Кога би имале Служба за државна безбедност…

Доколку Македонија имаше вистински служби за државна безбедност и играта зад завесата беше водена на правилен начин, играта на сцената на македонските политичари во контекст на проблемот со Бугарија ќе беше многу полесна. Ќе имаа задача да говорат стерилни говори за човековите права, за нашите успеси на мултикултурен план и за интеграцијата на сите малцинства во нашето општество.

Автор:
Ѓорѓи Рајчиноски, магистер по правни науки

Живеејќи во период на негација на македонската самобитност, која што традиционално доаѓала од нашиот источен сосед и континуирано не` следи со различен интензитет зависно од историските прилики, почесто почнавме да се сеќаваме на нашето минато во СФРЈ во која односите биле поставени на едно поинакво ниво.

Па некако со гордост ги слушаме и споделуваме говорите на Крсте Црвенковски на пример, кој во македонското Собрание говори за македонското прашање и бугарските напади без трошка потчинетост и страв, а со голема смелост и храброст.

Навредувањата станаа големи, стануваат уште поголеми, а фрустрацијата кај Македонците расте, бидејќи никој од оваа наша македонска држава не излезе и да им го покаже местото.

Ситни криминалци, платеници кои си го продаваат родот, ангажирани од бугарските служби, ни роварат по државата формирајќи културни клубови, па сакаат и фудбалски клубови, политички партии, па сакале да бидат и дел од Уставот како конститутивен народ на оваа земја.

Каков апсурд?

Да сакаш народот да ти биде дел од конститутивните народи на држава чиј народ сметаш дека не постои, а богами и покажуваш аспирации и кон нејзината територија со влажните соништа за Санстефанска Бугарија (патем плод на „руското влијание“).

Па како малку да беше нашата територија, овие умници поитаа кон Албанија со своите европски пасоши да купуваат бугарско малцинство (Ој Европо, каде беше – каде стигна!). А нашиот народ, од немај каде принуден буквално да избега оттука, со наведната  глава ги користи истите.

А од нашата држава – голем… молк! Ни глас, ни лелек!

И повторно си ги слушаме и читаме Крсте Црвенковски и Блаже Конески, да се почувствуваме со пообелен образ.

Што би требало да прават нашите служби

И познавајќи си го националното минато, се потсетуваме и на еден интересен државен орган од исто така поранешната ни држава, а тоа е Службата (Управата) за државна безбедност. Од многумина критикувана за одредени прашања, напаѓана (за волја на вистината никој не ја брани, затоа што веројатно од тие што ги знаат контра аргументите не гледаат смисла за истото), но можеме да се согласиме дека станувало збор за една исклучително професионална и функционална организација која си ја знаела својата работа и никогаш не ги довела во прашање националните интереси и државната безбедност и сигурност (тука ќе повторам дека никој не бил безгрешен и дека сигурно постоеле грешки и таму).

Моето размислување за тоа што би требало да прават нашите служби, а првенствено Агенцијата за национална безбедност (како пандан на Службата за државна безбедност) во еден вака битен историски момент е делумно лаичко и ќе се води од моето образование во кривично – правната област, како и од општествено-политичките и идеолошки размислувања, без особено да ги познавам оперативните методи на разузнавачките и контра-разузнавачките служби.

1. Нашиот безбедносен систем во овие ситуации мораше да влијае превентивно и првично да не дозволи формирање на бугарски културни клубови со називи на фашистичките соработници. Државата мораше да ги спречи тие кругови меѓусебно да се организираат и со тоа во старт ќе се намалеше притисокот кој се создаде во јавноста. Едноставно – немаше да се случи. А ликовите кои поткупуваа луѓе за да ги „освестат“ во своето бугарско самосознавање требаше службата да најде начин соодветно да ги неутрализира.

2. По завршување на превентивната активност од точката 1, службата би требало да најде 20 луѓе кои таа „ќе ги освестеше“ во македонски Бугари, кои ќе формираа бугарски културен клуб, кој ќе го носеше името на Ѓорѓи Димитров, кои ќе тврдеа дека се Бугари и дека Бугарите се различен народ од македонскиот. Службата ќе овозможуваше заедничко чествување на родендените и одбележувањето на годишнините од смртта на Гоце Делчев со овој клуб имајќи ја предвид улогата на Ѓорѓи Димитров во македонската историја.

Од друга страна Македонија ќе имаше совршено алиби за односот кон бугарското малцинство во државава изградено на антифашистички моменти од националните истории на двете држави.

Имено, оваа идеја иако задоцнета, македонските служби се` уште имаат можност да ја спроведат.

3. Особена активност на македонските служби помеѓу малцинствата во соседните земји особено она кое што во моментот е нападнато и уценето – во Албанија. Нашите служби требаше сериозно да го „изроварат“ тој дел и да не дозволат бугарските „егзархисти“ повторно да го прават она кое што не им успеа пред неколку стотини години – бруталната асимилација.

Имајќи предвид дека македонското население таму има јасна и чиста самосвест, нашите служби би имале лесна работа, бидејќи би работеле на чист терен и би требало да ја неутрализираат секоја активност која би произлегла од нечесните бугарски намери.

Истовремено, Македонија ќе беше должна повеќе да го поддржува македонското малцинство во Албанија особено со овозможување на посилни културни врски, за што добра основа ќе беше неодамна отворениот Културно информативниот центар во Тирана, воден од поранешен припадник на Министерството за внатрешни работи.

Играта зад завесата требаше да ја олесни играта на сцена за македонските политичари

Овие 3 активности изгледаат навидум едноставни, особено што претставуваат игра зад завесата.

Доколку играта зад завесата беше водена на ваков начин, играта на сцената на македонските политичари ќе беше многу полесна. Ќе имаа задача да говорат стерилни говори за човековите права, за нашите успеси на мултикултурен план и за интеграцијата на сите малцинства во нашето општество.

Можеби и грешам, но во принцип ова е барем идеја како да се направи нешто, бидејќи нашата пасивност оди исклучиво на наша штета.

ПС: Нашите стратешки партнери, особено САД, би биле многу позадоволни доколку во нас гледаат партнер кој знае да си ги работи домашните работи без за секој проблем да трчаат по помош од нив, а со тоа ќе имавме уште поголема почит од нив и како нација.

Впрочем, како што некогаш и сме ја имале!

*Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на порталот Солуција.мк или со ставовите на БЦКП „Солуција“ во целина.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here