Автор: Огнен Вангелов
универзитетски професор и доктор на политички науки
Со години забележувам еден ист образец на однесување во Македонија, а особено во Скопје: впечатливо често луѓето како да не чувствуваат особена обврска кон непознатите околу себе и кон просторот што го делиме. Не можам да кажам колку е ова распространето без репрезентативно истражување и не сакам произволно да го претворам личното искуство во статистика. Но го среќавам толку често, во толку различни ситуации и во текот на толку долг период, што мојот заклучок е дека не станува збор само за збир од поединечни инциденти, туку за поширок општествен образец.
Мојата проценка е дека неодговорноста кон другите и кон заедничкиот јавен простор кај нас е далеку од исклучок. Таа е доволно распространета за да изгледа како општествено нормализирано однесување. Ја гледаме во сообраќајот, во непочитувањето на пешаците и другите возачи, во фрлањето отпад каде што некому му е најзгодно, во несобирањето по домашните миленици, во односот кон јавниот имот и заедничките простори, и во безброј секојдневни ситуации во кои последиците од сопственото однесување врз непознати луѓе како воопшто да немаат значење.
Можеби уште поиндикативна е реакцијата кога некој ќе укаже на таквото однесување. Наместо непријатност или признавање дека нешто не е во ред, многу често следува лутина или агресија: Кој си ти да ми кажуваш што да правам?
Сè повеќе мислам дека погрешно го разбираме проблемот кога решението го бараме првенствено во построго спроведување на правилата.
Спроведувањето на правилата функционира кога прекршителите се исклучок, а не норма. Ниту една современа демократска држава не може да го контролира секојдневното однесување на население во кое голем дел од луѓето почитуваат правило само кога мислат дека некој ги гледа (а некогаш ни тогаш). Секојдневно има милиони такви индивидуални одлуки. Би бил потребен полицаец, инспектор или камера практично на секој чекор. Во одреден момент, степенот на надзор и принуда потребен за такво нешто веќе би бил неспојлив со слободното општество во кое, претпоставувам, сакаме да живееме.
„Безбеден град“ е интересен пример. Кога започна примената на системот со камери, веднаш можеше да се забележи подобрување во однесувањето во сообраќајот. Но, откако луѓето научија каде се камерите, на многу други места каде што ги нема се врати старото однесување. Тоа ни кажува нешто важно. Камерата може да ја промени цената на прекршувањето на правилото, но не мора да ја промени нормата според која човекот се однесува.
Постои огромна разлика меѓу: „Нема да го направам ова затоа што има камера и ќе платам казна” и „нема да го направам ова затоа што можам да загрозам или да му наштетам на друг човек, а мојата обврска кон другите постои и кога никој не ме гледа.“
Ниту едно функционално општество не може претежно да функционира според првиот принцип. Тоа зависи од потребата најголемиот дел од луѓето, најголемиот дел од времето, самите да го регулираат сопственото однесување. Полицијата, инспекциите и казните треба да се занимаваат со исклучоците. Ако прекршувањето е правило, а не исклучок, никаква реално остварлива репресивна машинерија не може да го надомести недостатокот на доброволно почитување на општествените норми.
Токму затоа сè повеќе мислам дека коренот на проблемот треба да го бараме во функционалното образование. Тука не мислам на формалното образование. Македонија има формално образование, универзитети, дипломи, магистри и доктори на науки. Човек може да биде високообразован во формална смисла и компетентен во својата професија, а сепак никогаш вистински да не развил чувство на одговорност кон непознати луѓе, кон заедничките добра и кон јавниот простор.
Таквите норми се учат. Децата не се раѓаат со сознание дека јавниот простор му припаѓа на секого, а не на никого, дека непознатиот пешак, возач или велосипедист има легитимно право што го ограничува нашето однесување, дека правилата важат и кога никој не нè гледа, дека непријатноста што му ја создаваме на непознат човек е важна, или дека кога некој ќе ни укаже дека сме прекршиле заедничка норма, тоа не претставува напад врз нашето достоинство.
Семејството е првото место каде што треба да се стекнат овие вредности и навики. Но, ако родителите самите никогаш не ги интернализирале, семејството едноставно го репродуцира постојниот образец. Тогаш образовниот систем останува единствената универзална институција што може систематски да го прекине тоа меѓугенерациско пренесување.
И кога зборувам за функционално образование, не мислам на уште еден предмет наречен „Граѓанско образование“, ниту на учење дефиниции за права, обврски и општествена одговорност. Мислам на образование што создава функционално писмени луѓе, а во основата на таа писменост е способноста за критичко размислување: да не се примаат информациите пасивно, туку да се разбираат, проверуваат и поврзуваат, да се проценуваат аргументи и последици, да се применува знаењето во реални ситуации и да се препознаваат причинско-последичните врски меѓу сопствените постапки, другите луѓе и пошироката средина.
Не е доволно детето да научи дека „не треба да се фрла ѓубре“. Треба да биде способно да разбере зошто. Ако јас го фрлам отпадот на улица, а истото го прават илјадници други луѓе, добиваме загаден град. Неговото чистење го плаќаме сите. Отпадот завршува во одводите, реките и почвата. Јавниот простор во кој сите живееме станува понечист и понездрав.
Со други зборови, треба да научи да ја види врската меѓу една навидум безначајна лична постапка и нејзината колективна последица: мојата моментална погодност создава трошок и штета за другите.
Истото важи и во сообраќајот. Функционалното знаење не е да го меморираш сообраќајниот знак и да знаеш дека ограничувањето е 50 км на час. Треба да разбереш зошто е 50 и што значи поголемата брзина за времето на реакција и растојанието потребно за запирање, како твојата одлука го зголемува ризикот за пешакот или за другите возачи и зошто твоето „мене ми се брза“ не ти дава право тој дополнителен ризик да им го наметнеш ним.
Токму затоа функционалната писменост е многу повеќе од способност да читаш, пишуваш или да положиш испит. Таа значи да умееш критички да го разбираш светот околу себе, да ги поврзуваш причините со последиците и да го препознаеш сопственото место и сопствената одговорност во тие односи. А тоа, според мене, ја создава когнитивната основа врз која може да се изгради општествената одговорност.
Секако, функционалната писменост сама по себе не гарантира дека некој ќе биде совесен или морален човек. Но ако образованието не развило способност човекот да ја види врската меѓу својата постапка и нејзините последици за другите, многу потешко е општествената норма вистински да се интернализира. Знаењето и разбирањето ја создаваат основата, а воспитувањето, практикувањето и социјализацијата постепено ја претвораат во внатрешна норма.
И тука е, според мене, суштинската разлика меѓу формално и функционално образование. Може да имаме општество со огромен број дипломи, а сепак со сериозен дефицит на функционална писменост. Дипломата кажува дека некој поминал низ образовниот систем. Таа сама по себе не ни кажува колку тој систем го научил да разбира, да поврзува, да расудува и да ги согледува последиците од сопствените постапки.
Затоа мојата теза е прилично едноставна: кога семејството не успева доволно да ја пренесе општествената одговорност, функционалното образование мора да ја преземе таа улога. Ако потфрлат и семејството и образованието, казнувањето не може да ги замени. А не може затоа што нивното функционирање претпоставува дека огромното мнозинство луѓе нема потреба постојано да биде принудувано да ги почитува.
На крајот, вистинскиот показател за успехот на „Безбеден град“ не би бил луѓето да возат прописно таму каде што има камера туку да возат прописно таму каде што ја нема.








