Веста за судијката Павлина Црвенковска којашто исчезна од Вибер комуникација за време на седницата на Судскиот совет точно кога дојде на ред случајот на судијата Енвер Беџети, кој го држел во фиока предметот против Сашо Мијалков за прислушувањето, треба да биде вброена во топ три на листата „верувале или не“ вести за оваа година – и тоа мора да признаеме – во една исклучително силна конкуренција.
Неколкупати ја читав и не можев да се помирам со фактот што како општество сме дозволиле не само да се навикнуваме на еклатантните кршења на законите, Уставот и работната етика и на оние кои ги плаќаме и оние кои нив треба да ги контролираат, туку сега станало и нормално тие да ни се потсмеваат и дрско да ни го навредуваат разумот со потези кои се просто незамисливи и за една држава во обид, како нашава.
Црвенковска на тој клучен ден, во тој клучен час очигледно не можела да биде физички присутна на таа клучна расправа. Била на одмор. Во камп.
Во ред, за тоа тука е технологијата – се вклучила преку апликацијата Вибер и така учествувала на состанокот. Арно ама беља работа – не пред, не потоа – туку баш во моментот кога дошло на ред да се расправа за изземање на судијката Дамева од комисијата за дисциплинската постапка отворена против Беџети – технологијата потфрлила – Виберот на Црвенковска умрел и таа останала недостапна за судските служби и колегите. Што среќлија да ти бил овој Беџети! И Мијалков со него!
Е сега. Што и да работите, во која и приватна компанија да сте, замислете да имате некој многу важен состанок, на којшто вашето присуство или отсуство е клучно, а резултатите од тој состанок се ептен важни и за целокупното работење на организацијата и за нејзиниот имиџ. Дали вие почитувани читатели ќе се дрзнете точно во тој момент да се најдете на локација која нема добра интернет конекција? Во 21 век!? Можете ли да замислите вас да ве „има снемано“ на некој толку важен состанок? Или ден –два однапред планирате во тој период да бидете на локација соодветна за одржување на солидна врска!?
Јасен е одговорот, прашањето ми е само реторичко, но е неопходно да се постави, оти опфаќа една крајна неодговорност во работењето и несериозност кон македонските граѓани, ни помалку ни повеќе туку за едно од најголемите злодела во поновата македонска историја – масовно прислушување! Извештајот на членката Тања Чачарева-Илиевска од направената контрола за предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ е готов уште на крајот на декември 2022. Во него се констатира дека без поткрепени причини, судијата-известител Енвер Беџети го држел 9 месеци „Тврдина-Таргет“, кај што е обвинет Сашо Мијалков, и не го давал на одлучување со што придонел предметот брзо да застари.
„Спрегата меѓу функционерите, оние кои злоупотребуваат доверба и пари на граѓаните и оние кои снемуваат врска со интегритетот и со заклетвата баш тогаш кога треба да ги гонат и казнат првите се гледа и од Хаг и од Брисел. Ама боли - дома.“
Црвенковска треба да е крајно непрофесионална за да си дозволи ваков однос кон седница на која ова прашање е на дневен ред. Да, секогаш има и друга опција, доколку не е дефицит на елементарна работна етика во прашање, но таа опција сугерира нешто далеку пострашно за кредибилитетот на оваа судијка. И на нејзините колеги кои со слични небулозни оправдувања дозволуваат цели седум месеци да се влече постапката против Беџети. За сите нив – трета опција едноставно нема!
Но, сагата со Црвенковска не завршува тука. Денеска ДКСК излезе со информација (а сдк.мк јави) дека истава судијка добила платен налог за казна зашто во имотниот лист ја сокрила компанијата на сопругот.
Црвенковска се правда дека немала добиено платен налог, ама во Антикорупциската покажаа документ – доказ, картонче со црвена боја дека платниот налог е доставен и потпишан. Оттаму велат дека Црвенковска имала можност да плати веднаш (односно во рок од 8 дена) и во тој случај таа би била преполовена, би изнесувала 150 евра. Рокот поминал, таа не ја платила и целосната казна од 300 евра, па сега оттаму најавуваат дека за Црвенковска ќе биде поднесена прекршочна пријава.
Е ова е сликата за нашите судии. Ова е слика и за Судскиот совет (малку се овие редови за да се набројат пак сите скандали на колегите на Црвенковска) за чија неспособност и непрофесионалност стигнаа потврди и од надвор. Ова е сликата и за целото правосудство во кое граѓаните немаат никаква доверба. Еден процент – толку покажа новата анкета на ИРИ. Еден процент – нешто што се дефинира како статистичка грешка, ако сме сериозни, или како виц, ако сакаме да преживееме со хумор.
Но, ова е слика и за односот на власта кон реформите во клучното Поглавје 23. Истава власт што се колне во борбата против корупцијата како врвен приоритет, а чии главни функционери се фатени од истава ДКСК со исти или бетер прекршоци од судијкава. Па имаме министри за кои Антикорупциска извади докази дека злоупотребувале службени возила или простории, или си вработиле роднини. Еве за разлика од Црвенковска која не сака ни казна да плати, Бочварски си даде 150 евра како казна за предметот од ДКСК, која тогаш за вработувањето на неговата жена и балдаза рече дека „министерот ги искористил слабостите на Законот за здравствена заштита за брзо вработување.“
Но, ниту тој, ниту кој било друг од овие министри за кои има црно на бело докази за изигрување на системот и „искористување на слабости“ не си поднесе оставка. Напротив, безобразно продолжија да си тераат на функциите и за иронијата да биде поголема, уште и ни делат лекции за принципи и за владеење на право, си земаат слобода да ја напаѓаат јавно ДКСК или пак ни продаваат магла дека тие – еј, замислете тие кои лажат и злоупотребуваат државни ресурси – ни биле билетот за ЕУ. Пародија.
Е затоа е довербата 1 процент во судството, односно 2 во политичките партии. Оти граѓаните одамна сфатија со кого си имаат работа. Оти спрегата меѓу функционерите, оние кои злоупотребуваат доверба и пари и оние кои снемуваат врска со интегритетот и со заклетвата баш тогаш кога треба да ги гонат и казнат првите се гледа и од Хаг и од Брисел. Ама најмногу боли дома.