„Зошто мора да парадираат, не разбирам?“; „Како тоа биле обесправени?“; „Кој им брани да се сакаат од ист пол, ама не сакам моите деца да гледаат двајца мажи или жени да се држат за рака на улица! (контрадикторно во старт)“; „Јас имам пријатели што се геј (99% дека нема ниту еден) и не ми се пожалиле дека некој им се заканувал“; „Немам ништо против ничиј избор на сексуална ориентација (тоа не е избор, но кој ќе објаснува), ама зошто тоа јавно да се експонира (како божем да е заразно, па децата ќе префатат и ќе станат хомо или транссексуалци).
Ова се само дел од прашањата и дилемите што ги мачат загрижените поборници на “традиционалните вредности“ (еден Господ знае што подразбираат под тоа), во Македонија, а и пошироко, коишто обично по повод секоја „Парада на гордоста“ (така беше и сега со парадата што се случи деновиве во Скопје) или било каков настан инициран од ЛГБТИ заедницата и нејзините поддржувачи, се појавуваат масовно по социјалните мрежи и безбројните повелете-во-програма-сте ТВ емисии со своите коментари и „анализи“ на оваа тема.
А ги има секакви во спектарот: од најрадикалните коишто се’ тоа би решиле по кратка постапка (па имаш Путин, Ердоган, талибанци, сечење, кастрирање и останати „педагошки“ мерки), преку демек нешто поумерените кои се помируваат со фактот дека, ете, има и такви поинакви (да, еуфемизам е, други зборови обично се користат), сочувствуваат со нивната „болест“ (бидејќи сме 1923 година) и ни под разно не би им дозволиле да се венчаваат или чувај Боже да посвојат дете, па се’ до најлибералните (ми здодеа веќе да ставам наводници) коишто немаат ама баш ништо против никого, па ни против педери, лезбијки, би, три, транс и останатите, но само ако си го чуваат тоа меѓу четири ѕида.
Да, “четири ѕида“ им е омилена фраза и неверојатно битен момент, бидејќи ако хомосексуалната љубов излезе надвор од тие ѕидови, тогаш веќе не е љубов, туку општествено девијантна појава која што се коси со традиционалните вредности (ах, еве ги пак) и негативно влијае врз правилниот психофизички развој на младите поколенија. Па, кај сте виделе две машки да се држат за рака во парк?! Или две женски? Или уште пострашно, да се бакнуваат? Само меѓу четири ѕида ве молам, и точка.
Скоро 70% македонски ЛГБТИ се плашат и да се држат за раце во јавност, а една половина кријат од колегите дека не се хетеро
Е токму околу ѕидовите и држењето за раце, Европската унија, поточно нејзината Агенција за основни права (ЕАОП) има направено едно опсежно истражување со наслов „Долг е патот до ЛГБТИ еднаквоста“, објавено во мај 2020 година, на тема криминал од омраза и дискриминација против ЛГБТИ популацијата – лезбијки, хомосексуалци, бисексуалци, трансродови лица и интерсексуалци (лица што може да имаат и машки и женски полови карактеристики, вклучувајќи гениталии, хормони, хромозоми и репродуктивни органи).
Со 140 илјади испитаници, ова е најголемата анкета досега во Европа за тоа како ЛГБТИ лицата ги доживуваат своите човекови права и опфатени се сите земји членки на ЕУ, Обединетото Кралство, Србија и Северна Македонија. За прв пат, анкетата вклучува искуства на интерсексуални лица и млади ЛГБТИ лица на возраст од 15 до 17 години. Заедно со главните резултати од анкетата, ЕАОП објави и опсежен онлајн истражувач на податоци, кој овозможува филтрирање на податоците по земја, по прашање од анкетата, и по Л, Г, Б, Т или И група.
И да видиме сега што вели анкетата за искуствата на македонските претставници на ЛГБТИ заедницата, од каде што може да им стане појасно на нашите загрижени конзервативци зошто „морало да се парадира“.
На прашањето “Дали избегнувате држење за раце со вашиот истополов партнер поради страв од навреда, закана или малтретирање“, во Македонија дури 67% одговориле потврдно, а полоша е само Србија со 71%. Најслободно си се шетаат за раце ЛГБТИ партнерите во Луксембург, каде што само 12% одговориле дека избегнуваат тоа да го прават, Финска (13%), Шведска (15%), итн.
Речиси една третина од ЛГБТИ популацијата во земјава (31%) изјавиле дека избегнуваат одредени места или локации поради страв од навреда, закана или малтретирање, што е највисок процент меѓу 30-те опфатени земји. Овој пат Србија е нешто подобра од нас, со 28% и како што одите понасевер, ЛГБТИ луѓето се поопуштени околу својата сексуална определба. Најслободно се чувствуваат во Холандија, Финска и Луксембург, каде што само 2%, 3% и 6% респективно, се изјасниле дека избегнуваат да се движат слободно поради својата сексуална определба.
