Кои беа грешките на Заев и СДСМ?

Сега прашањето е дали СДСМ научи нешто од овие грешки во изминатите седум години? Со оглед дека партијата тукушто избра ново раководство, останува да се види дали во догледна иднина ќе успее да изгради платформа која ќе се оттргне од голата реторичка посветеност кон ЕУ интеграциите и ќе се фокусира на исправање на грешките од минатото, етаблирање на силна социјалдемократска визија без притоа да ги деградира суштинските државни и национални интереси. Судејќи според реториката и однесувањето на новиот претседател Венко Филипче кои игнорираат голем дел од овие грешки и нивните последици, изгледа дека партијата засега не извлекла никакви поуки.

Фото: СДСМ архива

Автор: д-р Огнен Вангелов
професор по политички науки на Универзитетот Американ колеџ-Скопје

Историски најнизок резултат за СДСМ

Поддршката за СДСМ на последните парламентарни избори падна на историски најниско ниво откако партијата е позната под тоа име (по нејзиното ребрендирање во 1991 година од СКМ-ПДП – Сојуз на комунисти на Македонија-Партија за демократска преобразба). Иако поразот на последните избори беше неминовен, катастрофалниот резултат од 18 пратеници (од кои 15 се на СДСМ) ги надмина и најпесимистичките прогнози дека партијата во најлош случај ќе освои околу 25 пратеници. Оттука, неминовно се поставуваат прашања што доведе до ваквата катастрофална позиција на партијата која своевремено се сметаше за државотворна и стожерна за македонското општество. Очигледна е огромната разочараност од партијата не само кај голем број гласачи кои како нејзини симпатизери гласаа за неа во претходните изборни циклуси, туку и кај нејзините членови.

Промените од 2016: Почеток на надежите и поделбите

За подобро да се разбере сегашната состојба на партијата, треба да се вратиме непосредно пред изборите во декември 2016 и периодот по нив. Тие предвремени избори беа резултат на силниот притисок што СДСМ и шарената револуција го извршија врз владата на Никола Груевски, кои не можеа да се избегнат по вклучувањето меѓународни посредници – што резултираше со Пржино 1 и 2. Иако изборите требаше да се одржат напролет во 2016, по неколку одложувања конечно се одржаа во декември истата година. Клучно за овие избори е што СДСМ беше блиску до победа, но сепак не успеа и заврши како второпласирана со тесни резултати (51 пратеник за ВМРО-ДПМНЕ, 49 за СДСМ) при висок одзив. Очигледно беше дека голем дел од популацијата сакаше промени за да се запре авторитаризмот на Груевски, но исто така и дека исто толкав дел се плашеше дека таквата промена ќе биде штетна за националните и државни интереси на Македонија.

Во добар дел, предизборната кампања во 2016 се фокусираше на прашањето дали СДСМ ќе пристапи кон компромис во преговорите со Грција за промена на државното име. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски инсистираа дека тоа ќе се случи доколку СДСМ дојде на власт, додека Заев ветуваше првенствено демократизација, справување со криминалот и неказнивоста, а потоа и решавање на проблемите со соседите, првенствено со Грција, за да се деблокира процесот за пристап кон НАТО и ЕУ. Притоа, Заев децидно ветуваше дека компромисот нема да вклучи промена на уставното име додека тој е премиер.

Продлабочување на поларизацијата и политичките тензии

Веднаш по изборите, во преговорите за коалиција, ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека СДСМ прифаќа „Тиранска платформа“ како услов ДУИ да влезе во коалиција со СДСМ и да формираат мнозинство со други помали партии од албанскиот блок. Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ не само што ќе ги наруши националните позиции околу името, туку и ќе отстапи од уставните рамки прифаќајќи барања на ДУИ, како, на пример, за службената употреба на албанскиот јазик на централно ниво.

Овие крајно спротивставени ставови за клучни идентитетски прашања ја продлабочија политичката и општествена поларизација, која кулминираше со упадот на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието во април 2017, по изборот на Талат Џафери за спикер. Ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ, со одбивање да изврши мирен трансфер на власта, во кое клучна улога одигра претседателот Ѓорѓе Иванов, можеше да доведе до сериозен граѓански конфликт и претставуваше преминување на црвените линии дури и во минимално демократско општество. Овој момент го почна процесот на ерозија на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ кај гласачите, што кулминираше на локалните избори во 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои само 5 општини, а СДСМ 57 (вклучително и сите градски општини). Ова беше јасен сигнал дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ беа силно осудени од мнозинството гласачи, додека поддршката за СДСМ рекордно се зголеми. Освен тоа, ова означуваше дека е можна деполаризација во општеството што е неопходна кога се планираат големи реформски цели. Но, токму по овој успех започнаа редиците сериозни грешки на СДСМ и Заев (покрај првичното избрзано потпишување договор со Бугарија).

