Автор: д-р Огнен Вангелов
професор по политички науки на Универзитетот Американ колеџ-Скопје
Голем дел од поддржувачите на Доналд Трамп веруваат дека неговата администрација ќе има мирољубива надворешна политика, односно дека Трамп како претседател ќе ја прекине војната во Украина и ќе го намали ризикот од нови војни во кои Америка активно или пасивно учествува. И самиот Трамп во многу наврати изјавуваше и понатаму изјавува дека војната во Украина ќе ја реши за 24 часа, дека за време на неговиот прв мандат тој не почнал ниту една нова војна и дека со самото тоа светот ќе биде побезбедно место со него на чело на воено и економски најмоќната држава во светот.
Но, како стојат работите ако се анализираат неговите постапки како претседател во првиот мандат и како иден претседател, посебно при неговиот избор на соработници во клучни сектори кои имаат врска со надворешната политика на САД?
Во текот на првиот мандат една од првите политики на неговата администрација беше да се повлече од нуклеарниот договор со Иран, кој беше мултилатерален договор и ги вклучуваше освен Америка и Франција, Британија, Германија, Русија и Кина, додека ЕУ ги координираше преговорите. Овој клучен договор ги ограничуваше нуклеарните капацитети на Иран во замена за олеснување на економските санкции. Во 2018 Трамп унилатерално се повлече од договорот и покрај силното противење на останатите потписници од ЕУ, Русија и Кина, со тоа заострувајќи ги односите со Иран (Иран, пак главно продолжи да се придржува до договорот). Во 2020 Трамп нареди напад со дрон кој го уби иранскиот генерал Касем Сулејмани и се закани дека доколку Иран возврати ќе бидат бомбардирани 52 цели, вклучувајќи и локации со богато културно наследство. Но освен заканите кон Иран, Трамп во суштина воопшто не отстапуваше од генералните настојувања САД да интервенираат во други држави по потреба. Џон Болтон, кој беше советник за национална безбедност на САД за време на првиот мандат на Трамп, во својата книга опиша како администрацијата на Трамп ја застапуваше старата Монрова доктрина (од 1823 година), според која САД треба да доминираат врз Јужна Америка и дека ако е потребно ќе интервенираат на сите места за да ги заштитат своите интереси, посебно во Венецуела, Куба, Боливија.

Во однос пак на сегашната војна на Блискиот Исток и бруталната војна на Израел во Газа по 7 октомври 2023, ретроспективно станува очигледно дека политиката на првата администрација на Трамп да ја премести американската амбасада во Ерусалим им даде сигнал на Палестинците дека нема да можат да очекуваат никаква американска поддршка за решение на проблемот меѓу Израелците и Палестинците со две држави, што произлегува од долгорочното американско (макар главно декларативно) залагање како решение за тој многудецениски проблем. Таа политика произлегува од резолуциите на ОН во 1967, 1973 и 1980, како и од договорите во Осло под покровителство на САД. Со одлуката Трамп да ја премести амбасадата во Ерусалим, признавајќи го Ерусалим во целина како израелски, практично во еден потег тој ja напушти политиката за решение со две држави, со оглед дека дел од Ерусалим би требало да биде главен град на идната палестинска држава. Од тогаш прашање на време беше кога ќе ескалираат тензиите во Израел, што и се случи на 7 октомври 2023.
Ако ги погледнеме првите изјави и постапките на Трамп откако беше повторно избран за претседател, нема место за оптимизам да се верува дека Трамп ќе води мирољубива надворешна политика. Да почнеме со ред.