А за тоа колку средината има разбирање и толеранција за нечија сексуална ориентација што не е „природна“, најдобро покажуваат одговорите на прашањето “Дали на работа кажувате отворено дека сте ЛГБТИ“, каде што 46% од анкетираните ЛГБТИ македонски граѓани рекле дека го кријат тоа од колегите, додека просекот на ниво на ЕУ плус В. Британија е 26% што не споделуваат отворено на работното место дека се ЛГБТИ. Најотворени во врска со својата сексуална ориентација се во Данска, каде што 33% од испитаниците одговориле дека се исклучително отворени во работната средина околу ова прашање, додека во Македонија само 7% од оваа популација се чувствуваат толку слободно да го искомуницираат тоа со колегите на работа.

Само 7% од македонските испитаници кажале на сите свои блиски дека се ЛГБТИ
А, каква е ситуацијата со признавањето на своите блиски дека сте ЛГБТИ? Во Македонија само 7% од анкетираните одговориле дека кажале на повеќето или на сите свои блиски од семејството, додека 57% рекле дека не откриле никому. Не мора да потсетиме дека и тука сме на дното во Европа (или на врвот, како сакате). На ниво на ЕУ 18% од ЛГБТИ кажале на повеќето блиски за својата сексуална определба, а 26% не кажале никому. Најслободно се чувствуваат во споделувањето на својата ЛГБТИ припадност со семејството во Холандија, со 50% што одговориле дека кажале за тоа на сите свои блиски, пред Данска со 47% и Шведска со 47%.
На прашањето пак, „Дали во изминатите 12 месеци сте се почувствувале дискриминирани поради тоа што сте ЛГБТИ?“ (прашањето се однесува на 8 клучни области како што се барање работа, барање стан за изнајмување, престој во бар, ресторан и сл., престој во образовна институција, итн.) во Македонија речиси половина, или 49% од испитаниците одговориле со „да“.
Но, во овој случај, ако е за некаква утеха, ниту далеку потолерантни општества во Европа не се многу поарни: па така, во В. Британија на ваква дискриминација се пожалиле 42%, во Германија 44%, па дури и во една Холандија повеќе од една третина (35%) од ЛГБТИ луѓето одговориле потврдно. Соседите Бугари се полоши и од нас (52%), како и Грците (51%), додека за најмалку дискриминирани се изјасниле во Чешка, Данска и Финска, со по 31%, што пак не е мал процент, особено изненадувачки за двете скандинавски либерални демократии.
Во Македонија, од ЛГБТИ популацијата најмногу дискриминирани се чувствуваат трансородовите лица (61%), а најмалку мажите бисексуалци (39%).
Но, она што е најстрашно во оваа анкета, се одговорите околу искуствата на ЛГБТИ луѓето со насилство и нивно малтретирање само поради својата сексуална определба. На прашањето “Дали сте доживеале физички или сексуален напад поради тоа што сте ЛГБТИ во изминатите 5 години?“, 19% од анкетираните во Македонија одговориле потврдно, што е пак најлошо во Европа, каде што просекот е 11%, а најмалку вакви искуства споделиле во Португалија (5%), Малта (6%) и Италија (8%).
Мал напредок
Извештајот на ЕАОП ги истакнува промените од првата ЛГБТИ анкета спроведена во 2012 година. Споредбата на двете анкети покажува мал генерален напредок во текот на седумте години. Просеците на ЕУ ги затскриваат важните разлики меѓу земјите. Во некои, над 70% од ЛГБТИ испитаниците изјавуваат дека општеството е потолерантно, додека во други, дури 68% изјавуваат дека е помалку толерантно. Иако сè повеќе ЛГБТИ лица се отворени за својата сексуална определба, стравот, насилството и дискриминацијата остануваат на високо ниво.
„Премногу ЛГБТИ лица продолжуваат да живеат во сенка, плашејќи се да не бидат исмејувани, дискриминирани или дури и нападнати. И покрај тоа што некои земји имаат напредно ниво на еднаквост за ЛГБТИ лицата, резултати од нашата анкета покажуваат дека севкупно постои само мал реален напредок, оставајќи многу ЛГБТИ лица сè уште ранливи. Нивната работа и тешкотиите во здравствената заштита може да се уште полоши како резултат на КОВИД-19. Креаторите на политики треба да обрнат внимание и да работат повеќе во насока на активно промовирање на целосното почитување на правата на ЛГБТИ лицата”, изјави директорот на ЕАОП Мајкл О’Флаерти, при објавувањето на извештајот, во мај 2020.
Ние истакнавме некои од покарактеристичните наоди што се однесуваат на македонската ЛГБТИ популација, а на ниво на Европа клучните наоди може да се сублимираат во неколку точки:
- Отвореност: 6 од 10 лица избегнуваат држење за рака со нивните партнери во јавност.
· Малтретирање: 2 од 5 испитаници изјавуваат дека биле вознемирувани во годината која претходи на спроведената анкета.
· Напади: 1 од 5 трансродови или интерсексуални лица биле физички или сексуално нападнати, што е двојно повеќе споредено со останатите ЛГБТИ групи.
· Дискриминација: 1 од 5 лица се чувствува дискриминирано на работното место, а вкупно 1 од 3 лица се чувствува дискриминирано кога излегува да јаде, пие или да се дружи на некое јавно место.
· Образование: 1 од 2 ЛГБТИ ученици изјавува дека некој од нивните соученици или наставници ги поддржуваат ЛГБТИ лицата.