Брзи и непромислени потези на надворешен план

Веднаш по формирањето на Владата во јуни 2017, Заев, во обид да покаже брз успех на надворешен план, пристапи кон потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија само два месеца по преземањето на функцијата, без сериозни анализи или стратегија. Иако ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека договорот е штетен, нивната критика не доби значителна поддршка од јавноста, главно поради нивното однесување за време на трансферот на власта и опструкциите што ги вршеа, особено при смената на јавниот обвинител Марко Зврлевски – фигура која се сметаше за клучна пречка за процесирање на криминалите од претходната власт на Груевски.

Фокусот на јавноста остана насочен кон опструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините тогашни обиди да спречи какви било промени во судството, што му овозможи на договорот со Бугарија да помине без значителни негативни последици по растечкиот рејтинг на Заев и СДСМ во тој момент. Сепак, фактот дека Заев потпиша очигледно асиметричен договор, во кој компромисите се речиси невидливи, покажува дека оваа одлука не беше резултат на обмислена стратегија, туку на крајно непромислен и ризичен потег, кој подоцна ќе се врати како силен удар врз СДСМ.

Пропуштени шанси за стратешко зајакнување

По силниот изборен успех на локалните избори во 2017 година, Заев требаше да го засили својот легитимитет преку распишување нови парламентарни избори за да ја верификува таа поддршка и на централно ниво. Во такви услови, оправдано беше да се очекува дека СДСМ ќе обезбеди значително посилна поддршка, што би резултирало со поголемо мнозинство во Собранието. Со таква позиција, партијата ќе имаше поголема можност да ги спроведе ветувањата за демократизација и справување со последиците од авторитарното владеење на Груевски.

Дополнително, во тогашниот парламентарен состав, ДУИ имаше само 10 пратеници. Нивната постојана улога во власта, вклучувајќи го и периодот на владеењето на Груевски, означуваше и извесен континуитет со проблемите од претходниот период. Тој момент беше идеална можност за постигнување нов баланс меѓу владејачките партии на централно ниво. Сепак, Заев одлучи да ја пропушти таа шанса. Мораше да му биде јасно дека со толку слаба позиција во Собранието ќе биде многу тешко да се туркаат клучните реформи, посебно кога тоа мнозинство му зависеше од уценувачките политики на Али Ахмети и ДУИ.

Фокус на надворешната политика наместо домашните реформи

Заев го стави фокусот на надворешната политика, додека клучните ветувања за справување со криминалот и корупцијата останаа во втор план. Слабата позиција во Собранието беше сериозна пречка како за сериозни чекори во надворешната политика, така и за сериозни реформи на внатрешен план.  Првично, договорот со Бугарија не предизвика значителни последици за СДСМ и Заев, главно поради привидниот оптимизам дека прашањата со Бугарија се затворени, пренасочувајќи го вниманието кон надминување на грчкото вето за НАТО и ЕУ.

Решавање со низок легитимитет: крупен проблем

Сепак, Заев и СДСМ требаше да разберат дека решавањето на најголемото надворешно-политичко прашање, проблемот со Грција, бараше силен легитимитет, кој во тој момент тој го немаше во Собранието. Наместо да ги консолидира позициите со барање посилен мандат по локалните избори, што ќе овозможеше и посилна поддршка за реформите, па потоа за решавањето на спорот со Грција, Заев директно пристапи кон преговори со слаб политички легитимитет.

Промена на името и длабока поларизација: последици за општеството

Крајниот исход – промена на уставното име, кој Заев претходно децидно го исклучуваше како можност – доведе до ново засилување на поларизацијата во општеството. Иако договорот со Грција, за разлика од оној со Бугарија, беше далеку побалансиран и доби силна поддршка на референдумот (во однос на апсолутниот број гласови), формалното пропаѓање на референдумот дополнително ја продлабочи поделбата.

Компромиси со минатото: силна пречка за реформите

Слабата позиција на СДСМ во Собранието го наметна неопходниот компромис со личности што самиот Заев ги означуваше како дел од најозлогласените претставници на претходниот режим, за да се обезбедат уставните промени. Оваа зависност од остатоците на претходниот режим се покажа како фатална за какви било реформски напори во борбата против високото ниво на корупција и неказнивост, како и за расчистување на криминалните дејства од времето на владеењето на Груевски.

