска.
Обвинителството кажало дека почнало постапка за да ја испита оваа невидена брука, но до ден денешен нема никаков исход. Нема никаков потег ниту од Судскиот совет, кој ја чека и никако не ја дочекува постапката на ЈО, па така овој човек верувале или не, со една ваква нерасветлена афера зад себе, сега носи тога и дели правда, штити криминалци и плука врз болката на семејството на Теодора, но и ја понижува државата и ги гази граѓаните во чие име демек суди.
Две години Македонија чула ама недочула, има докази, ама не ги испитува, знае ама не знае, дека во Судот во Тетово имаме човек, кој работи како судија, а кој се дрзнал да си поправа оценки на факултет.
Па, луѓе мои, ако тој е подготвен на ова, што друго може да се очекува од него?
Да, точно е дека оваа држава преживеала сѐ и сешто, нема што нема видено кутрата кога се судии и обвинители во прашање, од слатки порачиња со лидерчиња, од пусти мераци за каучи и торби, од спорни и компромитирачки фотографии, патувања платени од оние кои треба да се предмет на истраги – сето тоа е сликата на македонското правосудство што на ушка го има јавнато политиката (ај што метафорично, туку бре и буквално).
Ама ако можело да се дозволи една ваква афера да помине без никаква реакција од самата фела, ако можело овој човек да продолжи да суди во сенката на тој никогаш нерасчистен, а ужасен скандал, па тоа е совршен доказ дека смрдеата не доаѓа само од тетовската судска канализација.
„Колку вреди животот во Македонија“ плачеше потресно сестрата на убиената, а нејзините солзи ни ги параа срцата. Но, драго девојче, тоа е многу лесен и многупати потврден одговор – ништо! Прашањето тука е друго – колку вреди Ељведин Ферати? Тоа точно не знаеме! Колку и кому сè му вреди Ферати за да му биде дозволено да суди во наше име? Колку вреди Апелација? Колку ли вреди Врховен? Колку вреди Судскиот совет кој едноставно е срам и пораз за суштината на професијата? Колку вредат сите преостанати професионалци низ правосудството, кои мораат да кохабитираат со овие ликови и да глумат институции? Колку вреди молкот и тргањето настрана?
Ги знаеме ли тие одговори?
Ќе ги дознаеме!
Сите ќе ги дознаеме немајте гајле, ќе дојде и нашиот ред да платиме, еден по еден…