Трамп објави дека негов државен секретар ќе биде Марко Рубио и овој избор наиде на вчудовиденост кај многу политички аналитичари во САД ако се земат предвид досегашните јавни изјави и ставови на Рубио во однос на надворешната политика (покрај фактот дека Трамп и Рубио беа лути непријатели за време на првата примарна кампања за кандидат на републиканците за претседател во 2016). Рубио досега јавно и жестоко ги поддржувал сите американски надворешни интервенции, а повикуваше САД да интервенира и во Венецуела за да го отстрани претседателот Николас Мадуро. Рубио исто така силно ги поддржуваше интервенциите во Сирија, Либија, бараше бомбардирање на Иран, итн. Тој исто така застапува став дека САД треба по секоја цена да спречат поблиски односи на јужноамерикански држави со Кина. Само неколку недели пред изборите во ноември Рубио тврдеше дека Кина, Иран и Русија (без да објави конкретни докази) се обидуваат да ги минираат американските избори. Неговата реторика потсетува на времето на мекартизмот во САД со тоа што тој во неговите јавни настапи ја опишува Кина како непосредна опасност за САД, сугерирајќи дека САД треба да бидат подготвени за конфронтација со Кина во скоро време, едновремено барајќи внатрешни непријатели во САД кои се наводни инфилтрации на Кина. Останува да се види како Рубио ќе се однесува како прв човек на американската надворешна политика, но фактот дека Трамп токму него го избра на таква позиција јасно зборува за неговите намери и светоглед.
Изборот на Трамп на Мајк Волц како советник за национална безбедност е исто така индикативен. Волц застапува политика на подиректна конфронтација со Кина, Русија и Иран тврдејќи дека тие се најнепосредни и најопасни непријатели на САД во моментов. Интересен куриозитет е дека Волц смета дека САД треба да ја намали испораката на оружје за Украина бидејќи САД треба стратешки да се ориентира кон конфронтација со Кина. Притоа тврдеше дека мексикански картели соработуваат со кинеската комунистичка партија за да ја ослабнат Америка, без притоа да приложи некаков доказ. Со други зборови, ваквите негови изјави јасно сугерираат дека САД треба да се подготвува за ескалација на конфронтацијата со Кина.
Трамп исто така објави дека негов секретар за одбрана ќе биде Пит Хегзет. Тој е релативно непознато име во американската политика и освен што служел во војската на САД и соработувал со Фокс њуз како аналитичар, нема друго искуство во американската политика. Тој ја застапува идејата дека САД треба од Русија да направи сојузник со цел да се ослабне Кина и потоа заедно да се конфронтираат со Кина. Претходно, за време на првата администрација на Трамп, Хегзет повикуваше да се бомбардира Иран, вклучувајќи и места значајни за културното наследство на Иран. Хегзет исто така застапува став дека САД треба да настојува меѓународното право за војување да се реформира така што тоа ќе биде од корист за САД при нивните интервенции во светот.
Изборот за директор на ЦИА, Џон Ратклиф, исто така е многу индикативен. Исто како и останатите, тој тврди (во колумна за Вол стрит џурнал од 2020) дека Кина претставува непосредна опасност за САД и за демократијата во САД и како и претходните, тој исто така се залага за подиректна конфронтација со Кина. Понатаму, изборот на Трамп за американски амбасадор во ОН, Елиз Стефаник, дава јасен сигнал за тоа каква политика ќе води Трамп во однос на палестинското прашање. Стефаник е жесток поддржувач на војната на Израел во Газа и се залага за прекинување на финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA).
Оттука, судејќи според изборот на Трамп за свои најблиски соработници кои ќе ја моделираат надворешната политика во својата нова администрација, може со голема доза извесност да се очекува дека неговата надворешна политика ќе биде доминантно интервенционистичка. Заедничко за сите овие соработници е дека идеолошки припаѓаат на неоконзервативната струја во Републиканската партија, која се залага за силно интервенционистичка и конфронтирачка американска надворешна политика. Оттука, треба да се очекува дека политиката на новата администрација на Трамп нема значајно да се разликува од досегашната американска надворешна политика под водство на демократите, која, пак, беше постојано критикувана од Трамп како премногу интервенционистичка. Според профилот и изјавите на сите сега новоизбрани соработници на Трамп, станува јасно дека во некои аспекти американската надворешна политика може дури да биде и пожестока во својот интервенционизам и конфронтација со оние што неоконзервативците ги сметаат за главни непријатели на меѓународен план, пред сè Кина и Иран, а со тоа и да ескалира веќе и онака зовриената безбедносна ситуација во светот.