Денеска, Гранада, Шпанија е во фокусот на европските политички збиднувања – лидери на 47 европски земји, од кои 27 членки на ЕУ, се собрани на третиот состанок на Европската политичка заедница да дискутираат за повеќе стратешки прашања околу иднината на ЕУ, вклучително и процесот на проширување.
Лондонски „Гардијан“ го праша Никола Димитров, претседател на „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции, какво е, според него, значењето на Европската политичка заедница (ЕПЗ) и што може да се постигне со овој форум.
„Првичниот скептицизам во регионот во врска со ЕПЗ сфатена како утешна награда наместо проширување постепено опаѓа, делумно поради оживеаната дебата за проширувањето“, рече Димитров.
„За лидерите од Западен Балкан, паневропскиот неформален самит е можност да ги претстават нивните земји како вредни партнери, на европско ниво и да ја зајакнат нивната врска со другите европски лидери“, додаде тој.
„Исто како и луѓето воопшто“, истакна Димитров, „кога лидерите редовно се среќаваат тие развиваат чувство на припадност, заедница и се навикнуваат еден на друг, што се надеваме дека ќе стопи дел од резервираноста околу проширувањето и ќе ги омекне попроблематичните релации. “
„Сепак“, рече тој, „она што ние во регионот со особено нетрпение ќе го очекуваме е дебатата за апсорпцискиот капацитет на ЕУ следниот ден – на неформалниот состанок на Европскиот совет“.
„Дали ЕУ вистински ќе биде подготвена за нови членки и кога?“, прашува Димитров.
Инаку, Европската политичка заедница (ЕПЗ) е формирана на 9 мај 2022 година на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја во тој период претседаваше со ЕУ. Таа е замислена како платформа за политичка координација за европските земји ширум континентот, чија цел е да ги собере лидерите од европските земји во духот на еднаквоста и единството два пати годишно.