Законот за јазици: Контроверзи и пренасочен фокус

Дополнително, контроверзното усвојување на Законот за јазици во истиот период, кој дури и според Венецијанската комисија излегуваше надвор од стандардите за законско регулирање на употребата на малцински јазици (освен фактот што е и уставно проблематичен), уште повеќе го истакна фокусот на владата на СДСМ и Заев врз идентитетските политики наместо врз клучните структурни реформи неопходни за трансформација на Македонија во функционална демократија. Овие настани го означија почетокот на постепената ерозија на довербата во Заев и СДСМ, со сериозни последици врз нивната политичка позиција.

Изгубената поддршка: почеток на ерозијата

Ерозијата на поддршката веќе беше видлива на парламентарните избори во 2020 година, кога Заев и СДСМ сепак успеаја да освојат многу тесна победа (главно поради предизборната коалиција со Беса), но далеку од потребниот легитимитет за да се префрли фокусот врз домашните реформи.

Колапсот на надворешната политика

Изгубеното  драгоцено време во првиот мандат чиј фокус беше надворешната политика неминовно доведе до сомнеж кај добар дел од поддржувачите на СДСМ за неговиот капацитет да спроведе сериозни демократски реформи чиј фокус би бил справување со високото ниво корупција и неказнивост. Очекувано, по ваквите резултати реформите заостанаа и оттука патот беше трасиран за единствената изводлива стратегија во тој момент – одржување на власта до следните избори – наместо за преосмислување на политиките и генералната стратегија на партијата. Ветото на Франција, па потоа на Бугарија за отпочнување преговори со ЕУ беше отрезнувачки факт дека стратегијата за фокус врз надворешната политика целосно колабираше.

Локалните избори 2021: големиот пад на СДСМ

Тоа директно се одрази и на резултатите од локалните избори во есента 2021 година, кога поддршката што претходно ја имаше СДСМ речиси целосно се истопи. Потоа Заев реши да се повлече и да востоличи наследник во ликот на Димитар Ковачевски, наместо по ваквиот резултат да го стави на тест легитимитетот на неговата партија и претходните политики со тоа што ќе организира и парламентарни избори. Аргументот дека предвремени избори само ги забавуваат реформите и се губење време не држи кога на тест треба да се стават фундаментални политики за иднината на државата. Посебно пак, што, при таква слаба позиција во Собранието, реформи речиси и да немаше.

Нови грешки и пропадната стратегија: францускиот предлог како последен удар

Фактот што СДСМ, без проверка на легитимитетот, му го довери справувањето со големиот предизвик на бугарското вето (како и со последиците од пропаднатата стратегија за фокус врз надворешната политкка) на, за јавноста, речиси непознат политичар (Димитар Ковачевски), претставуваше уште една крупна грешка. Со ваков нарушен легитимитет, владата на Ковачевски продолжи да ја применува истата стратегија на „храбри одлуки“ за решавање на проблемот со Бугарија, што кулминираше со францускиот предлог во јуни-јули 2022 година. Нетранспарентниот и брзоплет начин на преговарање за условите за укинување на бугарското вето доведе до исход кој јавноста оправдано го перципираше како катастрофален неуспех и дополнително нарушување на позициите на Македонија, особено во контекст на веќе небалансираниот договор за добрососедство со Бугарија.

Дефинитивен пад: загубена визија

Оваа последна грешка дефинитивно ја запечати судбината на СДСМ, одземајќи ѝ ја секоја надеж на јавноста дека партијата има јасна стратешка визија, освен празната реторика за посветеност на ЕУ интеграциите. Незадоволството во општеството веќе достигна точка на вриење, а јавноста јасно ја перципираше вината за овие неуспеси како  директна последица на политиките на СДСМ. Тоа покажа дека ЕУ интеграциите за партијата се повеќе реторичка алатка отколку суштинска цел.

Дополнително, обидите за спроведување уставни измени со поддршка од структури поврзани со претходниот режим, заедно со измените на Кривичниот законик кои ослободија од одговорност голем дел од озлогласените претставници на владеењето на Груевски, ги отстранија сите дилеми за стратешката и идеолошка залутаност на СДСМ. Колапсот на изборите во 2024 година беше сосема очекуван и неизбежен.

Поуките што не се извлечени

Сега прашањето е дали СДСМ научи нешто од овие грешки во изминатите седум години? Со оглед дека партијата тукушто избра ново раководство, останува да се види дали во догледна иднина ќе успее да изгради платформа која ќе се оттргне од голата реторичка посветеност кон ЕУ интеграциите и ќе се фокусира на исправање на грешките од минатото, етаблирање на силна социјалдемократска визија без притоа да ги деградира суштинските државни и национални интереси. Судејќи според реториката и однесувањето на новиот претседател Венко Филипче кои игнорираат голем дел од овие грешки и нивните последици, изгледа дека партијата засега не извлекла никакви поуки.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here